Не е до стенд-ап политикантите

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки.

Како во минатото така и деновиве во време на оваа здравствена и финансиска криза нашето општествено опкружување е исполнето со секојдневно професионално пресс ,,курчење“ на егоцентрични идиоти кои себе си се нарекуваат политичари. Овие ликови секојдневно даваат совети и солат ум од рака, за сé и сешто. Демек со нив почнува и завршува сé во државата. Истите тие преку ноќ станаа експерти за здравство, економија, финансии, медицина... Замислете економски лекции држат и за финансии, оние кои придонесоа државата да биде најсиромашна држава во Европа и оние кои им помагаа на нивните поранешни партиски шефови да ја опљачкаат државата. А да биде трагикомедијата поголема, се работи за ликови со кои во минатото си играле мајтап во нивните маала или села, а денес се важни фаци како во врвот на власта, така и во врвот на опозицијата. За жал на ова му кумуваат и еден добар број дебело платени сервилни новинари и уредници на медиуми кои одработуваат за нив.

 

Овие ликови кои себе си се нарекуваат политичари всушност не се ништо друго туку бедни стенд-ап (stand up) политиканти, гревчиња кои се желни да им покажат на своите комшии, роднини и пријатели до каде стигнале во својот живот. Да им покажат колку се моќни или пак ќе бидат моќни кога ќе дојдат на власт. Сите тие се оптоварени со желбата за лично богатење по урнек на претходниците, бидејќи знаат дека во оваа држава побрзо доаѓа „смртта“ отколку правдата за сторениот криминал. Ги заболе нив онаа „ствар“ за народот. Пренадуени се од лицемерие, цинизам, полтронизам, паразитизам и бесрамност. А впрочем се издишани како балон од незнаење, самобендисаност, простотилак и малограѓанштина. Ама важно секој ден се појавуваат по медиумите кои им се под контрола.

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки. Ги делат докторите на ,,ваши и наши”. Имаат тимови од ,,ваши и наши”. Едните ги штитат големите бизнисмени да не пропаднеле, другиве го досиромашуваат (читај доутепуваат) граѓанинот кој едвај врзува крај со крај. Денес нудат една мерка, утре друга. Чиниш дека Вучиќ може вода да им носи. Во обидот да кажат нешто, да бидат интересни, да бидат во центарот на вниманието дури бесрамно и безочно лажат и манипулираат на секојдневно закажаните прес конфернции. Лажат и кога се обидуваат да „демантираат“ нешто што не се демантира, нешто што е факт. Лажат кога од петни жили се обидуваат да протнат некоја „своја“ вистина на која само тие ѝ веруваат. И доколку се запрашате зошто лажат одговорот е едноставен. Затоа што им се може! Затоа што ние тоа им го дозволуваме, затоа што доколку не ги фатиме во лагата тие можат дури и политички и финансиски да профитираат.

И замислете овие ликови опостојуваат на политичката сцена или пак доаѓаат на истата само поради нашата граѓанска воља која ја искажуваме на изборите давајќи им ја довербата да управуваат во наше име. И доколку се запрашаме, зошто довербата им ја даваме на таквите ликови, одговорот мислам дека станува јасен по следнава кратка аргументација. Ако еден нормален и чесен човек запрашате колку се еден плус еден, секако дека ќе ви одговори дека збирот е два. Но тој нема да чини за Вас. Тој е опасен човек. Тој знае сѐ. А доколку ви одговори дека еден плус еден се три или четири, тогаш тој е одличен. Таков ни треба. И ако повторно се запрашате зошто, одговорот повторно е едноставен. Затоа што три или четири е поголемо од два во очите на оној кој ја дава довербата (граѓанинот). Тој повеќе им верува на своите уши, отколку на своите очи. Затоа што тој не е способен критички да размислува, ниту пак воопшто да мисли бидејќи истите тие стенд ап политиканти - паљачовци, со нивните ветувања го доведоа граѓанинот до просјачки стап, до купи ден помини.

Со право филозофот и социолог Есад Бајта тврди дека моделот кој ни го наметнаа стенд ап политиканите е модел кој го уништи критичкото размислување и истиот созаде одлична подлога на која успева секој обид за измама и манипулација, а јас би додал и одлична подлога за нелегално и неказниво лично богатење.

Абнормални случувања во секојдневието на македонската политика и општество се резултат на немањето храброст да им се каже „не“ на овие ликови. Да им се каже „доста ни е веќе од Вас”. Затоа што тие веќе или нешто ве задолжиле или пак ви ветиле дека ќе ви исполнат нешто доколку дојдат на власт. Ама заборавате дека тоа ќе биде на „куково“ лето. А многу такви лета поминаа. А ние упорно молчиме и се надеваме на подобро утро и си ја повторуваме прикзазната за Турчинот и кубурот.

И на крајот доколку се обидам да ја пресликам целава оваа политичка состојба во државава на платно, сметам дека задачата нема да ми биде тешка иако не сум сликар. Едноставно таа ќе е слика на која се прикажани собрани грст јадници кои се спремни во секој момент на мешетарство, манипулација, профитерство и политички курвалак во борбата за опстојување или доаѓање на власт. И сѐ додека тие се одраз на нашата политичка воља, сликата ќе биде ваква, односно иста, а гласот на разумот ќе треба да го бараме во сопствените, а не во нивните глави.

 

Проф д-р Јове Кекеновски

 

П.С. Деновиве Република Македонија заликува на отворена театарска сцена каде некои свежо испилени политиканти „напумпани“ со лажна „самоувереност и знаење“ ја замајуваат јавноста со небулозни предлози за решавање на кризата со корона вирусот. Едните им се додворуваат на големите бизнисмени, другите го доосиромашуваат граѓанинот, а и едните и другите се умилкуваат и молчат пред банкарите. Ова е класична промоција на фантастично карикатурално искривена слика за солидарност и еднаквост и за државата која со Уставот се декларира како социјална држава. Товарот на кризата пак ќе падне на грбот на чесниот граѓанин кој сега дури ќе плати и камати за одложувањето на услугата која толку „великодушно“ ја нудат банкарите во спрега со стенд ап политикантите.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе