Нeпристоен предлог и потценување на учителот

Веќе седми ден, по вина на власта, образованието во државата е во прекин.

Учениците не се во можност во континуитет да одат на училиште. Државата не им обезбеди ниту нормални услови, ни пристојна достоинствена плата на нивните, на постојните понижени наставници, ниту пак е во можност да им даде од ветените „резервни“, т.н. заменски наставници.

Очигледно, ова последново беше блеф кој и им личи на „коцкари“ кои не само што се коцкаат со образованието и со државата, ами сега и најмногу и со иднината на нашите ученици и на нашите деца. Ова го знаат и го сфатија и родителите кои овојпат и од самиот почеток ја одбрааа вистинската страна и ги поддржаа просветните работници во нивните барања. Родителите, впрочем, знаат дека само мотивирани наставници создаваат мотивирани и успешни ученици и затоа е оваа огромна масовна, речиси стопостотна поддршка на генералниот штрајк, кој, без сомневање, продолжува и следнава недела, со оглед на непристојниот предлог од власта.

Токму така, власта преку нејзиниот премиер и нејзиниот прв финансиер доставија во петокот еден срамен непристоен предлог: на наставниците да им се даде максимум 10% (кои би се исплатиле дури и на две рати: еднаш во јуни - 7%, а другите 3% во септември или до крајот на 2022), наместо оние +18 % кои се всушност нашата црвена линија која власта не смее да ја прегази. Плус 18% без кои нема прекин на генералниот штрајк.
Со овој непристоен предлог уште еднаш е погазено достоинството на просветнииот работник, на наставникот, на учителот! И токму затоа, колку што е понепристоен предлогот на власта, толку е поголем, помасовен и пооправдан гневот и незадоволството на наставниците.

Наставниците се решени да истраат до крај. До исполнување на барањата доставени до Владата, истите барања во кои ние веќе направивме попуштање и ептен разумен компромис уште пред почетокот на генералниот штрајк.
За првпат, во поновата македонска историја, наставниците и сите други просветни работници со секој ден се се поедногласни, цврсто обединети, заедно од сите училишта, од сите македонски села и градови, од сите синдикати и од сите вери, партии и националности. Нема веќе игри и потценување на нашата професија. Наставниците, како никогаш досега, се во борба, не само за подостоинствена плата, ами и во борба за враќање на одземените права и украдениот углед во општеството.
Единствени нештрајкувачи и дури почесто и штрајкбрејкери се некои од некадарните директори и нивните коруптивно лојални „соработници“ кои чувајќи си го грбот и мандатот, ја чуваат и коруптивноста и нивната и своја  компромитираност. За волја на вистината, и за среќа на образованието, тоа се исклучоци.

Непристојниот предлог кој во петокот им е даден од страна на премиерот, веднаш и со индигнација им е вратен на понудувачите од власта преку синдикалните претставници кои предупредуваат: власта да не си игра мајтап со образованието! Да не го урива веќе урнатото достоинство на наставниците. Наставниците и сите просветни работници и нивни стручни и технички соработници се огорчени од иритирачкиот и понижувачки однос од државата и продолжуваат храбро простум и не се откажуваат од своите права. Штрајкот продолжува посилно, поцврсто, пообединето, до крај.

Нека не се труди власта, ни преку министрите, ни преку директорите, да заплашува, да уценува, да се заканува и да врши мобинг врз штрајкувачите! Правото на штрајк е заштитено со Уставот, а мобингот и попречувањето на штрајкот е казниво по закон и со казна затвор од минимум една година.
Ќе следат кривични пријави против секој кој се обидува да го попречи штрајкот, порачуваат и предупредуваат од СОНК синдикалните претставници на штрајкувачите.
Владата и нејзините министри конечно треба да сфатат дека 97 % од наставниците во Македонија, а 97 % наставници-штрајкувачи се малку повеќе проценти од нивниот министерски инает; 97% се црвен аларм за да се задоволи, за почеток и под итно, барем црвената линија на оправданите барања на наставниците. Дотогаш, штрајкот продолжува!

П.С. Oдговорно кон обврските, храбро во борбата за своите права!

                          Проф. Димче Донески,
                 претседател на СО СОНК, Лескоец-Охрид

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе