Meѓународен образовен скандал на универзитетите во Тетово и Крагуевац

Дали се крие образовниот криминал и корупција на нашите универзитети.

Деновиве медиумите пишуваат за мега образовни скандали во тетовскиот  универзитет и крагуевачкиот од Република Србија. Фалсификувани дипломи, докторати, плагијати, копирање на туѓи научни трудови... Плагијати се откриени на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово и тоа кај професорите Неџбедин Беадини, Шеќибе Беадини (која е и кординатор на докторските студии), Абдулена Беадини, Емира Беџети, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди, Екрем Исмани.

Во истражувачката сторија на публикацијата „Веритас“ наведени се примери на овие седум лица од наставен кадар на овој универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат. Со други зборови, користеле туѓ интелектуален научен труд, претставувајќи го како свој. Исто така, на овој Медицинскиот факултет, поради настојување на деканот професор д-р Кастриот Хаџиреџа, да се стави крај на неправилностите и скандалите, ректорот на овој Универзитет професор д-р Вулнет Амети, бара од деканот да се „протуркаат“ 15 докторанти (има докторанти од Косово) со плагијати, како и незаконски унапредувања во наставно-научни звања на некои лица кои не ги исполнуваат законските услови (научни трудови и докторат добиен од Универзитетот на Обединетите нации од областа здравствен менаџмент за унапредување во вонреден професор по максилофацијална хирургија). Откако го одбил тоа, ректорот го суспендира деканот. Ова е меѓународен скандал. За ваквиот чин ректорот треба да поднесе неотповиклива оставка. Министерството за образование и наука, Владата, директорот за квалитет во високото образование, како и Одборот за акредитација и евалуација нивните претседатели треба да реагираат на овој меѓународен скандал, а не да бидат соучесници на ваквиот образовен скандал. А Државниот просветен инспекторат треба да постапи согласно Законот за високо образование и законските надлежности. Треба веднаш да бидат известени сите надлежни институции во Република Македонија. Одговорност мора да има. Неминовна е потребата од контрола на сите универзитети, јавни и приватни во Република Македонија. Се поставува прашањето: Зошто од Косово или Албанија доаѓаат да магистрираат или докторираат на македонските  универзитети? Зошто МВР молчи и не презема ништо, иако се доставени известувања до нив, како што е случајот со струшкиот универзитет, каде што се вмешани високи функционери од власта, судии... Дали се крие образовниот криминал и корупција на нашите универзитети? Ова што се случува во македонските универзитети го достигна дното. Срам. Каде е одговорноста!

Во Македонија овој образовен скандал како да се сокрива и забошотува. Тука се вмешани политички и други високи  личности. За разлика од кај нас, во Република Србија, образовниот скандал на универзитетот во Крагуевац со „албански македонски студенти“ кои докторирале на темата за независно Косово, не сопираат и ја разбрануваат високообразовната академска фела во Србија.

Како што известуваат српските новини, односно весникот „Блиц“ и новинарот Жељко Јевтиќ, „косовските Албанци добиле докторски дисертации на универзитетот во Крагуевац, а според неофицијални податоци од МВР, во тоа време не биле и не престојувале во Србија. „Студентите од Крагуевац“ се на функции во Косово и Метохија. Сите овие докторски дисертации сега се пронајдени, а биле печатени во текот на 2016 година и директно упатуваат на  поранешниот ректор Небојша Арсениевиќ. Досега голем дел од пронајдените дипломи се со потписот на Арсениевиќ.

Дополнително срамен дел од аферата „дипломи“ е фактот што дел од „албанските студенти“ од Косово и Метохија докторирале во Крагуевац, и тоа на теми кои се однесуваат на Косово како независна држава. Теми на кои „полагале“, меѓу другите биле и „Управување на процесот на интеграција на Косово во ЕУ- економски, политички и социолошки аспекти на придружување на ЕУ“, како и, за Србите посебно болната тема, „Улогата на јавниот тужител во кривичните постапки на Косово“. Еден од студентите е и добитник на орден затоа што во 1990 година ја потпишал „Декларацијата за независност на Косово“.

Косовските Албанци кај Арсениевиќ испраќале доктори на науки од економијата. Српскиот весник „Блиц“ објавува диплома со потпис на Арсениевиќ, вештачен од Институтот за безбедност на Бањица. Тоа што засега е познато е што овој  „студент“ никогаш не запишал ниту еден акредитиран програм на Универзитетот во Крагуевац. Никогаш не бил запишан на докторските академски студии на економски науки. Имало студенти со дипломи од студии од Европскиот центар за мир и развој (EЦПД) на универзитетот Крагуевац. Такви студии никогаш не биле дозволени ниту пај акредитирани. Универзитетот во Крагуевац соопшти дека ЕЦПД студии кај нив никогаш и немало.

По истиот шаблон, како што се сомнева, се обработени уште 15 дипломи на косовските Албанци. Засега дошле до комплетни дипломи издадени на име Сафет Хоџа, а другите се пронајдени во посебен фајл во комјутер на универзитетот во форма подготвена за печатење. Основано е спмневањето дека и тие дипломи биле испечатени, потпишани и издадени. Секако, без никаков правен основ, бидејќи универзитетот во Крагуевац никогаш не ги запишал тие косовски Албанци, ниту пак постојат такви докторски дисертации.

Докторанти од Косово и Метохија и од Македонија

Во целосната лага која се одвивала на универзитетот во Крагуевац добро се заработувало. Во време кога се издавани дипломите ректорот на универзитетот во Крагуевац бил и декан на ЕЦПД и ангажиран како професор (2016).

„Блиц“ пишува дека „генералниот секретар на универзитетот во Крагуевац (Марко Лукиќ) изјавил дека во процедура се 15 докторски дисертации за лица од подрачјето на Косово и Метохија и Македонија. И за нив постои сомневање дека се стекнале со дипломи на универзитетот во Крагуевац, без уписи на претходни студиски програми и без дозвола за работа за нивно изведување“. Лукиќ во изјавата за RTС ќе рече: „целокупната документација околу споменатите дипломи, универзитетот во Крагуевац ги достави во полиција за преземање понатамошна постапка“. Медиумите ги објавуваат и имињата на докторантите: Раиф Рамабаја на тема „Стратешки менаџмент во компаниите на Косовското Поморавје“ и „доктор на наука за менаџмент“; Башким Арифија - доктор на економски науки на тема „Управување со процесот на интеграција на Косово во ЕУ“; Енес Садовица -доктор на економски науки; Фадил Красниќи -доктор на правни науки; Хашим Чолаку-доктор на правни науки; Илаз Дули-доктор на економски науки, Илир Родики-доктор на менаџмент науки; Мухамед Диша со тема „Интеракција помеѓу маркетингот и квалитетот кај малите и средните претпријатија на КиМ“, доктор на економски науки;.Нухи Села-доктор на менаџмент; Осман Ејупи со тема “Институционална анализа  на политичката конкуренција на Косово“, доктор на правни науки; Сафет Хоџа со tema „Јавни набавки-правни и практични развој на Косово“, „доктор на правни науки“; Шукрие Рама со тема „Високото образование на Косово-предизвици и препораки“, доктор по менаџмент; Вехеби Софиу на тема „Влијанието и загаденоста на воздухот на соларни панели на Косово“, доктор на технички науки; Вели Лецај - „Политика на производи во стопанството на Косово“, доктор на економски науки и Вјолца Висока Насани, „Значење на меѓународниот бизнис на Западниот Балкан со фокус на Косово“, доктор на економски науки.

Во Србија се преземаат соодветни мерки и одговорности. Кај нас во Македонија, ќе чекаме на лидерска средба помеѓу Заев-Ахмети, почесниот доктор прогласен на универзитетот во Тетово. Дали ќе има одговорност во Македонија за овој образовен криминал и скандал? Треба да има. Како и одговорност на првите луѓе на Агенцијата за квалитет на високото образование и претседателите на Одборот за акредитација и на Одборот за еваулација за високото образование.

Продолжува битката во борбата против образовниот криминал и корупција во високото образование во Македонија.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе