На Косово и на Македонија очајно им е потребен позитивен сигнал од ЕУ

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

 

„Кому треба да се јавам ако сакам да зборувам со Европа?“ – Хенри Кисинџер

Постои опасност дека ангажирањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан ќе го поткопа нејзиниот кредибилитет како меѓународен актер, а истовремено покренува длабоки прашања во врска со самата иднина на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика, која во моментов забрзано се развива.

Со поддршка од САД и од повеќето земји-членки на ЕУ, Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година врз основа на планот на Ахтисари. ЕУ сега плаќа висока цена поради тоа што не може да го усогласи ставот на своите членки за Косово, со што го поткопува својот кредибилитет како меѓународен актер. Сè додека пет земји-членки: Грција, Кипар, Шпанија, Романија и Словачка и натаму одбиваат да ја признаат државноста на Косово, оваа безизлезна состојба веројатно ќе продолжи и во блиска иднина. Како резултат на тоа, косовските политичари континуирано се вртат кон САД за добивање поддршка и политички совети.

Кохерентноста и конзистентноста на надворешната политика на ЕУ беа две од главните движечки сили што доведоа до Договорот од Лисабон потпишан во 2007 година, со кој се менува Договорот од Мастрихт (1993 г.) и Римскиот договор (1957 г.), со кои беше оформена уставната основа на ЕУ. Сепак, со договорот се воведуваат многу малку промени во практичното спроведување на работата, односно на терен, со исклучок на некои мали приспособувања, како што е намалувањето на бројот на службени лица кои зборуваат во име на Унијата. ЕУ сега има Висок комесар кој се бави со прашања поврзани со надворешната политика, но кога станува збор за „големите одлуки“ кои ќе влијаат врз Косово, сè уште е потребно едногласно одобрение од Европскиот совет. Принципот на едногласност исто така го блокираше започнувањето на преговорите со Македонија. Вистинскиот предизвик, според тоа, е координацијата меѓу земјите-членки на ЕУ, нешто што ниту еден договор не може да го реши.

Важно е да се напомене дека ЕУ и понатаму е најголемиот снабдувач на финансиска помош и најважен трговски партнер за регионот. Можеби најголемиот сигнал дека Западниот Балкан се приближува до ЕУ е визната либерализација. Доделувањето безвизен режим за сите земји во регионот, но не и за земјата што изразува најподдржувачки став кон ЕУ, Косово, не изгледа како стратегија што ветува, имајќи предвид дека вистинското членство во ЕУ нема да се случи со децении, а визната либерализација е единствениот поттик за понатамошни реформи во Косово во моментот. Косово ги исполни сите барања што не беа исполнети во минатото и сега нетрпеливо чека да добие визна либерализација.

Стапките на економски раст не секогаш значат подобрување на вработеноста или животниот стандард. Невработеноста останува висока, а младите се најмногу погодени. Поширокиот авторитарен пресврт, поларизацијата на општеството, ограничувањата за патување на Косово и недостигот на изгледи за членство предизвикаа само влошување на и онака кревката состојба и на регресивната динамика во регионот. Како што видовме во случајот со Македонија пред две години, одржувањето на стабилноста на сметка на владината отчетност и владеењето на правото е рецепт за неуспех. Реформите по самитите на „Берлинскиот процес“ кои се фокусираат на регионалната соработка и поврзување се безначајни без делотворно владеење на правото.

Извор: unian.info

На самитот во Софија во мај 2018 година, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема да има проширување пред самата ЕУ да се реформира. Поставувањето ваква позиција можеби е предизвикана поради загриженоста за подемот на десничарскиот популизам во ЕУ, што е спротивно на неговиот говор во Сорбона минатата година, каде што изрази силен став дека нема да се повлече пред евроскептиците. Блокирањето на започнувањето на преговорите за пристап на Македонија најверојатно нема да ги намали гласовите на силите против ЕУ. Наместо тоа, со блокирањето може особено да се загрози новата влада во Скопје која го заложи целиот свој кредибилитет за напредок кон НАТО и ЕУ. Покрај тоа, тоа може да биде од корист само на нелибералните сили во регионот поддржани од Русија.

Секаква политичка нестабилност во регионот не може да биде спречена од страна на меѓународната заедница. Грешките направени во 90-тите години од ХХ век не можат да се повторат. Помеѓу јадрото на Европа и хаосот на Блискиот Исток, тука се и земјите од Балканот. Регионот поминува низ тешки времиња, и затоа влогот е неверојатно висок. Релативно мала инвестиција во меката моќ на ЕУ во регионот може да резултира со огромни придобивки. Други актери, како Русија, со огромно задоволство би го пополниле овој вакуум. Обидот за државен удар во Црна Гора е една од политичките игри што Москва ги одигра во регионот. Друга е поттикнување на сецесионистичката реторика на Додик за попречување на мировните договори со посредство на САД со кои заврши босанската војна. За разлика од Борис Елцин во 90-тите години од минатиот век, Владимир Путин не верува дека концептот на „сфери на влијание“ е застарен. Москва ќе стори сé што е потребно за да се спречи евроатлантската експанзија во регионот.

Како резултат на тоа, ЕУ ризикува да го загуби својот најмоќен инструмент за надворешна политика во регионот, особено можноста на земјите-членки да поставуваат норми и стандарди. Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика. Тоа ќе биде недоволен изговор ако неуспехот на ангажманот на ЕУ во Западен Балкан дојде како резултат на неодлучност, а не како резултат на погрешна одлука.

По кратковидното одложување на визната либерализација на Косово и сличното одолговлекување со Македонија претходно во текот на годината, и на Косово и на Македонија очајнички им е потребен позитивен сигнал од ЕУ. Меѓутоа, важно е да се забележи дека Македонија, и покрај тоа што ја заврши имплементацијата на Преспанскиот договор во парламентот, треба да ги започне правните, административните и другите реформи што ги бара ЕУ. Ако Македонија ја заврши својата домашна задача, а ЕУ сé уште не ги исполни ветувањата за поставување датум во јуни за започнување на преговорите за пристап, тоа во голема мера ќе го поткопа кредибилитетот на ЕУ како меѓународен актер.

Раководството во Брисел не треба да заборави дека Западен Балкан е единствениот регион каде ЕУ има моќ да создаде нова реалност, со тоа што ќе обезбеди траен мир. Потребна е длабока интеграција на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Ако ЕУ цели кон тоа да стане моќен меѓународен актер, вклучително и од одбранбена гледна точка, таа мора да започне на сопствениот праг.

 

м-р Сабин Селими (Sabin Selimi) и м-р Надире Љатифи (Nadire Latifi)

Сабин Селими е роден во Словенија на денот кога падна Берлинскиот ѕид. Како корисник на Претседателска Стипендија тој ги завршил своите додипломски студии по економија и меѓународни студии на американскиот универзитет во Вашингтон. Тој ги завршил своите магистерски студии по меѓународна јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, во рамки на Шевенинг програмата за стипендирање. Има долго работно искуство во јавниот сектор а во моментов е ангажиран како консултант. Неговите области на интерес вклучуваат дигитална дипломатија, трансатлантски односи и европски прашања особено поврзани со Балканот.

Надире Латифи во моментов е специјалист за мерење и евалуација на резултати во швајцарската организација Helvetas Swiss Intercooperation (МК) и е одговорна за дизајнирање, континуирано подобрување и управување со MRM системот на проектот "Образование за вработување во Македонија", како и за советување во врска со управување со проекти во стратешко управување. Претходно работела како советник во Вестминстер фондацијата за демократија во Скопје и како истражувач на повеќе меѓународни проекти. Како добитник на Шевенинг стипендија, таа ги завршила своите магистерски студии по јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Таа ги завршила своите додипломски студии по психологија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и Меѓународниот балкански универзитет.


Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata).

повеќе

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

повеќе