Место десет една пратеничка група

Собранието треба да се врати во претходната состојба.

Претседателот на Собранието, мора војнички да отстапи од првиот ред и да ја повлече дадената согласност за формирање на десет пратенички групи од редот на една иста партија (коалиција). На тоа го обврзува и Деловникот и парламентарната практика. Со повлекувањето на согласноста  нема лично да загуби ништо. А опозицијата нема правни инструменти да се спротивстави на неговата одлука, ниту може да ја  заштити  повластената положба, стекната поради попустливоста на парламентарното мнозинство.

Излезот не може да биде тоа што сега се прави - секој прекин на пленарната седница да се надомести со продолжување на работното време. Десет часа прекин во еден ист ден - десет часа продолжение на работно време. Тоа не е разумно, бидејќи Собранието престанува да биде ефективен орган, од работилница се претвори во кулиса. А токму тоа го сака опозицијата - преку десетте пратенички групи Собранието да се одржува фиктивно, без содржина.

Таков вид опструкција не е забележан во споредбеното парламентарно право. Во земјите со подолга традиција, не се дозволува од една пратеничка група да се создадат повеќе групи, ниту спојување на две или три пратенички групи во една пратеничка група. Построго се санкционира и преминот на пратениците од една во друга група. Постојат и земји во кои пребегот се забранува изречно, а има и земји во кои  ,,пратениците - номади“ можат да бидат само независни пратеници или ,,пратеници без членство во парламентарна група“, како што е тоа случај со пратениците во Република Бугарија (Георги Близнашки, Парламентарно право, Софија, 2015).

Законот за Собранието чекор назад

Пратеничките групи имаат двојна природа - политичка и правна. Првата е неспорна и видлива, а втората е флуидна и замаглена. Правната природа е помалку препознатлива и за пореномираните институции, како што е Уставниот суд на Германија. Овој суд, во повеќе наврати го разгледувал статусот на пратеничките групи во Бундестагот, но се уште нема јасен став - дали се тие органи на Бундестагот или се органи на политичките партии застапени во претставничкото тело? (Schüttemeyer, S., Hierarchy and Efficiency in the Bundestag).

Неспорно е дека пратеничките групи се политичка појава, облик на обединување на политички истомисленици, независно дали се во прашање пратениците што припаѓаат на една партија или се независни пратеници. И едните и другите се борат во парламентот своите изборни програми да ги преточат во закони или да го попречат владејачкото мнозинство ефективно да владее.

Политичкиот карактер на пратеничките групи се подзасилува со воведување на пропорционалниот модел во распределбата на пратеничките мандати при крајот на 19 век. Преку овој модел, пратеничкиот мандат постепено прераснува во партиски мандат, од слободен станува императивен. Пратениците од пропорционалната листа се групираат по партиска линија во пратенички групи, под непосредна контрола на координаторот на групата кој, по правило, се регрутира од највисокото партиско раководство. На тој начин, пратеничката група делува како орган на политичка партија.

Координаторот има задача да ги дисциплинира членовите на пратеничката група и да ги ,,камшикува“ ако не гласаат во работните тела и на пленарните седници така како што одлучило партиското раководство. Во функција на тоа, пратеничките групи вршат претходни подготовки - заземаат ставови за одредени  прашања, пред одржувањето на седниците на работните тела и на пленарните седници. Тие го стават во погон целиот собраниски механизам, кој делува како ,,парламентарна корпорација“.

Партиското дисциплинирање не е ,,популарен идеал“, ниту е вредност што наоѓа поддршка кај сите пратеници. Станува збор за ,,нужно зло“, за бреме што  пратеникот  тешко го носи. Знае и дека јавноста  на него гледа со презир и дека  го оплакува: ,,А го оплакувам и јас и не би сакал да бидам во негова кожа“ вели Џовани Сартори во својата книга ,,Споредбен уставен инженеринг“ од 1994 година.

Под влијание на партиската дисциплина, пратеничките групи го ,,колонизираат“ целиот процес во Собранието и по хоризонтала (работни тела) и по вертикала (пленарни седници). Во нивни раце е политичката иницијатива, а не во рацете на работните тела. Работните тела го одработуваат само она што веќе е договорено или предложено од страна на пратеничките групи. А пратеничките групи тоа го спроведуваат ефектно поради нивната сраснатост со политичките партии. Ете, како е вгнездена партиската држава во самото срце на државната власт и како таа, пред наши очи катадневно, го урива парламентаризмот во Македонија (Party Systems, Political Order and Constitutional Reforms in Bulgaria and Macedonia: Experiences and Perspectives, БАН и МАНУ, 2017).

Правниот статус на пратеничките групи е различен. Во некои  земји се уставна, во други законска, а во трети деловничка материја. Кај нас се и деловничка и законска категорија. Деловничка категорија се од 1990, а законска од 2009 година, кога е донесен Законот за Собрание на Република Македонија. Три години подоцна, Законот е искористен како легална основа за насилно отстранување на пратениците од пленарната сала на Собранието на 24 декември 2012 година.

Законот за Собранието не содржи ништо ново, освен што формирањето на пратеничките групи го третира како можност, а не како обврска. Тоа е чекор назад во однос на Деловникот на Собранието, кој формирањето на пратеничките групи го третира како должност. Наведената разлика, опозицијата умешно ја искористи кога побара  формирање на десет пратенички групи (Закон за Собрание на Република Македонија).

Пратеничките групи имаат конститутивна и законодавна функција. Од нив произлегува целокупната структура на Собранието, почнувајќи од работните тела, анкетните комисии и собраниските делегации, па се до функционерите на Собранието. Согласно на тоа, тие можат да  се третираат и како внатрешни органи на Собранието, со одредена автономија, што им ја овозможува слободниот мандат, гарантиран со Уставот. Прашање е само, како да се статуира  нивната автономија и со кои средства нивните членови да се заштитат од строгата партиска дисциплина.

Како консеквенца на слободниот мандат, пратениците од различни партиски групи можат да бидат поблиски едни кон други отколку што се блиски со партиското раководство. Наоѓајќи се на исто работно место и разменувајќи искуство и мисли едни со други, тие меѓу себе развиваат и односи на солидарност, взаемност и емпатија. Но, прашањето е како тие вредности да се заштитат од партискиот притисок, од политичката корупцијата и од осредното интелектуално ниво на пратениците. Оттука, не случајно, за да се крене на повисоко ниво интелектуалниот капацитет на британските пратеници, Џон Стјурат Мил предложил дипломираните студенти на Оксфорд и Кембриџ да имаат по два гласа на парламентарните избори, под услов нивните дипломи да се стекнати со знаење.

Во таков контекст, не е доволно да се зборува само за владеење на правото (номократија). Треба да се зборува и за  владеење на идеите (идеократија). Со помош на идеите, солидарноста и взаемноста меѓу пратениците можат да се подигнат на повисоко ниво, барем на она ниво на кое тие вредности веќе постојат во животинскиот свет (Петар Кропоткин, Етика).

Законодавната улога на пратеничките групи е видлива од нивното право да иницираат постапки за донесување на закони, да поднесуваат амандмани во текот на второто читање на законските проекти и да гласаат за нивно усвојување или отфрлање на пленарните седница. Без нивна активност, нема ни уставотворен ни законодавен процес. Прашање е само во колкава мера тие процеси ги движи нивната  волја, а колку партиската дисциплина?

Парцијално толкување на Деловникот

Претседателот на Собранието парцијално го протолкува Деловникот кога овозможи опозицијата да формира десет пратенички групи. Тој ја толкуваше само одредбата која предвидува дека „пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии“, како што се вели во член 33, став 2 од Деловникот (Деловник на Собранието на Република Македонија).

Во овој случај, претседателот водеше сметка само за квантитативниот, но не и за квалитативниот критериум. Остана само на минималниот број на пратеници (5) без да води сметка за нивна припадност на една иста предизборна коалиција. Од една таква коалиција не може да се формира поголем број пратенички групи, бидејќи сите нејзини членки следат иста политичка линија. Тоа е спротивно и на досегашната парламентарна практика во Македонија, но и на практиката во другите земји. На пример, Деловникот на шпанскиот Кортес не дозволува формирање на повеќе парламентарни групи од пратеници што припаѓаат на една иста партија или коалиција (Parliaments of the World: A Comparative Reference Compendium, Vol. 1).

При спроведувањето на Деловникот, претседателот не водел сметка за духот на другите деловнички одредби со кои се уредуваат односите помеѓу парламентарното мнозинство и парламентарното малцинство, соодветната застапеност на пратеничките групи во работните тела и други органи, распределбата на времето за дискусиите, исправките и репликите, координацијата на работата на Собранието и други прашања. Како ќе може претседателот да ја остварува координацијата секој понеделник со 13 координатори и 26 заменици координатори? Или, како ќе им обезбеди работни простории за толкав број групи и стручна логистика од најмалку 20 надворешни соработници!?

Собранието ненадејно се најде во лавиринт од кој не може да излезе ни Хермес. Излезот не би можеле да го најдат ни најдобрите познавачи на херменевтиката. Со толкав број пратенички групи и координатори, Собранието фактички е заробено, стана херметички затворена институција, со потенцијал да ги поништи изборните резултати од декември 2016 година.

Нов почеток

По враќањето во претходна состојба, претседателот може да размисли за нов почеток, да согледа како може да се подобри положбата и улогата на пратеничките групи. А тој може тоа да го направи, бидејќи е пратеник со подолго парламентарно искуство. Беше и координатор на една пратеничка група за време на „Црниот понеделник“, а исправено стоеше и пред животната опасност за време на „Крвавиот четврток“.

Најпрвин може да побара дополнување на Деловникот, со обврска пратеничките групи да се формираат во прва недела од конституирањето на Собранието. Потоа, да побара и попрецизно дефинирање на квалитативниот критериум за формирање на пратеничките групи, што сега недостасува во наведениот член од Деловникот. Може да предложи и мерки за подобрување на нивната автономија и нивното потесно поврзување во Клубот на пратениците, заради подигање на нивото на взаемноста и солидарноста меѓу пратениците. На крајот, може да предложи и промена на нивното име, да се означуваат како „парламентарни групи“, како што е тоа случај со парламентарните демократии во другите земји.

Пожелно е да го направи и тоа што неговиот претходник не сакаше ни да слушне. Да ги стави во процедура препораките на ад хок Комисијата за испитување на настаните од 24 декември и да се заложи за нивна имплементација со тоа би го отворил пошироко процесот на внатрешните реформи во Собранието кои се исто толку значајни колку и реформите во правосудството (Извештај на Комисијата за испитување на настаните во Собранието на РМ од 26.8.2013).

Тоа што се предлага  не може квалитетно да се направи без помош на Стручната служба на Собранието. Не може да се спроведува и да се  толкува ни Деловникот како што треба, без поширока помош и на науката. Толкувањето на правните норми мора да биде херменевтичко, а не херметичко. Станува збор за умешност „ситуирана  меѓу уметноста и науката“ (Robert Schütze, European Constitutional Law).

Само корекцијата на претседателот на Собранието е можна, бидејќи исклучиво зависи од него. Станува збор за личност која покажува способност во водењето на собраниските седници, демонстрира принципиелност и правичност и сака да го подигне авторитетот на Собранието на повисоко ниво. А и во говорот што го одржа во Крушево се претстави пред јавноста повеќе како отворена отколку како затворена личност. Покажа и знаци дека сака да биде повеќе на страната на европејството и космополитизмот, а помалку на страната на национализмот, етницизмот и мултикултурализмот.

проф. д-р Светомир Шкариќ

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Она што нѐ кочи во изнаоѓањето на решение за името е непознавањето на теоријата за преговарње од надлежните, но и од оние кои и досега учествуваа и нѐ советуваа во преговарањето.

повеќе

Премиерот имаше добра прилика во највисокиот светски политички форум, поексплицитно да ги образложи причините за спорот за името.

повеќе

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе