Некои универзитети треба да се затворат

Треба да се преиспита постоењето на универзитети и научни установи кои не ги задоволуваат законските услови.

Кога се донесе Законот за  високо образование на 8 мај 2018 година (Сл.весник на РМ.бр.82/2018) од Министерството за образование и наука, напишав дека истиот не само што не е развоен, туку констатирав дека е полош од претходниот закон. Уште малку и ќе поминат две години од донесувањето на Законот за високо образование, кој не профункционира во однос на автономијата на универзитетот, универзитетите немаат финансиска автономност. Деновиве слушаме дека се формирала Агенција за  квалитет за високото образование - Одбор за акредитација и Одбор за еваулација (со негови членови), а не е формиран и не функционира и националниот совет за високо образование и научно-истражувачката дејност во делот на финансирањето на високото образование, а тој зависи од Буџетот на Владата на Република Македонија.

Неформираниот национален совет за високо образование, предвиден во Законот за високо образование (за оние од МОН кои не знаат) требаше да има задача да дава насоки за високото македонско образование и научно истражувачката дејност, научно истражување, управување со научната политика, воведување прописи од областа на научно-истражувачката дејност, приоритетни области и програми за научно истражување и технолошки развој и слично. Со неформирањето на овој национален совет (за оние компетентните во МОН кои не знаат) македонското високо образование нема легитимитет кој треба да го потврди за нејзино зачленување во Европскиот регистер за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа Е4-European Qvality Assurance Register for Higher (EQAR).

Национален совет- Национална програма

Ако се сака нашите високообразовни установи да бидат во чекор со современите тенденции на науката и развојот на севкупната научно-истражувачка дејност и технолошки развој неминовна е потребата од формирање и профункционирање на националниот совет за високо образование како стручно и советодавно тело во македонската Влада. Треба да се донесе и национална програма за научно-истражувачка дејност која ќе биде  од приоритетно значење што ќе има меѓународна димензија поврзана со стопанството, развој на високото образование и размена на искуства со други високообразовни установи ширум светот во насока на исполнување на препораките од Болоњскиот процес.

Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од Буџетот на Република Македонија за вршење на научно-истражувачка дејност. Во оваа насока треба да се размисли за можноста, наместо постојното Министерство за образование и наука во иднина да се формираат Министерство за образование (претшколско, основно и средно) и Министерство за високо образование и наука, при што средствата кои ќе се издвојуваат за високо образование и наука од Буџетот на Република Македонија да не одат во пакет со средствата издвоени за пониските степени за образование (треба да се види примерот на Словенија каде финансирањето е уредено со посебен закон).

Фраскатиева класификација

Донесениот Закон за високо образование, член 2 став 1 точка 16 не е усогласен со Фраскатиевиот прирачник (а поминаа две години). „Меѓународната фраскатиева класификација“ која е класификација (која го применуваат сите европски земји) на научно-истражувачките полиња во две нивоа (прво и второ ниво) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), содржина во Фраскатиевиот прирачник од 2015 година“. Од Министерството за образование и наука не е донесен тој прирачник.

Државниот просветен инспекторат при инспекциските надзори во избор во наставно-научни, соработнички звања се повикува на некоја друга, застарена Фраскатиева класификација спротивна на Законот за високо образование.

Критериуми  за финансирање

Според анализите на синдикатот (Независен академски синдикат), во високото образование неминовна е потребата на јавните високообразовни установи да се воспостават критериуми за финансирање на универзитетите, како и регулирање на платите. Поконкретно кажано, во високото образование има огромни разлики во платите меѓу универзитети, но и меѓу единици внатре во самиот универзитет. Пример, на една единица на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје, просечната плата на редовен професор е околу 120.000 денари, а на друга единица на истиот универзитет е околу 36.000 денари. Со други зборови  кажано еден професор стигнал до 500 евра плата, а некои земаат и над 2.000 евра плата.

Ваквата нееднаквост на платите се должи на тоа кој факултет успел да обезбеди дополнителни средства, односно најмногу зависат од  бројот на студенти. Што значи повеќе студенти повеќе пари. Малите плати се евидентни кај професорите на Природно-математичките и на уметничките факултети. Така што може да се каже дека на најстариот универзитет во нашава држава УКИМ-Скопје, платите на поголем број од факултетите се на долна граница.

Па така, асистентска плата е 24.000-25.000 денари, доценти 27.000-28.000 денари, вонреден професор 30.000-32.000 денари, редовен професор 35.000 денари.

Но, има три-четири факултети на УКИМ-Скопје што имаат многу повеќе, така што има разлика на платите на наставно-научните професори и соработници. Може да се каже дека платите се уедначени на Универзитетот во Тетово и нивните единици, како и на  Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. На Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола, каде што платите на наставно-научните и соработничките звања не се уедначени.

Така што може да се констатира дека има големи неуедначености во платите на наставно-научните звања и соработници. Така што еден доцент на Универзитет во Тетово, зема поголема плата од еден редовен професор на УКИМ-Скопје. Вакви примери има повеќе.

Платите на универзитетите во регионот

Ако се земаат во просек  платите на универзитетите во регионот, на Косово просекот е околу 1.400 евра, во Албанија, Србија и Црна Гора се над 1.000 евра. Во Македонија плаатите на професорите се најниски.

Неминовна потреба на МОН

Министерството за образование и наука, посебно Секторот за високо образование, неминовно треба да изготви функционална анализа на вработени на јавните универзитети-нивните единици, научните институти врз основа на кои ќе се гради образовна политика, а не политика во образованието во високото образование, научните институти и научно-истражувачките дејности.

Состојбите покажуваат дека на шесте јавни македонски универзитети, во УКИМ-Скопје има 1.951 вработени, УКЛО-Битола 545 лица, ДУТ-Тетово 680 лица, УГД-Штип 514 лица, универзитет „Апостол Павле“ - Охрид  36 лица, универзитет „Мајка Тереза“ Скопје 129 лица.

Затоа е потребно: да се преиспита поголемиот број вработени во администрацијата и техничките служби, да се преиспита постоењето на универзитети и научни установи кои не ги задоволуваат законските услови. Па така, состојбите покажуваат дека на осум единици на Универзитетот „Св.климент Охридски“ Битола (УКЛО) во моментот нема ниту еден асистент, а мал е бројот и на универзитетите „Гоце Делчев“-Штип, универзитетот„Мајка Тереза“-Скопје, универзитетот „Апостол Павле“ - Охрид.

Државниот универзитет Тетово е единствениот што има повеќе асистенти од професори.Поконкретно кажано: УКЛО-Битола има 15 асистенти на 140 професори, УКИМ-Скопје е со 633 редовни професори, а со 119 асистенти, ДУТ-Тетово е со 62 професори, а со 71 асистент, а УГД-Штип е со 79 професори и 26 асистенти. На универзитетот „Апостол Павле“ - Охрид на 6 професори има 10 асистенти, а универзитетот „Мајка Тереза“ Скопје е со 5 професори и 33 асистенти.

Од ова може да се се констатира дека на најстариот универзитет во земјава УКИМ-Скопје и УКЛО-Битола, постои најголем дефицит од асистенти и за кратко време може да биде загрозен нивниот опстанок. Слична е состојбата и со научните институти.

Наместо заклучок

Новата Влада на Македонија под итно треба да го формира националниот совет за финансирање и развој на високото образование и да донесе национална програма за насочување и утврдување на обемот на средствата од Буџетот на Република Македонија за вршење на научно-истражувачка дејност. Да се формира Агенција за научно-истражувачка дејност, која ќе има обем и буџет како Фондот за иновации и технолошки развој. Стипендиите на студентите од прв, втор и трет циклус на студии на првите 100 универзитети на Шангајската листа да се одобрат исклучиво за професии, кои се дефицитарни во Македонија, а стипендиите да се пренасочат на нашите универзитети.

Платите на наставно-научни и соработнички звања треба да се воедначат и тоа на сите универзитети-факултети и тоа:редовни професори 100.000 денари, вонредни професори 80.000 денари, доценти 60.000 денари, асистенти 45.000 денари. Со таквиот мотив првично ќе се влијае и на квалитетот на високото образование и ќе нема одлив на мозоци од нашево македонско општество. Подобрување на условите за студирање. Студентите да бидат соработници и партнери во образовниот и научниот процес.

Треба да се направи анализа на хипертрофираната мрежа на формираните јавни универзитети во нашава држава, преиспитување или укинување на некои универзитети кои не ја почитуваат законската регулатива и критериуми. На крај да се воведе национална стратегија - образовна политика, а не политика во образованието по желба на партиите.

 

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе

Како Босна и Херцеговина се справи и се уште се справува со кризата предизвикана од пандемијата? Зошто немавме единствен кризен штаб на ниво на држава? 

повеќе