Спринт во погрешна насока

Незадоволството на Рама од ЕУ е одраз на растечка нервоза

Колку и да е примамливо или оправдано, г-нот Рама и неговите регионални колеги би било добро да не ја касаат раката што го „храни“ нивниот народ, која инвестира во нивната иднина и која ги гради нивните училишта.

Jавното критикување на ЕУ претставува нов и досега невиден развој на настаните во албанската политика. Изјавите на Еди Рама дека земјите од Западен Балкан се третирани од ЕУ како второкласни субјекти за време на пандемијата претставуваат значителен пресврт во она што е досега кажувано за тоа како ЕУ се перципира во регионот.

Критиката упатена кон Брисел доби на интензитет кога претседателот на Србија реагираше на забраната за извоз на медицинска опрема кон земјите кои не се членки на ЕУ, вклучително и кон земјите од Западен Балкан. Во обид да ја спаси својата домашна политичка позиција, претседателот Вучиќ се заврти кон Истокот со цел да ја обезбеди помошта овозможена од Кина и Русија, кои ја пополнија оваа празнина.

Политики во однос на вакцинирањето

Истиот месец, медицинска опрема наменета за Албанија беше блокирана на границата со Грција поради истата забрана од ЕУ за извоз на медицинска опрема. На сличен начин како и во Белград, авион полн со опрема од Турција слета во Тирана два дена потоа. Иако тогаш Еди Рама се воздржуваше од построга критика кон ЕУ, неговата реакција беше слична како реакцијата на неговиот српски колега. Интересно е тоа што критиката од двајцата државници беше упатена во периоди пред избори.

На конференција за медиумите во јануари на која беше објавен планот за имунизација, Еди Рама ја критикуваше ЕУ „дека мисли само на себе“. Според него, Унијата не е во можност да има единствен пристап и „им препушта на земјите членки да соработуваат со земјите кои не се членки“, како што е случајот со Западен Балкан, и покрај забелешките дека пандемијата може да се надмине само со заедничка соработка.

Во едно свое интервју, амбасадорот на ЕУ во Албанија призна дека е изненаден од изјавата на Рама, имајќи ја предвид големата солидарност која Унијата ја покажала кон Албанија во 2020 година, кога, меѓу другото, биле овозможени 115 милиони евра за реконструкција од земјотресот и организирање донаторска конференција на која беа ветени 1,15 милијарди евра.

Во една вечерна телевизиска емисија, Рама одговори на тврдењата на амбасадорот со тоа дека не мисли дека ова е вина на Европската комисија, туку дека се виновни одредени земји членки на ЕУ кои, според него, се егоистични и цинични. Премиерот укажа дека Франција е една од земјите коишто имаат вакцини на залихи, иако тие не се подготвени за употреба во наредните неколку денови или недели, а не распределила мал дел од нив за земјите од Западен Балкан, што би овозможило вакцинирање на медицинскиот персонал.

Следеше итно и решително отфрлање на ваквите тврдења. Француската амбасада во Тирана испрати вербална нота до Министерството за Европа и надворешни работи укажувајќи на невистинитоста на тврдењата изнесени од премиерот. Нотата исто така укажува на несоодветноста на нападите упатени кон пријателска и сојузничка земја. Германскиот амбасадор во Албанија ја нарече изјавата на Еди Рама „знак на немање трпеливост во време на криза“.

Бидејќи му беше јасно дека критиката не се прифаќа добро во Брисел, ниту кај земјите членки на ЕУ, Еди Рама побрза да даде објаснување дека критиката не била насочена директно кон Франција, туку кон генералното исклучување на „земјите од Западен Балкан од распределбата на вакцините од страна на ЕУ“, за што, според него, „нема оправдување“. Сепак, тој не ги повлече своите претходни изјави, што покажува дека е убеден во тоа.

Оваа борба беше непотребна но и навремена за Рама, чии сојузници во ЕУ и во клучните земји членки веќе се сè помалку и сè пооддалечени. Ова можеше да се забележи и од недостигот од билатерални средби со неговите европски колеги. Би се очекувало дека претседавачот на ОБСЕ и главниот дипломат на Албанија до пред еден месец ќе биде посуптилен и потактичен во критикувањето, но, изненадувачки за многумина, тој се одлучи да употреби директни зборови. Без разлика колку е неговата критика оправдана, важно е да се има предвид локалниот контекст на овие случувања.

Критика која на Албанија не ѝ беше потребна

При крајот од својот втор мандат во којшто неговата партија владееше во најголем дел без поголема контрола, Рама се насочи на претстојните избори. Под притисок на ветувањата за подобар живот и подобра економија, испораката на вакцините има централно место во неговите изборни ветувања, со коишто се обидува да ги спаси изборните надежи на неговата партија за трет мандат.

Вообичаените трикови во кампањата овој пат се чини дека се помалку привлечни бидејќи довербата во политичките партии е на исклучително ниско ниво. „Вшмукана“ во пропаганда, владата на Еди Рама не успеа да испорача резултати во многу области, вклучително и во однос на интеграцијата во ЕУ. Иако земјата доби статус на кандидат во рок од една година од неговиот прв мандат во 2014 година, напредокот во отворањето на пристапните преговори се соочи со повеќе пречки, од коишто некои не можат да се припишат на недостигот од напори кај Тирана. Знаејќи дека процесот е надвор од неговата сфера на влијание, нешто што тој доброволно го прифатил многу порано како точка за оправдување за недостигот од реформите, Еди Рама има интерес да има поголем збор во врска со работите што се случуваат околу него.

Критиката на ЕУ и на нејзината шема за имунизација може да биде оправдана во контекст на кредибилитетот и посветеноста, во време кога интеграцијата стана помалку предвидлива отколку порано. Како резултат на тоа, во Скопје, Тирана, Приштина или на кое било друго место во регионот, процесот поттикнува прекршени ветувања, пропуштени можности и намалување на интересот за проширување кај земјите членки. Дополнително, актуелното португалско претседателство со ЕУ не го ни наведува проширувањето во својата листа на приоритети.

Сепак, критиката на Еди Рама звучи празно кога доаѓа од Турција – земја која има проблематични односи со ЕУ. Критиките звучат уште поцинично ако се земе предвид домашниот контекст во којшто се даваат и фактот дека многу делови од земјата се справуваат со последиците од неодамнешните поплави, вклучително и со недостиг од вода и струја или со ограничен пристап до патиштата поради сериозните штети предизвикани од слабата инфраструктура. Очигледно е дека свртувањето на јавното мислење настрана од овие прашања е попривлечна алтернатива три месеци пред општите избори.

Нудејќи им на албанските граѓани помалку во споредба со 2013 или со 2017 година, но со еднаква желба да се победи на избори, владејачката партија ги собра политичарите од опозициските партии и повторно ги прифати кај себе оние лица кои претходно беа отстранети од политиката со Законот за декриминализација, којшто имаше за цел да ја исчисти албанската политика од инкриминирани лица.

Во светлина на растечкиот долг и економското забавување поради пандемијата, изборните ветувања на Еди рама овој пат се поконкретни. Наместо економски раст, повеќе работни места и повисоки плати, тој вети дека ќе обезбеди непречено снабдување со вода за сите урбани области во рамките на третиот мандат.

Имајќи предвид дека имунизацијата има централно место во кампањата, Еди Рама можеби ќе има најголема придобивка од јавното критикување на ЕУ. Во најдобар случај, тоа може да доведе до поголема помош и внимание, а во најлош случај, може да помогне да се одврати вниманието од неуспесите на неговата влада.

Поуки

Тешко е да се види дали во наредниов период политиките за вакцинирање ќе бидат дискутирани на состаноци зад затворени врати, но убедливо е јасно дека критиките на Рама не беа добро прифатени кај партнерите во ЕУ и во земјите членки, од кои сите имаат инвестирано големи пари на нивните даночни обврзници за финансирање јавни проекти во Албанија и во земјите од Западен Балкан.

Можноста од повторување на српското сценарио, каде што јавното мислење беше изманипулирано до степен до којшто 40 % од луѓето сметаат дека најголем донатор во државата е Кина, мора да биде потсетник за сите нас за тоа што би можело да се случи. Во Албанија, јавното мислење за ЕУ и понатаму е многу позитивно, при што 86 % од граѓаните сметаат дека членството е добра работа, во споредба со само 32 % во Србија. Сепак, ова е можно да се промени ако се продолжи со сегашнава реторика. Од тие причини, земјите членки на ЕУ, Брисел, локалните медиуми и граѓанското општество мора убедливо да ги отфрлаат оние изјави што би го жртвувале долгорочниот процес во замена за дневнополитички поени.

Колку и да е примамливо или оправдано, г-нот Рама и неговите регионални колеги би било добро да не ја касаат раката што го „храни“ нивниот народ, која инвестира во нивната иднина и која ги гради нивните училишта. Целта да се победи на избори не треба да ги попречува односите со ЕУ, која е главен донатор, инвеститор и економски партнер на Албанија. Ова нема да се промени по завршувањето на претстојните избори.

Алфонс Ракаџ

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот" која ја спроведува Рес публика во соработка со HAD (Словенија), Analiziraj.ba (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), Макрополис (Грција) PCNEN (Црна Гора) и Lupiga (Хрватска).

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе