Најлоша е, сепак, пораката на Волерс – дека нема промени во американската политика

Доколку не бевме неприфатени, оспорувани, игнорирани или посвојувани како Македонци, изјавата на Бејли ќе беше неважна, периферна... ако не и смешна.

Добро е што изјавата на новоименованиот американски амбасадор, Џес Бејли, покрена бура од незадоволство и крајно време беше нашите официјални органи да ги извадат главите од песок и да реагираат. Иако со години задоцнет, протестот кој го испорача нашето МНР на амбасадата во Скопје дава некаква надеж дека се будиме од длабокиот сон.

Да потсетиме, во Сенатот, каде по традиција се „преслушуваат“ новите амбасадори, Бејли рече дека овде живеат „Словени, Албанци и други...“ значи, кратко и јасно – нема Македонци! И Русите, Полјаците, Чесите, Србите, Бугарите... сите се Словени ама никој не се осмелува така да ги нарече, оспорувајќи им ја националноста. Тоа ни го прават само нам што не може да биде случајно. Напротив, тоа е дел од политиката која арогантно и силеџиски ја водат пред сè САД кон Македонија, еве веќе скоро четврт век. Таа се сведува на непризнавање и блокада и уцена – прво (промена на) името, потоа членство. Да не беше така, изјавата на Бејли – никој немаше да ја забележи.

И, што се случува кај нас? Нашите „глобалисти“ и „интернационалисти“ од типот на Денко Малески, Сашо Орданоски и, се сеќавате на еден професор – Фрчкоски? - му даваат за право на Бејли и се срамат од официјалниот протест и другите гласно артикулирани незадоволства од отворената навреда која Бејли ни ја плесна в лице. За нив, човекот бил во право. Така ги учеле на Јејл и на другите познати универзитети и ние сме требале да организираме дебата за да се сообразиме со нивните „учења“. Тоа барем го бара Малески. Со други зборови, да се прекрстиме и да не им бодеме очи и да им  ја негираме „науката“!? Ако навистина така ги учат, тогаш е прашањето зошто нашиот професор не помислува дека треба да им објасниме дека ние сме тука и сме реалност макар некој век, ако веќе не и милениум? Тоа, очигледно, не му паѓа на памет. Веројатно целосно и верува на нивната „наука“.

За Орданоски, негодувањата на изјавата се знак на „антизападна и антиамериканска ориентација“. Тој и не помислува дека постои и – промакедонска!

Фрчкоски, пак, пред некое време тврдеше дека е веќе договорено нашето прекрстување во „Северна Македонија“ и за него тоа беше ОК! Поминаа години и – ништо! Значи, бла, бла, бла... За него и сега не е спорно дека народот треба да си го смени идентитетот. Нормално, ја подржува изјавата на Бејли и ни „објаснува“ дека тој „се води од Блаже Конески, дека јазикот е нашиот дом и дека во таа смисла имаме словенски јазик и култура, а не шарлатански корени“!?! И продолжува – „Следната етапа ќе биде прифаќање на концептот за името и идентитетот, со начинот на пишување на идентитетот“! Бла, бла... Коментар не е потребен, нели?

Стара вистина е дека во манипулациите се кратки нозете. Така, и нашиве „глобалисти“ и „прозападно ориентирани“ ги закопа никој друг, туку сегашниот амбасадор, Волерс. За разлика од нив, Волерс рече дека се работи за недоразбирање, дека е тоа извадено од контекст! Со други зборови, иако благо, тој се извини! А „нашиве“ – го оправдуваа Бејли! Беља работа. Кој се обидува да го докаже недокажливото и да го брани дури и тоа што е против интересите на сопствената земја, навистина заслужува да заринка. 

Меѓутоа, иако може да звучи крајно апсурдно, најлошо во целата ситуација е изјавата на Волерс дека – нема промени во американската политика кон Македонија! Тој сакаше да ја минимизира навредата на македонскиот народ, со прекрстување во „Словени“, ама пораката е многу позначајна! Главен заговорник на нашето прекрстување, сите овие години, не е Атина, туку Вашингтон. Пред некое време, на ова исто место, ги цитиравме изјавите на нивните функционери и амбасадори од кои беше недвосмислено јасно дека целта на САД е прекрстување на оваа земја што имплицитно, ама неизбежно значи и разнебитување на македонскиот народ. И, сега, читателите нека оценат – дали Бејли направил „гаф“ нарекуваќи не и прекрстувајќи не во „Словени“ или е тоа само искра која ја покажува вистинската американска политика кон Македонија која, за жал, нема да се менува? Не треба да има  никакви резерви што е што. Не мора да сме многу умни за да го разбереме тоа.

Амбасадорот Рикер, заедно со Фуере и шефот на ОБСЕ пред околу пет години ни пратија отворено писмо во кое македонскиот беше „промовиран“ во „државен“ јазик. Пред некое време Орав, шефот на Мисијата на ЕУ, исто така зборуваше за „Славомакедонци“ и ние не реагиравме. Е, па сами си го баравме. Сега и познатиот и влијателен Карл Билт зборува за „Славомакедонаци“. Зарем ова не се доволни индикатори дека и Меркел, најверојатно, ќе ни предложи – „Славомакедонија“? Ако не се опаметиме, и ако се исплашиме од сегашниот протест на МНР против јавната навреда, и пак ги пикнеме главите во песок – треба и понатака да си добиваме по нос. Заслужено.

Ова флагрантно игнорирање на македонскиот народ го фрли во сенка излагањето на Бејли во Сенатот во кое тој „најавува“ што ќе работи во Македонија. Рекол – „Ветувам дека ќе го искористам моето дипломатско искуство да ѝ помогнам на Македонија, која работи со Грција да најде заедничко решение за името“; мојата работа во Анкара и Ербил „ме подготви да ѝ помогнам на Македонија да се справи со предизвиците со кои денес се соочува“; „ќе ги доградувам напорите на тимот на нашата Амбасада да ги поддржува сите партии да ги надминуваат етничките поделби и да се повикуваат лидерите од двете страни да ги зголемат меѓуетничките комуникации и разбирање“; „ќе се ангажирам со лидерите и јавноста за спроведување на реформите...“!? Ништо од ова нема во Виенската конвенција за дипломатски односи! Вакви „задолженија“ не може да има никој амбасадор. Тоа значи директно мешање во нашите внатрешни работи. Според задачите кои си ги одреди, Бејли би требало да ни биде некаков гувернер или, во најмала рака -  инструктор или професор кој треба да не поднаучи што и како да правиме и да не влече за уши. Не амбасадор.

Сето тоа, сепак, не зависи од него, туку од нас. До сега, што е право, некои амбасадори така се однесуваа, а тоа нам, според демонстрираното толерирање - не ни пречеше. Токму затоа и сме на ова дереџе. Дали ќе продолжи праксата – ќе видиме.

Има уште нешто што мора да не загрижува во врска со односите со САД. Нашите врвни политичари често повторуваат фрази кои немаат основа. Најнов случај имавме на 26 септември, кога МНР Попоски, по средбата со Нуланд, помошник на државниот секретар, од Њујорк ни порачува: „Во делот на билатерланите односи, имавме можност да потврдиме дека САД се партнер и еден од најсилните поддржувачи на Македонија. Остануваат посветени за наша поддршка во НАТО и членство во ЕУ“!?! По истата логика, не Вашингтрон, туку Атина е наш најсилен поддржувач за членство и во НАТО, и во ЕУ! Таа е најзаинтересирана да влеземе бидејќи тоа, едноставно, ќе значи дека сме се прекрстиле како држава и разнебитиле како народ, а токму тоа Грците најмногу го посакуваат. Уцената и на САД, и на Грција е иста – прво (промена на) името, потоа членство. Разликата меѓу нив е во нијанси. Грција инсистира на ерга омнес за кое знае дека е апсурдно и неостварливо барање. Меѓутоа, го користи за да ја зајакне својата позиција и да добие што повеќе нелегитимни отстапки. Формално, САД се „помеки“ и сакаат целиот процес да се заврши постепено. Да не онадат (прекрстат, де) без да забележиме, за меѓународни потреби, нели, што е ерга омнес, ама на етапи. Тоа е истата стратегија употребена и во 2001 која, кога војната не успеа, премина во Планот „Б“, наречен Охридски рамковен договор.

Да се тврди дека САД го поддржуваат членството на Македонија во НАТО без да се спомене дека нивниот услов е прво да се прекрстиме е, најблаго речено, да не се кажува целата вистина. Исто е да кажеш дека САД го поддржуваат и Ал Асад во Сирија... а да не прецизираш – за да ја напушти власта и земјата. А, за да го постигнат тоа, еве веќе неколку години ги финансираат дури и исламските фундаменталисти. Новиот калифат е резултат токму на американската политика. Кај нас не одат толку далеку. Нашиот уставниот поредок се обидуваат да го рушат со барање за консензуален претседател. Тоа е дел од зацртаните етапи.

Сè додека немаме три чисти на вистината да и погледаме во очи, лошо ни се пишува. А дали средбата на Попоски со Нуланд имаше цел да се неутрализира протестот и да се врати старата пракса на наша неограничена толеранција, ќе видиме наскоро.

                                                                                Ристо Никовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе

Повеќе од 40 години пишувам за самостојноста на македонскиот јазик и идентитет и на моменти бев подложуван и на физички напад поради моите ставови. Јас не би прифатил ништо што го негира признавањето на Македонија.

повеќе