Молитва за Македонија, или тоа што остана од неа

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

Со логото „не се плаши повеќе мало стадо“, и боите на македонското знаме и плавите линии на белото сари на светата мајка Тереза, папата Францискo ја најави посетата на Македонија на 7 мај оваа година. Се оствари неговото ветување дека ќе ја посети земјата по која газел апостолот Павле и каде е родното место на светата Мајка Тереза дадено при предавањето на моите акредитиви во Ватикан.

Посетата на Македонија верувам ќе ги збуни оние што ја следат и анализираат надворешната политика на Светата столица, а особено оние што ги следат и анализираат неговите апостолски патувања. Зошто држава со помалку од 1% на католици тешко би можела да се најде на мапата на патувања на папата. Можеби на претходните, но не и на овој папа. Никогаш во последните четири години не ја исклучив можноста папата да го посети регионот на Балканот и Македонија, со оглед дека неговите апостолски патувања, како што вели, се на периферијата на светот и неговиот интерес се малите, сиромашни и маргинализирани држави во меѓународните односи. Во градењето на мојот оптимизам за евентуално можна посета беше неоптовареноста на папата со европските стереотипи кон државите на Балканот и, особено, нескриените симпатии за Република Македонија. Секако кон ова би ги додал и исклучително добрите и силни впечатоци што државниот секретар на Светата столица, кардиналот Паролин ги понесе од историската посета на нашата земја во 2016 и ги пренесе во Ватикан.

Од моментот кога кардиналот Хорхе Берголио стана папа во 2013 година, неговите гестови ја доживеаја имагинацијата во светот. Папата Франциск, е првиот неевропски папа, и првиот језуитски папа, чиј избор беше изненадување во Ватикан. Неговото устоличување беше добредојдено како за конзервативците, така и за реформаторите на црквата. Знаеше дека е избран за да го реформира Ватикан и да го ревитализира имиџот на Црквата во светот.

За таа цел во реформата се фокусира на: реформа на Римската Курија во правец на нејзино редизајнирање, со цел да стане ефикасна служба на 1,2 милијарди католици низ светот; реформа на финансискиот сектор во насока на негова транспарентнст и отчетност, за што добива потврда од страна на меѓународните тела за контрола на финасиското функционирање на државите; сузбивање и борба со сексуалната злоупотреба на малолетни лица, изразувајќи жалење и срам за злоупотреби извршени од страна на членовите на свештенството. Папата Франциск ќе ја промовира политиката на нулта толернација за сексуално злоставување на деца, при што не беше поштеден ни неговиот човек од доверба кардиналот Џорџ Пел.

Папата Франциск потвди дека е сосема поинаков од очекувањата за него. Тој на светот му ја понуди својата скромност и понизност. Тој е папата што се возеше во Фиат, кој сам ги плаќа сметките во хотелите, ги носи сопствените торби, папа кој ќе праша во контекст на хомосексуалците „кој сум јас да судам?" и папа кој ќе ги измие нозете на муслиманските жени бегалци. Папата Франциск стана новиот бренд на Ватикан.

Всушност, кој е папата Франциск? Дали е дипломат (случајот со САД и Куба и обновата на нивните дипломатските односи)? Дали е политичар подготвен да се соочи со која било политичка група или држава за прашањата од климатските промени, миграциите, сексуалната ориентација и разводот итн.? Дали е активист за човекови права, особено правата на обесправените во општеството? Кои се неговите политички склоности: капиталистички или социјалистички? Тешко е да одговорите на овие прашања ако не ги следите неговите енциклики, неговите зборови и пораки. Едно е сигурно, папата Франциск е три во едно. Тој е агресивен и влијателен дипломат, чија дипломатска филозофија е работите да ги кажува со нивното вистинско име, да ја говори вистината без оглед колку и да биде болна за некого. Па така ќе ја потсети и ќе побара од ЕУ да се ослободи од евроцентризмот и да се врати на своите корени – христијанството, западните вредности на достоинство, слобода и правда, а на претседателот на САД Доналд Трамп ќе му порача дека „лицето што мисли само на градење ѕидови наместо мостови не е христијанин", истовремено предупредувајќи ги католиците во САД  за „социјалните ѕидови" и „лажните пророци".

Од друга страна, папата е тивок вешт и прониклив политички оператор што знае како да го искористи својот добар имиџ и публицитет за да ја моделира светската политичка сцена и да наметне политички стратегии низ кои ќе ја канализира својата визија како посакувана од светот. Денес веќе никој во светот не се сомнева во политичките маневри на папата кој силно верува во создавањето на врски со другите лидери и луѓе кои веруваат во поинаков можен и подобар свет. Конечно, папата во своите пораки се профилира и како активист за основните права на човекот, екологист и заштитник на сиромашните и социјално маргинализираните, барајќи од нив да се организираат и да најдат креативни начини за победа. Папата Франциско вешто ја користи предноста на светската политичка сцена да гради јасен модел на лидерство низ кое потврдува дека верата може да биде почитуван дел од политичките расправи и сериозен модератор на светската дипломатија.

Папата ќе испише историја во Македонија за Македонија. За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја. За нив папата ќе остане верски лидер, поглавар на римокатоличката црква, заборавајќи дека е суверен на држава и дека неговите зборови имаат длабок морален авторитет што обврзува безмалку 1,2 милијарди луѓе. Папата ќе дојде и ќе си замине од Македонија. Гледам дека ниту знаеме што да очекуваме од неговата посета, ниту некој прашува како се најдовме и зошто сме на мапата на неговите апостолски патувања. Бил не бил, ние ќе си ја тераме нашата агенда во надворешната политика, ќе останеме заробени во нашите догми за тоа каде одиме и како ќе стигнеме таму, нежно насмеани ќе се умилкуваме на оние што не нѐ есапат за сериозно, несвесни  дека патиштата кон остварување на целите може да водат кон други дестинации и центри на моќ различни од оние очекуваните.

Кога заминував од Ватикан побарав папата да се помоли за нас. Тогаш знаев дека молитвата ни е потребна како никогаш досега. Да, папата Франциско ќе се помоли за нас. За тоа сум сигурен. Но, што друго може да очекуваме од него и што всушност посакуваме од неговата посета како државник. Останува да видиме. 

Звонимир Јанкулоски

(Авторот е поранешен македонски амбасадор во Ватикан)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе