На Египќаните не им требаат квази-културни и политичко-популистички настани

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

Вчера во Домот на културата „Григор Прличев“ се случи еден анти - културен настан, кој што е срам и за Охрид, и за Македонија, а уште повеќе за една од најдревните и најархаичните заедници на Балканот, за Египќаните.

Всушност и не треба воопшто да се користи зборот култура, бидејќи и целта на тој настан не беше да промовираат вредности и да се афирмира културата на заедницата, туку целта беше да покаже дека една група на млади лични профитери, кои по методологијата на делување сакаат да личат на т.н. земунски клан во Србија, божем контролира приличен дел од електорат на Египќаните во Охрид и така да се наметнат како важен политички фактор во Охрид. За оваа група можеше да се чуе и во дел од „бомбите“ од прислушуваните разговори, како со недемократски средства вршеа притисок врз гласачкото тело на Египќаните во Охрид да гласаат за режимот. И за време на владеењето на груевизмот, а и сега го организираат квази- културниот настан наречен „Sound of Egypt” (Звукот на Египет), за да ги повикаат граѓаните бесплатно да следат некаков си музички перформанс, кој во ниту еден елемент нема ништо заедничко со културата на Египет. Во салата има декорација каде на повеќе места се вее и знамето на Арапска Република Египет, а никогаш во ниту една прилика тука не гостувал некаков си претставник на државата АР Египет, ниту пак некогаш се повикани, ниту пак некогаш Египет за овој настан испратил некое писмо или пак го поддржал на некој начин. Значи тотална лакрдија, кич и антикултура, која и оваа година добива некаква поддршка од општина Охрид, а на настанот присуствувале и претходно и сега градоначалниците, се разбира со политички намери.

Имајќи ги предвид ниското ниво на знаење на луѓето од „кланот“ за културата, традицијата, историјата и културното наследство, како интелектуалец и како доктор по етнолошки науки, досега не сакав  јавно да проговорам за  злоупотребата на државниот симбол на една пријателска држава (чие знаме не е и знаме на заедницата на Египќаните во Македонија) и фалшливото „брендирање“ на настанот како „Звукот на Египет“. Уште повеќе знаејќи дека сето тоа е со политичка позадина, не сакав воопшто мојата реакција во минатото да биде разбрана во политички контекст. Но, бидејќи сега локалната власт во Охрид е на мојот коалициски партнер, за кој јас и мојата партијата сме застанале јавно да ги поддржиме и сегашниот градоначалник и  мнозинството на советници во Советот на општина Охрид, оваа моја реакција нема простор да биде разбрана во политичка конотација, а е крајно добронамерна, конструктивна и задолжителна за мене како интелектуалец и долгогодишен активист и поранешен претседател на Здружението на Египќаните во Македонија (ЗЕМ) и на Сојузот на Балканските Египќани.

Во Охрид и во Македонија, постоеле и постојат културно - уметнички друштва, кој што со децении го презентираат културното наследство и фолклорот на Египќаните. КУД „Пирамида“ повеќе од 20 години успешно ја презентира традицијата, народни игри и песни не само во Македонија, туку во странство, настапувала во Белград, Германија, Косово, Албанија, на меѓународни фестивали итн. Но,  „кланот“ не само што не сака да се гордее со оваа културно-уметничко друштво „Пирамида“, што работи при Здружението на балканските Египќани во Македонија (поранешно Здружение на Египќаните во Македонија- ЗЕМ), туку на секој начин со години работаат тоа да се растури, да го снема или да дојде под нивна контрола. Оваа година дури регистрираа правно лице со истото име, КУД „Пирамида“ во Централниот регистар на Македонија, мислејќи дека така ќе внесат забуна кај играорците, за да ги преземат, а замислете претседател на тој квази правен субјект е претседателот на огранокот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) во Охрид (овој огранок во Охрид нема ниту 5 члена, но имаат логистичка и друга помош од централата на ПЦЕР и делуваат заедно со „кланот“).

Истиот човек се јавува и како еден од организаторите на кичестата манифестација „Звукот на Египет“. Сето ова се разбира не е случајно. Сигурно не е случајно што оваа година на „Звукот на Египет“ како гости била поканета да настапи една група од Велес (претпоставувам припадници на ромската заедница), која не знам како и на кој начин се поврзани со културата на Египет или пак со Египќаните во Македонија. Маските се одамна паднати за мене, но сега лицата може да ги види и пошироката јавност и „неверните Томи“ кои секогаш глумат широкоградост и наивност!

Оваа година, колку што можам да видам од снимките, имало и неколку скандали. На отворањето на некаква си изложба на фотографии, говорел колегата доц. д-р Никола Мотровиќ Бабе, кој на темата Египќани не напишал ниту една реченица научен труд. Се разбира и не мора да напишел нешто за да отвори изложба, која е од непознат автор и е крајно непрофесионално поставена, што повторно кажува дека овој настан немало за цел да промовира вредности, традиција и етно-култура, туку да пренесе политичка порака. Колегата Бабе, за жал не знае кога и како Египќаните дошле на Балканот и всушност таму кажувал научни невистини. Би му препорачал идниот пат нешто да прочита, ако има чесни намери кон оваа заедница.

На крајот на краиштата, секој има право на култура, па и овој „клан“ има право да ја покаже својата (анти)култура. Тоа што ме загрижува е што таму се доделувале признанија на одредени лица, кои на некој начин тоа и го заслужиле и немам ништо против. Но, се прашувам дали овој „клан“ добива финансиска поддршка од некакви структури во Саудиска Арабија, па лица што шират вахабизам да добијат некакво си признание и јавно да му доделат некаква си награда. Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот“ ќе додели јавно признание на вахабист. Познавајќи го лично сигурен сум дека не знаел, но се надевам дека во иднина ќе внимава на какви структури им дава поддршка. Египќаните во Охрид и Македонија, а и воопшто на Балканот, иако се муслимани се антивахабисти, но и најмалку очекуваат на тие што им дале поддршка, да поддржуваат антиегипќански проекти, како наследство од груевизмот.

На крајот ќе завршам, дека низ вековите имало многу обиди од разни моќни сили да ги асимилираат Египќаните, но не им успеало. Така и овој „клан“ набргу ќе биде „одвеан од виорот“ бидејќи тие можеби први се качија во чамецот за спасување од „Титаник“, но веслата им се многу кратки, немаат компас, а „ресурсите“ во чамецот нагло им се трошат, освен ако не им помага „халифот од Мека“.

                                                                                      Проф. д-р Рубин Земон

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе