Медиумски (не)писмен Балкан?

Неодговорните медиуми, критичкото неразбирање на нивните пораки, медиумски неписмените граѓани, заедно со контроверзната политичка сцена, ја доведуваат во прашање демократизацијата на пост-транзициските земји.

Медиумската писменост на Балканот до неодамна беше приоритет за луѓето на одлучувачки позиции. Ова е потврдено и со Вториот годишен индекс за медиумска писменост на Институтот отворено општество во Софија, според кој, од вкупно 35 анализирани земји, најголем дел од земјите од Западен Балкан се на дното. Според ова истражување, „Словенија е рангирана на 11-то место, Хрватска е рангирана на 24-то, Србија на 29-то, Црна Гора на 31-во, Босна и Херцеговина 32-ро и Македонија на последното, 35-то место“. Ова, исто така, го покажува нивото на медиумска слобода, подемот на сензационализмот и лажните вести, но исто така и недостатокот на интерес на публиката за вистинско разбирање на медиумите.

Непрепознавањето на овие феномени е штетен за демократското општество, па затоа застапувањето за медиумска писменост е еден од приоритетите на Балканот денес. Во исто време, секојдневните практики во секоја од набљудуваните земји се сосема различни во некои сегменти, но во други, пак, се сосема слични. На пример, „медиумската писменост во БиХ е на многу ниско ниво, како во однос на критичкиот пристап до медиумските содржини, така и во користењето на медиумските потенцијали за информативни и образовни цели“, а за Македонија се тврди дека „е последна во однос на медиумската писменост и во однос на довербата на јавноста во медиумите“.

Медиумската писменост во училиштата

Сепак, за волја на вистината, во последните неколку години, има видливо поместување во оваа област, пред се`, во медиумската писменост на просветните работници и учениците.

Црна Гора е единствената од набљудуваните земји коja, како изборен предмет, ја воведе медиумската писменост во училиштата, но по првичниот успех, интересот за учениците е намален.

Носител на активностите за медиумска писменост е, на пример, во Хрватска и Словенија, Агенцијата за електронски медиуми, која има развиено темелен план за промовирање, сензитивизација и имплементација на медиумската писменост во образовниот систем и во целото општество.

Во Србија, носителот на активноста е Заводот за унапредување на образованието и воспитувањето (ЗУОВ), кој е подготвен за експериментално воведување на програмата за медиумска писменост, прво во првите одделенија на средните училишта, и тоа од септември 2018 година.

Во Босна и Херцеговина медиумската писменост не е вклучена во основните училишта, но барем формално, во некои случаи, се планира да се дискутираат теми на т.н. медиумско образование.

Според истражувањето на Ли Таџиќ (2013), „најголемиот број предвидени медиумски теми во заедничката наставна програма за основни училишта во Федерацијата на БиХ се по предметите босански/српски/хрватски јазик. Предвидено е да се дискутира за медиумите преку наставната категорија на медиумската култура.

Во Словенија медиумската писменост е составен дел од деветгодишното образование и се изучува во седмо, осмо и деветто одделение како изборен предмет. Словенија спаѓа во групата земји кои ја сфатија важноста на институционалната медиумска писменост, како што се, на пример, Австралија, Финска, Данска, Канада, Унгарија, Германија, Норвешка, Ирска, Шведска и Обединетото Кралство.

По речиси две децении, донаторите повторно го препознаваат медиумското образование како важен елемент во демократизацијата на општеството. За разлика од претходниот период кога ја поддржаа професионализацијата/медиумската писменост исклучиво за новинарите, сега во центарот на вниманието се семинарите за медиумска писменост на наставниците, родителите, учениците и ученичките и, генерално, граѓаните.

Во алтернативните програми во Црна Гора, најзначаен е проектот што го реализира Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ). Меѓу активностите кои заеднички ќе се спроведуваат со Агенцијата за електронски медиуми (АЕМ) врз основа на Договорот за соработка помеѓу Претставништво на УНИЦЕФ за Црна Гора и Агенцијата за електронски медиуми на Црна Гора, потпишан на 22 март 2018 година, меѓу другото, се „истражување со цел давање придонес за креаирање на политиките и препораките на АЕМ“. Самата соработка ќе се реализира со поддршка на УНИЦЕФ за Агенцијата, а во реализацијата ќе бидат вклучени агенции за истражување на пазарот, претставници на научната заедница и други партнери.

Во Хрватска, невладините организации организираат обуки за просветни работници. Здружението за комуникација и медиумска култура е особено активно на ова поле, и од 2017 година одржа 600 обуки во 90 основни и средни училишта за наставници, родители и стручни соработници во училиштата, преку кои обуки поминале повеќе од 12.000 луѓе. Темите се типични за програмите за медиумска писменост: дигитално насилство, е-бонтон, воспитната и образовната улога на медиумите, влијанието на видео игрите врз децата и младите, сензационализмот во медиумите, медиумско прикажување на убавината, медиумите и рекламирањето, медиумското насилство. УНИЦЕФ и Агенцијата за електронска писменост од 19-21 април 2018 година ги организирале Првите денови на медиумска писменост низ цела Хрватска и целна група биле деца, родители и просветни работници.

Во Србија, Новосадската школа за новинарство најдолго организира континуирани акредитирани семинари во ЗУОВ. Во текот на изминатите осум години, околу 850 просветни работници, особено оние кои предаваат мајчин јазик и „Граѓанско образование“, присуствувале на овие семинари, главно во Војводина и делумно во централна и јужна Србија. Невладината организација „Граѓански иницијативи“, исто така, се вклучила во медиумската писменост на просветните работници, но во рамките на семинарот за новововедениот изборен предмет во училиштата „Граѓанско образование“ уште на почетокот на третиот милениум.

Агенцијата за електронски комуникации на Словенија спроведува разни активности, промотивни кампањи, едукација, истражување за медиумска писменост, почнувајќи од учениците во основните и средните училишта и нивните родители, а во последниот период и од градинките, до граѓаните и граѓанките како целни групи. Неколку невладини организациии во Словенија се занимаваат со медиумската писменост на просветните работници, учениците и ученичките, како и професионалците. Од нив ја издвојуваме „Часорис“, која во соработка со Здружението на новинари од Словенија минатата година спроведе обука за вработените во 14 основни училишта. Резултатот од овој проект е првиот учебник за медиумска писменост за учениците од основните училишта.

Образование за медиумските професиoналци

Иако интегритетот на медиумите е проблематичен во сите земји од Западен Балкан, општиот впечаток е дека постои изобилство на високообразовни институции на сите нивоа (како јавни/државни, така и приватни), кои ги едуцираат идните медиумски професионалци. Нивниот број сосема несоодветно ја прикажува (не)развиеноста на пазарот на медиуми во сите земји од Западен Балкан.

Сите поголеми државни универзитети на Балканот во рамките на факултетите за политички науки, филозофските факултети или академиите за уметност, зависи од државата, нудат дел од медиумските студиски програми. Секако, постојат и приватни студии за медиуми и односи со јавноста, а медиумите исто така се изучуваат на студиските програми на стручните виши школи.

Кога станува збор за едукација за медиумските професионалци во Србија, вкупно 80 студиски програми се акредитирани на сите универзитетски нивоа и во високите стручни школи на државни и приватни образовни институции.

На академско ниво, новинарите во Босна и Херцеговина се едуцираат на државните факултети на универзитетите во Сараево, Мостар, Тузла и Бања Лука, на приватните, како што се Меѓународниот универзитет во Травник, Универзитетот за бизнис студии во Бања Лука, Факултетот за општествени науки во Меѓугорје, но и во високите школи како што е колеџот во Бања Лука, или „KAPA FI“ школата за комуникации, исто така, во Бања Лука. Ова не е исцрпна листа на опции, но веќе е доволна за земја што има околу 3,5 милиони жители.

На академско ниво во Црна Гора, најстарата студиска програма за новинарство се реализира на Факултетот за политички науки (основни, магистерски и докторски студии). Освен овој факултет на Државниот универзитет на Црна Гора, медиумите се изучуваат и на Факултетот за драмски уметности во основните студии, односно се спроведува програмата Филм и медиуми, а на магистерско ниво е програмата Продукција и филмологија. Студиите за медиуми се реализираат и на приватниот универзитет во Доња Горица (основни, специјалистички и магистерски студии).

Во Хрватска постојат девет високообразовни установи каде што идните новинари се едуцираат, според податоците на Агенцијата за наука и високо образование: Универзитетот ВЕРН, Универзитетот Север, Факултетот за политички науки на Универзитетот во Загреб, Одделот за комуникации на Универзитетот во Дубровник, високата школа „Едвард Бернајс“ (комуникациски менаџмент), Хрватски студии Загреб и Хрватскиот католички универзитет, како и Универзитетот во Задар.

Во Словенија на академско ниво, медиумите се изучуваат на Универзитетот во Љубљана, на Факултетот за општествени науки. Важно е да се нагласи дека во оваа високообразовна институција со години се спроведува проект за собирање на податоци за медиумска писменост во Словенија и следење на факторите и трендовите на медиумска писменост на подолг рок, што е единствен ваков проект во целиот регион. Во прилог на ова, медиумски програми, исто така, имаат и Факултетот за електротехника на Универзитетот во Марибор, потоа на Факултетот за хуманитарни науки при Приморскиот универзитет. Медиумите, исто така, се изучуваат на приватни факултети, како што се Факултетот за медиуми, Љубљана, како и во приватни високи школи, како што е Високата школа за мултимедиуми ИАМ во Љубљана. Всушност, студентите и студентките на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана и на Факултетот за медиуми се посветуваат на медиумската пиосменост како наставна содржина.

По завршувањето на високото образование и влегувањето во професијата, новинарите и новинарките на Балканот имаат можност, доколку уредниците тоа го разбираат и поддржуваат (што не е многу често), да учествуваат на специјализирани обуки како дел од доживотното учење, пред се`, организирани од невладини организации преку донаторски средства, но понекогаш и академски институции.

Неодговорни медиуми и неписмени граѓани

На крајот, низ целиот Западен Балкан подеднакво недостасуваат работилници, семинари, обуки за медиуми и информациска писменост за граѓаните и граѓанките, активистите на невладините организации, политичарите и политичарките, припадниците на генерацијата во „трето доба“ и општо најширокиот медиумски аудиториум.

Организациите од граѓанскиот сектор кои најчесто се занимаваат со оваа тема и донаторите не го препознаа значењето на оваа огромна целна група која, за волја на вистината, има важна улога во (не)демократизацијата на општеството и во суштина е најважниот дел од електоратот. Во исто време, основното средство во предизборните кампањи се токму медиумите и така системот се заокружува. Неодговорните медиуми, критичкото неразбирање на нивните пораки, медиумски неписмените граѓани заедно со контроверзната политичка сцена, ја доведуваат во прашање демократизација на пост-транзициските земји. Една од алатките за подобро разбирање и за делување во секојдневниот живот е медиумската писменост како една од функционалните писмености без која не може да се опстои во третиот милениум.

проф. д-р Дубравка Валиќ Недељковиќ

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе