Ведрана Рудан

Милена

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

Милена беше Тито на југословенскиот филм. Сите што пораснавме со неа го знаеме тоа, генерациите што доаѓаат ќе ја препознаат како голема, додуша Тито нема да им падне на памет. Политичарите, без разлика колку се големи, со време сепак умираат, а уметниците живеат засекогаш.

Милена прв и последен пат во животот ја видов на промоцијата на монографијата на Татјана Њежиќ во Пула, во киното Валии. Јули 2018 година. Беше пеколно жешко, салата пукаше по шавови, го гледавме документарниот филм за Милена. На крајот на филмот салата беше на нозе, аплаузот никако да престане, се прашував како Милена ќе преживее.

Веќе тогаш не можеше без боцата со кислород, а боцата останала во хотелската соба. Преживеа, ние стоевме во колона и чекавме Глумицата да ни потпише книга. Книгите беа наредени на бината, ми беше јасно дека нема да се докопам до својот примерок ако бидам пристојна, па со лакти се изборив до челото на колоната.

Бев во право. Оние пристојните останаа без книга. Ние среќниците не добивме само потпис, секој од нас посака да помуабети со Милена, себично да ја дави не грижејќи се за нејзината состојба, можеби затоа што таа вешто ја криеше.

Сите добивме насмевка, на сите ни кажа фала, се чудеше, искрено, што нè има толку многу. Нам, пак, ни беше неверојатно што Милена не сфаќа колку луѓето ја сакаат. Ми падна на памет, не може да бидеш толку скромен по сето тоа, дека Милена сепак е врвна глумица и дека нејзиното чудење од нашата одушевеност е само одлична глума.

И тогаш пак станав непристојна. Го искористив познанството со Тања Њежиќ, авторка на две монографии за Милена, таа првата повеќе ми се допаѓа бидејќи е тотално откачена, и седнав со Милена на маса во еден прекрасен ресторан во Пула. Таму, се разбира, ја пречекаа како кралица. Ја прашав како може да го издржи сето тоа. Ми рече дека претрчала до соба и се напила кислород.

За што зборувавме? Не би можела да ги набројам сите теми. Се сеќавам дека ѝ беа одвратни луѓето што ја владеат Југославија, која денес веќе не се вика така. Во срце ја погодиле дивјаштвото и бесчувствителноста на оние што нејзината земја ја претвориле во она што е денес. Легло на криминал и криминалци, култура никаде на повидок.

Деновиве се сетив на Милена кога во Хрватска одекна фрката околу „сликарот“ што во ударен ТВ-термин портретира со својот стојко. А некогаш на нашата телевизија, во најгледаниот термин, гледавме „Образ уз образ“. Може ли подолу? Може, може.

Ми рече дека не ѝ е лесно да живее на поткровје и дека таа и нејзиниот сопруг Драган Николиќ не биле во новото време на „вистинската“ страна. Не ни можеа да бидат. Вистинските луѓе и ова ѓубре што управува со нашите животи никогаш нема да најдат заеднички јазик.

Во еден момент до нашата маса дојде газдарицата на ресторанот и рече дека ја поздравуваат обожавателите од Загреб. Милена се зачуди, каде се загрепчани? Жената ни објасни дека Милена како вечера, се разбира, ја ставила на Фејсбук, па почнала лавина од поздрави и добри желби. „Неверојатно“, ѝ рече Милена на Тања Њежиќ, „знаеш дека ме поздравуваат и загрепчани?“ „Се разбира дека те поздравуваат“, рече Тања, „што се чудиш?“ Милена сепак се чудеше. А јас се прашував, и сè уште се прашувам, како е можно Милена да не знае колку навистина ја сакаат Хрватите? Не знаеше.

Синоќа умре Милена. Се спаси хероината на минатото време, нашата хероина на сите времиња.

Автор: Ведрана Рудан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе