Ни црно, ни бело (е па затоа и нема датум)

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

Франција и Макрон се најдоа на тапет. Ни повеќе ни помалку цела Македонија ги идентификуваше како дежурни виновници дека ете, пак, останавме без датум, да, да, ПАК немаме датум. Ова всушност значи дека дејството се повторува ама виновниците се менуваат.

Едно е обичниот Македонец да тврди дека ете, овие Французиве се ујдисале прoтив нас на чело со тој Макрон и „не ни даваат датум“. Но, крајно е опортуно и политички незрело што овие флоскули и префрлања на вината всушност се пласираат од најодговорните во државата, од претставниците на Владата. И уште потажно е да се види како медиумите без и малку сомнеж ја прифатија оваа теза и продолжија да градат часови и часови телевизиска програма на оваа тема. Епа затоа и нема датум.

Ако до 17 октомври 2019 општеството беше поделено на вмроисти и сдсмоисти, сега настапи нова мода на поделба, по уште еден нов тренд промакронисти и контрамакронисти. Тука се подразбира дека првиве се родољуби, а вториве душмани на татковината. Зар не беше доста од поделби?

Е па затоа и нема датум.

Сѐ се прашувам до каде ќе оди оваа наша земјичка, може ли да потоне уште подлабоко, може ли да се расцепка уште повеќе? Најголемиот душман на Македонија се Македонците, ние сме виртуози на самодеструкцијата и сѐ додека не се освестиме за оваа сериозна состојба никаде не одиме.

Е па затоа и нема датум.

И да не звучат овие букви патетично како и сите досега напишани итроштини од угледни политичко-аналитички-стручњаци околу „датумот“, ќе се охрабрам да споделам неколку сознанија во надеж дека можеби некој ќе увиди дека работите не се црно-бели или про-Макрон и контра-Макрон бидејќи проблемот е многу подлабок од оваа површност со која Владата и нејзините апологети се трудат да го завиткаат.

Макрон не е Франција и обратно. Франција исто така не е Европска Унија. Француската република и Французите живеат со своите особености и погледи кон опкружувањето многу подолго од самостојноста на Македонија. Отпорот кон „придојденците“ во Франција опстои уште од 70-те години од минатиот век на чија подлога и се гради радикалната десница во Франција предводена од стариот Ле Пен. Секако дека некој ќе рече дека Македонија нема ништо со тоа, но работите треба да се следат во поширокиот контекст. Обичниот Французин реагира исто како и обичниот Македонец, го консумира она што му се сервира, а особено ако има доза на сензационалност. Па така, анти-имигрансткото расположение почнува експоненционално да расте со осамостојувањето на поранешните франсуски колонии од северот на Африка и околу 1,5 милиони имигранти кои се доселуваат во Франција во периодот на 70-те и 80-те години. Ако се земат предвид културолошките, религиските, економските и образовните разлики помеѓу дојденците и Французите, лесно може да се разбере дека тие претставуваат огромен јаз кој стои на патот на интеграцијата на имигрантите во Франција од една страна и восприемањето на новите соседи од другата страна. Во тоа време Франција веќе има голем број на имигранти кои се доселени од Италија, Португалија и Шпанија и кои подеднакво ги уживаат сите права и обврски како и еден Французин. Но, со овој голем бран на имиграција се втемелува радикалната десница која ја гради целата своја политичка стратегија и идеја околу имиграциите и религијата.

Во 2017-та Макрон успева во последен момент да го сочува кормилото од Мари ле Пен во претседателските избори, веројатно и самиот несвесен во кои бурни води ќе треба да го води францускиот брод на кој повеќе од 6 месеци имаше побуна на жолтите елеци.

Франција одамна гласно зборува дека е противник на проширувањето, особено после она од 2004-та година кога 10 нови земји членки се придружија кон европското семејство. Во 2005-та Франција излезе на референдум на кој требаше да се произнесе за новиот европски устав со кој се продлабочуваат и гарантираат пред сѐ човековите права. Наспроти тоа, дебатата се разви во полемика за и против стапувањето на Турција во ЕУ што резултираше со 55% од Французите да се изјаснат против. Од тогаш до денес изминаа речиси 15 години, а Турција не е ни близу до европскиот двор, а да не споменуваме порти. Со еден исклучок, во 2013-та Хрватска стана член на ЕУ. Исклучоците покажуваат дека Франција не е априори против проширувањето.

Младата партија на Макрон, Ан марш, во предвечерјето на европските избори годинава во мај одлучи да се приклучи кон групацијата на АЛДЕ (либерал-демократи) во Европскиот Парламент кои ја предводат главната иницијатива за реформирање и зајакнивање на Европската Унија. Факт повеќе кој говори околу тоа е дека АЛДЕ го промени своте име во „Обнови ја Европа“ по одлуката за приклучување на Ан марш кон АЛДЕ. Идеолошки концептот за проширување на ЕУ воопшто не се коси со нивната политичка визија, но точно е дека АЛДЕ и нејзиниот потпретседател Ги Верхофштадт беа гласноговорниците во ЕП во минатиот мандат кои не се плашеа и не се штедеа јавно да ги откријат проблемите со кои се соочуваат Полска, Унгарија, Романија, а кои директно ги поткопуваат европските вредности.

Макрон вешто ја препознава оваа нишка кај либерал-демократите за која верува дека ќе му помогне де се етаблира како еден од главните лидери на „обновената“ Европа, но и дома, како татко на Франција. Имаjќи ги предвид само овие факти, лесно може да се разбере од каде доаѓа одлуката на Франција да воспостави поинакви приоритети на европската агенда. Е па затоа и „нема датум“.

Можеби обичниот Французин има неоправдан анимозитет околу една мала земјичка некаде на југот на Европа кој се изградил врз база на неколку спорадични информации кои ги восприемил во текот на повеќе години, а кои сигурно се однесуваат на некои локални случки. Обичниот Французин не се интересира за гео-политика, не ги следи случувањата надвор од неговото пошироко опкружување доколку не е лично засегнат. И тука некој ќе рече дека тоа е нешто на што не можеме да влијаеме, ние како Македонија. Се согласуваме, не можеме да ги контролираме постапките на нашите сограѓани кои одлучиле да си ја бараат среќата под француското знаме, но можеме да го митигираме влијанието врз средината од нивните постапки и поведение.

Ова влегува во одговорностите на државата, на македонската Влада. Неразбирливо е како во надворешната политика Македонија се води врз база на дневната политичка ситуација, без каков било стратешки пристап. Имавме речиси две децении време да работиме на градење на македонската слика за обичниот Французин, а во прилог на тоа испраќавме претставници кои немаа никакви лингвистички ниту културолошки компетенции за вистинско отсликување на македонскиот имиџ. Во Франција, колевката на литерарната и пластичната уметност, домот на најпрестижните архитектонски достигнувања, земја во која од мали нозе децата се подучуваат на нераскинливата улога на културата и уметноста во секојдневниот живот, Македонија беше претставувана во континуитет од аналфабети за оваа нераскинливост (со чест на неколку исклучоци).

За мала земја како Македонија со незначителен број на дијаспора, за да се постигне вистинското влијание во земјите од западна и северна Европа, дипломатијата е единствениот инструмент кој требаше, треба и ќе треба да го користиме во прикажување на една подостоинствена претстава за Македонија.

Во таа смисла, целосно мора да се департизира надворешното работење и да се одредат финансиски и човечки ресурси кои ќе работат на оваа проблематика секојдневно, а не пет дена пред некој самит или совет на министри каде ќе долета и ќе прошета министерот за надворешни. Македонија со децении е претставувана од дипломати кои уште повеќе го нарушувале имиџот на државата отколку што работеле на истиот. Културното претставување, особено во последните години речиси и да не постои, па така сликата која е втемелена во очите на еден просечен Французин, па и европеец е рефлексија на ова со што се соочуваме. Секако ова е еден мал сегмент од проблемот околу нашето членство во ЕУ, но едно е сигурно, Македонија нема такви стратешки пријатели кои ќе застанат и ќе се заземат во ЕУ за нас како што тоа беше да речеме случајот со Хрватска.

Имајќи ги предвид сите овие комплексности кои стојат на нашиот европски пат, а при тоа воопшто да не се осврнуваме на домашните состојби и општествени недостатоци, тешко е да се најде оправдување за овој превид кој постојано се случува во нашата надворешна политика. Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните“ ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

Е па затоа и нема датум.

Но, не е сѐ црно и бело. Можеби Макрон е само гласноговорникот кој се охрабри да ни ја каже вистината директно, а при тоа за себе да собере политички поени на домашната сцена додека останатите високи челници „го критикуваа“ пред медиумите, а силно му ја стискаа дланката позади камерите. Истиот тој Макрон влегол во политика со претходно добро научени лекции од демократија и политичка зрелост и има капацитет да се издигне над интересите на својата политичка опција, а наскоро тоа и ќе го покаже со назначување на својот политички опонент како кандидат за европски комесар, Мишел Барние.

Данска ја номинираше Маргрет Вестагер за свој комесар врз база на нејзината несоборлива компетентност, иако политичката партија на која Вестагер припаѓа е во опозиција. И само поради една причина: затоа што и двајцата ќе ги претстават интересите на своите земји во најдобро можно светло, и тоа треба да биде главната нишка во водење на државата, особено на меѓународен план.

Сѐ додека македонските политичари ги гледаат работите низ списоците на своите или опозициските членови, Македонија ќе тоне понатаму. Можеби македонските политичари би можеле да се угледаат и да научат нешто од француските или данските политичари, сигурно ќе биде покорисно потрошено време отколку да лутаат наоколу бескорисно барајќи го виновникот во темнината на изгаснатите европски сијалички.  Е па затоа и нема датум.

Наташа Мартинс

 

(Авторката е Македонка која живее и работи во Брисел, познавач на политиките на проширување и интеграција на ЕУ и состојбите на Западниот Балкан)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе