Македонската иднина - наша одговорност!

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

Разбирлива е загриженоста и несигурноста околу претстојниот референдум и договорот со Грција. Иако сме веќе во поодмината фаза на кампањата, сѐ уште постојат одредени недоречености, но и комплетно лажни толкувања на договорот кои ја поткопуваат ионака ниската доверба во процесот. Потребна е поголема отвореност и искреност околу идните македонски придобивки и отстапки.

Иако во Македонија постои силен консензус за членство во ЕУ и НАТО, околностите направија патот кон оваа посакувана цел да биде многу потежок. Долгогодишниот спор со Грција и нејзината супериорна позиција како земја која веќе е членка на ЕУ и НАТО не само што ги ограничи нашите евро-атлантски перспективи, туку на некој начин, ја имаше оспорено и нашата државност. Долги години, секаде надвор од Македонија, во меѓународните институции, на меѓународните собири бевме именувани како ФИРОМ, а нашите меѓународни претставници, студенти и бизнисмени функционираа како луѓе кои доаѓаа од поранешната југословенска република. Дополнително, заради де факто непостоечката евроатланска перспектива и зголемениот национализам и поларизација, Македонија беше изолирана и заробена држава.  

Порано или подоцна проблемот мора да се реши

Иронично, но можеби главниот аргумент за поддршка на Договорот со Грција е тоа што веројатно никогаш нема да имаме шанса за поповолен договор. Едноставно, доколку проблемот можеше да се реши на полесен начин досега ќе беше решен. Последните две декади и константното влошување на нашите преговарачки позиции покажа дека времето не работи во наш интерес. Тука треба да се впери прстот во сите досегашни политички елити кои до сега не само што не успеваа да го решат проблемот, туку истиот уште повеќе го искомплицираа со антиквизацијата и недржавнички политики „од денес за утре”. Така, наместо да ја подготват јавноста за целосно соочување со грчките максималистички позиции, го залажуваа народот дека е можен договор со минимални отстапки. Дополнително, пораките кои ги добиваме од главните опозициски партии и во Македонија и во Грција се толку поларизирачки што малку е веројатно дека тие во иднина би можеле (подобро) да го решат проблемот доколку бидат на власт. 

Република Северна Македонија ќе остане македонска држава

Земајќи ги предвид спецификите на македонската држава и општество како и македонската демографија и географија, Македонија може да оди напред единствено како дел од ЕУ и НАТО. Иако за многумина тешка одлука, на прифаќањето на Договорот со Грција, како и на сите големи одлуки во животот, треба да се гледа низ призмата на тоа што добиваме и што губиме?

Точно е дека Македонија со договорот треба да направи големи отстапки: предвидената севкупна (ерга омнес) употреба на името Република Северна Македонија никого не остава рамнодушен. Ќе треба да се менува Уставот, ќе се менуваат имињата на државните институции, личните документи и така натаму. Сепак, и покрај тоа, одредницата „северна” нема да го смени фактот дека Република Северна Македонија ќе остане македонска држава во која ние ќе си бидеме Македонци исто онака како што сме денес и како што сме биле претходно во Социјалистичка Република Македонија. Конечно договорот ја менува претходно споменатата референца ФИРОМ, која иако привремена, ни се закануваше да стане перманентна одредница на македонскиот идентитет надвор од нашите граници.

Притоа, договорот обезбедува цврсти гаранции за македонскиот јазик и пошироко за македонскиот идентитет. Тоа нам, како Македонци кои учеле македонска историја може да не ни значи многу, но на големата мапа на Европа и светот, придавката македонски заради спорот со Грција сѐ уште не е целосно утврдена идентитетска одредница. Со влезот во ЕУ, македонскиот би станал официјален јазик на ЕУ и тоа ќе придонесе за негова дополнителна афирмација и промоција. Исто така, македонската култура и наука, ќе добијат неспоредливо повеќе можности за меѓународна промоција. Сепак, и покрај заштитеноста на придавката „македонски”, сите македонски јавни институции кои ја содржат оваа придавка ќе треба да бидат преименувани. На пример, Македонската филхармонија, ќе стане Филхармонија на Република Северна Македонија. Иако со ова суштински не се менува нивната содржина ќе треба дополнителен напор за да се дообјаснува дека Филхармонијата на Северна Република Македонија ја промовира македонската, а не т.н. северно македонската култура. Претпоставувам дека овој компромис бил и еден од најтешките за македонскиот преговарачки тим. Ваквата обврска нема да важи за ентитетите кои не се основани од државата, односно сите организации и фирми ќе продолжат да ја користат придавката македонски.

Придобивките се поголеми од отстапките

Конечно, не е точно дека Македонците треба да гласаат за промена на своето име, а за возврат не добиваат ништо или добиваат нешто што „кој знае кога ќе се оствари, а можеби и никогаш”. Договорот практично гарантира влез во НАТО и тоа ќе донесе значајни промени и на краток рок. Членство во НАТО ќе обезбеди сигурност и предвидливост и ќе ги заштити македонските државни интереси. Тоа пак ќе донесе инвестициски оптимизам и за домашните, но и за странските инвеститори. Искуствата од другите држави укажуваат дека влезот во НАТО води кон економски раст и подобар животен стандард. Околу членството во ЕУ, сосема објективно може да се очекува дека Македонија ќе добие почеток на преговорите со ЕУ наредната година и потоа во зависност од динамиката на тие преговори да стане членка на ЕУ  во наредната декада. И покрај се повеќе распространетиот аргумент дека членството во ЕУ не носи мед и млеко ако не постојат суштински структурни реформи кои ќе дојдат „од внатре”, постојат голем бројни студии и економски индикатори кои потврдуваат дека членството во ЕУ носи неспорен напредок. Исто така, самите преговори заради политиката на условеност обезбедуваат поефикасен мониторинг на државните институции, што пак ќе допринесе кон поодговорно владеење, поотчетни институции и борба против корупција и промена на коруптивните практики. Накратко, придобивките од пакетот ЕУ и НАТО, иако нема преку ноќ да ја направат Македонија развиена европска држава, ќе обезбедат еволутивен напредок кој во спротивно никогаш не би се постигнал. 

Идентитетот најдобро се чува со отворени граници

Во денешниот контекст на глобален пазар, култура и информации, националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени” категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции. Македонскиот идентитет ќе постои и ќе се дефинира во зависност од тоа какви сме дома, но и како ќе не гледа светот. Накратко, од нас зависи: Ако ние сме корумпирани и неорганизирани, таков ќе биде и македонскиот идентитет. Ако сме одговорни, работливи и чесни, таков ќе биде и македонскиот идентитет. Затоа, за да успееме како држава и како нација, треба да бидеме мудри и прагматични и максимално да ги користиме можностите кои ни се на располагање. 

Членството во ЕУ обезбедува слобода на движење, стоки, услуги и капитал. Тоа значи дека отворените граници ќе обезбедат поле за нејзин рамноправен натпревар со народите од Европа и светот. Во потесна смисла, целосната европска интеграција на Балканот ќе ги отвори границите и ќе отвори можности за подобра комуникација со Македонците кои живеат во Грција, Бугарија и Албанија. Овие луѓе конечно ќе имаат држава и нација чиешто име и култура никој не ги оспорува - со тоа на некој начин ќе се реализира и романтичната идеја за обединување на сите Македонци под знамето на ЕУ.

Сега е моментот кога мора да се соочиме со реалноста, но и со самите себе. Договорот со Грција е тежок компромис, но тој го решава најголемиот проблем на Македонија од нејзината независност до денес и конечно ги отвара вратите за наша евро-атлантска интеграција.

Време е да ја преземеме одговорноста и да донесеме правилна одлука. Успешниот и позитивен референдум ќе отвори ново поглавје во нашата државност. Тој ќе даде чист легитимитет на договорот со Грција и ветер во грб за нашите идни чекори, на краток, среден и долг рок. На нашиот пат кон европска иднина допрва нè чека многу работа, но нашата патриотска одговорност како Македонци е Република Северна Македонија да успее! 

Борјан Ѓузелов

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе