Македонскиот јазик треба да се негува

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

Јазикот е важен дел од една култура и важен дел од животот на еден поединец кој ѝ припаѓа на таа култура. Оттука, погрешна е простата дефиниција за јазикот која ја учиме во училиште дека јазикот е основно средство за комуникација. Да, тој е средство за комуникација помеѓу луѓето, како што постои животнски помалку сложен јазик кој им служи за комуникација на животните од ист вид, но човековиот јазик е и средство за самоидентификување, за манипулација, за престиж, за моќ и влијание и многу, многу повеќе од тоа. Така, во рамките на една држава или говорна заедница, јазикот е важен дел од идентитетот на една нација, а за да се сочува тој важен дел од идентитетот потребно е јазикот да се негува! Блаже Конески кажал дека „јазикот е нашата татковина“ и ние често знаеме да се потсетиме на тоа кога го прославуваме Денот на македонскиот јазик. Но, што точно значи да се негува еден јазик и дали ние вистински го правиме тоа?

Веќе со години забележувам различни јазични појави и погрешна употреба на македонскиот литературен јазик во секојдневното општење на луѓето, но и во други сфери како во неформална, така и во формална употреба на јазикот и тоа и во усна и во пишана форма, а доволно е само да истакнам колку е ужасно што денеска одиме на „ивент“, на „парти“, на „бранч“, на „шопинг“, на „дејт“ затоа што сакаме да бидеме во чекор со западниот свет каде што не се оди на настан, на забава, на ручек, на пазарување/купување или на состанок, потоа „се фолоувнуваме“ или си испраќаме „френд риквест“ на социјалните мрежи каде што имаме „френдс“, а немаме пријатели кои освен „лајкови“ немаат ништо друго да ни понудат; исто така на работа „атачираме“, „спамуваме“ „форварднуваме“, организираме „митинзи“, имаме „маркетинг менаџери“ и „тим лидери“, а во слободно време јадеме „бургери“ и „врапови“, пиеме „кока кола“ и за десерт порачуваме „брауни“ или „кукис“, затоа што чоколадно колаче не е толку вкусно. И ова е само еден мал дел од нашата секојдневна употреба на јазик кој сакаме да го нарекуваме македонски. Имаме голем дел од населението кое има сериозни потешкотии да изнајде соодветен македонски збор за да ја изрази својата мисла во еден секојдневен разговор во врска со секојдневни поими и теми. Замислете сега еден разговор со Вашата баба или дедо или која било друга постара личност на „македонскиов јазик“: Бабо/дедо (добро е што сѐ уште ги викаме така), јас денеска аднав еден френд на Фејсбук и тој ми прати инвајт за ивент. Одбрав аутфит и отидов таму да се запознаам со неговиот тим лидер. Ми рече дека ќе ми ги форварднат сите информации за понатамошните ивенти од нивната фирма и јас бев многу среќен. И сега дали сметате дека „македонскиов јазик“ во овој случај би бил основно средство за комуникација?

Со оглед на тоа што не можеме да го намалиме влијанието на глобализацијата, на американизацијата и на мекдонализацијата и да одлучуваме дали луѓето ќе се изразуваат овака или онака, би требало оние коишто се платени за тоа повеќе и поактивно да работат на подобрувањето на статусот на македонскиот јазик и грижата за него во рамките на нашата земја, но пред сѐ треба да ја пробудат свеста кај луѓето за тоа што претставува грижа за јазикот и што е љубов кон мајчиниот јазик. Ова е особено важно во време кога имаме нација којашто допрва треба да ја описмениме, а веќе имаме неколку сериозни проблеми во врска со тоа:

Проблем број 1 – Доколку го земеме предвид фондот на часови по предметот Македонски јазик и литература и го споредиме со фондот на часови по предметите прв и втор странски јазик, ќе забележиме дека бројот часови по странските јазици е речиси изедначен со бројот часови по македонски јазик и веќе доживуваме сериозен пораз. Иако е денеска важно познавањето странски јазици, училиштето би требало да биде место каде што треба да се работи на подигањето на свеста за чување и негување на мајчиниот јазик, но и на стекнувањето вештини и за писмено и за усно изразување на мајчин јазик уште на рана возраст. Секако, такво место би требало да биде и домот на детето, но родители коишто така ги воспитуваат своите деца денеска се бројат на прсти, како што на прсти се бројат и наставниците и професорите со доволно вештини и знаење кои можат да им ги пренесат на своите ученици. Според ова веќе се наоѓаме во една сериозна состојба која треба да се подобри колку што е можно поскоро.

Проблем број 2 – Медиумите се тие коишто исто така носат голема одговорност при водењето грижа за македонскиот јазик и треба да се користат со литературниот македонски јазик и во усна и во пишана форма. За жал тоа денеска не е така. Секојдневно во медиумите забележуваме дека нивните вработени се сѐ друго по професија освен новинари. Колкумина само не умеат да изговорат една реченица, а да не подзастанат, да не го изговорат познатото растегнато „ааа“ или да повтороваат како папагали „значи“ по секој втор изговорен збор, да не им избега мислата додека раскажуваат нешто подолого од три минути и да не изговорат нешто погрешно. За акцентирањето, пак, да не зборуваме, бидејќи освен лекторите и акцентолозите се изумрена професија во земјава. Не постои поголем познавач на широколиките дијалекти и акценти на својот јазик и култура од македонскиот народ, со оглед на тоа што секој во државава, без оглед на тоа каде се наоѓа, кој му е соговорник или каква општествена функција врши, зборува онака како што зборува по дома. Така, секој од нас имал прилика детално да се запознае со богатството дијалекти на македонскиот јазик и карактеристичните прозодијски црти на секој од нив. Да не се разбереме погрешно: сметам дека дијалектите како и стандардниот јазик треба да се негуваат и чуваат и дека треба да се гордееме со нив, но постојат прилики и места каде што треба да се користат, а тоа место сигурно не се медиумите. Но, во Македонија ако си пуштите еден дневник на која било телевизија или пак си одгледате една парламентарна седница можете да си ја играте играта Погоди од каде доаѓам? Дополнително, како и јазикот во медиумите, така јазикот мора да биде литературен и при неговата службена употреба во секоја институција во земјава. Особено е жално кога ќе добиете службен документ кој е напишан како да го пишувало дете кое сѐ уште нема запишано ни прво одделение. И оттука поврзаноста на проблем број 1 со проблем број 2.

Проблем број 3 – Академската заедница е одговорна за чувањето и негувањето на македонскиот јазик. Тука не мислам само на Филолошкиот факултет или пак Институтот за македонски јазик кои треба многу повеќе да водат грижа за сите јазични прашања и да инсистираат на примената на литературниот јазик во сферите на јавната употреба на јазикот, туку мислам и на останатите наши професори, научници, академици, па дури и студенти – академски граѓани. Никој од припадниците на споменатите институции или професии не може како поединец и самостојно да промени нешто. Односно, не може десет студента да се изразуваат правилно, а дваесет и пет да не го прават тоа и да се каже дека сите го сакаат својот мајчин јазик; не може неколку академици да се борат за јазикот, а останатите да молчат; не може една институција да тргне во некоја борба, а да не добие поддршка од друга со слична дејност доколку станува збор за цел од јавен интерес итн. Значи проблемот број 3 ги создава и усложнува проблемите број 1 и број 2.

Заклучно треба да имаме на ум дека ние сме како поединци одговорни за секоја одлука која није ја донесуваме и секоја дејност која ја вршиме во својот живот, но и за секоја одлука која ја носат оние кои ние ги бираме и плаќаме. Затоа заеднички треба да поработиме на тоа да донесуваме одлуки и постапуваме онака како што е најдобро за нас и нашите идни генерации и тоа е така и кога станува збор за негување на јазикот. Можеби навидум проблемот да го уништиме или изгубиме јазикот (особено во време кога сакаат да ни го земат) не ни изгледа сериозен и не ги гледаме негативните исходи, но би требало да се освестиме и да имаме на ум дека пишаните и изговорените зборови не се само некои правила кои сме приморани да ги почитуваме, туку дека тие се уметност и начин на кој вредностите и традициите се пренесуваат со генерации и од генерација на генерација. Кога некој јазик се губи, и дел од таа култура се губи, а тој дел е идентитот на говорната заедница која ѝ припаѓа на таа култура. Но, кога јазикот се чува, негува, развива и љуби, традициите и обичаите продолжуваат да живеат во срцата и умовите на оние што го разбираат и говорат. Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство.

Мартина Јовановска

(Преземено од The Conservative

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе