Може ли да дојде до промени во БиХ?

Власта во БиХ не е целосно воспоставена, иако поминаа повеќе од пет месеци од изборите.

Сепак, нешто е постигнато. Веднаш по потврдувањето на изборните резултати, за прв пат беше формирана Кантоналната влада на Сараево без да содржи национални партии. Коалицијата помеѓу три левичарски и три централно-десничарски партии во првите месеци од владеењето покажува дека само оние кои се обидуваат да го преминат прагот на националното можат да го сменат општеството. Дали е ова возможно во денешната БиХ?

Изборите завршија пред пет месеци, но власта во цела БиХ сè уште не е воспоставена. На секое друго место ова би претставувало политички земјотрес од прва класа, но не и во Босна и Херцеговина. Навикнатоста на овдешното население на стагнација, успореност и меланхолична неефикасност е фасцинантна. Како и повеќедецениската маѓепсаност на гласачите на националните партии што владееле со оваа земја уште од првите повеќепартиски избори (ноември 1990 г.). Досега е воспоставено Претседателството на БиХ, Собранието и Владата на Република Српска, но главниот застој е во формирањето на Владата на Федерацијата и Советот на министри како централна Влада.

Во исто време, Владите на кантоните се формираа како специфични територијални единици во рамките на ентитетите на Федерацијата. Република Српска е централизирана. При формирањето на кантонските влади, се појави еден новитет што може да ја смени оваа земја, во која политички гледано немало драстични промени уште од крајот на војната (1995 г.), војна за која впрочем многумина мислат дека никогаш не ни завршила.

Владата на Кантонот Сараево за првпат е формирана без национални партии. Поточно, без SDA, водечката бошњачка политичка сила. Хрватските и српските национални партии немаат значителна поддршка во Сараево. Кантонот на Сараево е најсилниот политички и финансиски субјект во цела БиХ. Со буџет од речиси една милијарда марки (половина милијарда евра), концентрацијата на човечки, креативни, финансиски, медиумски, политички и културни капацитети, тој во целост претставува седиште на државата. На многу начини, тој претставува огледало на БиХ. И покрај тоа што SDA поединечно освои најголем број гласови во овој кантон, неколку левичарски партии, наречени БХ блок (SDP, Наша партија и Демократскиот фронт) чиј состав вклучува повеќе националности, заедно со три централно-десничарски партии, кои во голема мера настапија како израз на незадоволството од политиката на SDA за непотизам и отворена корупција, направија коалиција која имаше доволно гласови за да воспостави власт.

Побуна во SDA

Дел од ова можеше да се насети неколку месеци пред изборите, кога водечкиот млад кадар од SDA и премиерот на Кантонот Сараево Елмедин Конаковиќ ја напушти партијата и премиерската позиција. Во објаснувањето на неговата оставка, тој накратко го опиша начинот на кој SDA управува со власта: „Знам, и можам да ве уверам дека она што се случува во некои јавни претпријатија е на штета на општеството и државата. Не е можно да се управува јавната сопственост како своја, и да се извлекуваат ресурси од неа и да се вработуваат луѓе. Побарав да се назначат професионални луѓе наместо некомпетентните партиски лица. Ако не сте член на партијата, скоро и да не можете да направите ништо, од работа до здравствен преглед."

Неколку месеци подоцна, Конаковиќ на изборите доби доволно гласови, така што неговата нова партија „Народ и правда“ беше втора по избор на гласачите во Сараево.

На овој начин, го отвори патот за соработка помеѓу левите и десните партии, бидејќи приоритетните прашања им се радикално одвоени од националните теми и во преден план ставаат воспоставување на градска управа за граѓаните и решавање на прашања кои не се однесуваат на минатото, туку на вистинската состојба на урбаниот простор.

Значи, во пост-воената БиХ ретко има можност да се докаже на еден, навистина капитален пример, дека е можно да се создаде ефикасна организација на влада без притисок од националните теми и критериуми, лични и партиски интереси.

Треба да се каже дека од првите повеќепартиски избори во БиХ, само градот Тузла цело време остана под социјалдемократска власт. Но самиот град, во рамките на кантоните кои ги контролираат националните партии, тешко може „да ги рашири своите крилја“. Сега за прв пат се создаде политички и социјален амбиент во кој еден значаен кантон, центарот на земјата, ќе се води на основа на потребите на граѓаните, а не на националните елити.

Сè уште е рано за оценување, бидејќи првите чекори на новата влада ќе се тестираат во периодот што следува. Во своите соопштенија, тие ветија радикален прекин со актуелната политика, која се сведуваше на трошење на буџетски пари за политичките кругови, делење на функции и јавни пари на партиски послушници и пријатели. Сепак, многумина забележаа дека при изборот на новите министри, функционираше и кумовскиот пристап на претставниците на партиите, но оваа власт допрва треба да се покаже.

Како да се спречат

SDA ги искористи речиси сите адути да се обиде да го запре овој тренд. Тактиките беа разни, почнувајќи од отворени закани и притисок, се до повикување на левите партии од БХ блокот да им се приклуват во власта на федерално и државно ниво. Ваквиот потег „салто мортале“ беше рационализиран со итен повик до сите про-босански партии, бидејќи судбината на земјата во прашање.

Иако со повикувањето за приклучување во власта, SDA инсистираше на патриотизам, што тука е вообичаен метод за подигнување на националната температура и не претставува потврда за сериозноста на проблемот, левичарските партии од БХ блокот го отфрлија повикот и на своја сметка добија куп навреди, обвинувања за предавство во сите медиуми под контрола на SDA.

SDA го продолжи притисокот со тоа што прејде на попрефинети методи. Тие суптилно го префрлија притисокот на лидерот на DF BiH (членка на БХ блокот во кантоналната влада), Жељко Комшиќ, кој, најверојатно, клучните гласови за позицијата на хрватски член Претседателството на изборите во октомври во 2018 година ги доби од бошњачките гласачи. На овој начин, со поднесување политичка сметка, тие го потсетија на неговата вистинска позиција. Позиција на заложник.

Ако тој одлучеше да се префрли во SDA, би го напуштил БХ блокот со што би ја загрозил власта во Кантонот. Што е нешто што изгледа како важна цел на SDA. Да ја соборат власта во Сараево. Кон крајот на февруари, Желко Комшиќ во интервју за весник изрази страв дека „логиката на вечната опозиција би можела да значи пропаст за левицата“. Со други зборови, тој повикал на власт заедно со SDA. Политичкиот директор на SDP, Дамир Масиќ, му одговорил со прашањето: „Зошто некои луѓе не кажат многу јасно, отворено и гласно дека сакаат, односно дека мора да одат со SDA?".

Веднаш почнаа да се ангажираат одговорните за односи со јавноста на партијата, давајќи соопштение на Круг 99, локална неформална група интелектуалци. Тие го поддржаа влезот на власт со SDA, заклучувајќи дека БиХ не може да си дозволи да го изгуби граѓанскиот столб во власта, истовремено ставајќи го Жељко Комшиќ на пиедесталот на концентрираните идеи за граѓанска БиХ и заканувајќи се дека, ако не влезе во власта, граѓанските идеи би можеле трајно да завршат на политичките маргини.

Може ли без националното

БиХ е исто така специфична поради тоа што има неколку клубови на интелектуалци, иако малкумина знаат што би требало да значат ваквите собири. Во нив почесто седат поранешни шефови на кабинет на социјалистичките готовани кои, дури и кога самите ќе се наречат интелектуалци, најлесно се препознаваат бидејќи судат наместо да се запознаат повеќе со проблемот, однапред знаат што ќе се случи, наместо да ги анализираат сите опции и секогаш имаат некој политичар кому му се лојални како добермани.

Во целата приказна беше вмешан и новинскиот магнат („Дневни аваз“) и лидерот на SBB, Фахрудин Радончиќ (чија централно-десна партија е член на коалицијата на Кантонот во Сараево), кому му беше понуден влез во владата, иако до вчера тој го навредуваше лидерот на SDA (Бакир Изетбеговиќ) без да крие дека го смета за политички кретен. Радончиќ начелно ја прифати поканата да влезе на власт на федерално и државно ниво. Според изјавите, засега не е склон да ја поткопа власта во Кантонот Сараево.

Еден од неговите клучни членови, познат во јавноста како врвен експерт, адвокатот Дамир Арнаут ги оцени првите неколку месеци на власта без SDA во Сараево на следниов начин: „Ова е приказна која отстапува од таа клиентелистичка пракса, каде што за три месеци се направи повеќе во однос на транспрарентност и владеењето на правото, отколку во дваесет и неколку години по војната. Оваа и ваква кантонална влада оди многу подалеку од својата географска рамка и нејзиното постоење претставува стратешко прашање, и за Босна и Херцеговина, како и за нашите клучни сојузници.“

Накратко кажано, политичката БиХ добива шанса по долго време да се реализира надвор од националниот контекст. Барем на ниво на главен град. Дали такво нешто ќе се случи е важно прашање. SDA, која одлучува во Сараево речиси за сè, од составот на новински редакции, универзитетски професори до кадри за управување со телата за финансии, култура, дипломатија и политика, прави сè што може во обид да ги спречи граѓанските власти. Вистинскиот тест за новата влада веројатно ќе биде директен обид да ги воведат политичките противници во дискусија за нерешените прашања на БХ од минатото, за кои е сосема можно оваа земја да е светски рекордер.

Боро Контиќ

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе