Мат за Бугарите и Грците: Не може 200 години да има „македонско прашање" без Македонци

Горниот факт ги прави смешни разните Димитровци и Каракачановци, Самарасчиња и Папуљасчиња.

Неспорно е за било кого дека „Македонското прашање“ е веќе скоро 200 години актуелно на меѓународната сцена. Тоа одлично го знаат и тие што макар маргинално ја следат политиката. И сега, со крунскиот аргумент дека без Македонци не е воопшто замисливо ни возможно околу 200 години да има „Македонско прашање“, можеме одговорно да констатираме дека Бугарите и Грците се дефинитивно матирани! Тоа мора да ги разоружа и да ги стави и Атина, и Софија пред свршен чин, во која било ситуација кога се обидуваат да го негираат постоењето на Македонците.

Не може, господа Бугари и Грци, да нема Македонци, а за нив да се разговара 200 години! Да бидат актуелни толку време, и на маса, и кај големите сили, и на најважните светски настани, на меѓународни конгреси и на мировни и други конференции, на состаноци меѓу водечките светски политичари, и во нивните изјави, и во медиумите, и во Лигата на народите... а да не постојат! Ако толку често и на такви нивоа се зборувало за Македонците, тие никако не можеле да бидат виртуелни. Такво нешто е теоретски невозможно. Морало да ги има. Коминтерната и Тито, се многу подоцна. А тие, не можеле да “измислат“ нешто што макар еден век пред нив, веќе било меѓународно познато и третирано. Освен ако тие не нè „измислиле“ – ретроактивно!? Затоа, бугарските и грчки тврдења се тешка и срамна измама и манипулација.

Познато е дека Софија и Атина се оглушуваат на сè што потврдува дека Македонците се вековни на овие простори. Арно ама, (пре)долгото постоење на „Македонското прашање“ е апсолутен и недискутабилен доказ кој целосно ги поништува и фрла во вода сите нивни измислени „тези“ и „хипотези“. Така, ако Бугарија и Грција навистина се сметаат за сериозни држави и макар минимално го почитуваат личното, политичкото и државното достоинство, ќе мора под итно да ја сменат својата неразумна и веќе прегазена политика кон Македонија.

Софија, веројатно, кувет сега добива и од грчката утопија дека ќе нè прекрстат и избришат како народ. Можеби се залажуваат дека ако Грците успеат, тогаш единствен избор би ни бил да се „освестиме“ дека сме „бугарчиња“ и така, триумфално за нив, да заврши оваа бедна епопеја сега веќе - на 21 век. Надежта, дури и кога е лажна и без основа, како во случајов, секогаш последна умира. Односот на Бугарија и Грција кон Македонија, е најнова потврда за тоа.

Не треба да има никакви сомнежи дека и Бугарија, и Грција се целосно свесни дека играат на погрешна карта и дека, во основата, се работи за нивни тешки историски синдроми. Јасно им е исто така дека не можат ништо да добијат бидејќи аспирациите им се крајно нереални, без основа и затоа - невозможни. За жал, инерцијата е појака од сè и Софија упорно се држи на истата линија врз која веќе доживееја стравотни порази во двете светски војни. Беа на погрешната страна само за да ги присвојат Македонија и Македонците. Лошата политика им донесе и сеуште им носи огромни штети ама без наравоучение. Жалосно, во секој случај. Очигледно е дека се работи за вековна болка/амбиција/емоција... за која нема лек. Истото важи и за Атина.

Вилијам Гледстон

Софија и Атина одлично ги знаат сите историски факти околу Македонија и Македонците, иако упорно трубат дека не нема(ло), дека некој нè измислил. На пример, познато им е и дека Вилијам Гледстоун (1809 – 1898), најистакнатиот британски политичар на 19 век, кој преку 15 години бил премиер, а додатни 20 и кусур и министер, бил загрижен за судбината на - Македонците. Да не забораваме дека е тоа период кога Велика Британија била главна светска сила, чии збор, став, политика... имале тежина. Во писмо од 2 јануари 1897 година, упатено до Ф. В. Хирст, тој напишал – „... Зошто не Македонија на Македонците, Бугарија на Бугарите и Србија на Србите“? Прво ги спомнал Македонците, што исто така нешто значи! Како знаел дека таков народ постои, очигледно без да се консултира со Атина и Софија - треба да се истражи. Дали Гледстоун бил нешто како Ванга и чувствувал дека многу години по него ќе нè „измислат“ Коминтерната и Тито и тој само антиципирал? Одговор можат да дадат само бугарските и грчките политичари и историчари.

На лагите и манипулациите секогаш им се кратки нозете. Бугарската доминантна, фундаментална, историска, вековна... а сè заедно неумна политика (исто како и грчката, на свој начин) е голем и невиден анахронизам. Поголем – здравје. Сакаат да се уверат прво себе, а потоа и другите, вклучувајќи не и нас, дека еве, ајде, ами добре... сега сте Македонци, ама до Втората светска војна – бевте „Бугари“! Корените ни се заеднички! Каква генијалност! И, што се случи? Одеднаш, по војната, народот ги променил своите национални чувства, својот јазик...! Од „Бугари“ станавме Македонци! Така решил Тито! Со волшебно стапче! Да се чудиш и да не веруваш! А нашите дедовци? Што беа тие, кога ни велеа дека се Македонци, и ништо друго? А, нели, пред тоа, скоро 40 години нè посрбуваа и тврдеа дека сме „Срби“! И, што постигнаа? Ништо! Да се игнорира еден народ не е само недолично, туку и срамно. Барем за 21 век. Во 19 век тоа можеби бил и начин на водење на висока политика со цел да се грабне сè што се може.

Да заклучиме. Не би требало веќе никој во светот, да не зборуваме во земјава, да има и најмала дилема дека ОФИЦИЈАЛНА И ТРАЈНА бугарска политика е дека – нема Македонци, нема македонски јазик, историја, култура, традиција... За нив, сето тоа е – бугарско! Ако е така, а така е, тогаш мора да ни биде кристално јасно дека Бугарија е организирана држава во која нема импровизации и некакви лични мислења, ставови, позиции, туку, барем кога се во прашање Македонците – сè е уникатно и целосно координирано. Така е макар век и пол. На сите нивоа. Од врвот на државата, та сè до пионерите, сите ја спроведуваат спомнатата, длабоко погрешна, антиисториска и антицивилизациска, политика кон Македонија.

Горните факти за бугарската политика кон Македонија, кои се неспорни, се доволна опомена за нас да го максимализираме степенот на внимателност во сè што е поврзано со овој сосед. Тоа значи дека во секој нивни потег, чин, настан, иницијатива, настап... ние мора да ја гледаме оваа нивна политичка доктрина кон Македонија. Мора да ни биде јасно дека тие постојано, со сите сили, и во секоја прилика, настојуваат истата да ја потврдат и реализираат.

За Грците, пак, е спорен брендот „Македонија“ со дериватите „македонски/а/о“. Во основата, тие не негираат дека сме издвоена нација само под услов да не сме – Македонци! Ако бевме Славјани, Брсјаци... Ујгури... Маи... за нив немаше да има никакви проблеми, дури и ако името на државата беше истото како и сега. Тоа значи дека, макар за нијанса, нивната позиција е помалку лоша од бугарската, ама резултатот е – ист! И едните и другите нè игнорираат, блокираат, условуваат, уценуваат... за да постигнат некакви свои политички цели. И, најважното: тие уште долго, да не кажеме никогаш, нема да прифатат дека сме – Македонци! А ние, друго не можеме да бидеме!

Софија и за Атина го драматизираат проблемот бидејќи токму сега им се укажува последната шанса да капитализираат на своето средновековие. Факт е дека нивните историски синдроми може да се валоризираат само пред нашето влегување во НАТО и ЕУ. Чим стапнеме во нив, макар со референцата, или се откажеме од таквите амбиции - приказната е завршена. Бугарија и Грција ќе останат со празни раце. Никој нема да може да го условува нашиот македонизам. Баш затоа, сега и Софија максимално почна да ги покажува своите „црвосани заби“! Досега, тактизираа пуштајќи ја Грција да ги „брани“ и нивните интереси. Сега, ги отворија картите и немаат никакви скрупули во обидите да го докажат невозможното и да го постигнат недостижното... Комплементарноста на политиките и интересите меѓу Атина и Софија, кон Македонија, е стопостотна – да нема Македонци! Каков компромис е тука можен, ценете сами.

Во целиот галиматијас, наши клучни хендикепи се – а) што ние сме пред вратите, и сакаме да влеземе во евроинтеграциите, а тие се внатре и максимално ги користат своите предности, при што уживаат и широка подршка, и б) и во Атина и во Софија постои максимален државен консензус во однос на нелегитимните аспирации кон Македонија. Кај нас, за разлика – и за најстратегиските прашања постои целосна какафонија: еден став има власта, друг опозицијата, трет албанските партии... и секој ја тера сопствената политика дури и на надворешен план. Покрај тоа, постои и цела низа на „слободни експерти“ и „новинарчиња“, од кои најголемиот дел се најверојатно добро платени од надвор, за да работат против фундаменталните интереси на сопствениот народ.

По кој знае кој пат – ние сме на потег! Мора да тргнеме во офанзива и постојано и насекаде да ги „бомбардираме“ Бугарите и Грците со крунскиот факт дека 200 годишната историја на „Македонското прашање“ објаснува сè за вековното постоење на Македонците. Отворено и одлучно мора да им се става јасно на знаење дека нивните политики на негирање стануваат безпредметни и смешни. Преку овој аргумент треба да се инсистира и на разбирање и на подршка и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз... во Москва, во Пекинг... Не треба да се заборави ниту Нимиц.

Во меѓународните односи, неретко се случува државите да се обидуваат максимално да ќарат во дадени ситуации, не водејќи многу сметка за легалноста, моралот, принципите... Така некако се однесуваат и Бугарија и Грција кон Македонија. Обично, тоа непишано правило ние го игнорираме дури и кога легитимитетот не е спорен! Ги пропуштаме шансите кои ни се пружаат, што е непростиво. Настојуваме да бидеме поголеми католици од папата, исто како што бевме најголеми Југословени во федерацијата. Така, за разлика од сегашното бугарско однесување кон нас, ние бевме сосема непотребно, и стратегиски длабоко погрешно - крајно дарежливи кон нив, во 1999 година. Тогаш, под директен диктат на САД (Строут Талбот, заменик државен секретар), ја потпишавме исклучително штетната Декларација за пријателство и соработка, со што покажаме дека нема отворени прашања меѓу двете земји. Со тоа, на Бугарија ѝ го отворивме патот и за НАТО, и за ЕУ. Во спротивно, Брисел ќе инсистираше таа да ги расчисти спорните работи со соседите, кои се за нас од суштинско значење. Без декларацијата, на Бугарија ќе ѝ беше потребно зелено светло и од Македонија, за влез и во двете организации, при што ќе мораше да демонстрира и нагласена флексибилност. Меѓутоа, со директно и добро испланирано американско вмешување, не случајно, на директна штета на Македонија, Софија доби сè - на тацна. Не барајќи какви било отстапки, наивно и недоветно, ние им потврдивме дека меѓу двете земји нема ништо спорно. Поголема наша неодговорност, тешко може да се замисли.

Сега се нивните пет минути и тие не се како нас: знаат како да ги искористат. Така е во политиката. Тоа што нас не нè бива и што немаме чувство за моментот (во спортот се вели – сега му е мајката!), е чисто наш проблем. Се работи за недостатокот на државништво и лидерство. Причината е што и по скоро четврт век на целосна незавиност, сè уште немаме базична национална и државна стратегија во која би биле дефинирани основните постулати кои никој не би смеел да ги доведува во прашање. Тоа не е лесно да се постигне, ама е можно и многу потребно.

                                                                                    Ристо Никовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе