Нееднаквоста ја убива демократијата, а родовата нееднаквост посебно

Родовата нееднаквост не се сфаќа сериозно во Македонија.

Тоа што законите немаат дискриминирачки норми се перцепира како доказ дека не постои дискриминација и дека е постигната полна еднаквост. Ова е посебно видливо за време на избори, независно дали станува збор за избори за Собранието на државата, претседателот на државата, локалните избори или пак именувањето на функционери на високи раководни места после промената на власта.
 
Од друга страна, бројките се јасни и недвосмислени. Помал број пратенички од пратеници, многу мал број министерки, мал број градоначалнички, мал број директорки на јавни претпријатија и мал број жени членови на управни одбори. Меѓутоа овие бројки кај најширок дел од јавноста не се перцепираат како показател за дискриминација на жените и не ги поттикнуваат политичките партии кои ја имаат власта на активности насочени кон промена на состојбата.
 
Вообичаената реакција на јавноста на прашањето за родовата еднаквост во органите на власта и на раководните позиции се сведува на објаснување дека е важен квалитетот, а не полот и дека жените никој не ги спречува да дојдат на тие позиции.
 
Полот е важен
 
Жените се помалку присутни од мажите на раководните позиции не заради тоа што се помалку квалитетни, затоа што помалку знаат или затоа што не сакаат да учествуваат во власта, туку едноставно заради тоа што се жени.
 
Партиите многу свесно не предлагаат жени кандидати за високи функции во власта плашејќи се дека на тој начин се ставаат во понеповолна позиција во однос на другите партии и најчесто ова го затскриваат со внатрепартиско гласање кое по правило исфрла мажи кандидати за највисоките позиции и функции. Ова не зависи од квалитетот на жените можни кандидати спореден со квалитетот на мажите можни кандидати, ниту од бројот на жените спремни да се впуштат во политичките води. Зависи од претходно изградената позиција на моќ на мажите и од претходно изградената перцепција за жената како понеповолен можен кандидат и иден функционер. Само во ситуација кога жената можен кандидат исклучително многу отскокнува од мажите можни кандидати, или во ситуација кога станува збор за помалку важна позиција, или, пак, во ситуација кога се претпоставува дека шансите на партијата да добие одредена позиција се многу мали, постои можност да добие шанса жената кандидат.
 
Зошто се случува ова
 
Всушност, најтешко од се` е да се објасни сложената спирала на дискриминацијата која корените ги влече илјадници години наназад и која создала комплексна матрица на различно перцепирање на улогата на жените и мажите во заедницата. Оваа комплексна матрица ја сочинува огромен број аспекти поврзани со религијата, традицијата, навиките, семејниот модел, литературата, народното творештво, секојдневната пракса, ...и е заокружена во родовата социјализација.
 
Токму со родовата социјализација започнува поинаквиот третман на жените и мажите кој меѓудругото се манифестира и со доминација на мажите на политичката сцена и на повисоките раководни нивоа. Имено, луѓето од најмала возраст учат како да бидат женски и машки, односно, учат за општествените очекувања и ставови поврзани со нивниот пол. Учат „каде им е местото“, „што и личи“ на една жена, а што „му личи“ на еден маж и што ќе им се случи на жената/мажот доколку излезат од рамките на очекувањата на средината во која растат и живеат.
 
Родовата социјализација се изведува низ систем од награди и казни за однесувањето и имитација на возрасните. Детето го прави она што го гледа, она за што добива одобрување и поддршка, а не го прави она за што ќе добие потсмев, па дури и најотворена казна.
 
Приказната не завршува тука
 
Не е работата само во тоа дека жените и мажите учат како да влезат во однапред дефинираните улоги (што само по себе е веќе ограничувачко и за едните и за другите). Главниот проблем е во тоа што особините и активностите што се сметаат за „женски“ се пониско вреднувани од активностите што се сметаат за „машки“. Активностите кои ѝ се наметнуваат на жената веќе однапред се потценети, омаловажени, прогласени за спорадични и несуштествени. На поширок општествен план ова се манифестира во пониско вреднување на професиите кои заедницата ги смета за доминантно женски, извлекување на моќта од областите во кои работно пробиваат жените, до ниво на изложување на потсмев на мажите кои ќе се дрзнат да прифатат некоја од „женските“ улоги или професии.
 
Во ова светло, „машката улога“ за жените не значи постигнување рамноправност, туку промоција, а „женската улога“ за мажите најчесто значи назадување. Постоењето на „женска“ и „машка“ улога во која мора да влезе секој човек, доведува до општествена нерамноправност на жените и мажите која се манифестира како: нерамноправна дистрибуција на ресурсите (на микро и на макро план), нерамноправна дистрибуција на богатството, нерамноправна дистрибуција на слободното време, нерамноправна дистрибуција на можности за избор и помалку шанси за остварување на индивидуалните потенцијали.
 
Да бидеш успешен во заедницата е првото скалило кон остварувањето на политичка позиција, а прво скалило на препознавање на успешноста на жените и мажите е нивното позиционирање на пазарот на трудот. Не случајно во официјалната статистика има една графа во рамките на неактивното население резервирана само за жените: домаќинки (жени кои седат дома). 100% жени.
 
Фактичката положба на жената на пазарот на трудот всушност ја претставува и првата пречка која стои на патот на разбивањето на нерамноправната положба на жената и промената на перцепцијата на жената во нејзината традиционално зададена улога.
 
Тесно поврзан со ова е проблемот на неспорниот јаз во платите меѓу жените и мажите што претставува реалност која тешко пробива до јавноста и многу често се затскрива зад недискриминирачките формулации на законите од областа на работните односи без да се води грижа за сето она што доведува жената да работи на конкретно работно место, да користи поголем број денови за боледување заради грижа за семејството, да не напредува на скалилата на кариерата.
 
И се разбира, секогаш треба да се има во вид и феноменот на стаклен плафон кој жената многу тешко го пробива, токму заради тоа што кога се работи за различни унапредувања или наградувања и мажите и жените расудуваат врз основа на стереотипи.
 
Сето ова ја става жената на пониска стартна позиција во политичкото позиционирање и во очите на јавноста ја претставува како помалку успешна, помалку способна, помалку стручна, и пред се`, пониско ја вреднува како можен раководен кадар. На пример, граѓаните го препознаваат лекарот како успешен стручњак и во секој момент ќе гласаат за него како кандидат за градоначалник без да имаат информации за тоа колку тој може да се справи со домаќинувањето во општината и без да обрнуваат внимание на фактот дека медицинската струка нема никакви допирни точки со управувањето на една општина. Истите тие граѓани нема да гласаат за ниту една жена од оние 230.000 ставени во графата „домаќинки“ доколку се реши да се кандидира за градоначалник, заради тоа што не ја знаат и тргнуваат од претпоставката дека тоа што е домаќинка е показател на неуспешност, незнаење и отсуство на организациони способности.
 
Ваквата ситуација никако не може да се промени сама од себе. Не можеме да очекуваме одеднаш на луѓето да им светне пред очи, да се чукнат по глава и да ги променат вкоренетите стереотипи и предрасуди. За нешто да се промени потребно е свесно делување од горе надолу, наметнато, форсирано, до ниво на афирмативна акција (свесно воведена позитивна дискриминација) која ќе го смени дебалансот во позицијата на жените и мажите.
проф. д-р Мирјана Најчевска

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе