Колумна

Новиот Закон за високо образование и нашата стварност

Универзитетите повеќе не се место за натпревар помеѓу кандидатите во креација, научна продукција и сл., туку место за „вдомување“ на партиски активисти.

Oценката дека квалитетот во високото образование е низок беше општоприфатена, а за тоа најмногу се обвинуваше кривуваше постојниот ЗВО. Како што е познато, овој закон претходната влада го менуваше секои шест месеци, односно тој доживеа повеќе од 20 измени.

Новиот закон за високо образование го очекуваа: професорскиот пленум, студентскиот пленум, УКИМ, а и другите (државни и приватни) универзитети во Македонија. Подготовките за овој закон траеја повеќе од една година. Во работните групи за подготовка на овој закон учествуваа сите заинтересирани страни.

Конечно, се донесе овој закон и тој наиде на позитивен прием. Пофалби за овој закон не се штедат и не е напишан ниту еден критички осврт врз овој закон. Но, да ли е сѐ добро во овој закон?

На општ план, негова најважна карактеристика е што се врати автономијата на универзитетите. Моќта на министерот за образoвание и наука, на ректорите и на деканите се ограничи. Ректорите според овој закон ќе се бираат со непосредно гласање на професорите на факултетите, времетраењето на ректорувањето се смали од четири на три години, се смали и нивната улога во назначувањето на деканите и сл. Формирана е Агенција за квалитет на високо образование. Предвидени се и други новини, на пример трансформирање на универзитетските (и факултетските) парламенти во во универзитетски (односно факултетски) собранија. Сите овие измени направени се со цел да се зголеми квалитетот во високото образование.

На индивидуален план најмногу внимание привлекоа членовите кои ги дефинираат критериумите за избор и напредување на универзитетите.

Општитe услови за избор во наставно-научни звања се дефинирани со член 166.

Според член 166, редовен професор може да биде лице кое (1) има просечен успех на студиите од прв и втор циклус од 8,00 или повеќе, (2) има докторат од соодветната област, (3) има објавено шест труда во последните пет години, (4) претходно бил избран во звањето вонреден професор и (5) има објавен рецензиран учебник.

Понатаму, за вонреден професор важат истите критериуми со мала модификација, односно тој треба да има објавено пет труда во последните пет години и претходно да бил доцент.

Општите услови за избор во соработнички звања се регулирани со член 170. Според овој член, за асистент може да биде избрано лице кое: 1. има завршено прв и втор циклус на академски студии, 2. има стекнато назив магистер од соодветната област, 3. има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум), 4. има познавање на најмалку еден странски јазик.

Основен недостаток на овие членови е што условите се дефинирани мошне широко и нејасно, заради што не е можно да се разликува квалитетен од поквалитетен кандидат.

Барањето за просек на оценки (во овој случај 8,00) во овие години мислам дека е несоодветно. познато е дека на УКИМ, а и другите универзитети, има професори што даваат само деветки и десетки. Последниве години, кога студентите ги оценуваат професорите според разни критериуми, кој професор ќе даде ниска оцена на студент?

Мое мислење е дека овој критериум (просек 8,00) се провлекува уште од пред повеќе од 50 години. Во Македонија немаше факултети од сите области и многу лица студираа во Белград , Загреб и сл., каде што високи оцени потешко се стекнуваа. Тогаш беше тешко и да се постигне тој просек. А денес? Критериумите се паднати мошне ниско и воопшто не е тешко да се постигне тој просек.

Во приложенава илустрација студентката, на магистерски студии, положила 6 испити за 4 дена, сите со оцена 10. Ова не е изолиран случај, но тој секако е срам за односните професори, за Педагошкиот факултет, за УКИМ како и за оној што го одобрил овој програм.

Гордата постдипломка ги обнародила своите постигнувања на интернет. Оттука барањето за просечен успех е само привид дека е даден некој конкретен и строг критериум.

Понатаму, овие членови не овозможуваат да се даде конкретен одговор на ова прашање: кој кандидат да се прими ако на конкурсот се пријават повеќе кандидати од кои сите ги исполнуваат овие услови. Добра практика на УКИМ беше да се предложи најдобриот кандидат. Впрочем, затоа со овој закон (а и со сите други закони за ВО) се бара да се напише рецензија за сите пријавени кандидати. Значи, да се види дека е предложен најдобриот кандидат. (Овој член од законот на некои приватни универзитети не се практикува, се примаат асистенти без рецензија). Кога критериумите се широко и нејасно дефинирани, можни се манипулации. На пример, ако се погледнат рецензиите на УКИМ (за некои , посебно приватни, универзитети, рецензиите тешко можат да се најдат на интернет) ќе се наиде на вакви аргументи: „ ...не е неопходно кандидатот да има објавено научни трудови објавени во списанија индексирани во светски признати датотеки и списанија со фактор на влијание“ (Билтен на УКИМ бр. 1050, стр. 204), „… деканот ни даде право да ги менуваме бодовите претходно дадени и ние го искористивме тоа право...“ (Билтен на УКИМ, број 1074, стр. 42).  На приговори на оштетените кандидати од страна на државниот просветен инспектор, одговарано е дека изборот е направен според законот, што не е точно. Кој треба да победи на конкурс: оној што ги исполнува (минимално) условите или оној што најмногу ги исполонува условите? Да беше пријавен само еден кандидат кој ги исполнува минималните услови, сѐ ќе беше според законот, но не е според законот кога има добри или исклучиво добри кандидати, а се предлага најслабиот кандидат.

Во поглед на квалитетот на трудовите ситуацијата уште понејасна. Според член 166 потребни се трудови објавени во референтна научна публикација. Но, што е тоа референтна научна публикација? Во самиот закон, дадено е објаснување. Под референтна научна публикација се подразбира труд објавен во една од шест групи на списанија. Значи, сите списанија се категоризирани во 6 категории, означени со буквите „а“ . . . „ѓ“. На кратко ќе ја опишам категоријата а и категоријата д. Во категоријата под а спаѓаат сите списанија што се индексирани во најмалку една електронска база на списанија со трудови, достапна на интернет, како Еbsco, Emerald, Scopus, Web of Science, Journal Citation Report, SCImago Journal Rank или некоја друга база. Практично, референтна научна публикација е секој труд, без оглед на квалитетот, зошто нема списание што не е индексирано во некоја база на податоци. Во категоријата под д , пак, спаѓаат трудови објавени во зборник на рецензирани научни трудови презентирани на меѓународни академски собири каде што членовите на програмскиот или научниот комитет се од најмалку три земји. Да резимирам, секој труд, според овој закон, е референтен научен труд, зошто секој труд ќе може да се класифицира во една од овие категории. Но дали трудовите категоризирани во која било категорија од спомнаитите шест се со поеднаков квалитет? Не. Еве, во Зборникот на трудови од мeѓународен собир насловен THE 5th INTERNATIONAL BALKAN EDUCATION AND SCIENCE CONGRESS , 1-3 October, 2009 Edirne, Turkey.

Тој ги содржи елементите наведени во овој закон потребни за референтно научно списание: (1) трудовите во зборникот се рецензирани и (2) членовите на програмсксиот комитет се од најмалку три земји (турција, Бугарија, Македонија). Но, да го разгледаме овој Зборник. Зборникот има 750 страници. Во него се објавени околу 300 трудови. Најголем број трудови имаа по 2 страници; има трудови со по 3 или 4 страници. Да ли зборникот треба да има содржина? Да, треба, но овој зборник нема. За квалитетот на трудовите не би сакал да зборувам. Сите трудови се рецензирани, но исто така сите трудови се прифатени за печатење. Зборникот е површно изработен, без содржина, со лош превод на англиски, трудовите неквалитетно изработени, несоодветно наведена литература и сл. според мое мислење, околу 70% од трудовите се со исклучиво низок квалитет. Најквалитетни се трудовите од турските професори. Голем броj од трудовите објавенни во Зборникот, не ги задоволуваа барањата за објавување во списание индексирано во Web of Science.

Според тоа, ако на конкурс се пријават два кандидата, на пример, еден со 3 труда индексирани во Web of Science, а другиот со 5 трудови презентирани на меѓународен научен собир како овој што го спомнав, кој кандидат треба да биде предложен? Тоа законот не го решава. Ако се предложи кандидатот со пет труда презентирани на меѓународен собир и ако другиот кандидат поднесе приговор, може да му се даде одговор дека изборот е според законот, а законот, всушност, е изигран. Се распишува конкурс со цел да се прими најдобриот кандидат а не кандидатот што ги исполнува условите. Значи, во објаснувањето на рефентноста на списанијата, се мешаат долари и евра. На место да биде списание што поставува стандарди во науката, а тоа се списанијата со највисок импакт фактор, според овој закон секое списание е референтно списание. Едно референтно списание што поставува стандарди во науката, според мое мислење, е ова: http://journals.sagepub.com/toc/psra/22/1 .

Големата субјективност во спомнатите членови можела да се намали само со еден став: До колку на конкурсот се пријават повеќе кандидати што ги исполнуваат условите, тогаш предност ќе има кандидатот со повеќе трудови индексирани во Web of Science.

Макар колку и да изгледа чудно, периодот кога беше на сила Законот за насочено образование, беше период на подем на УКИМ. Тогаш не се зборуваше за импакт фактор, но трудовите сепак се разликуваа по својот квалитет. Така, за доцент, според овој закон, потребни се научни и стручни трудови со кои се потврдува владеењето на проблематиката, за вонреден професор се потребни поголем број научни и стручни трудови од значење за развојот на науката и струката во соодветната област и за редовен професор голем број научни високостручни трудови со кои се врши значително влијание врз развојот на научната мисла и усовршување на практиката во соодветната област. Значи, градуирањето на трудовите по квалитет е очигледно.

Најзаслужен за зголемувањето на свесноста на академската јавност за квалитетот на трудовите е поранешниот министер за образование, Никола Тодоров. Со една измена на законот за ВО, тој дефинира строги критеируми за напредување на универзитетските наставници. Тогаш се откри жалосниот факт дека повеќе од 90% наставници (општествени науки) немаат ниту еден објавен труд со импакт фактор. Тогаш МОН, под притисок на членовите на неговата партија, мораше да ги ублажи тие строги критериуми.

со тековниот закон (2018 г.) се вратија на сила ниските критериуми за избор и напредување.

Тековниот ЗВО е масовно прифатен од академската средина затоа што на сите наставници им гарантира напредување во звањата без многу работа, а и без конкуренција. На пример, кога би било можно и Чарлс Дарвин да се јави за редовен професор по биологија, или Хокинг по физика, тој ќе биде одбиен затоа што не бил вонреден професор. Но тој не може да биде ни вонреден професор затоа што претходно не бил доцент итн. Значи, што е најважно за да напредуваш на УКИМ, и на другите универзитети? Да бидеш избран за асистент. Кога еднаш веќе ќе бидеш примен за асистент, доволно е да пишуваш памфлети и да одиш на „меѓународна конференција“ и мирно ќе дочекаш професура и пензија. Универзитетите не се повеќе место за натпревар помеѓу кандидатите во креација, научна продукција и сл., туку место за „вдомување“ на партиски активисти.

Квалитетот во ВО не може да се подобри со агенција што ќе се грижи за квалитетот, туку со дефинирање на конкретни и јасни кретируми за прием и напредување.

Од овој закон најмногу ќе бидат оштетени лицата што вложиле многу труд и што објавиле висококомпетентни трудови во списанија индексирани во Web of Science.

Еден показател дека состојбите во високото образование и по донесувањето на овој закон не се перципираат како добри е фактот што иселувањето на најквалитетните кадри од Македонија продолжува. При тоа не мислам да оние што докторирале и што напишале висококвалитетни трудови. Неодамна, учесниците (најдобрите студенти од УКИМ ), гости во електронски медиум, изјавија дека уште како студенти планирале да ја напуштат Македонија.

Да заклучам: вработувањето на државните универзитети по партиска основа ќе продолжи, само сега од другата партија, ќе се примаат кандидати што ги „исполниле условите“, сите ќе зборуваат за „подобрување на квалитетот во високото образование“, а тој ќе продолжи да паѓа. Најновиве збиднувања на УКИМ го потврдуваат тоа.

 

Видан Гаштански

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе