Нацијата без преданија и сказни

Сите членови на една нација мораат да се напојуваат од истиот извор на национални митови. Ако членовите веруваат во различни митови таа нација е изложена на растур.

Македонската нација веќе со децении е под силен притисок, како од грчка така и од бугарска страна. Притисокот се состои во тоа  македонската страна да се откаже од своите национални митови затоа што, како што тврдат спротивните страни, тие  припаѓаат на грчката, односно на бугарската  национална историја.

Дали е можно една нација да се одрекне од сите свои митови и кои ќе бидат последиците ако нацијата тоа го направи?

Унгарскиот теоретичар за нацијата Џорџ Шопфлин, во неговиот труд „Природата на митовите, неколку теоретски аспекти” навлегува подлабоко во тоа прашање. Најпрво тој ги објаснува двете различни толкувања на поимот мит. Првото толкување е дека митот е една приказна, расказ во кој многу не веруваме. Второто  толкување е кога поимот се користи во значењето национален мит. Тогаш митот се сфаќа како збир на идеи со морална содржина кои ни раскажуваат нешто за општеството во кое живееме. Националниот мит е еден начин да ги средиме историските настани, па така тие да станат логични за тоа општество.

Сите колективи, вели Шопфлин понатаму, имаат митови и колективите без нив не можат да опстанат. Членовите на колективот мораат да ги прифатат  митовите, да се солидарни кон нив и да работат за нивниот опстанок. Ако индивиди или помали групи во колективот се стално заангажирани да ги стават националните митови под знак прашање, тогаш тоа општество ризикува да се распадне. Тоа ќе стане од тие причини што никое општество не може да егзистира без заедничка историја и заедничка иднина.

Сите членови на една нација мораат да се напојуваат од истиот извор на национални митови. Ако членовите веруваат во различни митови таа нација е изложена на растур. Ако во нацијата има ривални митови тоа неминовно ќе доведе до внатрешни конфликти, а во краен случај и до војна. Истото ќе се случи ако две нации имаат присвоено исти митови и никоја од нив не сака да се откаже од „својот” мит, односно да ја ревидира својата историја. Колку повеќе членовите на една нација веруваат во исти, заеднички митови, толку поцврст ќе биде националниот идентитет на таа нација.

Македонските национални митови хронолошки можат де се поделат во три групи: антички , средновековни  и понови митови.

Античките митови се состојат во тоа дека денешните Македонци се директни потомци на античките Македонци или во најмала рака барем наследници на истите. Присвојувањето на митот за античкото потекло наиде на голем отпор во Грција која од своја страна, како што е познато, тврди дека античките Македонци биле Хелени. Со Преспанскиот договор македонската страна се согласи да ги избрише античките национални митови од историските учебници и да ги отстрани сите симболи кои ги подржуваат митовите: имињата на аеродромот, автопататот и стадионот,  апликациите на сонцето од Кутлеш и друго. Мешовитата комисија од грчки и македонски историчари имаше доста лесна работа, најголем дел од нивната работа беше регулирана со Преспанскиот договор. Со откажувањето од античките митови, барем засега, е минимизирана опасноста за конфликт со Грција и грчко вето за евентуалното македонско членство во ЕУ.

Мешовитата комисија која требаше да ја раздели средновековната „заедничка” историја со Бугарија на почетокот работеше без некои поголеми пречки. Можеби затоа што македонските членови на комисијата, по сѐ изгледа ставена под силен политички притисок, отстапија од речиси сите средновековни македонски национални митови: потеклото на Кирил и Методија, Самоиловото царство и понатаму сѐ до Прличев и Миладиновци.

Но бугарско - македонската комисија заглави со работата кога требаше да се ревидира поновата македонска национална митологија односно од 1870-те години па наваму. Комисијата стигна до митовите за Илинденското востание и Гоце Делчев и тука заглави.  Соочени со фактот дека комисијата не може да ги разреши овие прашања иницијативата ја презедоа бугарските политичари со најсилниот адут што го поседуваат во моментот: ако Република Македонија не се откаже и од поновите национални митови, тогаш Бугарија ќе го искористи правото на вето и ќе го блокира македонското членство во ЕУ.

Како што гледаме македонската нација веќе се има одречено од античките и средновековните митови, а сега Бугарија бара и откажување од поновите национални митови. По сѐ изгледа дека целта на Бугарија е, со помош на Грција, македонската нација да ги напушти сите свои национални митови. Тоа, како што видовме во горните редови, би значело крај на македонската нација онаква каква што ја познаваме денес. Дали Бугарија ќе ги постигне своите цели зависи од тоа кои црвени линии македонската страна ќе ги подвлече и дали ќе  успее, пред сѐ, да ги одбрани своите понови национални митови.

Една од тезите на Шопфлин е дека за опстанокот на нацијата  нејзините членови треба да се напојуваат од ист извор на национални митови. Бугарските историчари и политичари, работејќи активно да го свртат македонското стадо да се напојува од бугарските митови, одат кон тоа да создадат поделба меѓу членовите на македонската нација. Ако во тоа се успее , спрема Шопфлин, можно е таа поделба да доведе до распад на нацијата. Која е целта и каков придонес Бугарија би имала од распадот сѐ уште е рано да се каже, но несомнено е дека Бугарија се стреми кон тоа за да избори корист за некоја си своја национална стратегија.

Но, поделбите во македонската нација по тоа во кој митови нејзините членови веруваат се исто поттикнати и од внатре. Лансирањето на митот за античкото потекло на денешните Македонци стана поделба во тие што го имаат прифатено тој мит и тие што го имаат отфрлено. И покрај тоа што Република Македонија официјално се откажа од античкиот мит, митот се задржа, и симболите, како и сонцето од Кутлеш. Тие симболи масовно се користат внатре во републиката како и кај Македонците во дијаспората.

Како што гледаме македонската нација се наоѓа пред надворешни и внатрешни закани. За опстанок на нацијата не само што мора да се одбранат, ако не друго барем поновите национални митови, туку и да се отстранат поделбите направени, од надвор или од внатре. Како што потенцира Шопфлин, ниту една нација не може да се одржи и да гради иднина без митови, без преданија.

Но тие преданија, заклучува тој, истовремено мора да се заеднички за сите припадници на нацијата.   

Јован Христовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе