Колумна на Екатимерини

Ништо нема да биде како порано

Коронавирусот сигурно ќе нè направи посиромашни; барем на краток рок.

Коронавирусот ќе ги промени нашите животи на многу начини, во Грција и низ целиот свет. Како прво, тоа сигурно ќе нè направи посиромашни; барем на краток рок. Меѓународните експерти проценуваат дека Грција ќе доживее рецесија меѓу 3 и 4 проценти. Оваа процена се засновува на проекцијата дека туристичката индустрија во Грција ќе претрпи пад од 50 проценти.

Владините мерки ќе помогнат да се компензира намалувањето на домашната потрошувачка, додека вклучувањето на Грција во програмата за квантитативно олеснување на Европската централна банка, исто така, ќе помогне во ублажување на ударот. Сепак, ќе биде многу тешко да се избалансираат штетите на туризмот и производството, освен ако пандемијата некако магично не заврши во мај.

Слични апокалиптични сценарија се предвидуваат за другите земји во Европа и пошироко. Кризата ќе ја тестира силата на Европската Унија. Клучно прашање е дали Германија конечно ќе успее да ги надмине несигурноста од минатото и да ѝ дорасне на задачата, решавајќи да ја изнесе Европа од кризата врз основа на нов Маршалов план. Само тоа ќе помогне за да се спасат сите.

Во меѓувреме, ќе мора да поминеме и низ една неопходна фаза на државен капитализам. На банките, големите сектори и малите бизниси ќе им треба државно финансирање за да останат во живот и да продолжат да работат. Кина е единствената земја што работи така и затоа е подобро подготвена за наредниот период. Меѓутоа, ваквата транзиција ќе претставува вистински предизвик за Западот.

Покрај тоа, ние го преживуваме и крајот на американската хегемонија во однос на меката моќ. Зачудувачки е начинот на кој американскиот претседател Доналд Трамп реши да ги игнорира пријателите и сојузниците. До пред неколку години, од Американците се очекуваше да водат, да соработуваат и да дадат помош. Сега САД на домашно ниво изгледаат како земја од третиот свет, додека во однос на меѓународните односи се однесуваат како егоистичка суперсила што ги задоволува само своите сопствени интереси. Добра илустрација за ова беа сликите на кинески авиони натоварени со медицинска опрема што беа испратени во Италија и Грција. Тоа ќе беше незамисливо пред неколку години.

Сите пливаат во непознати води. Справувањето со оваа нова криза ќе биде тешко, како политички, така и социјално. Грците веќе имаат една деценија економска беда зад себе. Луѓето секако знаат дека проблемот не е ексклузивен за Грција; тоа е глобален проблем што е создаден надвор. Меѓутоа, ваквите рационални аргументи не се голема утеха за оние што повторно ќе се соочат со спектарот на невработеноста токму кога работите почнаа да се подобруваат. Справувањето со утрешнината ќе бара сериозно планирање, трпеливост и социјална толеранција. Затоа што ништо повеќе нема да биде исто. Луѓето ќе сакаат политичка класа што ќе може да одговори на големи кризи - нешто за што грчката конзервативна администрација се покажа способна. Исто така, тие очекуваат да видат план за санирање на економската штета.

Да останеме здрави сè додека не го пребродиме ова, и ќе стигнеме таму.

Екатимерини

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе