Monsieur le president Emmanuel Jean-Michel Frédéric Macron - „a shining star“

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

Ако до октомврискиот ЕУ самит во нашиот етер слоганот „сјајна ѕвезда“  често беше користен за РС Македонија (од нашите политичари, од високите функционери во ЕК, како и од некои политичари од ЕУ членките), после (за нас „студениот туш“) на самитот, недоволно се фокусиравме и анализаривме кој е вистинската „сјајна ѕвезда“ на Европското небо.

Пропуштивме да го следиме патот во изминатите две години на неговите активности и изјави кои како цел го имаа токму стекнувањето на улогата на „европска сјајна ѕвезда“. Уште повеќе пропуштивме да ги следиме неговите намери да стане и глобална „сјајна ѕвезда“ (Г 7; ривалитет со Трамп; фокус на Амазон; посета на Кина; покана на Иран во Париз; Путин; Украина...).

Ако поради излегувањето на В. Б. од ЕУ и поради веќе видливото повлекување на дотогашната „прва виолина“, г-ѓа Меркел, од (неофицијалната) лидерска позиција во ЕУ имаше логика и можеше да се разбере дека неговата амбиција да се позиционира како бр. 1 во Европа (со целосно разбирање и потреба за неговите заложби за реформа на ЕУ, но не мораше баш тоа да го сврзе со отворање на перспективите за членство на две држави од Балканот, РСМ и РА), ретко кој очекуваше дека тука не запира неговото качување во хиерархијата на светските лидери/сили.

Задоцнетото објавување на неговотo интервју за „Економист“ во коe имаше мошне силни искажани негативни оценки за ЕУ и за НАТО, некако остана во сенка на „пост- ЕУ - самитските – дебати“ за ветеното, но и неоствареното - датум за преговори со РСМ и РА.

И додека траеа дебатите (главно критики) за ставот за (не-) проширувањето (поточно, отворање на долгодишниот пат за идно членство) како  и најавената нова методологија за проширувањето, се одржа лондонскиот јубилеен НАТО самит.  Вообичаено би било на тој самит да доминира претседателот на САД, на најмоќната светска и НАТО сила, Доналд Трамп и (очекуваните) негови критики упатени кон европските сојузници поради недоволното финансирање на НАТО. Дури имаше и закана дека САД ќе го напуштат НАТО ако тоа не се смени. Меѓутоа, наместо „Трамп – show“, во Лондон се случи „Макрон – show“.  Покрај  размената на „вербалните стрели“ со Трамп, Макрон на самитот наметна „чувствителни теми“ кои не беа „во прилог“ на САД (Сирија и др.).

Или, многу поедноставено кажано, на лондонскиот НАТО самит Макрон тргна во освојување на „глобалната сјајна ѕвезда“. Со тоа не заврши подемот на Макрон на глобалната меѓународна сцена. Многу бргу по лондонскиот самит, Макрон (придружен од Меркел) и Париз се во фокусот на средбата Путин – Зеленски во обид за решавање на тој (руско - украински) конфликт. Дали Макрон постапува во корист на личниот рејтинг или, пак, согласно исказите, да се зголеми (слабата) меѓународна позиција и влијание на ЕУ на глобален план останува да се види.  

Додека Макрон се промовира како (глобален) медијатор во решавањето на повеќегодишниот проблем (и воени судири) меѓу Украина и РФ, претседателот на САД исто така е „ангажиран“ околу Украина (и Зеленски) и процесот околу можен негов импичмент.

Ако би можел да го сублимирам моето чувство и мислење, тоа би било на линија дека:  САД остануваат најмоќната држава во светот; претседател на една европска (ЕУ) држава, Франција, г-динот Макрон, прави, и засега му успева, да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД. Со тоа му се остварува целта да стане и „глобален играч“ или „глобална сјајна ѕвезда“. Дали во тоа целосно ќе успее, допрва времето и настаните ќе покажат.

Имајќи го предвид значењето и (сѐ уште) важноста на односите САД – ЕУ, односно САД – Франција (не е тајна дека тие односи имале чести падови), внимателните аналитичари ги следат сите аспекти на односот Трамп – Макрон. Тие одат до таму да ги анализираат и толкуваат дури и начинот на нивното поздравување. Констатирале дека на самитот на НАТО во 2017 Макрон многу силно ја држел раката на Трамп (што инаку е карактеристично токму за Трамп). Со тоа, наводно, Макрон сакал да ја демонстрира доминацијата. Меѓутоа, Трамп ја ставил својата рака на градите на Макрон со што сакал да покаже дека е посилен – толкува Хавиер Торегроса (Javier Torregrosa), експерт за невербална комуникација. Toј констатирал дека Макрон тоа го прави и со европските лидери наведувајќи го случајот на средбата при посетата на Борис Џонсон на Париз.

Дека постои силен интерес и фокус на односите мегу Трамп и Макрон, односно САД и Франција, зборува и вниманието кое беше посветено на едно релативно банално прашање: Што се случило со храстот кој Макрон при посетата (2018) со сопругата го подарил на семејството Трамп и кое заедно го засадиле пред Белата куќа.

Така, француските медиуми известуваа подоцна дека дрвото кое го засадиле и кое било симбол на врските меѓу двете земји умрело. Познатите весници Монд (Le Monde) и Фигаро (Le Figaro)  известиле, повикувајќи се на дипломатски извори, дека дрвото го снемало. Подоцна било појаснето дека согласно американските закони (за увезени живи организми) тоа било ставено во определен временски период во карантин. Но, дрвото никогаш веќе не било вратено пред Белата куќа, па дипломатски извори потоа ја информирале агенцијата Франс прес дека дрвото не преживеало.

Поимот ѕвезда или сјајна ѕвезда се користат во преносна смисла и често има романтичен призвук. Затоа нема да навлегуваме во науката, во астрономијата, универзумот, млечниот пат... и само ќе нафрлиме една (научна) констатација: колку е поголема ѕвездата, толку нејзината температура е пониска, и едно прашање кое често обичните луѓе си го поставуваат: како настануваат и како ги снемува ѕвездите? (Prof. Roberta Humphreys од University of Minnesota).

Изминатите месеци Макрон стана ѕвезда. Можеби поради своите лични капацитети или, пак, поради „празнината“ околу него?

Со  богато едукативно, работно, државно и политичко искуство, Макрон на 7 мај 2017 со 66,1% освоени гласови во вториот круг од претседателските избори, победувајќи ја противкандидатката  Marine Le Pen, станува претседател со 39 години (роден на 21 декември 1977) најмладиот претседател во историјата на Франција. Иако од 2006 до 2009 бил член на Социјалистичката партија, во август 2014 бил именуван за  министер за економија и индустрија во владата на премиерот Валлс, во август 2016 поднесува оставка на таа функција и ја почнува кампањата за претседател, а под закрила на центристичкото политичко движење En Marche кое го формирал во април 2016.

Несомнено, секој негов чекор, пред изборот за претседател, а особено после изборот, беше многу добро осмислен и реализиран. Директорот на France's Institute of International and Strategic Relations (IRIS), Pascal Boniface, смета дека Макрон денеска е сигурно најактивниот европски лидер, како во однос на предлози за ЕУ, така и со пораки од  поголема цврстина кон Доналд Трамп. Конечно, тој го зазема најголемиот простор споредено со релативната празнина околу него. 

Во март месец 2020 во Франција се одржуваат локални избори. Следните претседателски избори ќе се одржат меѓу 8 и 23 април 2022. Актуелниот мандат на претседателот Макрон трае до 13 мај 2022. 

Ако на надворешен план Макрон постојано собира поени, на домашен план тоа не е случај. Година дена траат протестите на „жолти елеци“; деновиве стотици илјади протестираат против најавената пензиска реформа; континуирано опаѓа популарноста кај домашното население (доколлку се веродостојни, последните показатели се дека рејтингот му се движи меѓу 35 и 38%, додека за надворешната политика тој достига и 48%). Анкетите (наводно) покажуваат дека се „egal“ со Ле Пен. И покрај тоа, аналитичарите му предвидуваат победа во однос на Ле Пен со 55 – 45 %. Најголем дел од негативно расположените граѓани кон Макрон тоа го сврзуваат со неговите радикални (социјални и економски) реформи кои не ги смениле состојбите во државата.      

И покрај свеста дека со тоа ја губи популарноста, Макрон останува на своите планирани реформи и политики. Несомнено, за разлика од многу други политичари, Макрон останува доследен и кога политиките не му носат „добивка“.

Досега и во надворешната политика покажа цврста доследност. Сепак, бидејќи се работи за мошне вешт политичар и стратег, се поставува прашањето дали ќе има некои промени (барем) после локалните избори (независно од резултатите). Да се надеваме! Да се надеваме дека нема да ја гледа исклучиво „големата слика“ на меѓународната сцена и дека во нашиот конкретен случај (за ЕУ) ќе ја прифати и „помалата слика“ и бенефитот од уважувањето на таа слика. Уверен сум дека со таков став ќе ја засили репутацијата на ,,a shining star,, (sjajna zvezda).

Александар Тавчиовски

П.С. Уверен сум, исто така, дека и покрај „искричењето“ во односите меѓу Париз и Вашингтон, САД и Франција ќе продолжат да бидат и во иднина  силни стратешки партнери и сојузници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе