Mакедонскиот идентитет и бугарскиот менталитет

Пред 1948 година, во поголемите населби на Пиринска Македонија весникот „Нова Македонија“ се продавал во 2.000 примероци, „Млад борец“ во 2.500, списанието, „Нов ден“ во 500 примероци, а гласилото за деца и млади „Пионерски весник“ се дистрибуирало во 7.200 примероци.

Oд претстава на Македонскиот народен театар во Горна Џумаја

Во тестаменталниот текст „Македонија во мојата лична биографија“, проф. д-р Стефан Влахов – Мицов, со чувство на интелектуалец од висок ранг констатира, дека неговата еманципација во однос на бугарската држава и од неа создаваните институции и атмосфера се одвивала бавно и мачно. Фактот дека е од мешано потекло – Македонец по мајка, не му помагаше. Токму обратно. Тоа било голем товар за него и за многумина негови соистомисленици. И,како човек со широки погледи кон националното прашање и, воопшто, кон бурните процеси на Балканските ветрометини, го поставува прашањето: Дали има држави со чисто население? Да не зборуваме за Балканот и особено за Бугарија, каде што живеат повеќе автохтони народи со испреплетени корени, за кои, во официјалните државни пописи нема друга графа, освен: Бугарин.

За Македонците, исклучок беше пописот на населението во Бугарија во 1946 и во 1956 година, кога во официјалните државни пописни листи и за нив постоеше графа, со што слободно можеа да се изјаснат за својата национална припадност. Историските факти говорат дека во далечна 1946 година во Пиринска Македонија живееле 280 илјади, од кои близу 190 илјади на пописот се изјасниле како Македонци. Тоа се непобитни историски факти, кои повеќе децении официјалната бугарска статистика ги прикрива.

Во оваа пригода ќе се потсетиме и на 1947 година, кога во август беше потпишана Бледската спогодба меѓу владите на Народна Република Бугарија и Федеративна народна Југославија, со која почна реализирањето на културно-националната автономија на Пиринска Македонија. Развојот на настаните најпластично е доловен преку пораките на Георги Димитров искажани на Петтиот конгрес на Бугарската комунистичка партија.

Тој децидно ќе каже дека Македонија им припаѓа на Македонците“ и дека „македонскиот народ  ќе го оствари своето национално единство“. Тоа беше време на македонскиот вознес во Бугарија: најпрвин започна со работа Македонскиот народен театар во Горна Џумаја со претставата „Печабари“- настан од историско значење за целокупната македонска популација во Пиринска Македонија и во цела Бугарија. На неговото отворање биле искажaни восхитувачки пораки од познати бугарски дејци. За тој голем чин за македонската култура, посебно е впечатлива поздравната реч на Рада Тодорова, претставник на Националниот комитет на Отечествениот фронт на Бугарија. Меѓу другото таа е одушевена од големиот настан. Во свечената пригода ќе ги соопшти следните пораки: „Националниот комитет на Отечествениот фронт ве поздравува по повод големиот културен настан-отворањето на Првиот македонски народен театар во Пиринска Македоонија. Ние особено се радуваме што вам – на Македонците од Пиринска Македонија – ви е дадена можност преку својот македонски театар да ја градите својата македонаска култура и да го развивате својот звучен македонски јазик“.

Поздравувајќи го подемот на македонската култура и на македонскиот јазик, организациониот секретар на ЦК на БКП Георги Чанков, во „Работническо дело“ на 10 октомври 1947 година, ќе  ги искаже следните контстации: „Македонците треба да се воспитуваат како дел од македонскиот народ, кој веќе има своја сопствена држава, да ја изучуваат својата сопствена историја, да учат, пишуваат и зборуваат на својот роден македонски јазик, да имаат своја литература и да развиваат своја национална култура.“

Истата година беа отворени книжарници со македонски книги во Неврокоп, Петрич и во Горна Џумаја, а од Народна Република Македонија, редовно се дистрибуираа весници и списанија. Во тоа време на национално будење, во поголемите населби на Пиринска Македонија весникот „Нова Македонија“ се продавал во 2.000 примероци, „Млад борец“ во 2.500, списанието, „Нов ден“ во 500 примероци, а гласилото за деца и млади „Пионерски весник“ се дистрибуирало во 7.200 примероци. Но, за жал големата радост на бројната македонска популација кратко траеше, неполна година. Од летото во 1948 година, повторно почнаа политичките и националните дискредитации на македонските интелектуалци и патриоти, а се применуваа и жестоки мерки врз пробудните Македонци, насекаде низ Бугарија, но најмногу во Пиринска Македонија.

Во далечната 1884 година, англискиот патописец и дописник на весникот „Тајмс“, Џејмс Минчин, неоптоварен од балканските пизми, ќе констатира дека во врска со Македонија, националистите од Бугарија претпочитале да ги оставаат заспаните кучиња да лежат, со единствена цел непречено и полесно да ги остварат своите пропаганди пред Македонците да покажат јасна и категорична национална свест. Но, откако Република Македонија во 1991 година ја објави преку референдум својата независност, се случи обратното, подзамрените (при постоењето на СФР Југославија) соседни кучиња на новата држава се разбудија и со лаежи ги огласија своите претензии. Меѓутоа, развојот на настаните на Балканот покажува дека независно дали се лае пред, околу и по карванот на историјата, последиците секогаш остануваат за кучињата, како изглоданата коска, застаната во грлото на националистите, поборници за големи и етнички чисти држави. Можеби ќе прозвучи мистично, констатира Стефан Влахов Мицов во епилогот на книгата „Филозовскиот клуч за македонскиот идентитет“, но фактите тоа го потврдуваат, дека токму државите со најголеми територијални аспирации во минатото кон Македонија, денес не само што се многу подалеку од своите златни времиња, туку се приближуваат кон територијалните рамки на своите први царства и кнежества. А токму старомакедонската држава и Александар Македонски ја прогласија за заборавена и подоцна за удавена во агресии идејата за синтеза меѓу цивилизациите, народите и културите. Меѓутоа, судбината не заборава и во неочекуван момент им ја доставува на експанзионистите сметката, заедно со каматата. Затоа што цикличноста на историјата, покрај логика, содржи и праведност.

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе