Македонско-бугарски односи: обединети во различноста

Историјата не е политички договор за добрососедство, туку сеопфатна студија за минатото, од која треба да се влечат поуки за сегашноста и патокази кон иднината.

United in diversity или на македонски „Обединети во различноста“ е официјалното мото на Европската Унија кое се користи од мај 2000 година. Според Европската Комисија мотото значи дека „Европејците се обединети во нивните заложби за мир и просперитет и дека различните култури, традиции и јазици во Европа претставуваат позитивна придобивка за континентот“.

Несомнено, сржта на самиот слоган е промоција на цивилизациски и космополитски идеи на взаемна почит кон различните идентитети, кои би требало да прераснат во двигател за обединување, наместо за раздoр и омраза.

Да видиме како овој моќен слоган може да биде практично употреблив и за актуелните настани поврзани со македонските односи со соседните држави, особено со нашиот источен сосед. Сведоци сме дека речиси еден месец македонската јавност е преокупирана со содржината на договорот за добрососедство кој нашата држава треба да го потпише со Бугарија. Практично нема ден, а за тоа да нема барем една вест на некој национален медиум: телевизии, радија, интернет портали, а за договорот на долго и на широко се пишува и на социјалните мрежи.

Главните контроверзи кои ги предизвика содржината на самиот договор во предвечерието на неговото потпишување (1 август) е формулацијата за „уставниот јазик“ и делот за заедничката историја и заедничкото одбележување на празници. Намерата на бугарската страна е проѕирна и повеќе од јасна, а за тоа не треба да се биде „искусен дипломат кој чита меѓу редови“. Со самото инсистирање на заедничка историја пред создавањето на Асномска Македонија од 1944 година, Бугарија сака да покаже дека „дотогаш на сегашната македонска територија живеел народ кој бил бугарски, имал бугарска култура и традиција, и се разбира, негувал симпатии кон бугарската држава како негова матица“. Признавањето на овие бугарски ставови од наша страна би било рамно на колективно самоубиство на македонскиот народ.

Но, историјата не е политички договор за добрососедство, туку сеопфатна студија за минатото, од која треба да се влечат поуки за сегашноста и патокази кон иднината. Историските настани не можат да бидат фризирани и разубавувани по нечиј диктат, само за да изгледаат поприфатливи или помалку болни. Македонскиот народ имаше доволно време во последните 140 години, од формирањето на Кнежеството Бугарија во 1878 година, да ја согледа политиката на Бугарија кон македонското национално прашање.

Всушност, намерата на бугарската држава да го искористи и злоупотреби македонското национално движење за свое територијално проширување е прочитана уште од самиот почеток, од страна на македонските револуционерни водачи и интелектуалци. За конкретен пример ќе земеме само двајца великани на македонската историја.

Објаснувајќи ги целите на револуционерното движење во Македонија, еден од најистакнатите македонски револуционерни водачи Јане Сандански, во еден свој говор ќе истакне: „Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарска тиранија и бугарскиот кнез. Ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците!". Сандански со оваа мисла стави на знаење дека ослободувањето на Македонија е конечна цел на националното движење, а не средство и етапа на присоединувањето на Македонија кон туѓи великодржавни проекти.

Уште еден македонски идеолог од почетокот на XX век, Крсте П. Мисирков, недвосмислено пишува за разликата меѓу македонските и бугарските национални интереси. „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме блискоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонско гледиште“ („Самоопределението на македонците“, весник „Мир“, 1925 г.).

Може ли да разговараме за одредени личности, настани, па дури и процеси кои влегуваат во историите на двете независни држави и двата засебни народи? Се разбира. И македонскиот и бугарскиот народ заеднички биле под окупација на османлиската власт на Балканот, онака како што биле и Србите, Грците и Албанците и во таа смисла споделуваат делови од минатото. Но тоа никако не смее да се поистоветува со некаква заедничка историја, оти истата би имала погубно значење за нашиот народ и би значела негово доброволно самоукинување, со тоа давајќи им алиби на бугарските тези за „еден народ, две држави“. Која би била причината за постоење на национални истории, ако државите имаат заедничка историја?

Во тој контекст, денешната бугарска држава, за разлика од онаа пред еден век, мора да направи чекор напред, преку прифаќање на реалноста за постоењето на македонскиот народ, јазик и култура, различни од бугарскиот. Секое друго пренебрегнување  и дипломатско заобиколување на овие, за нас Македонците суштински значајни идентитетски прашања е во директна спротивност со европските цивилизациски вредности, кон кои како општества мора да се стремат и македонското и бугарското.

Почитувањето на засебниот македонски идентитет е клучот и првиот чекор кој Бугарија треба да го направи, но не сфатено како нејзина отстапка, туку како заедничка и цивилизациска придобивка која може да биде движечка енергија на идните македонско-бугарски односи. Само на тој начин ќе градиме темели за пријателство и блискост врз здрава основа и врз меѓусебна доверба, а воедно и на дело ќе ја покажеме суштината на европското кредо: „Обединети во различноста“.

Павел Дoнески, дипломиран политиколог

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе