„Меѓународна солидарност со Скопје“

Можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна.

На 26 јули во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, земјотрес го срамни Скопје со земја. Загинаа 1.070 лица, повеќе од 4.000 беа повредени, околу 200.000 останаа без покрив над главата, 28.000 домови беа оштетени и нешто повеќе од 15.000 станови беа урнати. Први што им пристигнале на помош на скопјани биле војниците и граѓаните од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнале да пристигнуваат помош и спасувачки екипи од целиот свет. Според тогашните извештаи, 87 странски нации испратиле најразлична помош за Скопје и помогнале во изградбата на новото Скопје (денеска тој број држави, поради дисолуцијата на СФРЈ, СССР и Чехословачка, е значително поголем). Од тогаш и Скопје го носи епитетот „град на солидарноста“.

На 19 септември 1963 година амбасадорите/постојаните претставници при ООН на 35 држави (Алжир, Аргентина, Австрија, Боливија, Бразил, Бугарија, Камбоџа, Чиле, Колумбија, Чехословачка, Данска, Етијопија, Финска, Гана, Грција, Унгарија, Индија, Иран, Италија, Јордан, Мали, Мароко, Норвешка, Полска, Романија, Сенегал, Шведска, Сирија, Тунис, Турција, СССР, Обединета Арапска Република, САД и Уругвај) со писмо (док. А/5552) се обратија до ген-сек на ООН и, во име на своите влади, побараа во дневниот ред на на 18-та сесијата на ГС да се вклучи дополнителна точка „Мерки во врска со земјотресот во Скопје, Југославија“. Кон писмото беше додаден и „појаснувачки меморандум“. 

Американскиот претседател Џ.Ф. Кенеди му наложи на Министерството за одбрана и на УСАИД да преземат активности и потребна помош со кои ќе му се помогне на Скопје и неговите жители (John F. Kennedy Library: National Security Action Memorandum No. 267 Disaster Assistance for Skopje – NARA – 193638, напишан и потпишан на 18 октомври 1963 од страна на советникот за национална безбедност на претседателот Кенеди, McGeorge Bundy).

И СССР даде значителна помош, а нејзиниот лидер Хрушчов лично го посети Скопје. За првпат, по почунавњето на студената војна, воени претставници на двете суперсили, САД и СССР, се сретнаа во Скопје и соработуваа во помошта на Скопје.

На 14 октомври, Генералното собрание на ОН, во согласност со барањето од 35 држави, донесе резолуција бр. 1882 ( https://documents-dds-ny.un.org/doc/RESOLUTION/GEN/NR0/185/57/IMG/NR018557.pdf?OpenElement)  во која, мегу друго, се нагласува „...задоволство од духот на меѓународната солидарност која е демонстрирана во оваа пригода и ја трансформирала обновата на Скопје во вистински симбол на пријателство и братство мегу луѓето“.

Се огласија и врвните светски литерати и филозофи, Алберто Моравија и Жан Пол Сартр. Добротворен концерт за жртвите во Скопје во Реимс, Франција, приреди Хенрик Шеринг, во ноември 1963 година. Австриската поетеса Кристине Буста напиша поема „Скопје 1963“. Пабло Пикасо донираше своја слика („Глава на жена“)... како и многу други манифестации и дела кои оправдано овозможија Скопје да се нарекува „Град на меѓународната солидарност“.  

Веднаш по трагедијата, ОН почна да организира меѓународна хуманитарна помош и да подготвува планови за реконструкција. Властите во Варшава изразиле подготвеност да испратат во Македонија проектантски тим, кој би можел да им помогне на локалните специјалисти во подготовката на проектот за реконструкција. Со проектантскиот тим раководел Станислав Јановски, а големо влијание врз реконструкцијата на Скопје имал и Адолф Циборовски.

Архитектите - македонски, југосолвенски и светски - заслужни за воскреснувањето на Скопје по земјотресот полека тонат во заборав. Да споменеме само неколку, заедно со нивните дела: Георги Константиновски - седиштето на Градскиот архив (1966), студентскиот дом „Гоце Делчев“ (1969), Хидромеоролошкиот институт (1972), Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (1978); Јанко Константинов - гимназијата „Никола Карев“ (1969), Медициски центар (1973), Дирекција на Македонска пошта (1974 и во 1979-1980); Живко Поповски, Живко Гелевски, Лидија Маркова и Тихомир Арсовски – Градски Трговскиот Центар (1973); Марко Мушич (еден од најистакнатите словенечки архитекти) - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1974). Радомир Лаловиќ и Олга Папеш - Македонската Народна банка (1974); Борис Чипан -  Македонската академија на науките и уметностите (1975). Музејот на современата уметност е подарок од полската влада, изграден во 1970 година, според проектот на Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки.                                                                                                      Во Скопје не можат да се најдат улици, плоштади, училишта или културни центри што ги носат имињата на Танге или Константинов, на Пота и многу други архитекти кои придонеле кон обновата. Само прославениот полски архитект Циборовски, кој беше назначен од Обединетите нации да ја надгледува повторната изградба на градот, ја имаше таа чест да добие една мала уличка со негово име на периферијата од центарот на градот. Постојат само некои објекти и улици кои имињата ги имаат добиено по имињата на државите или главните градови од каде потекнува донацијата; Поликлиника Букурешт; „руски згради“; „фински бараки“; улица Мексичка (неодамна сменето името!!).

Aдолф Циборовски

Во својата статија Бојан Блажевски („Заборав за луѓето што го дигнаа Скопје од урнатините“) укажува дека направил мала анкета кај жителите на улицата „Адолф Циборовски“ со едно едноставно прашање: „Дали знаете кој бил Адолф Циборовски, човекот чиешто име го носи оваа улица?” Од десет анкетирани, само две постари жени знаеле за придонесот на Циборовски за Скопје.               Таквиот однос на државата и на граганите (со ретки исклучоци) прекрасно го опишува пораншената претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска: „Секое лето, со години, Скопје има повод да се навраќа на далечната 1963 со силно чувство на морален долг кон сите што великодушно помогнаа да се надминат тагата и болката, да се надминат настанатите катастрофални последици од земјотресот. Тогаш, Скопје стана митолошки нектар на вистината за човековата хуманост, а сега е момент пак да се искаже радоста за овозможениот растеж на градот токму преку таа солидарна помош. Едноставно, се има потреба од соодветен показ на почит и благодарност кон светот, се има потреба од потсетување на постојните универзални вредности, од потсетување и чествување на солидарноста, не само како човечка особеност туку како концепт на живеење. Ова сознание се стекнува и останува кај оние што ја доживеале катаклизмата, но секако, по сето одживеано, во колективниот ментален запис на овој град постои еден додатен урбан код на сите генерации потоа. Во име на моралната парадигма што ја носат сите скопјани се поставува прашањето: како тоа да нема ништо за паметење на моментот на солидарноста? Парк, скулптура, комплекс, каква и да е уметничка творба, урбана структура со социјална димензија...“

 

Постојаната поставка во скопскиот Музеј на современата уметност, којашто презентира дела подарени на градот по земјотресот од уметници од целиот свет (вклучително и од Пикасо), денес носи наслов „Солидарност – недовршен проект“. Истото би можело, за жал, да се каже и за градот и за неговата архитектура. Од резултатот на анкетата за Циборовски, Блажевски извлекува – оправдано – заклучок: „дека тоа кажува многу за немата реакција на моите соседи и сограѓани кон владиниот проект „Скопје 2014“ како кичесто, неокласично реновирање на градот што уништи многу модернистички структури во македонскиот главен град – нивната рамнодушност има корен во изгубените колективни сеќавања на неверојатното издигнување на Скопје од урнатините, како и на мажите и жените кои го направија тоа возможно,,.

Како потсетување: Веднаш по земјотресот, ОН обезбеди пари за урбанистичкиот план за градот. Грчката архитектонска фирма Доксиадес и полскиот архитект Адолф Циборовски го нацртаа регионалниот план за Скопје во 1964 година, но центарот на градот, околу два квадратни километри, остана да се реши преку меѓународен конкурс.

Во јануари 1965 година Кензо Танге добил телеграма од ОН со прашање (замолен) дали би бил заинтересиран да учествува на меѓународниот конкурс за реконструкција на Скопје. На конкурсот се пријавија 8 фирми. Првото место го доби Кензо Танге.

На 31 мај 1965 година Танге го изнесе својот план, кој доби 60% од првата награда, додека 40% му беа доделени на југословенскиот тим на Радован Мишевиќ и Федор Вензлер од Загреб. Жирито составено од претставници на Обединетите Нации - директорот на проектот на ООН, Адолф Циборовски, Љубе Пота, директор на Урбанистичкиот завод на град Скопје и Ристо Галиќ, директор на Институтот за планирање и архитектура, предложи соработка меѓу двата тима што ја добија наградата.

Кензо Танге

Во 1967 Кензо Танге е прогласен за почесен граѓанин на Скопје.

Во „поплава“ на споменици, ми се наметнува прашањето: зошто на Кензо Танге не му посветивме барем еден скромен споменик?                                                                                                                             Меѓународната солидарност и придонес во санација на штетите од катастрофалниот земјотрес беше огромна. Тогашните власти, и покрај надчовечките напори да му се помогне на населението – како приоритет, правеше сѐ за да искаже благодарност на 78 земји кои дадоа медицинска, градежна, парична, стручна... и други видови на помош.

Веќе со децении, 26 јули вообичаено се одбележува на гробиштата во Бутел со полагање цвеќе пред споменикот на загинатите од земјотресот. Останаа и стрелките на 5 часот и 17 минути на (иако имаше идеи да се „поправи“) часовникот на (старата) железничка станица. Сепак, во 2008 година беше организиран настан на кој експерти од странство (архитекти, историчари на уметност, теоретичари, урбанисти..) дебатираа на тема Скопскиот земјотрес и меѓународната солидарност и неговата повторна изградба. Индивидуална иницијатива и организирана во рамките на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАKС) – Факултет за архитектура и дизајн.

За време на мојот мандат во Виена, со македонскиот архитект кој живее во Виена, Сергеј Николјски и (тогаш младиот студент во Виена) Иван Мирковски  (иницијаторот на Форум Скопје 2008) често разменувавме мислења и идеи за проектот „павиљон – омаж за Кензо Танге“.  Во 2012 по повод 50 годишнината од скопскиот земјотрес и 100 години од раѓањето на Кензо Танге, неговиот син Пол Норитака Танге претстојуваше во Скопје.  

Одбележувањето на денот на трагичниот земјотрес во Скопје, во главниот град е сведено на домашни настани: полагање цвеќиња пред споменикот на жртвите; крводарителска акција на Црвениот крст. На 50-то годишнината, во 2013, беа организирани повеќе настани. Во 2016 година по повод 53-годишнината од земјотресот, Младинскиот културен центар се вклучи со изложба на фотографии на хрватски архитект кој ја документирал солидарноста која му била укажана на Скопје.

Добро е што се отпочна со збогатување на содржинскиот дел од одбележувањето. Но, сепак, останува впечатокот дека се заборава мeѓународната заедница, се заборава  меѓународната солидарност. 

И површно прегледување на странските стручни списанија и сајтови покажува дека на темата Изградба и солидарност со Скопје, многу повеќе внимание на таа тема се посветува во светот, отколку во РМ. Така, на пример изложба и филм посветен на полската помош на Скопје може да се следи на Google Cultural Institute , Polish Artists’ Solidarity Act for Skopje .

Или, „Reconstructing Skopje, Macedonia, after the 1963 earthquake: The Master Plan forty years on“ by Robert Home. И многу други.

На 26 јули 2018 годинаа навршуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес и од несебичната помош и меѓународната солидарност.

Добра пригода (како јубилејна година) преку организирање на манифестација „Меѓународна солидарност со Скопје“ и поканувајќи гости од 78 држави, како и од некогашните федерални југословенски републики (и државите сукцесори на СССР и Чехословачка), сега самостојни држави, да искажеме благодарност за солидарноста која тие држави ја манифестираа кон Скопје и РМ.

Едновремено, таквата манифестација би можела да биде дополнета со паралелен форум на странски и домашни експерти во областа на архитектурата и урбанизмот посветено на т.н. „Скопје 2014“.

Одбележувањето на 55 годишнината од земјотресот, освен поканување на официјални претставници од (пред сѐ) државите донатори, претставува и можност за поканување на градоначалници на нивните главни градови и, особено, на збратимените градови со Скопје. Имајќи предвид дека помошта и солидарноста со Скопје се одвиваше преку ОН каналите, пожелно е постојаните мисии на РМ при ОН центрите во светот (Њујорк, Женева и Виена) да организираат приеми со соодветен изложбен материјал. 

Изнесената иницијатива има, пред сѐ, цивилизациска компонента, но и претставува каменче во мозаикот на политиката на владата на РМ за ширење и продлабочување на пријателските односи и соработка на РМ со државите во светот.

П.С.

Текстот е напишан кон крајот на 2017 година и предочен (или постоеле обиди) на релевантни политички фактори во РМ. Деновиве преку порталите читам за планираните активности по повод 55-та годишнина од земјотресот и меѓународната помош и солидарност: (наречена) „Зборува Скопје“ - четиридневна манифестација за одбележување 55 години од земјотресот. Со дваесетина културни настани на неколку локации, Град Скопје ќе ја одбележи 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ќе ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Манифестацијата ќе почне в понеделник, 23 јули, кога од 20 часот на источната страна на Музејот на Град Скопје ќе бидат откриени вратените букви од пораката на Јосип Броз Тито.

Од своја страна ги поздравувам сите дваесетина планирани манифестации, како и враќањето на пораката на Ј.Б.Тито на фасадата на Музеј на Град Скопје.

Свесен сум за актуелниот политички моментум во државата и барањето решение за многу важни прашања за иднината на РМ.  

Сепак, сметам дека можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна и на тој начин да ја манифестираме благодарноста кон меѓународната заедница и државите кои искрено и несебично ја пружија својата рака (и срце) кон граѓаните на Скопје („град на солидарноста“) и Р. Македонија. 

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе