Нешнел интрест

Најголемиот проблем на Македонија: се вика Македонија

Опкружени со балкански хипернационалности, Македонците мора да се борат со тезите дека се „измислен народ“. Всушност, сите идентитети, меѓу кои и грчкиот, се изградени наративи со темели во историјата и во митот. На Македонците им треба име што го потврдува нивниот вистински идентитет независен од Бугарите, Србите или Словените воопшто.

„Привремената спогодба“ требаше да функционира како привремено решение за проблемот, прекинување на грчката блокада кон својот сосед и отворање на дипломатските односи меѓу двете земји, во очекување на трајно решение. Дваесет и две години подоцна сè уште нема конечен договор за името - и неуспехот да се затвори ова поглавје во голема мера го притиска сè понестабилниот Балкан. Благодарение на ретките политички динамики и во Атина и во Скопје, сега се отвори краткотрајна можност за решавање на спорот за името. Но за тоа уште еднаш ќе биде потребно храбро лидерство од САД, пишува Нешнел интерест.

Политичарите обично се потсмеваат со спорот за името како „смешна“ балканска препирка. Всушност, тоа е доста сериозно. Само поради својот приговор дека Македонија го украла грчкото наследство - наследството на Александар Велики - Атина продолжува да го блокира членството на Македонија во НАТО и нејзиното напредување кон ЕУ. Поради овој вакуум земјата и регионот се во неизвесност. Без јасна патека до Брисел, демократскиот развој на Македонија се блокира, а постои и загриженост дека земјата може да се подели.

Истиот синдром постои и во поделена Босна и Херцеговина и Косово, кои се соочуваат со структурни пречки за пристапување во НАТО или во ЕУ. Неодговорните националисти во тие земји остро повикуваа на територијална поделба, чекор што ќе ги врати конфликтите од 1990-тите. Зајакнувајќи ги овие трендови, Русија и Турција почнаа активно да ја поткопуваат западната стратегија во регионот. Иако некогаш се сметаше за неизбежен процес, инкорпорирањето на Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Македонија во евроатлантските институции сега е отворено прашање.

Со други зборови, „многу“ е одговорот на вечното прашање на Шекспир „што има во името?“ Без решение за спорот за името, Македонија ќе продолжи да страда во неизвесност - уште едно отворено територијално прашање што ја притиска регионалната стабилност. Од друга страна, решавањето на спорот ќе ѝ овозможи на Македонија веднаш да пристапи во НАТО и да ја забрза својата кандидатура за влез во ЕУ. Со повторно потврден идентитет и граници, ќе се прекинат муабетите на албанското малцинство за отцепување, што ќе ги замолкне повиците преку границата за поделба на Косово и обединување со Албанија. Целата регионална стратегија за интеграција со Западот ќе си го врати кредибилитетот, вклучително и во Босна. А Москва, која мораше да го „голтне“ неодамнешниот пристап на Црна Гора во НАТО, ќе мора да ја оплакува „загубата“ на уште една православна словенска земја.

Иако спорот за името претставува релативно дофатлив плод, успехот во никој случај не е сигурен. Понудата на претседателот Џорџ В. Буш за решавање на ова прашање на самитот на НАТО во 2008 година пропадна поради грчката непопустливост. За среќа, изгледите за администрацијата на Трамп се многу подобри. За прв пат во последниве децении, грчката влада им даде приоритет на добрите односи со Вашингтон. Соочувајќи се со застрашувачки предизвици со Германија и ММФ во врска со долгот, и со Турција околу Егејот, премиерот Алексис Ципрас очајно го сака Вашингтон на своја страна. За разлика од неговите претходници, грчкиот премиер е решен да ги реши отворените прашања со своите непосредни балкански соседи.

Ципрас се состана со претседателот Трамп во октомври, а следниот ден имаше интензивна работна средба со потпретседателот Пенс, државниот секретар Тилерсон и други владини претставници. Значајно е тоа што Пенс го покрена прашањето за името, па тие разговараа како да се дојде до решение.

Што се однесува на Македонија, благодарение на здружена американска интервенција, реформистот Зоран Заев пролетва застана на функцијата премиер на Македонија на која беше избран, со што заврши двегодишната политичка криза. Решавањето на проблемот со името е неговиот главен приоритет. Дијаметрално спротивно на неговиот претходник Никола Груевски, кој постојано ја провоцираше Грција, Заев постави позитивен тон со својот јужен сосед. Клучно е тоа што ниту тој, ниту Ципрас не се соочуваат со избори до 2019 година, што отвора златна можност за конечно да преговараат за трајно решение за името.

Формално, процесот на преговори е во рацете на долгогодишниот преговарач на ООН, Метју Нимиц. Во реалноста, Вашингтон е клучниот играч. Само Вашингтон може да ги концентрира умовите - не само во Атина и во Скопје, туку и во Брисел, Берлин и Париз. Навистина, за конечно да се реши спорот за името, клучна ќе биде соработката меѓу ЕУ и САД. Додека отворениот американски притисок врз Скопје може да му помогне на Заев да ги потисне домашните противници на договорот, отворената американска улога во Атина ќе помогне да се принуди Ципрас да го отфрли ова прашање.

Дипломатите ќе ги подобрат своите шанси за решавање на спорот ако го сфатат неговото длабоко потекло. Титовата Југославија беше активно вклучена во горчливата граѓанска војна во Грција од 1946-1949 година. Поради поразот на комунистите поддржани од Тито десетици илјади етнички Македонци („Словени“, како што ги нарекуваат Грците) избегаа, додека поголем број останаа зад затворената граница во Грција.

Во страв од етнонационалистичко заживување на северната граница, Грција до ден денес одбива да го признае дури и постоењето на македонското малцинство во Грција. (Слична вознемиреност е и причината за тоа што Грција продолжува да инсистира своите Турци да ги нарекува „муслимани“.) Кога Југославија се распадна во раните 1990-ти, Македонија се појави како независна држава. Некои неодговорни личности во Скопје и во Атина почнаа со иредентистички тврдења и напумпани стравови, создавајќи го денешниот ќор-сокак.

Наследството е емоционално прашање што ги оптоварува односите меѓу двете земји, кои се природни сојузници и трговски партнери, а не непријатели. Сепак, како што сведочат неодамнешните судири околу обидот за независност на Каталонија, проблемите со идентитетот можат да ја нарушат логиката и да ги втурнат дури и мирољубивите соседи во конфликт каде било во Европа.

Опкружени со море од балкански хипернационалности, Македонците мораат да се борат со тезите дека се „измислен народ“ и дека „всушност се Бугари или Срби“. Вистината е дека сите идентитети, вклучувајќи го и грчкиот, се изградени наративи со темели во историјата и во митот. На Македонците им треба име што го потврдува нивниот вистински идентитет независен од Бугарите, Србите или Словените воопшто. Земјата веќе ги смени знамето и својот Устав за да ги смири грчките грижи. И покрај ова, Атина сè уште се плаши од име што би можело да ја воскресне етничката македонска свест и полагањето право на грчкиот регион Македонија, чии граѓани исто така се нарекуваат Македонци. Како политичари, и Ципрас и Заев не загрижени дека опозицијата ќе ги обвини дека го продаваат националното наследство.

Во овој момент од драмата, проблемот не е толку во наоѓањето магична формула колку во собирањето политичка волја конечно да се прифати една од неколкуте остварливи опции. Со позитивно позиционираните политички сили, дојде време Вашингтон да работи со сојузниците и со преговарачот на ОН за да ги натера страните да дојдат до решение. Цврстиот рок е од суштинско значење. САД треба да им дадат до знаење на сите страни дека целта е Грција да му посака добредојде на својот сосед, а Македонија - со заемно договорено име - да влезе во НАТО до самитот во 2018 година.

Едвард П. Џозеф, лектор и виш соработник на школата „Џон Хопкинс"

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе