Местенките во високото образование

Сознанијата за степенот на местенки во судството неминовно го наметнува прашањето дали има местенки и во високото образование.

Неодамна во дебатна емисија, професорот Новковски тврдеше дека  една партиска наредба  од времето кога се бираше ректор на УКИМ била: „Новковски ни по која цена да не се избере“.  Гласачката машина, потоа, навистина ја сврши работата, тој не беше избран  за ректор.

Ваквите наредби не се однесувале само на професорот Новковски, туку и на други лица. 

Но, имало и обратни наредби:  по секоја цена да се прими посоченото лице.

До сознание за местенките во високото образование може да се дознае нешто и од реакциите на засегнатите кандидати, најчесто во Билтен н УКИМ (кај некои приватни универзитети, на пример МИТ, прием на нови лица се врши и без Билтен). 

Така, во една рецензија на Медицинскиот факултет  (Билтен на УКИМ од април 2014, број 1074, стр. 42), како одговор на приговор на еден од кандидатите, рецензентите напишале: „Кандидатот навистина има евидентни научни резултати во науката, но деканот ни даде право да ги менуваме бодовите претходно дадени и ние го искористивме тоа право“. Значи, бодовите, претходно дадени, се промениле не според Правилник, туку по ќејфот на деканот, односно по нарачка. Декан на Медицински факултет во тоа време беше  сегашниот ректор на УКИМ. 

Во многу случаи оштетените лица не реагирале од страв да не бидат ставени на црниот список, односно да бидат означени како противници на политиката на ВМРО.

Во последно време се појавува специфичен вид на местенки. Имено, се пишуваат позитивни рецензии засновани врз непостојни, креирани податоци. На пример, во една рецензија за редовен професор се предлага лице за кое во рецензијата се наведени трудови објавени во списание со фабрикован импакт фактор,  односно списанието не е списание со импакт фактор.

Во еден реферат, пак, се тврди дека  кандидатот ги исполнил условите за одбрана на докторат, со тоа што објавил два труда со ИФ во веќе наведеното списание, кое не е списание со импакт фактор. 

Неодамна во Oфф.нет беше објавена мошне критичка оцена за еден реферат за докторат. Критиката е насочена, пред сè, кон комисијата, затоа што рефератот има недозволливи грешки  

Можеме да претпоставиме дека врз рецензентите бил вршен притисок. Така може да се објасни фактот што некои рецензенти пишувале срамни рецензии по цена на својот интегритет. Но, никој до сега не изјавил дека врз него е вршен притисок да напише несоодветна рецензија. Затоа може да се констатира дека рецензентите рецензиите ги пишувале по своја слободна волја.

Всушност, само на Правниот факултет, тогашниот декан, проф. д-р Давитковски изјавил дека бил подложен на големи притисоци од страна на просветната инспекција, на факултетот да прими лица блиски на власта. Наводно, во тек бил перманентен процес на прием на подобни кадри од партијата на власт. 

Прашањето за унапредување лица засновано врз лажирани податоци никој не го поставил, вклучувајќи ги и институциите кои се задолжени да се грижат за законитоста на изборите (Државниот просветен инспекторат) и рецензиите поминувале на соодветните  наставно-научни совети.

Определени реакции имало само на Правен факултет. Тука имало реакции на овие нарачани рецензии и тие биле усвојувани со надгласување, со големи притисоци, во мачна атмосфера. Но затоа пак на Филозофски факултет тие лесно поминувале, едногласно. Едногласно поминала и рецензијата за избор на асистент по психологија во која - како одговор на приговор што го дал кандидатот - пишува: Во конкурсот (за избор на помлад асистент) не е наведено дека за избор е неопходно кандидатот да има објавено научни трудови објавени во списанија индексирани во светски датотеки и списанија со фактор на влијание (стр. 204, Билтен 1050), па  затоа рецензентите не го зеле предвид квалитетот на објавените трудови, одбиле кандидат со два такви труда (и уште десетина други трудови), а примиле кандидат што немал објавено ниту еден труд, но е „лојален кон претпоставените“,  значи послушен.

За да се согледа можниот извор на притисок и местенка во овој случај, корисно е рецензијата да се прочита во целост. Тогаш нештата може да бидат појасни,  како што велеше почитуваниот Никола Младенов. 

Оваа срамна рецензија, напишана од режимски рецензенти, своевремено предизвика бурна реакција во медиумите. Таа, како и онаа на Правниот факултет, напишани со  мизерен речник и објавени во Универзитетскиот билтен, само го посрамотија Филозофски  и Правен факултет и веројатно се една од причините заради кои УКИМ неодамна беше симнат од Шангајската листа на универзитети.

Но, додека деканот на Правен факултет се спротивставувал на притисоците од власта, деканот на Филозофксиот факултет, најпослушниот декан на УКИМ, проф. д-р Горан Ајдински, не само што ги одобруваше местенките, туку и активно учествуваше во нив.

Местенките  во високото  образование, најмногу на УКИМ, значи, се реализирале  на повеќе начини:

   преку рецензии за избор на нови вработувања на УКИМ со кои се фаворизира дадено лице без оглед на квалификациите;

- преку пишување на рецензии за напредување на лица што не го заслужувале тоа;

- преку пишување на позитивни реферати за докторски дисертации со изнесување на факти што не соодветствуваат на реалноста.

Сакам да истакнам дека избор на несоодветно лице може да се направи само со позитивна рецензија за посочено лице, без оглед на вистинските квалификации на односното лице и на другите кандидати.  Важно било рецензијата да содржи само една клучна реченица:  „Се предлага  XY…“,  без оглед на аргументите.

Ова треба да се спомене, затоа што на наставно-научните совети се гласа за предлогот  содржан во рецензијата или рефератот, што значи, се прифаќа или се одбива предлогот на  рецензентите.

За да се избегнат местенки и да се намали улогата на субјективноста на рецензентите, треба да се дефинираат конкретни, јасни и објективни критериуми за избор и напредување на универзитетите. Сега е прилика за тоа затоа што новиот закон за високо образование е во фаза на подготовка.

Видан Гаштански

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе