Непродуктивен јавен долг – пат кон должничка криза

Креирањето на дополнителни нивоа на таканаречен непродуктивен јавен долг е закана за одржувањето на стабилноста на јавните финансии на подолг рок. Нешто брзо ќе треба да се менува.

Што всушност претставува т.н. непродуктивен јавен долг? Еден од концептите за кој во стручната и општата јавност, а особено во политичките кругови често се зборува е дека дефицитното трошење од страна на општата влада во доменот на јавните финансии е нешто што е позитивно бидејќи тоа го поттикнува, па дури и екплицитно го зголемува економскиот раст во поблиската и подалечната иднина. Сепак најголем дел од дефицитното трошење во праксата вообичаено не се користи за поттикнување на растот, туку се употребува за финансирање на тековните јавни трошоци. Оттука таквиот новосоздаден јавен долг, во основа, можеме да го класифицираме како непродуктивен, што значи дека тој не е во насока на создавање на било каков економски поврат и со тоа и раст во иднина. Тоа е така бидејќи она што тој го создава, всушност е само товар врз идниот раст на продуктивноста, инвестициите во приватниот сектор и создавањето на нови работни места.   

Тој не само што го создава ефектот на „crowding-out“, односно истиснувањето на приватниот сектор од сопствените инвестиции во физичкиот и човечкиот капитал и прави директна апсорбцијата на најголемиот дел од неговиот потенцијален кредитен раст од страна на јавниот сектор и нископродуктивните сектори што ги насочуваат средствата кон релативно понепродуктивни или нископродуктивни цели, туку, исто така, подоцна, преку инструментите на фискалната политика, ги „казнува“ токму високопродуктивните сектори со плаќање на повисоки даноци. Тоа се случува кога државата, де факто, е принудена да го  задржи зголеменото трошење и дополнително да користи дури и зголемени дефицити за финансирање на новите тековни јавни трошоци. Државата на тој начин, исто така, создава непотребен товар врз јавните финансии што најчесто може да трае долго време и конечно во иднина да ги зголеми даноците и тоа најчесто повторно врз грбот на високопродуктивните сектори од економијата.

Дефицитното трошење мора да е попродуктивно и пониско

Оттука, концептот на непродуктивниот јавен долг всушност е нешто на што треба да се размислува многу внимателно и со доза на претпазливост. Последнава деценија и пол, на пример, особено после појавата на финансиската криза и глобалната рецесија од 2008 и 2009 година и пандемијата на Ковид-19 во 2020 и 2021 година, многу меѓународни (ММФ и СБ), наднационални (Комисијата на ЕУ) и национални институции постојано повторуваат и инсистираат на тоа дека  зголеменото и дефицитно трошење во јавните финансии треба да продолжи „за да се зачуваат економиите“, но многу малку се зборува токму за квалитетот на тоа трошење и уште помалку конкретно се дејствува тоа трошење да е барем малку попродуктивно.

Кога институциите и државите зборуваат за зголемено јавно трошење, па дури и за зголемени јавни инвестиции, мора постојано да се прашуваме и за тоа зошто, на пример, не се остави тие инвестиции да ги прави самиот приватен сектор бидејќи, многу често, дури и во такви околности се случуваат т.н. непродуктивни инвестиции. На пример, инфраструктурните системи и објекти многу често се градат со претерано високи трошоци што редовно ги надминуваат првобитно проектираните и за половина, еднаш, па дури и два и повеќе пати, а тие повторно се со многу ниска продуктивност или ниско ниво на создавање на продуктивни нови работни места. Во нашата земја такви примери со скоро сите објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, па дури и изградбата на автопатот Кичево – Охрид и други јавни инфраструктурни инвестиции. 

Ублажена должничка криза на хоризонтот

Ваквите зачестени појави можат да претставуваат важен товар врз идниот раст и развој, вклучувајќи го процесот на растот на инвестициите и создавањето на нови работни места. Таквото истиснување на приватниот сектор од сопствените намери за инвестиции најчесто ги истиснува и новите иновации и растот на продуктивноста, за кои знаеме дека се клучен фактор за идниот раст.

Дополнително, растот на дефицитното јавно финансирање поттикнато од превисоките и континуирани фискални и монетарни стимули кон економијата, присутни и на страната на агрегатната понуда и на страната на агрегатната побарувачка, можат да предизвикаат и еден вид на ублажена должничка криза. Можеби не во изострена форма на неможност да се сервисира редовната и навремена отплата на јавниот долг на државите како што беше случајот со Аргентина пред 2-3 децении или со Грција во последнава деценија и пол, туку во форма на енормно висок јавен долг што почнува да се заканува на идното нормално функционирање на некои институции и нивните надлежности, на делови или на поголемиот дел од националната економија, па дури и на држава во целина и на можноста таа редовно и на задоволително ниво да ги обезбедува јавните добра што со сопствената легислатива ги има пропишано. Особено виталните јавни добра.

За да не се мисли дека ова е само обична теоретска или акдаемска закана, да нотираме дека на крајот од првиот квартал во оваа 2021 година, вкупниот јавен долг на ЕУ изнесуваше огромни 92,9% од нејзиниот БДП, а земјите од Еврозоната, што претставуваат огромно мнозинство од членките на ЕУ, за прв пат во историјата регистрираа јавен долг што го надминува нивниот БДП, односно тој изнесуваше точно 100,5% од БДП на економиите од еврозоната. Дури 7 од 19-те земји членки на еврозоната веќе имаат јавен долг над нивото на нивниот БДП, а предводници се Грција со јавен долг од 209,3 отсто од БДП; Италија со 160%; Португалија со 137,2% и т.н. За илустрација и другите развиени држави се соочуваат со слични или исти проблеми. Јавниот долг на САД, на пример,  веќе е 107,6 отсто од БДП, а јапонскиот јавен долг одамна надмина 220 отсто.

Повисок долг и повисока инфлација не се добра комбинација

Познато е дека ризикот што инвеститорите во јавниот долг на националните економии го пресметуваат не е зависен само од текот (прирастот) на новиод долг, туку и од вкупното ниво на јавниот долг што државите го имаат во своето портфолио. Во моментов, во многу економии во светот, вклучувајќи ја и македонската се случува токму тоа – високите јавни дефицити секоја година се додаваат на веќе високите нивоа на јавниот долг. Македонија, на пример, со состојба од крајот на март оваа 2021 година веќе има јавен долг во висина од 62,5 отсто од БДП, но и тековен буџет кој во себе содржи дефицит на општата влада од 6,5 отсто од БДП (во 2020 година изнесуваше 8,1 отсто). Високите износи на јавен долг до сега се финансираа со релативно ниски камати заради ниското и стабилно ниво на инфлација во економиите и заради ниските, блиски до нулти номинални каматни стапки што постоеа на светските финансиски пазари. Сега насекаде се појавува мала и срамежлива, но заканувачка инфлација од 2 и повеќе отсто. Таа може да ја заостри неизвесноста околу појавата на мини должничка криза. Државите имаат потреба од нови дефицити и кредити за финансирање на веќе нараснатите потреби за јавно финансирање, а од друга страна позајмувањето веќе нема да може да биде со незначително ниски каматни стапки. Доспевањето на јавниот долг ќе мора да се рефинансира со повисоки каматни стапки, односно со поголеми трошоци од и онака недоволните средства во буџетите.

Потребни се друг вид на промени

Монетарната политика нема да може долго да издржи со разните и обилни квантитативни олеснувања и купување на јавниот долг на државата со ниски камати. Таа ќе мора да мисли и на стабилноста на националните валути и тоа пред сè. Соочени со предизвикот да ја намалат довербата во националните валути или да го намалат финансирањето на јавните потреби тие секако ќе го одберат второто. Оттука евентуалната должничка криза во смисла на горе наведената можна закана на идното нормално функционирање на економиите и државите може да е резултат на сегашните претерани фискални и монетарни интервенции и затоа треба да се отфрлат теориите дека дефицитите не се важни (deficits don`t matter) бидејќи последиците можат да се застрашувачки во иднина. Затоа можеби сега е време да се соопшти дека државите треба благовремено да престанат да ги користат преобилните и несоодветни фискални и монетарни стимули како алатки но и како алиби за избегнување на потешката работа – започнување на нови структурни реформи соодветни на времето во кое живееме и уште повеќе, она што допрва ни претстои.

Никола Поповски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе