Наместо една изборна единица, попис и подобрување на Донтовиот систем

Граѓаните мора да сфатат дека изборниот модел е сепак само математичка формула, а не магично стапче за демократизација.

Во претходниот блог беа претставени два елементи на политичка репрезентативност (Број на изборни единици и Изборен праг). Во овој, ќе бидат претставени преостанатите две.

Загарантирано учество во Владата за малцински партии (според Рамковниот договор)

Од етнички аспект, нашиот систем веќе е најрепрезентативен што може да биде – и тоа во мера речиси нечуена за една унитарна држава. Ова воопшто не е проблематично – напротив, етничката репрезентативност е пресудна за виталноста на демократијата во нашето мултиетничко општество. Но, со оглед на задолжителното учество во Владата на барем една албанска партија согласно Рамковниот договор, клучно е да се избегнуваат какви било дополнителни ограничувања при формирањето влада.

Доволно е да се сетиме на последните избори во 2016 и на повеќемесечното пазарење помеѓу ДУИ и двете најголеми партии во државата. Сега замислете како сето тоа ќе изгледаше доколку во Парламентот се најдеа уште и ред други партии со по еден-два пратенички мандати – на пример, Левица, ДОМ или ВМРО-Народна. Иако со помала демократска моќ од ДУИ (која барем имаше освоено десет пратеници), овие партии ќе можеа бесконечно да ги „уценуваат“ двете најголеми партии – а со тоа и сите нивни гласачи – и да бараат разни услови и привилегии при формирањето влада. Оттука, повеќе партии во парламентот – посебно во мултиетничка држава – најчесто не значи повеќе демократија.

Претседател биран на избори (наместо од пратениците) како противтежа на парламентот

Фактот што бираме претседател на избори е уште една исклучително репрезентативна особина на нашиот систем. Досега видовме како Донтовиот модел го олеснува формирањето владини коалиции. Но што ако воопшто нема владини коалиции? Доволно е да се сетиме дека една од најстарите современи демократии – американската – воопшто нема премиер кој би произлегувал од парламентот, туку претседател кој се бира на посебни избори. Отприлика како кај нас, со тоа што таму претседателот ужива опсежни ингеренции. Нашиот пристап кон ова прашање е сосема логичен за нашиот контекст: впрочем, сите други пост-социјалистички држави во Европа (освен некои од полуавторитарните пост-советски држави на кои не сакаме да се угледаме) имаат силен премиер и слаб претседател исто како кај нас. Како и при изборот на пропорционален наместо мнозински изборен модел, пост-социјалистичките држави се плашат дека силен претседател – кој, за разлика од премиерот, не би морал да му полага сметка на парламентот – би владеел поавторитарно.

Во иста насока, сакаме да се осигураме и дека премиерот нема да „забега“, па затоа си чуваме и претседател како некаква противтежа и покрај неговите ограничени ингеренции. Стравот од враќање во диктатура со право нѐ прави дотолку внимателни што свесно се „осудуваме“ себеси на разни жилавења секојпат кога премиерот и претседателот се од различни партии (како во 2018-19, но и помеѓу 2006 и 2009). Заедно со пропорционалниот изборен модел, непостоењето на изборен праг и гаранцијата за мултиетничка влада, постоењето на претседател избран од народот го прави нашиот систем уште порепрезентативен. Вака треба и да остане, но не и со една изборна единица, која би ги максимизирала веќе сериозните тешкотии за формирање одржлива владејачка коалиција.

Од инклузивни парламенти до неуспешни владини коалиции: лекции од Италија и Германија

Постојат многу примери за коалиции помеѓу две или повеќе партии кои завршувале со спектакуларен неуспех. Најсвеж е оној на партиите Лега и Движење од пет ѕвезди во Италија. Наместо четири години, оваа коалиција едвај издржа една, конечно распаѓајќи се минатиот месец. Oвој пример потврдува дека дури и еден многу помалку пропорционален модел од нашиот може да предизвика неизводливи коалиции. Уште поважно, италијанскиот случај покажува дека идеолошки разновидните коалиции не само што не се ефикасни, туку во суштина не се ниту репрезентативни, иако тие баш треба да донесат репрезентативност.

Посложена владина коалиција од оваа – составена од крајно левичарска и крајно десничарска партија – не може ни да се замисли. На изборите во 2018, пропорционалниот модел донесе дури единаесет партии во италијанскиот парламент. За да избегне сценарио во кое ќе беше уценувана од разни ситни партии со по неколку пратеници, победничката партија Движење од пет ѕвезди мораше да коалицира со второрангираната Лега, бидејќи само овие партии заедно имаа доволно гласови за да формираат коалиција. Со оглед на тоа што повеќето предизборни ветувања на овие партии беа заемно исклучиви, секоја од нив мораше да пречкрта барем половина од своите ветувања и да ги изневери очекувањата на своите гласачи.

Замислете слична ситуација кај нас во која СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би морале да коалицираат меѓусебе. Ако ваквиот исход успеа да се случи во Италија без една изборна единица, тој би бил уште повозможен во една изборна единица, која го зголемува бројот на партии во парламентот. Во вакво сценарио, резултатот би бил целосно непрезентативен, со оглед на тоа што би испаднало дека гласачите на СДСМ практично гласале за влада со половина министри од ВМРО-ДПМНЕ, но и обратно. Доколку демократијата е владеење на мнозинството – без разлика колку е тоа мнозинство големо – исход во кој мнозинството добива состојба речиси спротивна од посакуваната не може да биде демократски.

Всушност, вaква „недемократска“ коалиција постои веќе со години, и тоа во една Германија со висок изборен праг од 5 отсто. Таму, Ангела Меркел и Христијанската демократска унија (ЦДУ) се на власт веќе четиринаесет години, од кои десет во коалиција со левичарската Социјалдемократска партија (СПД). Нивното коалицирање е неопходно бидејќи во парламентот има разни помали партии, поради кои победничката партија нема доволно пратеници за да владее сама или со една од овие партии, па мора да коалицира со својот најголем идеолошки ривал. Доколку кај нас постои надеж дека поголема застапеност на малите партии во Собранието ќе ја скрши доминацијата на двете најголеми партии, Германија покажува дека пропорционалниот модел – а камо ли една изборна единица – го носи токму спротивното.

Во Германија, не само што две партии се вртат на власт со децении (како и кај нас), туку тие многу често владеат заеднички. Коалицијата помеѓу поголем партнер (ЦДУ) и помал партнер (СПД) создава чувство дека „сите“ се на власт и само го продлабочува впечатокот на граѓаните дека живеат во елитократија. Годините на коалицирање со ЦДУ го преполовија рејтингот на СПД, која во анкетите веќе има паднато на четврто место. Во ваквите коалиции, помалата партија честопати ја споделува вината за неуспесите, но не и заслугите за успесите – главно бидејќи го нема премиерското место. Па така, Германија сега практично нема веќе бипартизам (како кај нас), туку монопартизам во кој ЦДУ може уште долго ќе остане далеку пред сите останати партии. Очигледно, повеќе партии во влада изгледа супер на хартија, но во пракса не само што не ја ублажува доминацијата на „големите“, туку дури и ја продлабочува.

Наместо една изборна единица, попис и подобрување на Донтовиот систем

Фактот што една изборна единица е лоша идеја не значи дека сегашниот модел е совршен. Меѓутоа, неговата несовршеност се должи на лошата имплементација – не на самиот концепт. Нашите шест изборни единици биле кроени пред речиси три децении и одамна не ја отсликуваат реалната поделба на населението: во ИЕ 6, на пример, живеат убедливо најмалку гласачи, а моделот сепак дава ист број пратеници како и во другите пет единици. Меѓутоа, овој проблем се решава со правење попис и со прекројување на единиците врз основа на резултатите – не со промена на целиот модел.

Дали задржувањето на Донтовиот систем би значело дека доминацијата на двете најголеми партии ќе продолжи? Најверојатно да, но нема гаранција дека тоа не би останало исто и во една изборна единица, само со ред други проблеми. Доколку малите партии сакаат да го урнат „бипартизмот“, тоа ќе треба да го направат со квалитетна изборна понуда, а не со менување на правилата на игра. Граѓаните, пак, мора да сфатат дека изборниот модел е сепак само математичка формула, а не магично стапче за демократизација.

Кристијан Фидановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе