Македонска Рубикова коцка (2018-2019-?)

Македонија допрва ја очекуваат, во оваа фаза, сериозни предизвици - ратификација на спогодбата со Грција, уставни промени, референдум...

1. Култната Рубикова коцка ја создал Унгарецот Ерно Рубик во 1974 година, обидувајќи се да направи 3Д визуелизација за своите студенти, тој ја дизајнирал коцката, не знаејќи дека всушност направил сложувалка. Таа се состоела од дваесет и седум мали коцки, врз кои ставил налепници во шест бои. Тогаш, никому не му било важно боите да бидат подредени, ниту на професорот, ниту на студентите. За правилно да се подредат сите шест страни на Рубиковата коцка, постојат четириесет и три квинтилиони (м.з. 30 нули) варијанти. Дури и самиот Е.Рубик едвај ја решил сложувалката. Но, откако го сторил тоа, дошол до идеја да го патентира пронајдокот како детска играчка. Тоа го направил по една година од дизајнирањето на коцката. Оваа култна играчка на осумдесеттите години и ден денеска е популарна. Кога загатката е решена, лицето на секоја страна од коцката е во една боја. Загатката доаѓа во четири можни верзии: 2×2×2 (џебна коцка), 3×3×3 стандардната коцка, 4×4×4 (Одмаздата на Рубик), и 5×5×5 (Професорската коцка). Постојат и поголеми коцки, 6x6x6 и 7x7x7.

Научниците откриле дека постојат многу позитивни ефекти од сложувањето на коцката: подобрување во концентрацијата, вниманието и забележувањето; развивање на брзи ментални и физички рефлекси; подобрување на меморијата; трпеливоста; одлучност и истрајност; подобрување на способноста во решавање на проблеми; поттикнува истражување на нови начини за постигање на подобри резултати,....

Кон погоре спомнатите варијанти на Рубиковата коцка, лично би додал уште една (фигуративно), актуелна: „Македонска рубикова коцка 2018 - 2019 -?“. Сѐ уште немаме истражување дали кај нас погоре спомнатите ефекти од сложувањето на коцката имаат такви резултати. Но, дефинитивно сум уверен дека е крајно време да „ги сложиме коцките“ и да, како држава и опшество, почнеме да живееме во нормална, демократска, слободна, просперитетна и убава држава. 

2. Ако денеска се направи анкета меѓу граѓаните со прашањето кога почна политичката (и општествена) криза во РМ, претполагам дека најголем број граѓани тоа ќе го лоцираат со објавувањето на т.н. „бомби“ (февруари 2015).

На тоа прашање лично би имал поинаков одговор: Кризата почна со завршувањето на НАТО самитот (април 2008) во Букурешт, и сѐ што тогашната власт правеше до и после „бомбите“: почна целосно „заробување“ на државата, а меѓународните фактори тогаш „прогледуваа низ прсти“ или замижуваа. Тоа даде дополнителен поттик за натамошно (што меѓународните фактори подоцна самите го квалификуваа како) „заробување“ на државата. Владеачката партија „заигра“ на националистички чувства кај граѓаните и успеваше да ги мобилизира гласачите на таа карта. Опозицијата, СДСМ и другите придружни партии од 2006 и во такви услови покажаа завидни резултати на организираните предвремени избори од страна на власта, но недоволно да се смени истата. Едноставно, заробените медиуми, државната администрација, сиромаштијата и стравот од губење на работно место, профитерството кај еден дел од тогашните опозиционери... ѝ даваа на власта комотна позиција и продолжување на владеењето и нивните политики.

3. На почетокот на 2015 година преку проектот „Вистината за Македонија“ се „случија бомбите“. На 5 мај почнаа протести по објавувањето на снимката за убиството на Мартин Нешковски. Дури тогаш еден поголем број граѓани, до тогаш убедувани преку „розовите очила“ и „информации“ од повеќето (провладини) медиуми за состојбите во државата, беа шокирани од презентираните сознанија.

И наместо, како што тоа би се случило во секоја нормална демократска држава, власта да поднесе оставка, таа продолжи како да ништо не се случичо, а агонијата во државата растеше. Се вклучи и меѓународниот фактор исплашен од можната ескалација на состојбите во државата кои би можеле да имаат и регионални рефлексии: Пржино 1, Пржино 2, Прибе, СЈО...

Почнаа на „Македонската рубикова коцка“ да се појавуваат неколку коцки со иста боја на истата страна, но сепак се чувствуваше дека се уште е далеку конечното решение.

4. Разрешницата на кризата (барем така тогаш се мислеше) почна на 18 октомври 2016 кога претседателот на Собранието потпиша решение за распишување на предвремени парламентарни избори. Изборите беа одржани на 11 декември. Долгогодишниот „брак“ меѓу владеачките партии и голем број граѓани кои на разни начини користеа привилегии, се одрази и на резултатите од изборите. Така, ДУИ доби 10, СДСМ 49 и ВМРО-ДПМНЕ 51 пратеник. И покрај губитокот од 10 пратеника во однос на претходниот состав, ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број пратеници. Иако најголем губитник на изборите, ДУИ со 10 пратеници ја имаше „златната акција“ за формирање на новата влада. Неизвесноста и нервозата траеше буквално сѐ до 5 минути од предвидениот со закон краен рок за созадавање на потребното мнозинство и добивање мандат (од страна на ПРМ) за составување на нова влада. До тој момент немаше никакви назнаки дали и како ќе биде сложена коцката.

5. Отпочна нова фаза на политичката криза, зголемени тензии, неизвесност... што кулминираше со упадот во Собранието на Македонија (познат и како „крвавиот четврток“) — насилен инцидент кој се случи на 27 април 2017 година кога неколку стотици лица од здружението За заедничка Македонија (и лица со качулки) упаднаа во Собранието со цел да го спречат изборот на Т. Џафери за претседател на Собранието. Овој немил настан доби епитет „обид за државен удар“.

Лидерот на СДСМ З. Заев доби (конечно) од ПРМ Ѓ. Иванов мандат на 31 мај 2017  за состав на влада - како предводник на коалиција на партии со обезбедено парламентарното мнозинство. Собранието ја изгласа владата на Заев. Партијата ВМРО-ДПМНЕ по 11 години власт замина во опозиција. Локалните избори одржани на 15 октомври (и 29 октомври) 2017 година покажаа значително различни резултати во однос на претходните парламентарни: СДСМ 57; ДУИ 10; ВМРО ДПМНЕ 5; АА 3; БЕСА 1 и ДПА 1. Преку истите СДСМ целосно ја легитимизира својата водечка и владеачка улога и поддршката што ја има од граганите.

Сѐ повеке истобојни коцки се гледаа на едната страна од коцката, но сѐ уште без конечно решение. Со вртењето, некои претходно присутни истобојни коцки се губеа од страната.

6. Како што и пред изборите и пред формирањето на оваа влада мојата маленкост во неколку писанија посочуваше и очекуваше дека во првата година од своето владеење новата влада треба МНР да го користи како „локомотива“ на својот пат на развој, така и се случи. Односно, да ги вратиме старите пријатели и стратешките партнери, да ги подобриме соседските односи, да ја направиме меѓународната позиција на РМ „видлива“ и почитувана. Владата максимално се посвети на решавањето на односите со соседите, пред сѐ таму каде што постоеа проблеми или различни видувања за билатералните односи. Верувам дека слична агенда имаше и меѓународната заедница, односно оние фактори кои беа заинтересирани за нашето евро-атланско интегрирање - на кое граѓаните чекаа веке речиси три децении и кое треба да донесе стабилност, мир и просперитет. Имајќи предвид дека меѓународниот аспект Владата го стави во прв план и кај нашата јавност, често можат да се слушнат забелешки дека другите аспекти од нашиот секојдневен живот се запоставени. Можеби тие видувања се и оправдани. Доколку е така, не сметам дека целата Влада, сите ресори, биле ангажирани на решавањето на меѓународните прашања. Повеќе сметам дека другите дефицити бараат подолго време и подолг ангажман. Па и самото МНР, освен што е секојдневно во фокусот на интересот на новинарите и јавноста поради процесите сврзани со нашите стратешки надворешно-политички приоритети, за овој период од година и нешто, сѐ уште не е прилагодено на идните предизвици. По истата логика (како и за владата), ако министерот е целосно ангажиран на меѓународната агенда, не значи дека другите (нови) високорангирани функционери не требаа да се посветат на квалитетно и по мерит - системот организирање на оваа важна институција. Но, ова прашање бара (дополнителна и) детална и целосна елаборација, за што во овој текст нема простор.

7. Од највисоките претставници на власта во целиот период, и особено во пресрет на јунските состаноци, беа пласирани (мошне) оптимистички најави за нашите претстојни евро-атлански интеграции. Се продолжи со (барем јавно) игнорирање на францускиот и холандскиот нон-пејпер.  За разлика од нивните позиции во 2005 година (поради нивните внатрешни работи), овој документ посочуваше на нашите внатрешни дефицити.

8. Се потпиша договор за добрососедство со Р. Бугарија и истиот беше ратификуван во Собранието. Се потпиша и со Р. Грција „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“. Бидејќи ПРМ Иванов во првиот обид не го потпише указот за стапување во сила на овој договор, најавено е на 5 јули да се случи второто гласање за ратификација. Да се потсетиме кави „коцки“ за „сложување“ ни создаде оваа спогодба? Имено, заемно е прифатено и договорено следново:                                   По потпишувањето на оваа спогодба, страните ќе ги спроведат следниве чекори:                                                                                                                               а) Втората страна без одлагање ќе ја поднесе спогодбата до Собранието за ратификација.                                                                                                            

б) По ратификацијата на спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата.                                                                           

в) Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум.                  

г) Втората страна ќе ја почне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба.                                         

д) Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г.                                                                                                             ѓ) По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоренаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа    спогодба“.                                                                                                                                                           ,,Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, а со цел целосно спроведување на одредбите од оваа спогодба, ќе започнат по ратификацијата на оваа спогодба од нејзиното Собрание или по референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум. Името и термините наведени во член 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на Втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, Втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, член 3 и член 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот“.

9. Многу неформално (и мистериозно) во медиумите, после Софискиот самит ЕУ-ЗБ, се појави нон-пејперот на Франција и Холандија (зад кој застанаа уште 2-3 држави - членки). Не би сакал да верувам дека властите овој документ не го разбраа во неговото вистинско значење. Имаше средби со француски и холандски МНР. Меѓутоа, знаевме да слушнеме од нашите политичари дека „тоа било само нон-пејпер“. Мене, пак, во сеќавањето ми се врати 2005 година кога требаше да се одлучува за нашето барање за кандидатски статус во ЕУ. Како и другите наши амбасадори во ДКП-та, добив инструкција да разговарам со амбасадорите на Франција и Холандија, две држави кои од внатрешни причини имаат резерва кон нашиот кандидатски статус. Амбасадорот на Холандија со кого имав претходно во ОБСЕ одлични односи, само после една минута ми кажа да не губам време кај него бидејќи Холандија нема да ја блокира РМ. Средбата со францускиот амбасадор од час и половина во попладневните часови во петокот, ден пред одлуката, беше поинаков. Долго време ми ги објаснуваше причините зошто Франција има резерва. Изнесував контрааргументи. Добив впечаток дека Франција е одлучна да не се согласи со кандидатскиот статус на РМ. Сепак, на крајот од долгиот разговор, францускиот амбасадор ми порача: ,,Драг колега, не се грижи, и двете држави ќе бидат задоволни од решението“. Така и се случи: РМ доби кандидатски статус, но без препорака за отпочнување на преговори.  

10. И конечно, во јуни месец оваа година, се одржаа двата очекувани настани: ЕУ и НАТО состаноците - на кои требаше да се одреди патоказот за нашето движење кон ЕУ и НАТО. Така, на 26.јуни Советот на министри донесе ,,Заклучоци за проширување и процесот на стабилизација и асоцијација“ во кои, во делот за РМ, покрај „силното поздравување“ на потпишувањето на спогодбата со Р.Грција, како и за спогодбата за добрососедските односи со Р. Бугарија „Советот се усогласил за позитивен одговор за спомнатиот напредок кој го постигнала поранешната југословенска Република Македонија како и за одредување на насоката која треба да се следи за отворање на преговори за пристапување во јуни 2019“. Се нагласува, исто така, дека државата има исклучителна потреба да продолжи со остварување на конкретен напредок кај итните реформски приоритети и да постигнува опипливи резултати во борбата против корупцијата и одржување и продлабочување на сегашното ниво на реформскиот моментум. Со таа цел, Советот ја повикува комисијата внимателно да ги следи спомнатите напори на државата во спроведувањето на реформите и дека ќе го процени постигнатиот напредок врз основа на годишниот извештај на комисијата. Советот потсетува дека одлуката да се отпочнат пристапните преговори со поранешната југословенска Република Македонија ќе бидат подложни на заклучувањето на националните парламентарни постапки и одобрувањето од Европскиот совет и дека бргу после тоа ќе уследи првата меѓувладина конференција до крајот на 2019, во зависност од постигнатиот напредок. Потоа, Советот ги наведува  областите кои ќе бидат особено подложни на процена за натамошни опипливи и одржливи резултати. Советот ја прима на знаење намерата на комисијата да почне со потребните подготвителни активности.      

На 28 јуни Европскиот совет усвои заклучоци во кои под „други прашања“ силно ги поздрави и поддржа спогодбите постигнати  со Р.Грција и со Р.Бугарија и, „ги одобри заклучоците за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација усвоени од страна на Советот на 26 јуни 2018“ (неофицијален превод).

Уследија изјави на Могерини, Хан и други европски челници кои акцентот го ставија на „позитивното читање“ на заклучоците. Точно е дека шансите се пред нас. Точно е дека со ова „отидовме“ најдалеку во нашето (долго) чекорење кон ЕУ. Меѓутоа, постојат и опции кои оставаат простор и за стравување - како од домашни, така и од надворешни фактори (и неизвесности). Оттука, преку читањето на официјалните ЕУ документи, се некако се навраќам на изјавата на францускиот амбасадор од декември 2005. во која кажа дека „и двете страни ќе бидат задоволни со решението“.

11. На 29 јуни премиерот Заев оствари во Брисел средба и со ген-сек на НАТО, Столтенберг. Од заедничата конференција за медиумите, Столтенберг практично ги појасни претстојните чекори (и услови) на нашиот пат кон членството во НАТО. Имено, тој изрази очекување дека сите претседатели на влади, односно држави на претстојниот НАТО самит, на 10/11, јули ќе ја поканат РМ да ги почне пристапните разговори. Се очекува тие многу бргу да почнат. Досегашното искуство покажува дека вообичаено има две сесии, а краен продукт на истите е timetable (на поканетата држава) за завршување на потребните реформи (некои можат да се пренесат и во фазата на членство). Тие траат неколку месеци. Во досегашните постапки, поканетата држава испраќа до ген-сек на НАТО „писмо на намера“заедно со timetable за завршување на реформите. НАТО подготвува пристапен протокол кон Вашингтонскиот договор (за НАТО) кој, потпишан и ратификуван, подоцна станува амандман на Вашингтонскиот договор. Протоколот треба да биде ратификуван, согласно домашните процедури, во парламентите на сите земји членки (во ВБ нема формално изјаснување во парламентот). Праксата покажува дека процесот на ратификација трае од 1 до 1,5 година. Кога сите членки ке го ратификуваат протоколот, согласно на својата национална легислатива, и го нотифицираат Вашингтон за прифаќање на протоколот, ген-сек на НАТО ја поканува државата да пристапи кон Вашингтонскиот договор. Поканетата држава, согласно својата легислатива, тогаш пристапува кон Вашингтонскиот договор. И конечно, кога државата ќе ги депонира инструментите за пристапување во Стејт департментот, поканетата држава станува и официјално членка на НАТО.  

По потпишувањето на пристапниот протокол, како изјави Столтенберг, РМ ќе биде поканувана на сите НАТО состаноци и ќе биде дел од НАТО Советот (без право на глас до полноправното членство). Кога сите национални процедури ќе бидат завршени за финализирање на спогодбата (со Р. Грција), тогаш ќе станеме и членка на НАТО - со рамноправен глас како и другите сегашни 29 држави - членки.

12. И покрај сите предвидени и непредвидени околности (да ја земеме 2015 како почетна линија) РМ се движи напред. Многумина сметаат дека одењето не се одвива со доволна брзина и квалитет (обично се сака „сега и веднаш“). Меѓутоа, и покрај определена оправданост за тоа незадоволство, многу е важно (покрај корекција на конкретни девијации) на јавноста да ѝ се укажува - реално - дека патот не е лесен - поради внатрешни и надворешни фактори. Допрва РМ ја очекуваат, во оваа фаза, сериозни предизвици (ратификација на спогодбата со Р. Грција; уставни промени; референдум; исполнување на барањата на ЕУ за посочените и непосочените реформски процеси; формирање на преговорачките тимови; претстојните претседателски избори; можни „лактања“ во владеачката коалиција; натамошно подобрување на односите со нашите стратешки држави - партнери, за што е потребно и МНР и ДКП-та да се реформираат - објективно - по мерит-системот; ресорите надлежни за другите областа на животот за граѓаните да излезат од „сенката на надворешната политика“ и целосно да се посветат на програми и проекти. И многу друго.

13. Ако за стандардната Рубикова коцка со 27 коцки, во 6 бои, велат, постојат 43 квинтилијони опции за сложување на истата, се прашувам дали и кога во РМ ќе ги сложиме коцките за да конечно влеземе во „мирни води“ и „нормалност“.

Александар Тавчиовски      

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Плукајќи врз музикантите, незнаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост која ја прават криминалците од двете страни.

повеќе

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

повеќе

Тесла преку проектот Варденклиф покажал дека енергетските ресурси се неограничени.

повеќе