Форин полиси

НАТО има нова слаба алка, која Русија може да ја искористи

Северна Македонија тукушто стана најновата и најслаба членка на НАТО. Ова ја прави зрела цел на влијание, вели Форин полиси.

Во 1938 година, британскиот премиер Невил Чемберлен му овозможи на Адолф Хитлер да вмаршира во Чехословачка и покрај огромната воена супериорност на западните сојузници на Прага, затоа што Чемберлен одлучи дека ова прашање е „кавга во некоја далечна земја, меѓу луѓе за кои ние не знаеме ништо“. Денес на сличен начин е тешко да се поверува дека НАТО би влегло во војна поради своите далечни обврски во Источна Европа. Сепак, на 27 март, западниот сојуз ја призна Северна Македонија како своја најнова - и најслаба членка. Притоа, му даде на рускиот претседател Владимир Путин одлична можност да го прошири своето влијание, дополнително да го еродира единството на НАТО и да ја тестира обврската на блокот да брани член на алијансата.

Северна Македонија е дефиниција за слаба алка и лесен избор за противник. Копнена држава со 2 милиони жители, има слаби политички институции и само кратка историја на независност. До 2018 година таа трошеше само 1 процент од својот БДП за одбрана - помалку од 2-та проценти на НАТО - и имаше само 8.000 активни војници. Во земјата постојано крчкаат тензии помеѓу словенското православно мнозинство и големиот број етнички Албанци, главно муслиманско малцинство, што ја прави ранлива на влијанија. Во рамките на самото НАТО, само соседна Албанија има помал БДП по жител и повисоко ниво на корупција. Индексот за демократија на разузнавачка единица на Економист ја рангира Северна Македонија како најмалку развиена европска политичка култура.

Москва сомничаво ја гледа експанзијата на НАТО во Источна Европа уште од 90-тите години. Сепак, дури во 2000-тите, кога војската и економијата на Русија заздравеа од хаосот од постсоветската ера, Путин ја прогласи западната експанзија на НАТО како „директна закана“ и отворено ѝ се спротивстави на алијансата. Руската инвазија во Грузија во 2008 година - не случајно годината кога НАТО покажа интерес за евентуален пристап на Грузија во алијансата - ја запре експанзијата на блокот во регионите порано контролирани од СССР. Инвазијата на Путин во Украина во 2014 година и последователната анексија на Крим, иако не беше директен напад врз членка на НАТО, дополнително ја покажа немоќта на Западот пред руската агресија. Уште понасевер, Русија одржа масовни воени игри за кои воените експерти велат дека биле слабо маскирани симулации на напади врз членки на НАТО, како Полска и балтичките држави.

Сега, кога Северна Македонија влезе во НАТО, се чини дека Путин ја доби својата прва шанса да докаже дека алијансата е само „надуван балон“. Во 2018 година, амбасадорот на Русија во Северна Македонија ја прогласи земјата за „легитимна цел“ доколку се зголемат тензиите меѓу НАТО и Русија. Но немаше „ако“: уште пред Северна Македонија да стане членка, Русија веќе вредно работеше да ги зоврие тензиите во регионот. Москва ја снабде соседна Србија со противвоздушни ракети С-400, помогна во обидот за пуч во Црна Гора и се обиде да ја дестабилизира Босна и Херцеговина со поттикнување секташки тензии. А во самата Северна Македонија Русија финансираше фабрики за тролови, кои, меѓу другото, беа искористени за напад со дезинформации врз претседателската кампања на САД во 2016 година. Москва, исто така, се обиде да влијае на референдумот во Северна Македонија во септември 2018 година за членство во НАТО, ја користи својата амбасада и конзулатите таму како бази на операции за собирање разузнавачки информации, и шири пропаганда за наводни западни заговори за растурање на земјата.

Тоа дека Русија би им се заканувала на членките на НАТО во Источна Европа не е ништо ново, се разбира. Русија долго време се обидуваше да ги поткопа балтичките земји - Литванија, Латвија и Естонија - кои се приклучија кон НАТО и Европската Унија откако стекнаа независност од Советскиот Сојуз. Но денес, балтичките држави се добро интегрирани во структурите на алијансата и во европската економија и во нив има илјадници трупи на НАТО. Со оглед на тоа што Балтикот стана дел од добро заштитената предница на НАТО, Балканот е нејзиниот мек стомак. Позицијата на НАТО во Северна Македонија и нејзиното соседство е мошне ограничена. Балканските земји се и посиромашни, етнички поподелени и помалку економски интегрирани со Европа. Нивната потенцијална нестабилност и многу помалата веројатност за силен одговор на Западот ја прават Северна Македонија и нејзините соседи зрели и лесни цели за руско мешање.

Гледајќи во историјата, Путин со право претпоставува дека повеќето носители на одлуки во главните градови на НАТО би ја сметале Северна Македонија за „далечна земја“ на „луѓе за кои не знаеме ништо“. Претседателот на САД, Доналд Трамп, чиј однос со Путин продолжува да привлекува внимание, потврди слично сомневање во однос на соседна Црна Гора, кога во интервју на Фокс њуз ја доведе во прашање посветеноста на НАТО да ја брани балканската нација. И додека некои можеби се навредија од изјавата на Трамп, вистината е дека тој зборува од името на мнозинството.

Според февруарската анкета на Истражувачкиот центар Пју, помалку од половина од населението на Франција, Шпанија, Турција и Грција поволно го гледаат НАТО. Осврнувајќи се на критиките на алијансата, францускиот претседател Емануел Макрон минатата година изјави дека НАТО е „клинички мртво“. Граѓаните на само три европски земји - Велика Британија, Холандија и Литванија - велат дека нивната земја треба да одговори со воена сила доколку Русија нападне член на НАТО во Источна Европа.

Така, не изненадува што односот на НАТО кон својата најнова членка останува нејасен. Иако НАТО ја прошири дефиницијата за заедничка заложба за одбрана - членот 5 од Повелбата на Алијансата - и во 2014 година ги вклучи и компјутерските напади, не успеа да разјасни што точно значи тоа. На прашањето кое ниво на компјутерски напад врз некој од нејзините членови ќе предизвика одговор, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече само: „Ќе видиме“. Бриселската декларација од 2018 година ја потврди намерата на НАТО да ги брани земјите-членки од неконвенционални напади - но само кротко тврди дека во „случаи на хибридно војување, Советот може да одлучи да се повика на членот 5“. Овие двосмислени зборови ќе бидат соодветно забележани во Кремљ.

Видот на мешање за кое Русија е специјализирана содржи мешање во избори, воспалување етнички тензии и предизвикување насилен конфликт. Овие три реални можности би можеле да предизвикаат одговор на НАТО согласно со членот 5. Најголем проблем е обезбедувањето на претстојните избори во Северна Македонија, сега одложени на неодредено време поради пандемијата на ковид-19. Анкетите последниот пат покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ, проруска националистичка партија, е во мртва трка со прозападните социјалдемократи. Руското мешање во изборниот процес или во исходот не само што му се заканува на македонскиот суверенитет, туку и, доколку биде успешно, може да резултира во влада што ќе ја наклони Северна Македонија кон Москва.

Русија исто така може да се обиде да изврши притисок и да ја дестабилизира Северна Македонија на други начини, вклучително и преку регионалниот клиент на Москва, Србија. Руската пропаганда насочена кон Северна Македонија вклучува теории на заговор дека огромното албанско малцинство на земјата, наводно, е во дослух со НАТО и со Албанија за да ја вклопат Северна Македонија во „поголема Албанија“ со големи крвопролевања. Како што знае секој студент по балканска историја, таквата реторика и претходно има доведувано до етничко насилство во регионот. Исто така, Русија може да предизвика тивки конфликти во Србија, чиј нестабилен регион Прешево директно граничи со Северна Македонија, или нерешениот спор за Косово. Кој било конфликт лесно може да се прелее во Северна Македонија.

Следните чекори на НАТО да ја заштити својата нова членка може да се состојат од приспособување на успешната тактика употребена кога Црна Гора ѝ се приклучи на алијансата во 2017 година. Сајбер-тимот спонзориран од НАТО технички ѝ помогна на црногорската влада да научи да го идентификува и да му се спротивстави на хибридното војување. НАТО ја подигна свеста за придобивките од членството преку соработка со официјални лица, граѓанското општество, локалните самоуправи и организации. Исто така, работеше на подобрување на управувањето во одбранбениот сектор на Црна Гора. Слично на тоа, Европската Унија, која штотуку ги почна преговорите за пристап со Северна Македонија, би можела брзо да му сигнализира на светот дека балканските нации се составен дел на Европа.

Сепак, пошироко, на НАТО му треба механизам да одговори на руската агресија во случај членките на алијансата да не можат едногласно да се сложат да го сторат тоа. Членот 5 бара едногласност пред да се активира колективната одбрана, но членките на НАТО се разликуваат во своите ставови кон Русија. Едно решение би било да се формира, како крајна варијанта во случај на нужда, коалиција од оние членки на НАТО со кредибилни одбранбени способности што се спремни да ѝ се спротивстават на Русија и да подготват колективен одговор на каков било напад.

И покрај севкупната воена супериорност на НАТО, Балканот му е слаба точка и Русија таму продолжува да го надмудрува. НАТО мора брзо да сигнализира дека останува стабилно и, бидејќи решило да ја прими, дека Северна Македонија е составен член на Алијансата. Ако НАТО не успее да ги поддржи своите нови членки како Северна Македонија, тукушто се зголемија шансите да се соочи со руска агресија - хибридна или конвенционална - што може да значи крај на НАТО како кредибилен сојуз.

Автори: Ивана Страднер, Макс Фрост

Извор: Форин полиси

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе