Колумна

Меѓу неодлучноста и вербата во себе

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

Кога во декември минатата година се појави веста дека во еден „мал“ кинески град од 12 милиони жители Вухан се појави еден непознат вид на грип никој не помислуваше дека еден ден целата светска популација ќе стане жртва на еден непознат и невидлив вирус кој брзо се шири од човек до човек. Брзината на ширењето на непознатиот вирус низ цела Кина и излегувањето на сцена на Д-р Ли Венлианг, еден млад 34 годишен кинески доктор, (после неколку денови од појавата на новиот вирус) кој по социјалните мрежи се обиде да ги убедува своите колеги дека оваа појава на болест премногу личи на сарс, веста ми асоцираше на напорите на Д-р Бернар Рије од романот „Чума“ на Албер Ками,  претставникот на апсурдот во книжевноста .

За жал Д-р Ли веќе не е ќив. А и Бернар Рије во романот на Ками почина. Првиот не успеа да је преживее епидемијата слична на сарс и мерс, како што заклучил тој, и откако бил опоменет од полицијата дека „шири лажни вести и паника“, се врати на  својата хумана задача да ги спасува разболените лица за да подоцна станe синоним на хуманоста и пожртвуваноста и нивен херој.

Имагинарниот лекар на Ками, Рије, ја преживеа епидемијата и стана нејзин лекар и хроничар заедно со историчарот Taру. И тој веќе не е жив. Доктор Рије виртуелно се борел против вирусот на чума кој го зафатил Оран, еден обичен алжирски  медитерански град, тоа време центар на француската администрација. Во суштина имагинарниот Рије е раскажувач, лекар и хроничар на една вистинска чума во Оран, во 1817 година иако авторот наведува дека дејството во романот се случило во 194... И двајцата имале ист предизвик: се соочија извесно време со непознатите и невидливи вируси, за кои знаеја дека се нешто ново и непознато, но беа безимени вируси. Подоцна им најдоа имиња: чума и нешто што личи на сарс, подоцна ковид-19. Но за Ли тоа беше кобно!

За жал Ли, како млад лекар и од друг континент каде не се читале делата на светските нобеловци за време на маоизмот оти биле полни со западна буржоаска идеологија, не успеал да ги чита пораките на неговиот претходник Рије од романот „Чума„ за време на организираната прослава во градот Оран, по победата над вирусот: Всушност слушајќи ги гласовите на радост кои ечаа во градот (пишува Ками), Рије се сеќаваше дека оваа радост била заканувана, затоа што тој знаеше дека оваа толпа на радост не го знаеше тоа што можеме да го читаме во книги, дека вирусот на чумата не умира ниту пак исчезнува и дека може да остане со десетина години заспан во мебел и во облека, дeкa може со трпение да чека во спални, во визби, ковчези, марамчиња, и кои, можеби, ќе  дојде денот кога, од несреќа и едукација на луѓето, чумата ќе ги разбуди нејзините стаорци и ќе ги праќа да умираат во некој среќен град“.

Кога непознатитот нов вирус сѐ повеќе се прошируваше низ светот, тогаш сѐ повеќе почнав да се убедувам себе си дека од несреќа и едукација, како што  рекол некогаш  Рије, новиот вирус сличен на сарс и мерс подоцна именуван како ковид-19 ги разбудил своите кобри и лилјаци и ги испратил да умираат на среќните континенти Европа и Северна Америка. И тогаш се сетив на зборовите на Ками дека злото е една заедничка работа и луѓето му веруваат на злото само кога им паѓа на нивна глава. Војните и злото ги наоѓаат луѓето секогаш изненадени, и така треба да ги разбираме нивните неодлучности, вели авторот.

Дури и Трамп кој му се смееше на „кинескиот вирус“ и со овој збор многу го налути кинескиот политички врв, на почеток беше неодлучен: прекин на авионски летови кон Кина, карантин да, карантин не...

Градоначалникот на Њујорк резигнирано, после  убедливо најголемиот број на жртви од вирусот, изјави дека погрешиле што не ја разбрале сериозно работата.  Луѓето не му веруваат на злото, вели Ками, затоа што мислат дека тоа брзо ќе поминe, дека тоа е еден лош сон кој брзо ќе мине, но од еден лош сон до друг лош сон, луѓето се тие кои поминуваат, во прв ред хуманистите затоа што не ги презеле нивните мерки, продолжува авторот.

Глупоста е секогаш упорна, и таа ќе се примети само ако луѓето не мислат секогаш на себеси. Сограѓаните на Рије во тој поглед беа како сите, вели Ками: тие мислеа на себе, подруго речено беа хуманисти и не му веруваа на злото.

Кристина вон дер Лајен, европската комесарка, овие денови им се извини на Италијаните. Премногу бевме затворени во сопстсвените граници и не мислевме пошироко за другите. Но, ви гарантирам дека од денес и понатаму и вие ќе бидете наша заедничка грижа, им се обрати таа со јавно извинување упатено до  Италијаните. Но, сепак кај нив остана чувството на гневот кон изразениот претеран  егоизам.

Кога доктор Филипче почна секој ден да се појавува во прес центарот известувајќи за текот на злото, за инфицираните и умрените лица, опозицијата не можеше веќе да издржи: на кого личи Филипче? На доктор Рије кој треба да ги лекува пациените, на историчарот и хроничарот Тару или на новинарот Рамбер? Сепак Филипче е на висина на неговите задачи со неговата крајна одговорност, педантност и способност во вршење на неговите работи. Но, тој и сите лекари кои се наоѓаат на должност, бара и ние граѓаните потенцијални идни жртви на вирусот да му помагаме: да ги почитуваме мерките на СЗО, да останеме дома, да си помагаме, на нашите семејства и да покажеме доза на хуманизам кон немоќните, сиромашните. Секој да ја заврши  добро својата работа, пишува Ками.

Ете, ќе ви покажам некои примери како не треба да се врши работата.

Градоначалничката на Тетово преку медиумите ни соопшти дека градот успешно се бори против коронавирусот. Службите, вели пресот, ја дератизирале улицата на бутиците, и сите шахти низ истата улица.

Божем стаорците се кријат во шахтите под кои тече вода. И целата нејзина ангажираност во борбата против коронавирусот се сведе на дератизација на две улици, а не на перманентна дезинфекција на целата општина. А Тетово не е мала општина: сите имаат право на живот, и не само жителите на две улици!

Сигурно градоначалничката помислила на епидемијата на чумата опишана од Ками, а не на сличниот вирус на сарс, на што се сомневаше доктор Ли.

Некои лидери на политички партии не беа подготвени да ги отстапат на сиромашните парите кои ги земаат од џебот на граѓаните во корист на нивните политички и изборни активности. Тие можеби не ги гледале сцените каде група Роми од една скопска населба наместо да се самоизолираат од коронавирусот ги чуваат контејнерите да не ги земе службата за оддржување на хигиена оти од нив ја земале секојдневната храна од кои зависел нивниот секојдневен живот. Можеби не ги сакаат нивните „сиромашни“ гласови. Не, не, не верувам во тоа.

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме  се обратиле мултилингвално, согласно Законот за јазици! Не е важно што немаме доволно респиратори, дури и маски кои можевме и самите да ги шиеме!

Банкарите, и покрај нивната мала солидарност, побрзаа да ги делат дивидендите и да ги пресметаат каматите на одложените рати на нивните клиенти. Некои високи функционери, само од срам на другите и ништо друго, прифатија редукција на нивните плати, а не и на другите привилегии.

Сепак, за среќа, сѐ уште има луѓе кои мислат на солидарност со немоќните, сиромашните, и се докажале на дело во овие кризни времиња. Тие не се малку.  Тогаш кога ќе поминат овие тешки денови сигурно ќе се сетиме на хуманоста на лекарите кои ги оставија нивните сакани деца, татковци, мајки, браќа и сестри и отидоа на здравствениот фронт да спасуваат животи. Ќе се сеќаваме и на полицајците кои секоја ноќ бдеат пред нашите врати да ни го чуваат нашето здравје. И сигурно ќе им кажеме една  голема благодарност.

 

Мухамед Халили

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе