Очајни обиди на Бугарија да го сопре признавањето на македонското малцинство

Излегува дека само Македонците на овој свет се должни пред сè да се грижат за правата на сите други луѓе и на крајот да размислуваат (но само да размислуваат) за себе.

 Кога лани на 30 август во Бугарија беше регистрирано Здружението за заштита на основните човекови права, кое се бори за заштита на правата на македонското малцинство, тоа, благо речено, беше изненадувачки – такво нешто во Бугарија се случува екстремно ретко и се отворија многу длабоки сомневања.

Прво, затоа што во меѓувреме ништо не се сменило во односот на Бугарија кон Македонците. Ваков филм сме виделе и порано. Во февруари 1999 година, кога Бугарија аплицираше за датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, беше регистрирана партијата ОМО Илинден-Пирин. Две недели откако Бугарија го прими овој датум, партијата беше забранета на 29 февруари 2000 година. И за овој случај е така.

Од 2016 година Бугарија е под зголемена контрола на Советот на Европа во Стразбур поради одбивањето да се регистрираат македонските организации. Во текот на овие три години бевме сведоци како земјата во која живееме е понижена пред институциите во Стразбур, дека проблемот не е во тоа што тие едноставно не сакаат, туку во некои технички грешки, слабости во законот и што ли уште не. Во текот на ова набљудување, надлежните се осмелија да кажат зошто всушност ја одбиваат регистрацијата - затоа што веруваат дека македонското малцинство не треба да постои.

Но, многу јасно им беше кажано дека немаат право да го сторат тоа затоа што ги кршат човековите права. Така, една половина од поглупавите, но повеќе искрени бугарски судии им се придружија на другата половина попаметни, но подли колеги, кои од година во година одбиваат да ги регистрираат македонските организации од „технички причини“. Државата дури го смени законот во очајна надеж дека конечно Стразбур ќе им се тргне од главите и се ќе си продолжи по старо. Тоа беше суштината на целата политика - глумеа промени само за да се доведат во заблуда институциите во Стразбур.

Но, Комитетот на министри, сепак, не ја прифати оваа игра, и во септември 2019 година донесе одлука со која ги елиминира надежите на Бугарија за една регистрација (што подоцна ќе ја повлечат) да се ослободи од надзорот. Напротив, јасно беше речено дека доколку Бугарија не го реши проблемот, ќе следат сериозни санкции.

На македонските активисти им беше јасно што тоа им се врти во главите на тоталитарните стратези за македонското прашање во Бугарија (тоа и никогаш не беше тешко да се одгатне, тоа никогаш и не беше нешто оригинално и паметно). Затоа, на средбата за геноцидот против независното македонско движење во Бугарија, што се одржа на почетокот на септември 2019 година, беше договорено сите македонски организации да покренат процедури за регистрација. Ова ги стави бугарските власти во дилема дали да регистрираат македонски организации и навистина да го решат проблемот или отворено да му кажат на Стразбур дека немаат намера да го сторат тоа. Ова ја направи стратегијата на властите невозможна - затоа што е лесно да се одземе регистрацијата на една организација и да се оправда дека тоа не е намерно направено, дека организацијата си е крива и дека се работи едноставно за инцидент кој не ги менува добрите намери на државата.

Сосема друга е работата ако се забранат 5-10 македонски организации и потоа тоа да се обидете да го оправдате дека дејствувате на добронамерен и наивен начин.

Сепак, изненадувањата продолжија. На 30 септември е регистрирана втората македонска организација - Антички Македонци, која има цел „да ја проучува историјата и културата на македонскиот народ од античко време до денес; научно докажување на поврзаноста меѓу античките и модерните Македонци...“. Се чинеше дека државата е подготвена да ја промени својата политика кон Македонците, барем онолку колку што ќе им овозможи да имаат свои организации. Дали конечно се исплашија од наредбите на Стразбур? Не сосема. Следните настани го потврдија ова.

Нова антимакедонска хистерија

На 9-ти октомври, бугарската влада усвои заклучок за процесот на преговори за пристапување на Македонија во Европската Унија и директно соопшти: „Република Северна Македонија треба да ја суспендира и да се воздржи од водење политика, без разлика во каква форма, на поддршка и промовирање на барањето за признавање на т.н. „македонско малцинство“ во Бугарија. Република Северна Македонија треба безрезервно и итно да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со членот 11 од Договорот за добрососедство и пријателство, јасно кажувајќи дека не постои историска или демографска причина да се бара малцински статус за која било група граѓани на територијата на Република Бугарија. Мултилатералните формати и механизмите за набљудување на Советот на Европа не треба да бидат инструментализирани од Република Северна Македонија да изврши притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата кои припаѓаат на малцинските групи“.

Всушност, чл. 11 не предвидува такво нешто – таму само се ограничува правото на двете држави да се грижат за другите, освен за нивните државјани.

Но, хистеријата не застана тука - бугарските власти сметаа дека сега му е мајката, сега или никогаш - да се принуди Македонија да се откаже од сè македонско.

На 10 октомври бугарскиот парламент усвои изјава со која во целост се потврдува ставот на Владата во кој директно се наведува дека Македонија треба „да се воздржи од активности што се однесуваат на обиди за поддршка и промовирање на барањата за признавање на т.н. „македонско малцинство“ во Бугарија, вклучително и во меѓународните организации како што е Советот на Европа и други мултилатерални формати”.

Сепак, на 15 октомври министрите на ЕУ не донесоа одлука за отворање датум за преговори со Македонија, а на 18 октомври таа одлука на ЕУ, засега стана и конечна. Одеднаш уценувачот остана без материјал за уцена.

Ефектот веднаш се почувствува. Некои во Софија решил дека се направени огромни компромиси и дека сега е време да се направат измени.

На 24 октомври Апелацискиот суд во Софија, последна инстанца во Бугарија за прашања во врска со регистрацијата на организации, донесе Решение бр. 2333, потпишана од претседателката Људмила Цолова, за секој обид на репресираните Македонци да регистрираат своја организација. Со тоа, се врати стариот тон, истиот што исчезна поради притисокот на Стразбур. Еве што пишува во тоа Решение:

„Според член 44, став 1 од Уставот, граѓаните се слободни да се здружуваат и тоа е нивно основно право... Граѓаните не можат преку здружение да спроведуваат активности насочени кон суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на нацијата, да поттикнуваат расна, национална, етничка и верска омраза... Една организација мора да биде квалификувана да ги заштитува интересите на етничкото малцинство, кое не е историски структурирано и различно на територијата на Република Бугарија... Во случајот со чл. 2, параграф 1 од презентираниот статут на здружението, се покажува дека главните цели се да ги заштитат правата и легитимните интереси на Македонците, кои биле потиснати за време на комунистичкиот режим заради македонското самосознавање и самоопределување и заради нивните активности во одбрана на правата и слободите на Македонците во Бугарија… Систематското толкување на целите утврдени во Статутот и средствата за нивно постигнување, укажува на тоа дека се содржани тврдења за постоење на македонско етничко малцинство чии права се повредени и се предмет на заштита од страна на здружението. Нема македонско малцинство во смисла на Препораката 1134 од 1990 година на Парламентарното собрание на Советот на Европа, како посебна група на луѓе чии членови се државјани на земјата и поседуваат особени религиозни, јазични, културни и/или други карактеристики што ги разликува од мнозинството од населението. Затоа, промовирањето на такво малцинство преку организацијата не е, во суштина, да ги заштити правата, доколку тие не се различни од оние на другите граѓани, туку да се постави меѓу одреден дел од бугарските граѓани различна етничка самосвест, која не е формирана на природен, историски начин, и оттаму е насочено против единството на нацијата, што според член 44 од Уставот експлицитно се забранува…“.

Овие езуитски акробатици нема да ја спасат оваа пресуда од добивање „нелегален“ печат во Стразбур. Некои бугарски судии јасно претпочитаат да се прават наудрени, како да не разбираат дека правото на самоопределување е право на граѓаните и не може да се ограничи врз основа на тоа што мисли судот или друг државен орган за прашањето - дали постои или не малцинство. Ова го одлучуваат самите граѓани преку самоопределување. И тука прашањето е јасно. Од сите пописи во Бугарија, оттогаш, илјадници се идентификуваат како Македонци. Стотици поминаа и низ затворите за ова. Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство и ги даде правата. Тука судот е виновен за узурпирање на правата и за користење лаги за да се оправда дискриминацијата. Но, постои и бесрамна неписменост. Самоопределување и самосвесност на луѓето не може на кој било начин да се опишат дека насочени против единството на нацијата. Единството на нацијата, кое го штити Уставот, е политичко и правно единство, а не етничко. Во спротивно, бугарскиот Устав би бил тоталитарен и никогаш нема да биде усвоен и одобрен од страна на Венециската комисија, ниту пак Бугарија би можела да влезе во Европа. Бугарија ја потпиша Рамковната конвенција за национални малцинства, а нејзиниот Устав се однесува на граѓани чиј мајчин јазик не е бугарски. Нацијата чие единство го штити Уставот не е бугарската етничка припадност, туку граѓаните на Бугарија.

Исто така, никаде во бугарскиот закон не е забрането да се развива етничката или друга самосвест на територијата на Бугарија, дури и ако е сосема ново. Дури и ако, поради некоја причина, половина од бугарските граѓани одлучат дека не се сметаат себе си за Бугари или други тракиски етнички групи, ова е нивно право и судот нема право да интервенира. Овие права им се дадени само на граѓаните, а според Уставот тие се суверен господар - судот е само слуга на граѓаните. Па дури и ако лагата на Апелацискиот суд во Софија беше вистина дека македонското малцинство историски не се формирало во Бугарија, ништо не би можело да го забрани неговото формирање во иднина. Но, очигледно е дека случајот е уште полош - судот, покрај тоа што узурпира дел од правата на граѓаните, користејќи лаги, ги надминува своите надлежности, ги погазува и правата на граѓаните. Лага е дека правата на луѓето со македонска самосвест не се разликуваат од оние на другите граѓани - секој друг може да регистрира организација, освен Македонците во Бугарија. Судиите кои се потпишаа под овој судски скандал - Људмила Цолова, Мадлена Желева и Светла Станимирова, не се достојни за титулата што ја носат. Им требаат многу правни курсеви за да го поправат своето неразбирање на законот.

На 6 ноември на Blitz.bg беше објавена провокативна статија: „Ужасен скандал во Пирин: Отпадниците ја нарекуваат Бугарија ‘Барбарија’, поранешен припадник на војската пишува дека е Македонец“! Видеото е снимено од македонска „делегација“ која патувала низ регионот на југозападна Бугарија и ги снимала Бугарите кои се идентификувале како „Македонци“. Навредување на луѓето заради нивната етничка припадност и кревањето галама за ништо, од мува да се прави слон е целта на оваа објава. Требаше да се вжешти атмосферата на веќе почнатата офанзива против Македонците во Бугарија. Ваквите „ерупции“ на медиумите секогаш се сигнал дека ДАНС започнала нечиста операција. Така беше и сега.

Империјата го возвраќа ударот

Затоа веќе на почетокот на ноември ДАНС (Каракачанов) донесе „сигнали“ до јавниот обвинител, кој пак овие сигнали ги упатува до Окружното обвинителство- Благоевград за да почне истрага против двете, неодамна регистрирани македонски организации. На 11 ноември Окружното обвинителство му наложи на Министерството за внатрешни работи - Благоевград, Регионален сектор за борба против криминалот, да изврши увид во Здружението за заштита на основните човекови права, „и од основачите да побара детални објаснувања за сè што знаат – кој, кога и со која цел ги собрал и им наложил да формираат здружение, дали ја знаат причината зошто целите и средствата за нивно постигнување главно се однесуваат на самоидентификувани лица, поединци...“.

Од некоја непозната причина, Обвинителството во Благоевград сметаше дека оваа македонска невладина организација од јавен интерес, која дури и немала можност да почне со наплата на членарината, е во надлежност на неговиот колега за економски криминал.

Досега, Македонците беа неуки за акцијата против нив. Но, сега сè ќе почне да излегува на виделина.

Со толку ретка, па дури и молскавична брзина, МВР на 12 ноември, еден ден по пресудата, ги повика членовите на Здружениетоза заштита на основните човекови права да дојдат во полиција, а некои од основачите беа посетени и во нивните домови. Од нив беше побарано да одговорат на три прашања во писмена форма:

„1. Кој, кога, за каква цел ги собрал сите наведени лица од записникот за основачкото собрание на здружението одржано на 21 август 2019 година?

2. Дали тој ја знае причината зошто целите и средствата утврдени во основачките документи главно се однесуваат на лица кои се идентификуваат како Македонци?

3. Дали се преземени какви било активности од основањето на здружението до сега?“

Полицијата буквално ги следи насоките на обвинителството. Од првото прашање станува јасно дека поради некоја причина надлежните сметаат дека целите наведени во Статутот на Здружението не се реални. Второто прашање покажува дека тие се многу загрижени зошто Здружението е главно заинтересирано за правата на Македонците. Секако дека тоа не е кривично дело, а граѓаните и нивните здруженија сами избираат за што ќе се борат и кои цели да ги постават, што е загарантирано со закон.

„Член 2. (1) Непрофитните правни лица слободно ги определуваат своите цели ... Чл. 3. (1) Непрофитните правни лица слободно ги определуваат средствата за постигнување на нивните цели. (2) Ограничувањата за активности и средства за постигнување на целите на непрофитните правни лица можат да се утврдат само со закон“.

Кој закон е прекршен? Зошто некој се интересира ако некој решил да ги брани правата на Македонците? Кој закон – никаде не е наведено, но логиката на овие „десничари“ е законите да не важат за Македонците како за другите луѓе. Ако Македонците решат да направат организација која ќе се справува со нивните проблеми, тоа се толкува како обид за дискриминација кон сите други - зошто не сакаат да се грижат и за нив?! Излегува дека само Македонците на овој свет се должни пред сè да се грижат за правата на сите други луѓе и на крајот да размислуваат (но само да размислуваат) за себе. Заштитата на вашите законски права е дискриминација врз луѓето што тоа не ги засега. Бугарска правна мисла.

Љубомир Марков

(Коментарот е објавен во весникот на македонски јазик во Бугарија „Народна воља“)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе