Во очекување на подобар живот

Македонија закотвена на европското дно

Проблемите се одамна детектирани. Исто како и потребата од коренити промени, реформи. И, сѐ се сведува на тоа. Сè почнува и останува на честичката за идно време – „ќе“.

Политичката нестабилност, правната несигурност, коруптивноста... ги испорачуваат сметките, а цехот се плаќа со незначителен економски раст, хронична безработица и беспарица, незадоволство и масовно иселување од една од најсиромашните земји на стариот континент. Така беше досега - со многу политика и малку економија. А, како ќе биде...

Во македонското досие изминатата 2018 ќе остане забележана како скромна година во поглед на економските дострели. Не се оствари никакво поместување кај стапката на БДП, состојбата со невработеноста е таква каква што ја знаеме, странските инвестиции (316 милиони евра заклучно со септември 2018) и натаму се недоволни.

Сè на сè, многу ветувања, големи очекувања, речиси никакви остварувања, непријатни изненадувања. Сето тоа проследено со огромни дози политика, а во услови на енормно загаден воздух. Погодна атмосфера за прикривање на одредени состојби. Кои, пак, се како трн во око. Не отсега.

Велат, кашлицата и бедата не можат да се сокријат. Кај нас сиромаштијата и натаму е верна сенка на добар дел од македонските жители. Пред самиот крај на годината беше објавен статистичкиот податок дека стапката на сиромашни лица е 22,2 проценти (состојба од 2017). Притоа, треба да се појасни дека Државниот завод за статистика (ДЗС) наодите ги темели врз основа на податоци добиени од анкетата за приходи и услови за живеење, согласно правилата на Еуростат. Или, се работи за релативна стапка на сиромаштија а основа на пресметките се приходите. Прагот на сиромаштија е лоциран на 60 проценти од еквивалентните медијални приходи. Се` што е под тој праг, упатува на живот соочен со сиромаштија. Значи, колку е поголем средниот, односно просечен приход, толку е повисока стапката на сиромаштија. И обратно. Оттаму и овие наши скромни дваесеттина проценти.

Не можат да се турнат под тепих ни европските показатели, кои ја рангираат Македонија во друштвото на најсиромашните држави. Според БДП по жител кој изнесува 5.150 долари (според податоци од ММФ), се наоѓаме на шестото место од листата на топ 10 најсиромашни земји на стариот континент.

И последната анализа на Еуростат покажа дека местото ни е на дното. Или, на четвртата позиција одзади според куповната моќ и поврзаните економски показатели - БДП по жител, ниво на индивидуална потрошувачка, индекси на ниво на цените во повеќе од триесет земји. Опфатени се 28-те членки на ЕУ, трите членки на ЕФТА: Исланд, Норвешка и Швајцарија, петте кандидати за пристапување кон Унијата: Црна Гора, Република Македонија, Албанија, Србија и Турција, како и Босна и Херцеговина како потенцијален кандидат.

Нестручни и непродуктивни

Не се разликуваат ниту согледувањата на Светска банка, кои го потврдуваат она што на жителите на Македонија им е секојдневие: минимален економски раст, речиси 25 проценти од граѓаните и понатаму живеат во сиромаштија, нецели 50 отсто од работоспособните се вработени, и покрај тоа што иселувањето заедно со нискиот наталитет ја намалуваат работната сила. Освен тоа, извештаите на Светската банка укажуваат на проблемот со несоодветниот човечки капитал како лимитирачки фактор на продуктивноста, при што се наведува дека просечниот работник во производството и во услугите во Европа и Централна Азија е за четири пати попродуктивен од македонскиот работник. Бројките поврзани со безработицата како главен фактор кој ја поттикнува и продлабочува сиромаштијата, се поразителни: повеќе од 80 отсто од невработените бараат работа повеќе од една година, а над 70 проценти немаат никакво претходно работно искуство.

Всушност, сите показатели се алармантни, без разлика дали се работи за јавниот долг (чие зголемување може да се спречи само со сериозни и истрајни реформи), за пензискиот дефицит, за долговите на јавниот сектор или за трошоците кои (ќе) произлегуваат од загаденоста на воздухот.

Оттаму и крајно песимистичките прогнози, дека со ова темпо, со просечен раст од незначителни 2,8 проценти, на Македонија ќе и бидат потребни 70 години за да им се приближи на земјите членки на ЕУ. Делува песимистички, но не е невозможно да се поттикне, забрза и одржи растот, што понатаму ќе има влијаније во битката со сиромаштијата. Сепак, за тоа, покрај умешното менаџирање со економско-финансиските текови, потребна е, пред се, политичка волја. На овој „ситен“ детаљ паѓаме веќе трета деценија. Се покажа дека владејачките гарнитури најдобро се снаоѓаат во улогата на пожарникари.

Но, добри се и како потпалувачи.

Пазарџиите во ред, пратениците преку ред

На почетокот на годинава стапи во сила новото законско решение за зелените пазари. Што значи, сите што остваруваат друг приход повеќе не можат да бидат пазарџии (според спорниот став 2 од седмиот член на Законот). Од пазарите се избркани пензионерите, хонорарците, социјалците. Оттаму, бранувањата не стивнуваат. Но, и предупредувањата – од една страна, дека оваа дејност, заедно со опстанокот на зелените пазари, е доведена под знак прашалник, а од друга – тоа ќе претставува стимул за сивата економија, но и намалени приходи во државната каса. Од Стопанската комора на Македонија (сметаат дека воведувањето лиценца, по цена од 60 евра за тезга, не соодветствува со финансиската моќ на пазарџиите. Пресметале дека 20.000 пазарџии ќе платат 1,2 милиони евра само за добивање лиценци, а згора има и други трошоци, како закуп на тезга, здравствено, пензиско осигурување. Затоа, Групацијата за пазари во рамки на Здружението на комунални дејности при СКМ бара итно укинување на Законот или одложување на неговата примена. Револтот го зголеми и информацијата која протече минатит месец, дека парламентарците си подготвуваат закон за обезбедување на сопствената егзистенција. По истекот на мандатот да добијат работа во јавната администрација. На советодавна позиција.

Оттука, воопшто не е чудно што илјадници граѓани среќата ја бараат во странство. За купување билет во еден правец размислуваат 76,7 отсто од младите македонски жители. Оправдано, незадоволни се од се` – од малите шанси за вработување, од несоодветната/недоволно платената работа, лошите работни услови, од политичката и економска несигурност, од образовниот систем, дискриминацијата, исклученоста... Анкетата, пак, на fakulteti.mk која не ја опфаќа само младата популација покажува дека би се иселиле 83,7 отсто од испитаниците. Би заминале во потрага по достоинствен живот, правна држава и чист воздух.

Резултати во најава

Сепак, за властите не само што не е сѐ така црно, туку има и напредок, државата се движи во позитивна насока.

Согледувањата на првиот финансиер се дека јавниот долг е зауздан и е на ниво од 48,2 отсто (за разлика од 2016 кога изнесувал 48,8 проценти); зголемена е довербата на инвеститорите; издадена е 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто; фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг.

Министерот за финансии е оптимист - поради тоа што во 2018 интензивно се работело на спроведување на сетот од десет клучни реформи во јавните финансии, веќе годинава може да се очекуваат видливи резултати. Платите ќе растат, невработеноста ќе се намалува, инвестициите ќе се зголемуваат, јавниот долг ќе остане на контролирано ниво.

Како и да е, проблемите се одамна детектирани. Исто како и потребата од коренити промени, реформи. И, сѐ се сведува на тоа. Сè почнува и останува на честичката за идно време – „ќе“. (Барем така беше досега.)

Ќе има политичка стабилност, отчетност, владеење на правото, контрола на корупцијата. Ќе се остварат предусловите за економски просперитет. Ќе биде...

... Или (ќе) мора да биде

Како и да е, годината тргна.

Со тројно повисока социјалната помош: четиричлено семејство во кое има едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца - 10.600 денари. Пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари нема да плаќаат болничка партиципација. Родителите чии деца се пациенти и примаат терапија на Клиниката за детска онкологија, добија „Родителска куќа“.

Со географската одредница Северна која стана дел од името на државата, како политички услов за евроатлантските интеграции, работите треба да се сменат. Така најави премиерот: странски инвестиции уште во првите три месеци од 2019, ново зголемување на минималната плата, поврат до 15 отсто од ДДВ за купени производи или платени услуги, намалување на данокот на добивка за ИТ секторот од 10 на три проценти и изградба на инфраструктура.

Економските реформи се неопходни. Прво за нас, па како услов за влез во европското семејство. Останува само да се засукаат ракавите.

Маја Анастасова

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе