Нема решение за името преку Генералното собрание на ООН, предлог меморандум

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

Со Игор Јанев веќе сме дебатирале околу (не)можноста Македонија да го реши проблемот со своето оспорувано име преку Генералното собрание на ООН (ГС). Во неговиот најнов текст објавен на МКД.мк, за жал, не нуди решение.

Јанев а апсолутно во право дека Советот за безбедност на ООН ја остави Македонија без целосен меѓународен правен идентитет, дека е тоа понижувачко за земјата бидејќи ја прави нерамноправна на меѓународната сцена, дека се навлегува во областа на нашите неотуѓиви права, дека грчките барања немаат основа во меѓународното право, дека името мора да биде еден од најзначајните приоритети на нашата надворешна политика... Меѓутоа, тој воопшто не е во право кога зборува за „референтно име“ (а ја споменува и кратенката која е бесмислена и навредлива, а ја „измислија“ Грците а не ООН) и за обврската на Македонија да преговара со Грција околу името. Во резолуцијата 817/93 нема ништо од тоа.

 

Прво, референцата, која гласи „поранешна југословенска Република Македонија“ има мали букви “п“ и “ј“ што значи дека тие не се дел од никакво име. Ако беа, ќе беа големи букви. Второ, СБ на ООН нема никаков мандат ни право некого да прекрстува и затоа референцата не е никаква деноминација, како што Јанев редовно тврди. Таа е некаков код, точно „референца“ како да се ословува нашата земја, бидејќи ја обезличија. Трето, во резолуцијата никаде не се спомнува зборот „преговори“. Така е бидејќи СБ не може од некого да бара да преговара за своето име. Тоа е секако целта на резолуцијата, ама користениот речник е прецизен и за нас - поволен. Нема никаква потреба ние да го влошуваме што, инаку, масовно се прави во земјава.

Јанев е сосема во право и кога ги наведува сите прекршени правила и процедури на ООН, спротивни на неговата Повелба (Устав) со што одлуките за Македонија се нелегални, а со тоа и неважечки. Арно ама, ние ги прифативме бидејќи ни беа наметнати од главните светски моќници, а немаме сила да ги оспориме. Тоа беше меѓународен заговор против Македонија, без никој да нѐ поддржи. Точно е и дека решението треба да се бара во ООН, а не во Атина на што, за жал, не упатува Привремената спогодба, која беше катастрофална за нас. Јанев има заслуга што ја откри резолуцијата од 1948 година со која, практично, се забранува проширување на критериумите за прием, тоа што ни се случи нам. Јанев, меѓутоа, воопшто не е во право дека проблемот можеме да го решиме преку Генералното собрание.

Објаснувањето е едноставно – сѐ додека “случајот“ е во надлежност на Советот за безбедност, Генералното собрание нема никакви ингеренции да постапува. И некој да се обиде да отвори процедура во ГС, од СБ ќе им „јават“ дека сѐ уште трае медијација во нивен ангажман, дека прашањето има безбедносен карактер и – да се држат по страна. ГС нема можност да го игнорира тоа.

Договор со Грција, кој би бил и минимално поволен за Македонија, објективно – не е возможен. Затоа, сите наши напори мора да се концентрирани во Њујорк ама во СБ, каде е проблемот и отворен и каде мора да се затвори, а не во ГС.

За таа цел, во прилог е нацрт на Меморандум адресиран до генералниот секретар на ООН, во кој аргументирано се објаснува дека медијацијата на Нимиц е потрошена, дека предолго трае, нанесувајќи и огромни штети на Македонија, дека сите безбедносни претпоставки, врз основа  на кои ни беше суспендирано името се покажаа неточни и нереални и дека е време да се исправи неправдата и да ни се врати историското и уставно име. Меморандумот, чии нацрт треба да се доработува, е во прилог и може да биде интересен за сите кои се загрижени за оваа држава и овој народ.

 

                                                                             Ристо Никовски

 

                                   

Нацрт Меморандум

За: Антонио Гутерес, генерален секретар на Организацијата на обединетите нации, Њујорк

Предмет: Промена на референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ и враќање на историското и уставно име на Република Македонија во системот на ООН

Абрахам Линколн, претседател на САД:

„Ништо не е завршено сѐ додека не е праведно решено“

 

1. Претседателот Киро Глигоров, на 30 јули 1992 година, упати писмо до генералниот секретар, Бутрос Гали, со кое официјално побара прием на Република Македонија во Организацијата на обединетите нации (ООН).

2. Иако беше констатирано дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за прием, пропишани со членот 4 на Повелбата на ООН, на крајно непринципиелен начин, без никаква основа или легална база, приемот на земјата беше – а) на почетокот одложуван (апликацијата беше пуштена во процедура дури по шест месеци, во јануари следната, 1993 година), а потоа б) уценет со исполнување на уште три додатни услови.

Прво, на земјата ѝ беше оспорено и суспендирано историското и уставно име;

Второ, ѝ беше наметната привремена референца за нејзино ословување во рамките на ООН, што неизбежно, иако имплицитно, значеше и најширока употреба во светски рамки, што и се случи; и

Трето, земјата беше обврзана да бара решение „за разликата која се појави околу нејзиното име“, преку медијација во ангажман на СБ на ООН, што е светски  преседан.

3. По Втората светска војна, сврзано со блокадите кои се појавувале при приемот на нови членки во светската организација, ГС на ООН, во 1947 година, се обрати до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, со барање да даде советодавно мислење за примената на член 4 од Повелбата, со кој беа дефинирани условите за прием. Врз основа на мислењето на судот, ГС на ООН, со својата резолуција 197 (3) од 1948 година, утврди дека не е дозволено проширување на условите за прием во членство, од наведените во член 4 од  Повелбата.

4. Значи, ipso facto, при приемот на Македонија флагрантно беа прекршени и Повелбата на ООН, и процедурите за прием, со што на земјата ѝ е нанесена огромна политичка неправда и непроценлива материјална штета. Македонија веќе 25 години е оставена без целосен меѓународен правен идентитет, што крајно негативно се рефлектира на нејзините вкупни политички, економски и социјални процеси, а го загрозува и лесно ранливиот меѓуетнички баланс во земјата.

5. Во таа прилика, грубо е игнориран меѓународниот правен поредок, а со наметнување на сила како начин за решавање на проблемот, се доведени во прашање и фундаментите на демократијата. Тоа се случува  во период на засилен меѓународен тероризам кој, со ваквото однесување на главните меѓународни фактори, сѐ повеќе добива на сила.

6. Оспорувањето на историското и уставно име на Македонија, како и повикувањето на „разликата која се појави околу името на државата“ и на потребата таа „да се реши со цел да се сочуваат мирот и добрососедските односи во регионот“ (цитати од резолуцијата 817/93 на СБ на ООН, од 7 април 1993, донесена при приемот на Македонија), беа апсолутно неиздржани, нелегални и политички мотивирани.

6.1. Самото (непотребно) отворање на овој проблем го загрози мирот во регионот бидејќи делува дестабилизирачки врз Македонија. По многу нешта  Македонија е клучот на мирот и соработката во регионот, а веќе 25 години е оставена на работ од длабока бездна, со сите опасни последици врз нејзиниот севкупен развој. Нејзината нестабилност може да запали добар дел од Балканот. А исфорсираното наметнување на овој проблем, земјата ја води токму во таа насока.

6.2. Неспорно е дека добрососедските односи се важен предуслов за развој и напредок на целиот регион. Меѓутоа, нема никаква основа, ниту логика, во името на Македонија да се гледа некаква пречка за одржување на мирот и за унапредување на меѓусебното регионално разбирање и соработка. Проблемот е надвор од Македонија. Тој е во Грција и лежи во фактот дека таа не го прифаќа постоењето на вековниот македонски народ, што е неспорен факт. Промена на името на државата е само покритие за вистинските грчки намери чија цел е обезличување на народот.

6.3. За какви добрососедски односи може да се зборува кога некој не признава дека другиот постои? За каков мир и соработка може да станува збор во такви услови? Ако се игнорираат македонскиот народ, неговиот јазик, култура, историја... како може да има меѓусебно разбирање? Токму во тоа лежат опасностите за „мирот и добрососедските односи во регионот“ (резолуцијата 817/93), а не во името на Македонија. Сѐ додека не ѝ се погледне на вистината в очи, ќе се вртиме во маѓепсан круг, на штета на заедничките интереси на регионот. Било какво прекрстување на државата Македонија, што неизбежно (ќе) води во разнебитување на македонскиот народ, не може да помине без поширока, регионална војна која ќе ги врати аспирациите на сите соседи. Македонците се крајно трпеливи и толерантни како народ ама сѐ има своја граница. Негирањето на универзалните права на Македонците, во случајов за самоидентификација, ќе ги вратат комитите во земјата и регионот и тоа ќе биде крај за мирот на Балканот.

6.4. Дека Грција, а не Македонија, генерира лоши односи меѓу соседите во регионот, кристален доказ е и нејзиното непочитување на пресуда на Меѓународниот суд на правдата, од Хаг. На 5 декември 2011 година, судот ја осуди Грција дека не исполнила обврска произлезена од билатералната Привремена спогодба, потпишана со Македонија во 1995 година. Со истата, Грција се обврза да не го попречува интегрирањето на Македонија во меѓународните организации. И покрај тоа, таа го блокираше нејзиниот прием во НАТО, во 2008-та, и во ЕУ, во 2009-тата. И по пресудата, нелегално, Грција и натаму ги држи вратите за НАТО и ЕУ затворени за Македонија.

7.  Игнорирањето на македонскиот народ е грчки историски синдром. За да се разбере неговата генеза треба да се знае дека сѐ до 1987/88 година таму не беше дозволено официјално користење на името „Македонија“.

7.1. Со Букурешкиот договор од 1913 година, како резултат на двете балкански војни, етничкиот и географски регион Македонија беше поделен меѓу Грција, Србија и Бугарија. Со тоа, за прв пат во историјата, дел од истиот падна под грчка управа. Во него живееја стотици илјади Македонци кои, според бројни статистики, беа и најброен етнос. За Атина, меѓутоа, Македонците не постоеја. И, за да ја смени неповолната структура на населението на регионот Македонија кој го доби, спроведе вистински геноцид врз нив. Долги години беше строго казниво користењето на македонскиот јазик дури и во нивните домови. А јавното истакнување на македонизмот повлекуваше или тешка казна, или протерување на пуст остров. За таа цел, беа реализирани и размени на население со Турција и со Бугарија.

7.2. И 100 години по Букурешт, вистинските Македонци се таму, ама сега бројат десетици, а не стотици илјади. Тие, сѐ уште не се признати како малцинство и немаат никакви права. Децата не можат да учат на мајчин јазик.

7.3. Со прекрстување на Македонците, Грција сака да го реши и тешкиот проблем со непризнатото македонско малцинство, кој со години ѝ тежи. Замислата е едноставна – ако нема Македонци во матичната држава, не може да има ниту малцинство  во Грција.

7.4. Како експерт за малцински права, Геј МекДугал (Gay McDougall) во 2008 година, го посети Егејскиот дел од Македонија, во Грција. Таа беше испратена таму токму од ООН. Нејзиниот извештај е во светската организација. Таа недвосмислено констатира дека во Грција има (вистински!) етнички Македонци, не виртуелни, и дека истите не уживаат никакви права.

8. Како една од шесте федерални држави во Југославија, Македонија не беше (по)голем предизвик за Грција, иако проблемот со негирањето на Македонците тлееше. Тој ескалира во моментот кога стана јасно дека распадот на федерацијата е неизбежен што ќе значи појава на независна македонска држава. Во Грција заѕвони алармот и беа преземени низа мерки.

8.1. Преку нова административна поделба, реализирана во 1987/88, Атина прв пат започна официјално да го употребува и името „Македонија“. Во вкупно 13 административни региони беа вклучени и три со тоа име – Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија.

8.2. Атина почна да пропагира и дека кај нив има 2,5 милиони измислени „Македонци“. Тоа, едноставно, лесно може да се провери и потврди. Освен македонското малцинство, во Грција нема други кои имаат македонска национална свест, кои говорат македонски јазик... Спомнатите 2,5 милиони се Грци по род, зборуваат грчки јазик. Тоа е фиктивно поврзување со регионот и нема никаква врска со национален идентитет, како во нашиот случај.

8.3. Во грчкиот Устав не се спомнуваат никакви  „Македонци“. Во него се зборува само за Грци и воопшто не се користи ниту терминот „граѓани“. Тој е секаде заменет со зборот  – „Грци“, што е крајно невообичаено. Како тогаш може таму да има 2,5 милиони „Македонци“, или цели 23 проценти од вкупното население, а тие да не се спомнати во Уставот?

8.4. „Македонци“, исто така, не се појавуваат во ниту еден попис во Грција. Зошто? Како е тоа можно, ако навистина ги има толку многу? Така е бидејќи тие се – виртуелни. Во пописите ги нема бидејќи, ако има графа, како такви ќе се појават само вистинските Македонци, кои се обесправено малцинство.

8.5. Грчката замисла беше јасна: ако кај нив има „Македонци“, не може да ги има на друго место. Поточно: „Македонците“ се кај нив, а не надвор од Грција. Или, ако има други кои се декларираат како такви, треба да се прекрстат.

Истото важи и за името на нашата држава. Сѐ е апсолутно нелегално.

8.6. Сите овие промени во Грција беа направени за да се создаде основа, по распаѓањето на Југославија, да се оспорат името и народот на Македонија.

9. Покрај веќе спомнатите, Грција повлече и бројни други неприфатливи потези, со намера новата, целосно независна и самостојната држава Македонија да не успее и да се распадне.

Прво, започна со спроведување политика на максимално одолжување на процесот на нејзиното меѓународно признавање, вклучувајќи го и приемот во ООН. Благодарејќи на резолуцијата 817/93 од СБ на ООН, и потпомогната од важни меѓународни фактори, Грција веќе 25 години успева да го спречи целосното етаблирање на Македонија на меѓународната политичка сцена. Таа политика продолжува со зголемен интензитет. Сега, преку блокада на интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ, комбинирана со уцена: прво името, потоа членство;

Второ, на почетокот на 1990-тите, Грција воведе нелегална блокада на македонската јужна граница, која траеше повеќе од две години, со цел земјата економски да колабира. Беа нанесени огромни, немерливи долгорочни штети, ама Македонија опстана;

Трето, грчкиот премиер, Мицотакис, разговараше со српскиот претседател Милошевиќ, за евентуална поделба на Македонија.

9.1. Оваа грчка политика, спроведувана и доста широко поддржана цели 25 години, води кон конфронтации, а не кон добрососедство. ООН, САД и ЕЗ (ЕУ) сето тоа го толерираат. Без никакви реални аргументи, името на Македонија беше и остана проблем за нив, а не агресивноста на Грција.

10. И покрај сето наведено, иако е класична жртва на тешко споредливи историски неправди, под диктат на ООН, Македонија прифати да разговара дури и за сопственото историско и уставно име, што е единствен случај во историјата. Сите овие години, земјата манифестираше флексибилност и максимално добра волја со цел проблемот да се реши на цивилизиран начин и да се сочуваат мирот и безбедноста и во земјата, и во регионот.

11. Во потрага по балансирано решение, Македонија ги промени и својот Устав, и своето државно знаме. Беа исполнети, практично, непотребни гаранции. За возврат не беше добиено ништо, освен блокади, уцени и инсистирања на нови отстапки. Така, во празно, поминаа цели 25 години на јасно демонстрирана кооперативност од македонска страна и зацементираност и максимализам од грчка страна, која зацрта своја ултимативна црвена линија од која не отстапува. Со неа се бара невозможното и затоа е апсолутно неприфатлива. Таквиот приод на другата страна, фактички, го означува крајот на медијацијата бидејќи разумен компромис не е можен. Тоа е крунски доказ дека Грција не сака договор. Македонија не е ниту воен злосторник, ниту е победена во неправедна, окупаторска војна за да биде казнета и да прифати разнебитување на сопствениот народ, што е целта на грчката црвена линија.

12. Проблемот е крајно асиметричен и не носи никакви ризици или последици за Грција. Таа нема ништо да добие ако биде прифатена и нејзината црвена линија. Тоа би бил само триумф на екстремниот национализам, по што ќе следат несогледливи последици за сите. Атина ништо нема да загуби и доколку остане сегашното име на Република Македонија.

13. Сосема спротивно, во проблемот со името се кријат иднината и судбината, и на државата, и на народот. Македонија не смее да прифати промена на своето име, бидејќи веќе е пошироко оспоруван идентитетот на народот. Ако не беше тоа случај, маневарскиот простор на Македонија ќе беше поголем.

13.1. За целосно да се разбере случајот, мора да се знае дека државата го доби своето име од македонскиот народ, а не од истоимениот регион кој се протега во неколку земји. Така, меѓу името на државата и националниот идентитет на народот постои нераскинлива папочна врвца. Идентитет без име нема. Затоа каква било суштинска отстапка околу името неизбежно ќе води во прекрстување на народот, што ќе ја дестабилизира земјата, а преку неа и целиот регион. Токму поради тоа, грчката намера – македонскиот народ да се избрише од светската листа на народи, нема никакви изгледи за успех. Кој одговорен политичар може да се откаже од сопствениот народ?

14. Погоре наброените факти и аргументи ги прецизираат позициите на Грција чии клучни намери, до скоро, не беа доволно јавни и објаснети. Во последно време, меѓутоа, тие ги подотворија картите. Министерот за надворешни работи, Коѕиас, неодамна (2017) обелодени дека не е само името на Македонија проблем, туку и идентитетот на народот, јазикот... Претседателот, пак, на Грција, цело време повторува дека „Македонија е грчка“, а истовремено нас не обвинуваат за иредентизам. Го посвојуваат целиот регион, а 39 проценти од истиот е Република Македонија. Каде се крие тогаш иредентизмот?

Откако ќе се разбере грчката политика, станува кристално јасно дека било какво решение околу името, кое не би водело во прекрстување и разнебитување на македонскиот народ, за нив – не доаѓа предвид. Оваа вистина мора што поскоро да се согледа и да се сфати. Кога едниот не сака договор, или поставува неприфатливи услови, како што го прави тоа цело време Атина, излез не е можен. Сите напори на медијаторите се покажаа залудни и крајно време е тоа официјално да се верификува. Клучно е да се прекине процесот, кој е осуден на неуспех, и повеќе да не се губи драгоцено време.

15. Изминатите 25 години се извонреден доказ дека на Грција не ѝ се заканува никаква опасност од Македонија. Целиот овој период, не е регистриран ниту еден безбедносен инцидент меѓу двете земји, иако измисленото прашање околу името не е решено. Нема никакви индикации или причини така да не биде и во следните – 100 години. Отпаднаа сите инсинуации дека во Македонија има иредентизам и дека името на земјата крие такви закани. Тоа го отфрли и т.н. „Бадентерова комисија“ на ЕЗ (ЕУ) која, при крајот на 1991 година, оцени дека Македонија ги исполнува условите за да биде призната како независна држава. Тогаш, по одлука на Брисел, претседателите на пет уставни судови на земји членки на ЕУ, јасно оценија дека името на државата не претставува никаква закана за било кого и не може да биде основа за било каков иредентизам.

И Хашкиот суд, во својата пресуда од 5 декември 2011 година, јасно утврди дека Македонија на никаков начин не го загрозува историското и културно наследство на Грција.

16. Други причини за оспорување на името на Македонија – нема. Како повод за суспендирање на нејзиното историско и уставно име, во СБ на ООН во 1993 година (резолуција 817/93), беа наведени токму безбедносните причини како повод за таков нелегален чин. Истите не го издржаа судот на времето. Се покажаа лажни, бесмислени, надживеани и неважечки. Должност на СБ е повторно да се разгледаат сите аргументи за „разликата околу името“ (817/93) и објективно да се преоцени нивната вредност. Македонија е уверена дека со чесен и одговорен приод, без наметнување на сила, релативно лесно ќе се дојде до заклучок дека нема никаква основа, ниту потреба, да се оспорува името на државата и да се брише еден мирољубив, вековен народ.

17. Неспорен факт е дека државата Македонија така се вика од далечната 1944 година, додека во Грција ова име се користи од 1988 година. Според меѓународно признатото правило – Qui prior est tempore, potior est yure – името на Македонија никој не може да ѝ го оспори.

И не само тоа. Во прашање се име на држава и имиња на административни региони во друга земја, кои меѓу себе немаат никакви допирни точки а нашето име никако не значи дека имаме аспирации кон целиот регион со истото име. Исто како што и името на Соединетите американски држави не имплицира дека тоа ги вклучува сите земји на Северна, Централна и Јужна Америка. Како и во случајот со САД и македонскиот Устав недвосмислено ја прецизира територијата на државата.

Република Македонија нема никакви аспирации за некаков монопол на името „Македонија“. Нам не ни пречи што три административни региони во Грција користат исто име. Во светот има повеќе такви случаи. Грција може да го користи името Македонија во согласност со светската пракса и нормите кои тоа го регулираат. Факт е, меѓутоа, дека целокупната територија на Република Македонија се наоѓа во истоимениот регион додека регионот Македонија е само мал дел (23,9 проценти) од вкупната грчка територија. Овој податок го одредува основниот правец по кој мора да се разгледува прашањето за името.

18. Во резолуцијата 817/93 на СБ на ООН, се вели: „Ги поттикнува страните да продолжат да соработуваат“ со медијаторите „за да дојде до брзо надминување на нивната разлика“. Се покажа дека не само бргу туку воопшто не е возможно исполнувањето на оваа обврска. Откако 25 години ништо не се постигна, нема никаква логика, потреба, услови да се продолжи со медијацијата. Истата исклучително скапо ја чини Македонија и крајно време е да прекине и решението на проблемот да се бара врз сосема поинакви основи, преку силата на аргументите, а не со аргументот на силата.

19. Македонија му дава целосно признание на Нимиц, за несебичното залагање кое го демонстрираше и смета дека нема никаква смисла медијацијата да продолжи.

20. Како што покажаа и изминатите 25 години, толерантноста, кооперативноста, флексибилноста и добрата волја на Република Македонија се неизмерни, ама не се безгранични. Откако медијаторот Нимиц дојде до мртва точка, која не остава простор за било каков конструктивен исчекор, на вистината мора да ѝ се погледа в очи.

21. Република Македонија оценува дека процесот на медијација мора да се прекине бидејќи се исцрпе и не нуди можности за решение на спорот. Со овој Меморандум го моли генералниот секретар на ООН предметот  повторно да се врати на СБ на ООН со предлог да се донесе одлука за исфрлање на референцата од употреба и на земјата да ѝ се врати нелегално оспореното историско и уставно име – Македонија. Со тоа ќе се исправи една историска неправда и ќе се анулира нелегалната процедура на СБ на ООН, ефектуирана при приемот на Македонија во ООН.  

22. СБ на ООН, и ООН во  целина, мора да бидат главни заштитници на меѓународниот правен поредок и носители на развојот на демократските процеси. Исправање на неправдите кон Македонија е мал чекор, ама и одлична можност за реафирмација на овие фундаментални вредности.

23. Во последните 200 години, македонскиот народ никого не загрозувал, не напаѓал, не убивал или пљачкосувал. Напротив, со векови бил жртва на туѓи калкулации, аспирации, иредентизми, освојувања... Просто е неверојатно дека тоа продолжува и денес, во втората декада од XXI век.

Крајно време е да прекине оваа пракса.

Ножот е до коска. Македонија нема веќе можности да ја толерира агонијата во која земјата се држи речиси 25 години. Обидите за прекрстувањето на Македонците се историска грешка која неизбежно ќе ги поттикне апетитите на сите соседи, и кон парчето земја, и кон македонскиот народ, и ќе не врати на почетокот на 20 век. Само една искра може да запали голем балкански оган. Штетите ќе бидат немерливи. За сите. Од соседите, преку Брисел, Берлин, Париз, Лондон...Вашингтон... сѐ до Анкара, Москва...

24. Стабилизирањето на Македонија е интерес на регионот, на Европа во целина и на главниот светски фактор - САД. За прв пат во историјата, на Балканот преовладуваат нови, обединувачки тенденции симболизирани во евроатлантските аспирации на сите земји. Тоа треба максимално да се искористи за конечна европеизација на Балканот.

Во спротивно...

25. Македонија треба да добие соодветна отштета за претрпените штети кои се немерливи. Морална должност е на сите влијателни фактори, на сите кои можат, биле тие инволвирани или не, да ѝ помогнат да надомести барем дел од загубите ефектуирани за време на оваа 25-годишна голгота. Не треба да се заборава дека земјата беше повеќе години и со блокирана северна граница, заради санкциите на ООН врз СР Југославија, што исто така предизвика огромни штети за македонската економија.

Таква иницијатива од страна на ООН ќе биде поздравена и високо ценета.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе