Нереализирани амбиции кај клиентелистичкиот елемент во ВМРО-ДПМНЕ

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

Пропагандата против ВМРО-ДПМНЕ придонесе многу за состојбата во која сме денеска, повеќе од два месеца откако СДСМ ја презеде извршната власт во државата. Со години се правеа сериозни обиди преку широко распространетата мрежа на медиуми и невладини организации, ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, насилно да се отстрани од својата позиција, ставајќи ја во дефанзива, односно во состојба постојано да реагира бранејќи се од нападите од сите страни. Почетната цел беше партијата да се претстави како криминална организација, паразит во општеството кој ја злоупотребува власта, уништувајќи го наводно претходно воспоставениот либерален и демократски поредок, субјект кој треба што побргу да се отстрани, најпрвин од власта, а потоа и од партискиот адресар во државата. Доста ревносно и стрпливо се градеше митот за „фамилијата” која владее со Република Македонија на крајно диктаторски и криминален начин. Не престанаа со години, катадневно да се конструира во јавноста дека е тоа општествено зло кое што поскоро мора да се  уништи.

Мора да се признае дека им успеа кај многу граѓани да ја сменат перцепцијата и акумулираното незадоволство да го објаснат преку новоговорот кој беше создаден за да се елиминира власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Агресијата на огромниот комплот од невладини организации, опозициски партии предводени од СДСМ, самопрогласени активисти за сѐ и сешто, умислени интелектуалци и креатори на јавното мислење, кулминираше преку „Шарената револуција” и  вештачкиот и квази-граѓански сојуз по изборите на 11-ти декември 2016-та година. Паралено со ова се правеа обиди да се наслика одредена идеолошко-филозофска компонента во груевизмот, кој со својата токсичност ги има заразено сите општествени сфери. Секој ден слушавме и читавме за лошиот диктатор, неговата фамилија и груевизмот како идеолошка подлога на општественото зло. Настрвените корифеи на левицата на цел глас трубеа за апокалиптичната улога на вирусот кој ја уништува државата, секој ден пишуваа и зборуваа за неговата декадентност, примитивност и коруптивност како главни причини за сите проблеми во државата. Создавањето на „монструмот” претставува сублимат на сите пропагандни инсинуации и ќе биде основа на која ќе се бара дегруевизација.

По смената на власта и формирањето на влада предводена од СДСМ, се продолжи кон моралната осуда на груевизмот како хронично заболување на цели слоеви во општеството,кои што поскоро треба да бидат подложени на социo-егзорцистички третмани организирани од творците на „шарената” и апологетите на новата власт. Едноставно секој ден се обидуваат пропагандно креираниот груевизам да го изедначат со нацизмот, и во месијански манир да понудат дегруевизација на општеството која ќе трае долго, процес со историски пропорции што има за цел да го оправда елиминирањето на ВМРО-ДПМНЕ, како фактор во општеството.

Освен обидите од надвор за јавна егзекуција, линчот добива засилување и во иницијативите за внатрешно редефинирање на партијата, што до сега се манифестираше преку две групи и една опција јавно презентирана од професорот Јове Кекеновски. Околу една структура наречена „Форум на слободоумни патриоти”, се организираа повозрасните членови, ветерани и други кои ги делат нивните ставови. Подоцна се формира и нова реформаторска група, „Иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ”, од помлади членови кои заговараaт статутарни промени со цел реорганизација на партијата. Нивната координираност со целиот тој комплот од партии, невладини организации и надворешни фактори, против ВМРО-ДПМНЕ е очигледна и не може да се негира.

Факт е дека противниците на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години мошне добро ја проучиле партијата и доста професионално ги имаат детектирано слабостите, на кои сега се атакува со цел политичка елиминација на партијата. Форумот на слободоумните патриоти произлегоа од највозрасните членови, ветерани, некои основачи на ВМРО-ДПМНЕ, кои се незадоволни од нивниот третман во партијата, потикнати од чувството дека со неа управуваат премногу млади луѓе. Според нивните сведоштва, од 2006 година создадена е цела генерација на многу млади и неискусни луѓе во политиката, кои  управуваат со 90% од партиските и државните работи, структура водена во најголем дел од кариеристичко-лукративни мотиви, самобендисана, вообразена  дека е прогресивната иднина, и со потценувачки однос кон ветераните . Тие и нивното фаворизирање од страна на партијата се една од причините за незадоволство на старите членови во Форумот на слободоумни патриоти. Не можеа веќе да го поднесат, како што кажуваат потценувачкиот однос од страна на младото раководство, кое ги гледаше единствено како несофистицирана и архаична структура која нужно мора да се мотивира за време на избори. Постарите членови меѓу кои има многу со чиста патриотска совест и јасна идеолошка профилација, со години резигнирано гледаше како новиот бран, меѓу кои и многу кои дојдоа од други партии, како опортуно одлично ги реализираат своите амбиции. За нив елитата што се формира од 2006-та година ги подрива изворните вредности на ВМРО, пред сѐ преку ароганцијата, кариеризмот и водењето исклучиво според личните интереси. Кај старото членство доминира чувството дека се деградирани и потиснати од многу помладите и компромитирани членови, без доволно животно и професионално искуство и со нереална амбиција да владеат.

Во последно време може да се забележи одредена координираност помеѓу Форумот на слободоумните патриоти и Иницијативата за реформи. Како се поврзаа ако се знае дека припаѓаат на групи кои по многу нешта се конфронтирани со години? На слободоумните патриоти за да го зголемот својот опсег на делување меѓу членстовто им фалеше интерегенерациска сплотеност, елоквентност, модерност, компетенции и пристап до меѓународниот фактор. Такво нешто почнаа да го добиваат од „реформаторите” кои најголем дел припаѓаат на онаа генерација која ја презеде партијата и поради која старото членство се разочара и почна да делува фракционерски. Едноставно во оваа фаза од кризата голема беше потребата од идеолошко-интелектуална артикулација на силите за промени во партијата. Па така нереализираните амбиции на реформаторите и разочараното повозрасно членство ги здружија силите. И двете групации го таргетираат јадрото на партијата составено пред се од идеолошко профилирани и лојални членови кои сѐ уште не се во целост зафатени од клиентелистичкиот вирус, и чие незадоволство е пред сѐ од вредносна (идеолошка) природа.

Опцијата на професорот Јове Кекеновски имаше намера да има водечка улога во реформирањето, односно преземањето на партијата, токму преку улогата која сѐ повеќе ја преземаат помладите од Иницијативата за реформи. Затоа и јавно присутниот антагонизам помеѓу професорот и конкуренцијата. Главно за сите нив, е дека лесно се вклопија во фронтот против ВМРО-ДПМНЕ. Во ништо не заостануваат од СДСМ, блокот невладини организации и други, во  обидот да се претстави ВМРО-ДПМНЕ како болно ткиво во полтичкиот систем. Секој ден меѓу другите и тие на партијата и даваат дијагноза и соодветна терапија за лекување, не штедејќи се во специјалната војна партијата да ја наметнат како најголем проблем, а не изостануваат ниту поплаките за груевизмот како ригидна, тоталитарна и криминално-репресивна филозофија на поданици кои обземени од болеста, упорно одбиваат да станат слободни граѓани. Предлозите за реформи се интересни, навидум продемократски и убави за слушање, но прашање е дали се со намера за засилување на капацитетите и за поголема инклузивност во партијата. Откако во јавноста дефинираа еден екстрем, преку авторитарниот карактер на партијата, сега свесно или несвесно се оди во друг, сведувајќи ја  партијата на ниво на дебатен клуб. Во ред е да се предлагаат промени  во партијата, но сметам дека досегашните иницијативи, а и самиот пристап преку панел дискусии подржани од невладини организации кои отворено ги презираат конзервативните вредности, само ќе ја отворат Пандорината кутија на нереализирани амбиции кај клиентелистичкиот елемент во партијата, охрабрен да заговара разни промени кои ќе бидат во нивна корист, а многу малку за иницирање на демократски тенденции што ќе придонесат повеќе да се слуша и почитува мислењето на членовите.

На крај, и покрај потресите убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе си ја поврати својата сила и повторно ќе стане центар околу кој ќе се собере огромна позитивна и креативна енергија, силно патриотска, со демократски и визионерски погледи за државата.

Дејан Ристов, политиколог и секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Куманово

 

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе