Макрон од Балканот ги отвора вратите

И ако граѓаните или Владата очекуваа дека Јункер на Заев ќе му даде покана со датум за влез на Македонија во ЕУ, тогаш живееме во илузии.

Конечно, вратите на ЕУ се отворија за земјите од Западниот Балкан. Вака гласеа повеќето наслови во медиумите минатата седмица, кога премиерот Заев ги посети највисоките челници на европските институтиции во Брисел. Иако ова не е прва посета на Заев (непосредно по конституирањето на Владата тој и неколкумина министри беа во Брисел во почетокот на јуни), но за првпат тој се сретна со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. Оваа средба, се чини, требаше да се случи многу порано, но сепак добро е што се случи. Причините за кои на Заев му требаше речиси половина година да ја реализира оваа средба ќе останат во сферата на претпоставки. Можеби тој го чекаше вистинскиот момент да се претстави со конкретни достигнувања. Можеби чекаше да почне да се одмотува клопчето на политичкиот јазол дома. Можеби неговите стратези го советуваа дека вратата на Јункер тешко се отвора.

Кога конечно се оствари средбата, истите триумфално тврдеа дека ова е прва средба по подолго време каде Јункер прима челници од Западниот Балкан. Се чини дека премиерката на Србија Брнабиќ и нејзината прва официјална средба надвор во својство на шеф на српската Влада во септември годинава не се вклопува во овој концепт.

Сега веќе не важно дали вратите на кабинетот на шефот на Европската Комисија биле цврсто затворени или не. Важно е дека Заев се сретна со Јункер, а уште поважно е дека средбата ги надмина очекувањата на двете страни. Ако претходно Заев собираше храброст за средба со Јункер, кој важи за еден од ретките политичари кој наместо дипломатски ракавици носи боксерски, сега, после оваа прва рунда, би требало да се чувствува охрабрен. Јункер не ги употреби боксерските ракавици, туку го прими Заев многу искрено и со топло добредојде. Секако дека Јункер, кој е искусен политичар, ја препозна искреноста и ентузијазмот на Заев, со што тој доби поени и кредит за следна средба.

И ако граѓаните или Владата очекуваа дека Јункер ќе му даде покана со датум за влез на Македонија во ЕУ, тогаш живееме во илузии.

Јункер го повтори она што веќе сме го чуле: местото на земјите од Западниот Балкан е во Европската Унија каде тие и географски, историски и културно припаѓаат, НО, само кога за тоа ќе бидат исполнети сите услови. И останатите средби во Брисел поминаа во позитивна атмосфера и тон на поддршка кон стратегијата со која Заев го трасира патот на Македонија кон ЕУ. За време на оваа посета, премиерот се претстави пошироко и на претставници на неколку лоби групи во Брисел кои имаат силно влијание во креирање на надворешните политики на ЕУ. Заев се чини се стекна со досега најголемиот комплимент кој доаѓа од ЕУ, „Макрон од Балканот".

Линијата која ги спојува Зеав и Макрон е визија за заеднички живот во реформирано општество со силна социјална и економска политика. Ќе речете дека речиси секој политичар во своите излагања ја провејува оваа флоскула, но не ја спроведува. Макрон, како и Заев, немаат друга можност, но да веруваат во она што го декларираат, и уште повеќе, да го спроведат. Макрон, како и Заев, подеднакво млади и искусни, се во фокусот на многу неистомисленици, гласни или тивки, јавни или тајни, блиски или далечни, кои будно ги демнат нивните чекори. Тоа го препозна искусниот Јункер кај Заев. Сега следува време на градење на доверба и соработка. И тоа, верувам, Заев добро го знае.

Но што знаеме ние? Дали сме свесни дека го имаме Макрон за водач? Или сѐ уште го имаме синдромот на автодеструктивност, па тешко го препознаваме водачот меѓу нас? Или, можеби, некој не сака тој да биде препознаен.

И за крај: „Каде се „ослободените" медиуми и новинари да се вклучат професионално и да му дадат дополнителен потстрек и поддршка на премиерот, наместо креирањето на амбиент за промоција на различни политички струи и интереси. Тажно е да ја живееме повторно судбината на изолација, затоа што една ластовичка не ја прави пролетта, па макар се викала и Макрон.

Наташа Мартинс

(Авторката е Македонка која живее и работи во Брисел, познавач на политиките на проширување и интеграција на ЕУ и состојбите на Западниот Балкан)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе

Литературните дејци отсекогаш биле предвесници на некое ново време. Немале натприродна моќ да ја предвидат иднината.

повеќе

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе