Како да се грееме?

Не гасификација, туку електрификација

Природниот гас не е еколошко гориво. Иако не создава локално загадување при неговото согорување, тој припаѓа во групата на фосилни горива кои се главните причинители на глобалното загревање, бидејќи при нивното согорување се ослободува големо количество на јаглерод-диоксид.

Денес, кога се зборува за енергијата истовремено треба да се води сметка и за климатските промени (т.е. глобалното затоплување) предизвикани од зголемените емисии на т.н. стакленички гасови. Главниот и најголемиот извор на тие емисии е согорувањето на фосилни горива (јаглен, нафта и гас), а тоа е во енергетскиот сектор, во кој се вклучени и системите за греење и ладење. Во сите згради, станбени и деловни, има потреба од греење и ладење, како и потреба од санитарна топла вода. Овие потреби се различни во зависност од географската локација, т.е. климатските зони.

Денес, според Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), греењето и ладењето во зградите и индустријата сочинуваат околу 40% од крајната потрошувачка на енергија во светот. Неповолен факт е што околу 65% од оваа потрошувачка се базира на фосилни горива.

Последниве години граѓаните во Република Македонија (РМ) се соочуваат со големи загадувања на воздухот во урбаните средини во текот на грејната сезона. Во јавноста се наведува дека главна причина за тоа е користењето на дрвото за греење во домаќинствата. Како решение за надминување на овој проблем од надлежните тела (Владата и локалните самоуправи) се најавува користењето на природен гас како еколошко гориво, а на тоа се работи интензивно со изградба на магистрални гасоводи и дистрибутивна мрежа во градовите. Веднаш да кажам дека ова е погрешен пристап. Природниот гас не е еколошко гориво. Навистина, тој не создава локално загадување при неговото согорување. Но, тој припаѓа во групата на фосилни горива кои се главните причинители на глобалното загревање, бидејќи при нивното согорување се ослободува големо количество на јаглерод-диоксид (CO2).

Се поставува прашањето, кое гориво и каков систем за греење и ладење треба да се примени? Условно кажано, најдобро гориво е енергетската ефикасност. Првин треба зградата (или куќата) да се направи така што потребите за греење и ладење да бидат што помали. Во меѓународната терминологија веќе е воспоставен терминот „зграда со нула енергија“ (zero energy building). Во РМ веќе e донесенa регулатива за енергетска карактеристика на зградите, како и придружни документи за спроведување. Всушност, тоа е слично со соодветна ЕУ директива. Но, како и во други работи, спроведувањето на оваа регулатива во пракса тешко оди, а има и проблеми од политичка природа и недоволна информираност. На пример, некои политичари (вклучувајќи го и премиерот) изјавуваат дека фасадите на објектите што ги градела претходната политичка гарнитура се неквалитетни, главно од стиропор. Тие треба да се информираат и да научат дека сите згради мора да имаат топлинска изолација на фасадите (такви се прописите денес), а главен изолационен материјал е стиропорот.

По мерките за енергетската ефикасност, на второ место доаѓа разгледување на изборот на гориво и системите за греење и ладење. Прв избор треба да бидат обновливи извори на енергија (ОИЕ) во форма на електрична енергија, или топлина или како гориво. Тоа се: ветер, соларна енергија (термички и фотоволтаични панели), хидроенергија, геотермална енергија, биомаса и биогас. Од претходново тврдење произлегува дека за греење на простории (и за добивање топла вода), најлогично е да се употребува електрична енергија наместо фосилни горива, но добиена од ОИЕ. Ова денес се нарекува електрификација, а овој збор денес има поинакво значење отколку пред многу децении. Треба да се напомене дека треба да се отфрли греењето со електрични греалки (панелки) и електро-акомулациони печки (со електроотпорни грејачи), бидејќи тоа не е ефикасно користење на електричната енергија.

Примената на топлински пумпи, кои користат ОИЕ, е клучот во електрификацијата за греење на простории, а истите може да се користат и за ладење, како и за добивање топла вода.

Топлинските пумпи воздух-воздух (реверзибилни клима уреди) со инвертер технологија имаат голема експанзија на пазарот. Нивниот сезонски греен фактор достигнува 5,2. Ова значи дека за потрошувачка на електрична енергија од 1 kWh, се добива 5,2 kWh топлинска енергија. Со електроотпорни греалки за 1 kWh потрошена електрична енергија се добива само 1 kWh топлинска енергија и затоа тие треба да се стават надвор од употреба. Топлинските пумпи воздух-вода и вода-вода (како и геотермалните топлински пумпи) се исто така многу добро решение за подно или за греење со вентилаторски конвектори. Покрај тоа, овие топлински пумпи може да се користат и за ладење на просториите и за санитарна топла вода. Всушност, овие топлински пумпи можат да обезбедат греење на просториите, топла вода за домаќинствата и ладење на просториите во еден систем.

Некаде постои тврдење дека топлинските пумпи воздух-воздух не работат на локации со студена клима ?! Ова не е точно. Од последните две децении има топлински пумпи кои можат да работат и на -25 оC. Постојат топлински пумпи со огромни капацитети и од неколку MW. Што значи, може да се вградат и во системи за топлификација.

Терминот „електрификација“ значи префрлување од фосилни горива кон употреба на електрична енергија за греење на простории, за топла вода и за готвење. На ова треба да се додаде и воведувањето на електрични возила кои во блиска иднина ќе имаат голема експанзија. Се очекува електрификацијата да предизвика зголемена побарувачка на електрична енергија со зголемен товар на електроенергетскиот систем и дистрибутивната мрежа. Затоа, потребно е да се зајакне постојната инфраструктура и/или да се развие нова инфраструктура за производство и дистрибуција на нискојаглеродна (т.е. зелена) електрична енергија. Треба да се разгледа и флексибилноста на електричните системи во врска со електричните товари во мрежата.

Во овој напис не може да се опфатат сите работи во оваа проблематика која е многу комплексна и за која треба подлабоко знаење и стручни лица. Дали ги имаме?

 

д-р Ристо Цицонков, редовен професор (во пензија)

Машински факултет - Скопје

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе

За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. 

повеќе