На АНБ белешката е без факти

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

Веќе подолг период пишувам за случувањата во безбедносно разузнавачката заедница на Македонија, а дел од тие натписи се однесуваа и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на процесите кои се случуваат таму, почнувајќи од селекцијата на кадри, функционирањето на Агенцијата и слично. Последните случувања кои излегоа на јавна сцена со објавувањето на класифицирани документи од АНБ и огромната критика од јавноста за методите на работа и применувањето на овластувањата од страна на оперативците на АНБ, повторно ја донесоа оваа Агенција во мојот фокус и направив кратка анализа на последниот случај, со службената белешка.

Доколку се анализира белешката, ќе се забележи дека сите аргументации и предвидувања се однесуваат на можно сценарио, без приказ на факти кои би го потврдило тврдењето на оној кој ја пишал белешката. Притоа, подносителот на белешката употребува глаголска л-форма (престојувал, подготвувал, имал) која најмногу се употребува кога сакаме да прераскажеме некому нешто, без разлика дали сме го чуле тоа, прочитале, или пак некој ни го кажал. Најчесто тоа е гласина, употреба на претпоставка или поставување на прашање и одговор на хипотетичко прашање.

Во однос на вмешаноста на странска служба, не е наведено ниту името и презимето (или каков било идентификациски маркер, па дури и псевдоним) на припадникот на странската служба, кој имал состанок со лицата од интерес, што кај сите нас раѓа сомневање дека воопшто не е извршена ниту проверка во хотелот Аурора, ниту пак е одземен видео материјал од видео надзорот во истиот, кој потоа би бил прилог во белешката.

Друга дилема е, ако имало обид за бегство, зошто тогаш нема истрага против Наташа Савова која е посочена како помагач?

И за крај, потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев. Ако АНБ примениле само оперативен метод „набљудување” и на тоа се повикуваат како образложение, тогаш тоа објаснување држи вода до некаде, затоа што тоа им е законска можност и овластување. Но, набљудување значи да гледаш некој дека пие кафе и да го нотираш тоа, како и да ги нотираш лицата кои се во негово друштво, но како во тој случај би знаел што се зборувало на масата, и би напишал  кредибилна службена белешка за содржината на тој разговор?

Еве, ова се неколку логични прашања, за кои се сомневам дека некој ќе ги одговори.

Александар Нацев

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе