Модерацијата како модел за саморегулација кај онлајн медиумите

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

Коментирањето стана една од техниките за зголемување на „сообраќајот“ и читаност на онлајн медиумите, кое носи видливост и поголем платен рекламен простор. Содржините на коментарите се креирани од трети лица (читатели/коментатори) „надвор“ од медиумот каде што се објавуваат. Ако интеракцијата на медиумот со корисниците е брзовремена и нецензурирана, остава простор за злоупотреба на правото на слободата на говор за други цели, како клеветење, ширење говор на омраза, повреда на приватноста, нарушување на угледот и достоинството, итн.

Модерацијата е метод кој е препорачан како механизам за (само)регулација на онлајн медиумот, со цел да се избегнат „несакани/недолични“ содржини во континуитет, односно да се избегне каква било одговорност поврзана со содржината во коментарите, која може многу често да води кон говор на омраза

Случајот „Делфи против Естонија“

Сепак, и покрај сите воспоставени процедури и технички и организациски мерки за спречување на говор на омраза, насилство или закани, Европскиот суд за човекови права во пресудата за случајот „Делфи против Естонија“ (Delfi AS v Estonia) се наведува дека „уредникот на онлајн медиумот не успеа да избегне одговорност“.

Имено, во овој случај се работи за компанијата Делфи, која е еден од најголемите информативни портали во Естонија и тужеше пред Европскиот суд за човекови права. На 24 јануари 2006, информативниот портал објавил напис под наслов „СЛК (SLK) го уништи замрзнатиот пат“. Текстот се однеусва на искористувањето на јавните патишта преку замрзнатото море, кои во зима се отворени помеѓу копното на Естонија и некои острови, од страна на компанијата СЛК (SLK) која обезбедува јавен превоз со ферибот. Притоа порталот го навел лицето Л, кој во тоа време бил мнозински акционер на СЛК (SLK). На 24 и 25 јануари 2006 година, статијата привлекла 185 коментари. Во 20 од нив се содржани лични закани и навредливи зборови против Л. На 9 март 2006 година адвокатите на Л. побарале од компанијата Делфи да ги отстрани навредливите коментари и поднеле побарување од 500.000 естонски круни (околу 32.000 евра) како надомест за нематеријална штета.

Медиумот ставил забелешка на својата интернет страница дека коментарите не се уредувани, дека е забрането да се објавуваат коментари спротивни на добрите практики, дека го зачувува правото да ги отстрани таквите коментари и дека има воспоставено систем каде што онлајн-корисниците можe да го известат Делфи АС за секој несоодветен коментар. Сепак Окружниот суд сметал дека ова не е доволно и не овозможува соодветна заштита на личните права на другите. Судот утврдил дека медиумот треба да се смета како „објавувач“ на коментари и не може да ја избегне одговорноста само со објавување демант дека не е одговорен за содржината на коментарите.

Според Европскиот суд за човекови права во 2013 година, како и во согласност со одлуката на Вишиот совет на Европскиот суд за човекови права во 2015 година, немало прекршување на членот 10, став 2 од Конвенцијата за заштита на човековите права, според кој остварувањето на слободата на изразување може да подлежи на формалности, услови, ограничувања или казни што се пропишани со закон и се неопходни во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, за спречување на нереди или криминал, за заштита на здравјето или моралот, за заштита на угледот или правата на другите, заради спречување на откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Пред и пост модерација

Во согласност со судската пракса, основачот на медиумот подлежи на одговорност заради содржина која практично неговиот медиум не ја креира, туку е реакција на текст/информација која веќе постои на медиумот. Ваквите ситуации го отвараат прашањето дали во рамките на уредувачката политика на интернет порталите, читателите-коментатори кои ја креираат содржината имплицитно влегуваат во медиумскиот простор како субјекти (медиуми) и на кој начин може да се (само)регулираат. Но, ниту издавачот/сопственикот, ниту новинарот може да ја претпостави количината, квалитетот и намерата на содржината која ќе ја креираат читателите како реакција на објавениот текст  Затоа треба да се воспостават превентивни механизми за читателите-коментатори со кои ќе се регулира онлајн просторот преку почитување на членот 10 за правото на слободата на изразување од Европската конвенција за човекови права.

Има два начина да се направи тоа. Со пред-модерација и со пост-модерација.

Пред-модерацијата е процес кога сите коментари на веб-порталот се прегледуваат пред да бидат објавени. Се објавуваат само оние коментари кои, по проценка на модераторот, не го прекршуваат законот и правилата за коментирање кои се претходно дефинирани. Тоа значи дека е воспоставена методологија според која ќе се прави модерирањето, а за кое ќе биде задолжено едно или повеќе лица во зависност од потребното време да се прегледаат коментарите и од тоа колку медиумот може навремено да ги модерира коментарите. Задолжените лица треба да поседуваат доволно знаење, вештини и капацитети за справување со секој случај засебно. Тоа е скапа инвестиција која бара вложување во професионалци кои не сте сигурни дека ќе останат да работат во вашиот медиум. Сепак, овој процес на регулирање на интернет содржините носи ризик за злоупотреба на правото за слобода на изразување, особено затоа што вклучува човечки фактор при носењето одлуки за објавување содржина.

Во случајот на пост-модерација медиумот ги објавува сите коментари без претходно (ис)чит(ув)ање на нивната содржина. Ги отстранува оние за кои ќе добие известување од трета страна или ако на друг начин дознае дека објавата содржи говор на омраза, навреда, клевета, повреда на приватноста или повреда на кое било основно право на човекот.

Развиени се соодветни апликации, сајтови и платформи за коментирање, на пример Disqus и Intensedebate, кои нудат опции за профилирање на коментаторите и „коментирање кое ве води на повисоко ниво“, коментари кои се следат/бришат по одреден знак/збор, итн. Или, едноставно кажано „добивате такви коментари какви што самите избирате да прочитате“. Иновацијата оди во насока на тоа да не се бришат коментарите како содржина, ниту пак нивно целосно отстранување. Тие мора да „останат живи“ со цел поголема читаност на медиумот.

Во Македонија интернет порталите не се опфатени со регулативата за медиуми

Според истражувањето на Македонскиот институт за медиуми од 2010 година, онлајн медиумите во Македонија се категоризирани како: забавни информативни веб страници, тематски информативни веб страници, информативни веб страници за вести, како и онлајн изданијата на традиционалните медиуми. Онлајн медиумите/интернет порталите не се опфатени со регулативата за медиуми. Тоа ја отвара дилемата кој, кога (може да) го модерира онлајн просторот и како да се заштитиме од можна цензура?!

Во Македонија речиси и да нема онлајн медиум кој врши постмодерација, а многу и не оставаат можност за коментирање. Оние онлајн медиуми кои овозможуваат коментирање вообичаено нудат читателите да се логираат преку профилот на социјалните мрежи, со што оставаат податоци за корисникот на профилот. Оттука би можело да се претпостави дека само се поттикнува креирање лажни профили на социјалните медиуми, кои би можеле да се користат за ширење говор на омраза, клевета и навреда.

Исто така, сé уште нема доволно примери од домашната судска пракса за повикување на одговорност и/или исклучување од одговорност на медиум поради објавена содржина со навредлив карактер, говор на омраза и/или повреда на правото за слободно изразување. Од друга страна, прашање е и колку од товарот што го носи постмодерацијата може на свој грб да го земе некое тело или Советот за етика во медиумите?! И уште поважно, каде ќе залутаат оние коментари за кои лицата што извршиле предмодерација одлучиле да не ги објават?!

Модерацијата е поправична од цензурата

Модерацијата е поправичен механизам од цензурата и воопшто од отстранувањето на можноста да се оставаат коментари. Ефикасноста на регулирањето на медиумите во случајов говори за воспоставување на пристап кој не го загрозува правото на слобода на информирање и легализација на регулирањето на онлајн просторот за содржините кои се објавуваат. Всушност, овде зборуваме за практична имплементација на став 1 од членот 10 кој гласи: Секој човек има право на слобода на изразување. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесувања информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.  

Подучени од судската пракса на Европскиот суд за човекови права во врска со член 10 „слободата на изразување“, како и искуството од случајот „Делфи против Естонија“, професионализацијата на медиумите носи одговорност сама по себе. А допуштањето на онлајн коментарите не се ништо друго туку тест за почитувањето на правото на слобода на изразување и воопшто за степенот на развој на демократијата во едно општество. Во таа насока, модерацијата може да се смета како добар модел на саморегулација на онлајн просторот за одговорно објавување на коментари од медиумите, доколку се почитуваат правото на заштита на приватноста и политиките за необјавување на клевета, навреда, ширење на говор на омраза и содржини против угледот и достоинството. Уште поважно, дел од судската пракса покажува дека виталната улога на медиумите се препознава кога тие оставаат можност за јавно коментирање и дебатирање за прашања од интерес на јавноста и со тоа им овозможува на сите да учествуваат во слободната политичка дебата, која е дел од суштината на концептот за демократско општество.

м-р Лилјана Пецова-Илиеска

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе

Во САД и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година.

повеќе