Колумна на Весли Кларк за Вашингтон пост

Не чекајте Балканот пак да експлодира. САД и ЕУ мора да дејствуваат веднаш

Поминаа повеќе од две децении откако работев со Ричард Холбрук и нашиот тим во преговорите за ставање крај на војната во Босна, вели Весли Кларк во колумна за Вашингтон пост.

НАТО се распореди, а потоа и дејствуваше да го спречи српското етничко чистење на Косово.

Денес, три земји од Западен Балкан (Хрватска, Албанија и Словенија) веќе се членки на НАТО. Хрватска и Словенија ѝ се приклучија на Европската Унија. Косово сега е независна држава. Повеќето Американци и Европејци ментално го штиклираа овој брутален конфликт како решен проблем.

За жал, ова е далеку од вистината. Има постојана опасност трајните политички конфликти од етнорелигиозен карактер кај овие нации да метастазираат во национални и регионални кризи, со што регионот станува главна цел за мешање на странските сили. Поради запаливата комбинација од лошо владеење, економска стагнација и слаби демократски институции, едно мало, но значајно малцинство останува ранливо за регрутирање од насилните џихадисти. Поради сето тоа регионот сè уште е зрел за експлоатација од страна на терористички организации и мешање на аутсајдери, вклучувајќи ги и Русија, Кина и Турција.

За да бидат работите уште полоши, регионот страда од занемарување од страна на демократиите што беа клучни за ставање крај на војните во Југославија. Верувајќи дека демократската иднина на Балканот лежи во ЕУ-членството, САД во голема мера му ја пренесоа на Брисел одговорноста за политичкиот, институционалниот и економскиот развој на регионот. Сепак, политичката инерција во самата ЕУ ги остави Босна, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија да чекаат пред вратата. И додека САД и Европа спијат, други сили го вртат вниманието кон нив.

Кремљ постојано го зголемува своето влијание. Русите работат на поттикнување чувство против ЕУ и против НАТО. Тие поддржуваат екстремистички групи (од кои една е под истрага во Босна за сомнителни паравоени активности) и даваат наменска воена помош. Кремљ, исто така, го разгорува пламенот на етничката поделба преку кампањи со дезинформации што го свртеа православното христијанско население против муслиманите, намерно разгорувајќи ги тензиите што ги поттикнаа југословенските војни во 1990-тите.

Во меѓувреме, Турција и земјите од Заливот, исто така, многу инвестираат во Западен Балкан. Турција е третиот по големина инвеститор во Босна, а лидерот на главната босанска муслиманска политичка партија редовно патува во Истанбул за да се слика со авторитарниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Саудиска Арабија и нејзините соседи во Заливот се фокусираа на поддршка на верските организации, изградба на нови џамии и давање верски инструкции за локалните имами. Строгата вахабистичка интерпретација на исламот, која често е во основата на таквата обука, не е многу поврзана со умерената традиција што со векови се практикува на Балканот и е поврзана со растечкиот фундаментализам во регионот.

Околу 1.000 странски борци (првенствено од Косово и Босна) се бореа заедно со Исламска држава во Сирија и Ирак. Иако бројот на странските борци од Балканот има тренд на опаѓање, средините во кои овие поединци се радикализираа, како и ранливоста кон регрутирање меѓу незадоволните делови од населението, и понатаму остануваат загрижувачки. Проблемот со реинтеграцијата на вратените странски борци претставува уште поголем предизвик.

Конечно, Кина, исто така, сака да го зголеми своето влијание во регионот. Под иницијативата „Еден појас, еден пат“, Пекинг е спремен да обезбеди огромни капитални инвестиции потребни за преземање на неопходните инфраструктурни проекти на Балканот. Но, како што видовме во Африка, ваквите инвестиции речиси секогаш се придружени со дополнителни обврски.

Јасно е дека САД и Европа мора да му останат посветени на Западен Балкан - со посебен акцент на зајакнување на демократските институции, за да можат владите да ги задоволат потребите на своите граѓани.

Зоната на слободна трговија на Западен Балкан, неодамна предложена од лидерите во регионот, може да биде чекор во вистинската насока. Но таквата иницијатива не треба да се смета за замена за потенцијалните гаранции што треба да ги обезбедат НАТО и ЕУ. Еден сериозен патоказ за ЕУ-пристапот ќе им даде на земјите во регионот стимулации за да ги направат потребните политички и економски реформи, да ја зголемат својата соработка и да се справат со зголемените меѓуетнички тензии.

Секако, ваквите напори ќе треба да добијат поддршка од народот за да се продолжи напред - што е предизвик во регионот каде што населението останува остро поделено во ставовите кон институциите како што е НАТО.

Сепак, според една неодамнешна анкета, иако Босанците од српско, хрватско и муслиманско потекло се поделени по многу прашања, тие се обединети во спротивставувањето кон Исламска држава и нивната желба за справување со економските проблеми. Членството во НАТО би било полесно да им се продаде на етничките Срби во регионот (кои имаат тенденција да бидат проруски и антиНАТО), кога членството би значело поттикнување поголема регионална стабилност.

Ние може да осигуриме дека милијардите долари на даночните обврзници инвестирани во овој регион не биле залудно потрошени за поддршка на работата на имплементаторите на развојот на демократијата, како што се Националниот демократски институт и Меѓународниот републикански институт. Го видовме континуираното значење на ваквиот вид работа со иницијативи како што е новоформираната Работна група за контраекстремизам, која им помага на пратениците во БиХ да се приспособат на секогаш променливиот предизвик на насилниот екстремизам.

На располагање имаме многу алатки за да се спречи демнечката дестабилизација на Западен Балкан. Дозволете ни да осигуриме дека не ја трошиме попусто огромната инвестиција што ја дадовме во овој проблематичен регион, и да ја обновиме нашата заложба да им помогнеме на овие млади демократии да го достигнат својот целосен потенцијал.

 

Пензионираниот генерал Весли К. Кларк е поранешен врховен сојузен командант на НАТО. Тој е виш соработник во Баркл центарот за меѓународни односи на УКЛА и извршен директор на „Весли К. Кларк и соработниците“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини.

повеќе

Внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

повеќе

Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови - но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонскиот словенски, вели Петрос Карацареас, лектор по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот на Вестминстер, Велика Британија.

повеќе