Колумна

Можеме ли да се разбереме со три национализми одеднаш?

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

Ние, кутрите Македонци, четири децении го убедувавме српскиот национализам дека сме засебен пријателски народ. Може да се каже дека при раздружувањето тој не само што покажа разум, туку и искрено ни посака добар пат во неизвесноста. И денес како и кога живеевме заедно нашите културни врски се на завидно ниво.

За жал, другите наши соседи не отстапија ни за јота. И во толку неповолна ситуација одеднаш влетавме во челустите на три здружени национализми. Прашање за милијарда болви: ќе извлечеме ли жива глава?

Зошто болви (или вошки)? Затоа што шансите да преживееме како народ се мали. Ние самите ќе се девалвираме.

По оваа „спонтана“ желба да си го смениме името само за да влеземе во воен сојуз, ние доброволно го проблематизиравме тоа што го создававме близу осум децении.

Кој ќе нѐ докусури?

Самите ние. Со „братска” помош на Бугарија. Зошто? Па затоа што една третина од Бугарите имаат македонско потекло. Илјадници од нив во овие сто години си направиле кариери застапувајќи се за бугарскиот карактер на Македонците? Писатели, врвни политичари, академици, пеачи на народниот мелос од наше потекло ја красат духовната историја на Бугарија. Тие биле асолна држава за правење кариера. Ние сме го сонувале тој сон.

Димитар Благоев, основачот на модерна Бугарија, на пример, е Македонец. Главните негови потомци денес живеат во Торонто и во Виндзор, Канада и тие, на патот кон неизбежната асимилација, се декларираат како горди Македонци.

Дури и денес, а не само во раниот национален романтизам, ти можеш кај нив да заработиш доволно за убав живот како пеач на македонски народни песни, на пример (во Македонија не можеш). Зошто? Затоа што концертните сали се преполни. Од Бугари? Да, но со македонско потекло. Колку е тоа возбудливо, но и болно. Тие го негуваат македонскиот фолклор според Зборникот на Миладиновци. Нивната традиција е пожива од нашата. Ние со задоцнување си баравме место под сонцето. И затоа сме фатени во расчекор.

Расчепатени, би рекол Петре М. Андреевски. Недостигаше можеби деценија време за да си го најдеме патот. Сега Борисов ќе не дозрева.

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте! Нашите поколенија ќе се згрозуваат од делата создадени на овој наш убав македонски јазик. Од нашата скромна но чесна историја. Не ќе сакаат да влезат ни во архив ни во библиотека.

Постоеше ли пристоен, да не речам елегантен излез од овој македонски хендикеп? И тоа како постоеше. Но сега, откако влетавме во челуста на трите сурови национализми, нема да се извлечеме без последици по менталното здравје на нашата кутра нација.

Божин Павловски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе