Одбројување

Годинава е клучна за Македонија во позитивна смисла, дека се созреани бројни параметри и услови за разврска со „грчкиот јазол".

Зошто „oдбројување“? Па едноставно, тука во Хрватска, во можност сме од еден друг агол и пристојна дистанца, па конечно, и од една држава која е веќе четири години членка на ЕУ, да ги следиме и опсервираме настаните во македонскиот (политички) дискурс. Пред сѐ, процесот и „политичката“ треска предизвикана со можеби првпат во последните 25 години „детектирана“ реална можност за решавање на ноторниот проблем што го наметна Грција со името. Секако, и со консеквентно деблокирање на патот кон евроатланските интеграции.

Контактите кои ми се достапни преку ангажманот со невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ ми дадоа соодветна и убава можност да почувствувам како на тие проблеми гледаат определени личности и институции во Хрватска - во дијапазонот, од новинарската фела, преку уметници и писатели, па до дипломати и политичари од левата и десната опција.

Интересен „лајт мотив“ за овој текст би можеле да бидат изјавите на некои македонски политичари, од кои може „ipso facto" да се протолкува или антиципира дека проблемот со името со Грција е фактички веќе апсолвиран и решен (наводно, пронајдено е прифатливо име за обете страни) во текот на најновиот бран разговори и (пре)говори на редица релевантни нивоа, дотолку повеќе што тие во корелација со јавноста биле постојано или  делумно „обременети“ со некаква мистика, па дури и таинствена компонента.

Има ли во тоа вистина? И колку е тоа точно?

Ете, токму така! Без да именувам поединечно, ќе пренесам некои (по)интересни мислења од кои може да се препознае или насети определен став кон комплицираниот политички лавиринт на македонскиот дискурс.

Веднаш да кажам дека не верувам во горе спомнатите флоскули дека проблемот е веќе решен на некое друго ниво и друго место со загатен договор или заговор. И дека решението е „затворено“ во прецизни временски координати и рамки. Но, мојот став е делумно во согласност со тоа што сум го слушнал и што го слушам во комуникација со странските дипломати во Хрватска, со претставниците на медиумите и многубројните колеги од невладините организации.

Имено, најголем дел од нив го споделува мислењето дека оваа година е клучна за Македонија во позитивна смисла... дека се созреани бројни параметри и услови за разврска со „грчкиот јазол“ и децениски очекуваната деблокада кон евроатланските интеграции. Велат, никогаш во политиката (секако, и во животот) не е доцна!

На глобално ниво (каде Македонија, за волја на вистината, никогаш ни не била глобален проблем или фактор) постои евидентна согласност проблемот да се реши (ЕУ, САД, Грција и Македонија). Да се реши токму оваа година. Таа глобална решителност долго ќе биде политички неразјаснета, а причините, контекстот, термините ќе бидат моќен материјал за доктринарни анализи и толкувања. Дилеми ќе останат, во тоа да не се сомневаме, околу улогите на определени политичари и политички провениенции, пред сѐ од македонскиот и грчкиот корпус. Но, без ни најмала амнестија за „меѓународните фараони“ кои мудро и неодговорно цели 25 години диригираа со раштимувана „атинска филхармонија“ и нејзините „конвертибилни“ подржувачи.

Да бидам јасен. Овие мислења и „напатства“, јас и дел од мои најблиски соработници во „Хрватско-македонска тангента“ ги доживеавме и ги доживуваме дури и како еуфемизам!

Но, да не се одалечувам од идејата и целта на овој текст! Значи, ни „договор ни заговор“ од меѓународната компонента. Стриктен императив или „конспиративна одлука“ на глобалните политички фактори сепак останува во доменот на шпекулации. Сите добро знаеме што се сучувало и како се случувало по ова прашање последните 25 години. Сега е, без оглед на минатото, нов ден, нова реалност, нова политичка констелација. Некаков, ајде да кажеме контрапункт, амбиент или провизориум (регионален или глобален, примитивен или балкански), конечно се вклопил на вистинско место и во вистинско време. Одбројувањето може да почне!

Ете тоа би била во најкратки црти некаква „есенција“ од хрватскиот агол, поглед од север и северозапад  кон „малата и пријателска држава Македонија“.

И да не заборавам. Без разлика на позитивните интонации (за Македонија) или, литературно кажано афирмативно пледоаје за долго очекуваната разврска со името, ќе завршам со едно општо место. За што станува збор?

Мојот личен став, комбиниран со мислењата на редица личности од моето опкружување ќе биде целосен (колку е тоа можно на лимитиран простор), само ако кажам и нешто многу поконкретно. Меѓу редови, во овој краток текст, се провлекува една убава пофалба и за новата реформска власт во Македонија. Пофалба! Никако апологија! Посебно за младиот премиер Зоран Заев. Млад политичар, со неверојатен политички инстикт, интуиција, мудрост, харизма, знаење, толеранција...

Дотолку повеќе, верувам дека тој човек, лидер, премиер... сериозно ќе размисли и за една забелешка од „хрватскиот агол“. Имено, сѐ уште не се на слобода определени личности од благородната македонска сфера на хуманизмот и културата, композитори, режисери, уметници. Нормативниот формат за нивниот притвор официјализиран како „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност на државата“ е инкомпатибилен со духот на времето. 

 Сашо Георгиевски, „Хрватско-македонска тангента“ 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе