Македонија не смее никого да дискирминира

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

Деновиве сме сведоци на уште еден историски период за граѓаните на Македонија. Македонскиот народ (етничките Македонци) по не знам кој пат во историјата повторно е на браникот на идентитетот, повторно е атакуван идентитетски (овој пат од источниот сосед), па дури имавме и прилика да видиме како пратеници во бугарскиот парламент покажуваат натписи и транспаренти дека божем „Македонија била Бугарија“! Во кој ли век живеат тие пратеници во Бугарија?! Или можеби ние сме пред времето или пак повторно се враќаат сеништата на 20. век во Балканот!

Македонија не можи да биде Бугарија од една многу едноставна причина. Македонија за разлика од Бугарија е мултикултурно општество. Мутикултурализмот кај нас е длабоко вкореното повеќе векови наназад, за разлика од нашите источни соседи кои што со векови градат замисленост на некаква си нивна држава- нација! Мултилултурно општество е реалност, за разлика од фикцијата за нација! Кога ние со Турците градевме заедничко општество, тие на Турците им ги менуваа личните и фамилјарните имиња (ги бугаризираа), па дури и ги иселуваа во Турција. Поточно имаше и кај нас во 60-тите години на минатиот век масовно иселување во Турција, но тоа повеќе беше на доброволна основа на семејствата, врз основа на меѓудржавниот договор помеѓу Југославија и Турција. Тогаш иселувањето за Турција беше можна само ако граѓаните на СФРЈ имаа лична карта од Македонија, затоа и голем број од денешните Бошњаци, Црногорци (тие што се муслимани по религија) и Албанци од другите републики на СФРЈ прво се населуваа во Македонија, за да можат потоа да се иселат во Турција. Оние што не успеаја да се иселат за Турција, останаа кај нас. Денес Бошњаците ги имаме во Преамбулата на Уставот, што се разбира за мене и треба да бидат.

Но, круцијално прашање е кој тоа решава кој ќе биде во Преамбулата на Уставот?! Дали таа одлука се базира на некои стандарди и критериуми, или тоа е само по слободна волја на поединци што во моментот се на власт?!

Дозволете една мала ретроспектива по оваа прашање: Во Манифестот на Крушевската Република, поделбата според Милет системот што бил во Отоманската империја сеуште била во главите на востаниците. Власите и Македонците се сметаат за еден Милет (православен) и повикот за востание против тираните е до муслиманите, со особено потенцирање на „Турците и Арнаутите“! Потоа, во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година се вели: „Браќа Арнаути, Турци, Власи“, а подоцна во некои документи од ЦК на КПМ ќе се појават и Евреите. Уставите од 1947 и 1974 година покрај Македонскиот народ, како „народности“ се споменуваат Албанците и Турците, а другите не се споменуваат и се класифицирани како „етнички групи“.

Во независна Република Македонија во Уставот покрај македонскиот народ се воведе еден ендемичен термин „националности“, а како такви во Преамбулата беа споменати „Албанците, Турците, Власите, Ромите и други“.

Со Амандамот  IV  од Уставот на 16 ноември 2001 година покрај македонскиот народ, се вметнува термин „делови од народ“ наместо националности во Преамбулата, а во нормативниот дел на Уставот се вметнува тремин „заедници“ што и се користи во секојдневната употреба. Како „делови од народ“ во Преамбулата стојат „ албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“!

Една од најголемите заблуди со овој амандман на Уставот е таа дека некои сметаат дека овие „делови на народи“ постанале т.н. конститутивни народи во Република (сега Северна) Македонија! Оваа небулоза дури еднаш ја кажа и поранешниот премиер Заев при една посета во Белград во 2018 година, кој после реакциите никогаш веќе не ја повтори, а слушам деновиве и во Бугарија се шири, па дури од претседателот Румен Радев! Ако не стои некоја друга цел позади „конститутивноста“ на македонските Бугари во кажувањата на Радев, тоа е уште едно срамно непознавање на пробематиката од кабинетот на претседателот на Бугарија. Споменувањето во Преамбулата на Уставот не предизвикува никакви правни последици, затоа што Преамбулата не е норма. Таа е декларција, што го објаснува контекстот за донесување на Уставот. Но, праксата досега покажа дека во нашата држава Преамбулата генерира дискриминација и исклучување кон тие заедници што не се споменати во неа! Како и да е, гледаме дека сега копјата се кршат околу тоа кога Бугарите да се внесат во Уставот на Република Северна Македонија, дали пред или после да започнат преговорите за членство во ЕУ.

Но, сега се јавува уште еден феномен, за кои ако не се внимава ќе има повторно големи фрустрации! Имено, премиерот Ковачевски на неколку наврати споменува дека покрај Бугарите во Уставот ќе се внесат и Хрватите и Црногорците!  Тоа е за поздравување и покрај Бугарите треба и други заедници да се вметнам во Преамбулата на Уставот. Но, зошто само тие и кои се условите да другите не бидат како на пример Египќаните, Торбешите, Словенците, Украинците, Русите, Ерменците, Пољаците, Унгарците, Грците!

Според последниот попис на населението во 2021 година Торбеши во Македонија има 4.174 граѓани, Бугари 3.504, Египќани 2.406, Хрвати 2.145, Муслимани 1.187, Црногорци 1.023. Другите се под 1.000 изјаснати граѓани. Значи според бројот на населението нема логика во кажувањето на премиерот Ковачевски. Значи, треба да се бараат нови стандарди и критериуми!

Таков стандард и критериум се разбира се меѓународните документи и инструменти што Република Северна Македонија ги потпшишала и ратификувала, а тука пред се најповикана е Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства при Советот на Европа. Извештаите на Советодавниот комитет на оваа конвеција и резолуциите по неа на Советот на министри се на преговарачка маса кога се отвара Поглавјето 24 од преговорите со ЕУ.  Советодавниот комитет на секои 5 години врши мониторинг во земјата и го следи спроведувањето на одредбите од Рамковната конвецнија. Прашањето околу преамбулата и споменувањето се третира под членот 3 од Рамковната Конвеција и досега советодавниот комитет дала забелешки или споменувала во извештаите за следниве заедници што не се во Преамбулата: во 2004 година за Египќаните, во 2007 година за Египќаните, во 2011 година за Египќаните и Хрватите, во 2016 за Египќаните, Хрватите и Торбешите. За Бугарите и Црногорците никогаш немало забелешка или споменување! Се очекува деновиве да излезе најновиот извештај со препораки на Советодавниот комитет на Рамковната Конвенција за национални малцинства при Советот на Европа.

За да ги избегне непријатностите околу оваа прашање Република Хрватска, во 2002 година со Уставен закон што го прогласи тогашниот претседател Стипе Месиќ, повикувајќи се на традицијата на толеранција и разбирање, го има направено најдоброто решение, со тоа што ги вклучи сите малцинства што живеат на територијата на Хрватска. Така да преамбулата на хрватскиот Устав гласи: „Република Хрватска се основа како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадницитѕе на националните малцинства: Срби, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи, Германци, Австријци, Украинци, Русини, Бошњаци, Словенци, Црногорци, Македонци, Руси, Бугари, Полјаци, Роми, Романци, Турци, Власи, Албанци и други...“ (Овие „другите“ во Хрватска се по неколку десетици луѓе). Со оваа Хрватска избегна да биде  земја која ќе врши дискриминација по било која основа особено не по етничка. Во Европа тоа се нарекува „расна дискриминација“, при што под поимот „раса“ не мисли само а бојата на кожата, туку се смета како различност по која било основа. Исто така со вакво „соломонско решение“ Хрватска ги избегна жешките  прашањата за српското, италјанското, унгарското малцинство и постана препознатлива како земја со најсовремен мултикултуралистички модел, ако се има во предвид и пакетот  на закони што се усвоја во 2002 година.

Затоа, не треба да се брза и без страндарди и критериуми некој самоволно да одлучува кои заедници или делови од народи ќе бидат во Преамбулата на Уставот. Поготово тоа не треба да се остави, како и досега, некои „технократи“ од Владата и МНР да манпулираат со овие прашања., а уште повеќе да се даде на лица кои што по уверувања се етноцентристи и националисти, да носат автократски одлуки. Треба да се изнајде начин и методологија да се почитуваат меѓународните конвенции што Република Северна Македонија ги има потпишано и ратификувано. Со селективно вметнување на делови од народи во Преамбуата без никакви стандарди и критериуми, ќе се навлезе во уште една криза и до подоцнежно болно повторно менување на Преамбулата на Уставот, со што повторно ќе се навлезе во нови фрустрации и колективни гневови.

Ние сме првата земја во Европа што усвоивме Национална стратегија и акционен план за интеркултурализам. Втори во Светот после Канада. Како земја ги поставивме темелите на интеркултурното разбирање и докажуваме дека можеме да бидеме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите. Ја покажавме во пракса и нашата политичка волја да ја зачуваме и негуваме различноста и да живееме заедно почитувајќи ги различните јазици, култури и религии. Затоа треба доследно да останеме на тој курс, а не да постанеме земја што дискриминира по етничка или било која основа!

                                                                                              Д-р Рубин Земон,

универзитетски професор, антрополог и мултикултуралист

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе