Небитието на едно прашање

Илузорната суштина на едно непостоечко прашање.

Екстремизмот, изолиран од феноменот на општеството и гледан низ призмата на индивидуалното, претставува психичка состојба, своевиден продолжеток на припадноста кон една група и суштинскиот идентитет на една единка, и тоа преку повеќекратните идентитети кои индивидуата ги придобива во текот на своето концептуално, естетско и политичко оформување низ животот. Дотолку повеќе што екстремизмот е резултат и на паранојата, односно, на стравот што се манифестира во вид на опсесија и чувство на одбивност кон сè она што би можело да го предизвика распадот на идентитетот на групата на која индивидуата ѝ припаѓа и од каде го стекнува својот идентитет. Слични на религиозните фанатици се и идеолошките занесеници, кои својата изопачена свест се трудат да ја универзализираат преку комбинација од виртуелна епистемолошка контрола и слаб политички легитимитет. При обидот да ги промовираат величините на либералните вредности, либералните екстремисти често паѓаат во стапицата во која паѓа и секоја идеологија (или, уште подобро, онаа што секоја идеологија ја содржи во себе во латентна форма): стапицата на униформната проекција на либералната утопија.

Имено, по дефиниција, да се биде либерал по убедување, значи и „да се прифатат“ другите со нивните светогледи токму онакви какви што се, значи и да се почитува нуклеусниот идентитет околу кои ротираат повеќекратните идентитети што тие ги поседуваат; од друга страна, екстремниот либерал не е способен да прифати ниту еден човек кој не е, како и него, либерал, кој не влегува во рамки на унилатералниот концепт што едно либерално „јас“ го поседува за либерализмот. „Другиот“, кој не ја прифаќа проекцијата на ова либерално „јас“, ризикува да биде етикетиран, а потоа и осуден на линч – и сето ова завиено под изговори од видот на „жртвување“ или „заостанатост“.

За индивидуата, умот е гнездо за акумулирање, анализа и систематизирање на човековите знаења за светот, поредокот и законите на природата. Епистемолошката демаркација, или одредувањето на границата меѓу отворениот и затворениот ум, не е ништо повеќе од филозофска спекулација, бидејќи прашањата за границите, изворите и обемот на знаењето доминираат со двеилјадигодишната филозофска дебата, чиј крај отсекогаш изгледал недостижен. Погрешно е да се претстави умот како еден вид крепост, утврдена со високи ѕидови и заштитена од сите надворешни напади. Ова ја повикува симплифицираната претстава за импулси што, преку перцептивниот емпириски свет, патуваат однадвор кон нас и се трудат да ја преминат „границата“ на умот; затворениот ум е оној што не дозволува овие импулси да продрат внатре. Карикатурирањето на умот – во случајов, се позајмивме со имагинариумот на цртаните филмови – придонесува за една сосема плитка претстава за неговата суштина и функција. Всушност, по дефиниција, секој ум е отворен, па сакале ние иле не, тој е веќе изложен на сите импулси и надворешни „напади“. Доколку си дозволиме да бидеме површни, умот, постојано, преку сопствените априорни категории, го преобликува предметот од емпиричното, и во себе креира една определена интерпретација на горенаведениот иницијален импулс.

Но, токму преку злоупотреба на овие поедноставени епистемолошки дискурси за „затворените умови“, екстремните либерали ја отелотворија својата агресија и хистеричност кон сите оние што реагираа без потполно одобрување на еден афективен предлог за овозможување на правата за склучување истополови бракови, предложен од страна на пратеникот на албанската партија на власт (ДУИ), Бранко Манојловски. Гледано чисто од политички аспект, наративот е следниов.

Една партија што го има десубјективизирано политичкиот Албанец, ја има изгубено битката за правда и, заедно со коалицискиот партнер, СДСМ, се наоѓа на работ на пораз во битката за граѓански права, во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на мошне непланиран и афективен начин, го политизира прашањето за легализација или официјализирање на браковите од ист пол. Македонската партија на власт искажува поддршка на предлогот и предложува барање за отворање на јавна дебата, повикувајќи ги „експертите да ги презентираат меѓународните искуства“ – да ги употребиме зборовите на лидерот на оваа партија. Единствениот пратеник кој се спротивставува на предлогот на Манојловски е Африм Гаши од dвижењето Беса, повикувајќи се на сегашниот закон за дефинирање на брак и поддржувајќи го концептот за традиционалното семејство. Едно соопштение потпишано од „Центарот за поддршка на ЛГБТ“ и „Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија“ ја осудува оваа изјава без да посочи некоја личност по име и презиме, квалификувајќи ја како говор на омраза и збир од хомофобични навреди, и барајќи нејзино санкционирање. Во согласност со најавите на лидерот на СДСМ – истовремено и премиер на државата – се и сугестиите на низа европски службеници, кои непрекинато ја наведуваат потребата за испраќање на советодавни експерти за авансирање на човековите права и слободи, што, несомнено, во истиот пакет, треба да го опфати и имплементирањето на законот за браковите меѓу лицата од ист пол.

Парадоксот во навидум слободумниот наратив е селективниот пристап, истиот оној што е повторен повеќепати во случајот со сите прашања за подобрување на правата на заедниците и малцинствата. Додека, од една страна, законот за албански јазик се испраќа во Венецијанската комисија, од друга страна, се случува тотална мобилизација на домашниот и меѓународниот фактор за реализација на законот за бракови од ист пол, и, општо, за подобрување на правата на овие лица. Дури и уште поинтригантно: додека ЛГБТ заедницата се смета за трансетничка заедница и за заедница околу која прашањата за нејзината припадност во општеството се разгледуваат над „напорите“ за прифаќање и онтолошка легитимизација на „убедувањето“ дека правото за „сексуална ориентација“ е валидна, логична и етичка категорија – напорот да се биде „политички Албанец“, а не „културолошки Албанец“, е анахрон, истрошен и политички невалиден. Нормално, гледано од аспект на тоа што коалицискиот договор меѓу политичките партнери не е транспарентен, предлогот на Манојловски може да биде и само обид за отргнување на јавното внимание; тоа не го негира фактот дека исто така се работи и за обид за провокација на јавното мислење. Уште позагрижувачки е тоа што пратеникот од редовите на ДУИ, Бранко Манојловски (кого партијата го шематизираше внатре во мозаикот на албанскиот идентитет) е православен Албанец, што овозможува тој да биде поставен во една сосема неетичка позиција, како едновремен народен и верски предавник, поттикнувајќи на овој начин уште еден нов фронт на делби под знамето на обидите за легализација на правата на хомосексуалците. И сето ова, додека се дегенерираат правата на Албанците да бидат еднакви граѓани со другите.

Скептицизмот околу вистинските намери на изјавата на Манојловски се засилува уште повеќе ако се земе предвид некоординираното дејствување на коалициските партнери околу едно толку чувствително прашање, придружено со инсистирањето на Манојловски дека се работи за приватна иницијатива како одговор на реакциите изразени од некои индивидуи и конзервативни кругови во рамки на самите партии. Па, сепак, имајќи го предвид фактот што во програмата на СДСМ стои и прашањето за подобрувањето на правата на хомосексуалците и легализација на истополовите бракови, поддршката што самиот лидер на СДСМ ја даде на пратеникот Манојловски (заедно со сето цивилно општество) не може да се смета за случајна, туку многу повеќе за доказ дека не се работи за неусогласено и случајно дејствување. Консеквентно, можеме да заклучиме дека Владата бесчувствително политизира едно сосема чувствително прашање, ризикувајќи и посериозна деградација на јавната перцепција за ЛГБТ заедницата – за свои политички цели.

Либералниот екстремизам, како радикална верзија и краен пункт на либералното идеолошко јадро, и во случајов продуцира лажна бинарна дихотомија, која општиот суд кон ЛГБТ заедницата го изолира до состојба на безизлезност, од една страна нудејќи го црното, а од друга, белото: отворениот ум и затворениот ум, хомофилијата и хомофобијата. Нормално, како психолошка манифестација на когнитивната анализа, дихотомијата секогаш поттикнува немир, а конечниот избор создава притисок и главоболка. Организациите што се борат за правата на ЛГБТ заедницата, како и Хелсиншкиот комитет, ставот „про-семејство“ го квалификуваат како хомофобичен став и говор на омраза, и токму ова претставува врвен доказ за унилатералниот пристап на екстремниот либерализам и сериозен аргумент дека се работи за една многу лоша форма на модернитетот и демократијата, за еден вид поразителна агенда што, сосема спротивно на својата почетна позиција, всушност, го негира правото на слободно изразување.

Непотполна е аргументацијата според која слободната волја што го диригира моето однесување, може да биде и одредник на мојот пол, врзан со биологијата на телото како неразделна реалност на битието. Ако прифатиме дека човекот се раѓа „табула раса“, тогаш неговата првична интеракција со телесната биологија може да се смета за најдобар индикатор за појаснување на сексуалното оформување на човекот. Машкиот менталитет и полов идентитет се обликува преку перцепцијата на пенисот: неговото присуство во телото често се толкува како признак за надмоќ; женскиот менталитет, пак, се оформува под влијание на првичната перцепција на вагината, признак на слабост и некаков недостаток и признак на потребата за комплетирање на женственоста. Но, настрана фројдовските спекулации што се дискутабилни на научен план – па дури и неаргументирани – и квалификациите на психолозите за хомосексуалноста како „сексуална болест“ се недоследни. И тоа не само поради природата на феноменот сам по себе, туку и поради индуктивните методи на аргументацијата што се употребуваат од страна на психолозите и кои ја претвораат хомосексуалноста, од едно „психичко сексуално растројство“, во „сексуална ориентација“. Како единствен аргумент за легитимноста на „сексуалната ориентација“ се употребува слободната свест на индивидуата за носење одлука за себе си, односно за сопственото тело и своите чувства, а од законодавствата на државите се бара една ваква свест да се прифати како неспорна и легална волја. Медиумската пропаганда успеа да ја претстави хетеросексуалноста како „сексуална ориентација“, која во себе е „дискриминирачка“, дури и преместувајќи ја од позицијата на нормална состојба, кон состојба-антипод на хомосексуалноста.

Обидувајќи се да ја покаже бесмисленоста на ваквите аргументирања, англискиот филозоф Роџер Скратон пишува дека истопловите бракови се сами по себе хомофобични, зашто бараат признавање на хомосексуалните врски по цена на нивно потчинување на правилата и дефинициите на хетеросексуалните.

Сите аргументи, како на оние „за“, така и на оние „против“ ова прашање околу легализирање на браковите од ист пол, замолчуваат пред еден „регресус ад инфинитум“ (кој ги допира најметафизичките димензии на ова прашање): едните сопствениот легитимитет го засноваат врз идејата за релативизирањето на човековите слободи, а другите, пак, го засноваат врз идејата за природноста и слободната волја во однос со симетричното право на општеството, каде слободата е во диспропорција со правдата. Во овој контекст, сигурноста на животот и правото за живот е основниот принцип над кој денес суштествува човештвото и друштвото. „Сексуалната ориентација“, колку и да се категоризира како право на слобода на мислење, и бракот на хомосексуалците како право за склучување на брак и наследство, истите го напаѓаат правото за живот на индиректен начин – напаѓајќи го правото да се создава семејство и наследство. Човештвото и општеството до денес опстојваат префрлајќи ги овие одговорности од генерација на генерација во рамки на семејството преку размножување: ова било универзалниот принцип на правото на индивидуата за живот. Според ова, во контекст на предлогот на закон за брак на лицата од ист пол, во едно конзервативно општество какво што е и Македонија, не само што се штети на репутацијата на државата, туку и лицата со други „сексуални определби“ дискретно се изложуваат на брутални напади; ова сведочи за изгубената битка на новата влада со правдата, истовремено демаскирајќи го самиот пораз. Прикривањето на круцијалните прашања на државата во однос на правдата и реализацијата на елементарните права на човекот, создава несигурност, очај и дефетизам – и како и секое општество во криза, го прави општеството кревко и почувствително кон провокациите кои допираат во кодот и семејната етика.

Во една Македонија каде имаме пад на наталитетот на сите заедници, зајакнувањето на семејството и стимулацијата на наталитетот би требало да бидат приоритети на државната политика. Да се определиш за семејство не подразбира да бидеш хомофоб, па застапниците на либералниот екстремизам – како една малцинска организација што се труди да отвори едно непостоечко прашање и, преку манипулативни механизми, да потчини едно неорганизирано „мнозинство“ – треба да бидат внимателни во пристапот што го имаат од аспект на можните штети и придобивки. Зашто, при секој екстремен пристап, придобивката секогаш е недостапна.

Екстремизмот е психолошка состојба каде „личноста-јас“ се измолкнува долж рабовите, и со тоа го изместува тежиштето на свеста надвор од својот природен центар. Губењето на рамнотежата ја искривува перцепцијата за симетријата, а асиметријата го нарушува комплементарното. Оттука, хармонијата се претвора во дисхармонија. Дисхармонијата го акцентира грдото и се изделува од убавото – па колку и да е убавината сама по себе природно прониклива, асиметријата на ваквите концептуални категории ја оневозможува истата.

Дотолку повеќе, што во целиот овој когнитивен процес недостасува естетскиот вкус кој се развива и чува во смислата на сакралното или светото.

Вистината е естетско доживување и се открива како убаво, а се поима само преку смислата на светото. Десакрализацијата на вистината, освен што естетското доживување го претвора во логичка калкулација, потполно ја избегнува и самата основа во текот на секуларистичките процеси.

Оттука, десакрализацијата на природата донела и промена на замислата за неа: од традиционалниот пристап, кој подразбирал живот во полна хармонија со природата, модерниот западен човек се преориентирал кон создавање на сосема нова визија за односот кон природата, претпочитувајќи нејзина експлоатација место субординација. Ниту човекот, кој е неразделен дел на природата, не е поштеден од ваквата десакрализација, па, консеквентно, место љубовта кон човековата убавина, почнал да претпочитува искушување на материјалниот и телесниот фетишизам кај самиот себеси.

Како заклучок на сето ова, може да кажеме дека западната цивилизација, во текот на овој процес, ја има нарушено естетиката на доживувањето на вистината однатре, маргинализирајќи и преобразувајќи го светото во целост, но маргинализирајќи го и преобразувајќи го и семејството одделно. Семејството е основа на секоја жива цивилизација, а цивилизациите умираат токму кога ваквата човекова свест почнува да му се заканува на семејството и неговата светост.

Љатиф Мустафа

Превод и адаптација:  Арсим Лесковица

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе