Македонија, НАТО и ЕУ – другата страна на медалот

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

И натаму е неопходна дебата за клучните стратегиски прашања со про и контра аргументи, наместо со навреди и етикетирања

Објавувањето на текстот на Рамката за преговори за пристапување на Македонија кон ЕУ токму на првиот ден од шестмесечното претседателство на Германија со Унијата и на две недели пред изборите во Македонија, иако станува збор само за нацрт, а не и за финална верзија, претставува директна предизборна помош за СДСМ и „порамнување на долгот” со претходно погазените ветувања за датум за почеток на преговори откако државата го промени името. Ова беше засилено и од страна на германската канцеларка Ангела Меркел во настапот во Европскиот парламент во Брисел со навестувањето за почеток на пристапни преговори со Македонија и Албанија до крајот на годинава. Но, за Македонија членството во ЕУ останува подеднакво далечна и практично неостварлива цел, како и пред решението за почеток на преговори, а вистинските проблеми допрва претстојат. Освен, се разбира, ако не уследат нови капитулантски потези, кои потоа, според веќе применетата мостра, ќе бидат продавани како „херојски” подвизи. Тоа ќе значи прифаќање на уцените од Бугарија кои беа најавени и неминовно ќе уследат откако ЕУ го вклучи македонско-бугарскиот Договор за добрососедство (колку цинично звучи ова!) како еден од условите.

Дали Макрон попушти и што всушност изјави во Минхен?

Но, со ред. Прво за деблокадата на преговорите. На адреса на францускиот претседател Емануел Макрон беа упатени многу прекори, па и погрдни зборови во македонските медиуми, на социјалните мрежи, а и од официјалната политика. Тој се најде на удар на критики и во рамките на ЕУ поради ставот прво да се промени методологијата на приемот на нови членки, па дури потоа да се реализира ветувањето дадено на Македонија. Од Конференцијата за безбедност во Минхен македонските медиуми пренесоа дека Макрон го сменил ставот и попуштил, па се отвора патот за Македонија. Но, никој не ги пренесе неговите искажувања во целост. Макрон „ги обвини другите влади од ЕУ за ‘голема хипокризија‘ во односот кон земјите од Западен Балкан кои сакаат да станат членки на ЕУ. Тие влади јавно се залагаат (охрабруваат – „encouraged”) за старт на преговори за членство, додека приватно изјавуваат дека земјите-кандидатки нема уште за многу наредни години да ги достигнат стандардите на ЕУ“, пренесе магазинот „Politico“ (15. февруари 2020; Rym Momtaz). Магазинот потоа го цитира Макрон: „Овде јас преферирам реалполитика. Ние таму треба да инвестираме за да го доближиме Балканот (до ЕУ, н.з.)... наместо да велиме дека ќе ги отвориме преговорите, со многу хипокризија, оти сите тие кои велат дека треба да отвориме преговори со Албанија и С.Македонија, потоа велат ‘но да бидеме внимателни, тие не се подготвени (погодни - „suitable”) за членство во наредни 10-15 години’. Ние не сме разумни („reasonable“) – рече Макрон”(„Politico“).

Во меѓувреме е усвоена новата методологија, како што бараше францускиот претседател, а лицемерните земји добија шанса од разни причини или под разни изговори да ја враќаат Македонија „во прво одделение”. Бугарија веќе отворено најави што ѝ претстои на Македонија, додека отсуството на поенергична реакција и дипломатски протест од македонска страна исто така јасно навестува подготвеност на актуелната гарнитура од власта на натамошни отстапки со сериозно загрозување на македонските национални интереси.

Референдумот можеше да ги расчисти сите дилеми

Коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, и посебно тандемот Заев-Димитров, како врвен приоритет за кој вреди сѐ да се даде, сѐ да се жртвува, го поставија членството во НАТО и ЕУ.

Притоа тие и нивните медиумски и НВО првоборци не оставаат воопшто место за дебата служејќи се со навредливо етикетирање на сите кои мислат поинаку („балкански тип” на сфаќање за демократијата!). Точно е дека тие цели се усвоени од страна на Собранието на Македонија, но пред речиси 30 години, а во таа одлука никаде не стои дека за нивно остварување треба да се стори сѐ, вклучително промена на името и откажување од сопствената историја. Референдумот беше шанса граѓаните да се изјаснат дали поддржуваат членство во НАТО и ЕУ под такви услови. Но, референдумското прашање беше намерно манипулирано токму за да се избегне такво изјаснување, референдумот дури беше прогласен и за незадолжителен, повторно од страв од негативен исход, а на крајот и таков, каков што беше, на „волшебен” начин беше претставен како подршка за власта, иако официјално Државната изборна комисија го прогласи за неуспешен поради недоволниот одзив на граѓаните. Чесно поставен и спроведен референдум ќе ги решеше сите дилеми и политиката само ќе требаше да ја спроведе јасно изразената волја на граѓаните, каква и да беше таа.

Апсолутно неопходната дебата за стратегиските определби на Македонија секако треба да опфати и анализа за развојот на настаните во светот во меѓувреме, новата улога на НАТО и неговата иднина, кои вредности ги репрезентира и штити Алијансата, како и битниот момент колку ЕУ навистина е „заедница на вредности”, како што милува да се дефинира себе си. Ни по приемот на Македонија во НАТО таква дебата, со про и контра аргументи наместо навреди, не е излишна – напротив, промените на меѓународната сцена, посебно во трансатлантските односи во последниве 3-4 години, допрва ќе ја прават неизбежна. Овој комплекс од прашања бара поширока елаборација. Мојот став во врска со нив можеби ќе го изнесам во посебна колумна.

За новата „лична карта” на Македонија

Во предизборните настапи и спотови Заев и Димитров, но и другите водечки политичари од СДСМ, во осека на креативност, ги повторуваат истите работи како и по потпишувањето на Преспанскиот договор или по приемот во НАТО: дека Македонија сега добила своја „лична карта”, дека се „зацементирани националноста и јазикот”, дека ѝ е „гарантирана безбедноста”, дека ова ќе донесе и „економски просперитет”, „создавање услови да се запре  увањето на младите” и други, попродлабочено погледнато, голи и шупливи фрази. Да се разбереме - не дека опозицијата е поинвентивна или поверодостојна, но секогаш е поголема одговорноста на оние што се на власт.

Кога ќе си го смениш името секако ти треба нова лична карта! Во случајов сепак треба да се напомене дека Република Македонија, македонскиот народ и јазик имаа „лична карта”, во смисла во која зборуваат Заев и Димитров, уште од основањето на Обединетите Нации, како федерална единка на Југославија, една од земјите-основачки на светската организација.

Јазикот е потврден и на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња (17.07. – 07.09. 1977 во Атина). Од ова произлегува дека тој, всушност, никогаш и не бил спорен за никого во светот, иако Бугарија и Грција го оспоруваат. Ни со најдобра волја не можам да видам каде е „големиот преговарачки успех” со „признавањето на македонскиот јазик и националноста”, но јасно ги гледам катастрофалните последици, оти владата предводена од СДСМ со Преспанскиот договор ги верификува резултатите од едновековната асимилаторска политика на Грција во однос на Македонците во Егејска Македонија.

Нимиц: Преспанскиот договор „дипломатска и стратешка победа на Грција”

За признавањето на македонската нација и јазикот како македонски, во интервју за Дојче Веле (23.05.2019, Б. Георгиевски), Метју Нимиц, медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор околу името на државата (зошто тогаш воопшто се преговарало за националност и јазик?!), кој 19 години работеше и не успеа да најде решение во тој спор, вели дека „тоа воопшто не е нешто што некој друг го признава или не. 'Како можеле тие да го загубат јазикот? Јазикот е јазик. Погледнете во британските или во американските лексикони и ќе видите дека јазикот кој се зборува во тој регион од словенското население се нарекува македонски. На овој начин само се дефинира како на англиски се нарекува тој јазик. Се обидувам да им објаснам на Грците дека ова не е нешто за што тие направиле отстапка. (...) Ниту јас им го дадов тоа, ниту вие им го дадовте тоа, туку едноставно тој јазик си постои”.

За „зацементираната националност” пишував во претходната колумна („Димитров контра Димитров”). Грците постојано нагласуваат дека признале државјанство, а не националност.

Во однос на постојаните обиди, нагласено пласирани по повод 2-годишнината од Преспанскиот договор, тој да се претстави како преговарачки успех за Македонија, па дури и да се користи како аргумент про во предизборната кампања, што го сметам за ароганција, дури и дрскост, повторно ќе го цитирам Метју Нимиц од истото интервју: „Погледнете со какви проблеми се соочува Грција? Тие добија сѐ што бараа во изминатите години. Промена на името 'ерга омнeс', признавање на историските прашања, јасни антииредентистички отстапки. Мислам дека ова е вистински успех за Грција во многу димензии, но некои луѓе во Грција се обидуваат од оваа дипломатска и стратешка победа да направат психолошки пораз. Тврдат дека од нешто се откажале, ама тешко е да сфатат од што тие се откажале?!”.

Ви звучи ова на компромис или дури и на „дипломатски успех”, со кој се гордеат Заев и Димитров?! Грците го добија и она, за што од Викиликс дознавме дека одамна им било јасно дека немаат право да го бараат и не можат да го очекуваат - промена на името и за домашна употреба; патем, дознавме и дека македонскиот преговарач и актуелен министер надворешни работи ги оддавал македонските ставови на трета, очигледно заинтересирана страна!

А за пофалбите за Преспанскиот договор од меѓународната заедница: нив би ги добил и Груевски, и Георгиевски, и Црвенковски и кој и да е, кој би ѝ го решил проблемот на начин на кој тоа го сторија Заев и Димитров, со капитулација пред барањата на Грција, која – не заборавајте – на таа таканаречена меѓународна заедница ѝ е сојузник во НАТО и партнер во ЕУ!

Добро владеење е клуч за економски просперитет

За тврдењата дека членството во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ ќе донесат економски просперитет, странски инвестиции, со што ќе се создадат услови за запирање на одливот на млади и школувани луѓе од Македонија, како контрааргументи ќе наведам дека Албанија 12 години е член на НАТО, Бугарија од март 2004 е во Алијансата, а од 1 јануари 2007 во ЕУ, но процесот на иселување таму не запре, ниту е постигнат забележлив економски просперитет.

Обете земји остануваат меѓу најсиромашните во Европа. Проблемот е во друго: во лошо владеење (bad governance) кое води до енормни социјални разлики, па и она малку благодет од странски пари или инвестиции завршува кај многу мал круг луѓе од спрегата на политиката, бизнисот и криминалот. До огромното мнозинство од „обичните граѓани” не допираат тие бенефити. Без правна сигурност нема ни позначајни странски инвестиции, настрана тоа што е прашање колку регионот воопшто е атрактивен за инвеститорите. Поради големиот одлив сега веќе нема ни доволно работници, а токму нископлатената работна рака претставуваше некаков привлечен момент за инвестирање.

Би војувале ли сојузниците од НАТО за одбрана на Македонија?

И, конечно, „гарантираната безбедност” со членството во НАТО. Колку год тоа на прв поглед да се чини дека е аксиом, сепак и не е баш толку само по себе разбирливо. Може ли на здрав разум да се претпостави или тврди дека земјите од НАТО би влегле во војна за заштита на Македонија?! Прво, не дај Боже да дојде до тоа, оти земјата секако би страдала. Второ, фактите зборуваат нешто друго. Таканаречениот „сојузнички случај”, предвиден во член 5 од Северноатлантскиот договор од 1949 година, во кој сите членки воено се ангажираат за одбрана на загрозениот сојузник („напад врз земја-членка ќе се смета за напад врз сите сојузници”), е активиран само по терористичките напади против САД од 11 септември 2001.

Турција се обиде, но не доби таков вид на подршка за својата и натаму актуелна офанзивна акција против курдските сили на територијата на северот на Сирија. Во анкета на институтот PEW Research спроведена од мај до август 2019 на 21.029 испитаници од 16 земји на НАТО (но и од Русија, Украина и Шведска), само во пет од тие 16 земји анкетираните сметаат дека нивната држава треба воено да се ангажира во случај на сериозен воен конфликт на партнер од НАТО со Русија (Холандија, САД, Канада, В. Британија и Литванија). Во Германија одвај секој трет е за, а три петтини се против (SZ.de; 10.02.2029). Ова покажува натамошно намалување на подготвеноста за одбрана на сојузниците, оти две години порано во анкета на истиот институт (9.761 испитаник) за таква претпоставена ситуација, во Холандија 72 процента биле за воен ангажман, во САД 62, во Франција 53, но во Шпанија само 46, а во Германија 40 проценти, додека 53 проценти се против (WirtschaftsWoche, 23.05.2017).

Потврда на негативното расположение кај граѓаните за сојузничка помош во НАТО дава и анкетата на Carnegi Europe: во 16 земји од НАТО 50 проценти од анкетирани граѓани се против воен ангажман за одбрана на нападнат сојузник, а само 38 насто се за тоа („Macron’s One Way Street To Russia“ – Judi Dempsey).

Диференцирана слика произлегува од меѓународната YouGov анкета на 7982 испитаници од шест земји (САД, В. Британија, Германија, Франција, Данска и Норвешка) спроти 70-годишнината на НАТО минатата година: сојузничката обврска за одбрана ја подржуваат 57 проценти од Американците, 66 насто од Британците, 58 од Германците, 53 од Французите, 73 од Данците и 74 проценти од Норвежаните. Но, внимавајте сега: ако треба да се брани Турција – тешко неа! Дури 68 проценти од Германците не би ја бранеле, наспроти 14 проценти за. Во Франција соодносот е 48 : 18, во В. Британија 31 спрема 31; само во САД соодносот е 22 против 36 проценти за. Германците и Французите не би ја бранеле ни Романија (и Украина, но таа не е во НАТО), Германците не би ги бранеле ни САД од претпоставен напад од Русија - 41 спрема 31 процент.

Кај сите овие анкети претпоставен агресор е Русија, која на Западот и натаму ја сметаат како  закана за мирот. А замислете си, пак, какви би биле резултатите ако во улога на агресор би била ставена земја со позитивен имиџ?!

Надолен тренд на подршката за НАТО во западните земји

Последнава анкета потврдува уште еден тренд - секаде опаѓа поддршката за членство во Алијансата, во споредба со резултатите од анкета спроведена две години порано: САД 44:47 проценти, В. Британија 59:73, Германија 54:68, Франција 39:54, Данска 70:80 и Норвешка 66:75 проценти (FAZ.net; 04.04.2019).

Конечно, за да се заокружи сликата, во анкетата на американскиот институт Галуп, 70 години по крајот на Втората светска војна (Die Welt, 24.06.2015), на прашање „Би биле ли подготвени да се борите за својата татковина?”, само една четвртина од испитаниците од Западна Европа одговориле потврдно (Франција 29, В. Британија 27, Шпанија 21, Австрија 21, Италија 20, Белгија 19, Германија 18, Холандија 15 проценти)!

Каква, тогаш, заштита може да очекува Македонија од сојузниците во НАТО, колку со членството во Алијансата ѝ е гарантирана безбедноста?! Можеби само во избегнување внатрешен конфликт во земјата или пак при регионален конфликт, при што, со оглед на „пријателската помош” однадвор во случајот со Преспанскиот договор, на пример, пореално е да се очекува разврска со притисок врз Македонија да попушти.

Ако се има предвид и оваа страна на медалот, разумно погледнато, попрепорачливо е молчење, отколку фалење, гордеење и предизборно саморекламирање со „придобивките” од Преспанскиот договор.

Зоран Јордановски

 

 

  

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Самиот Никос Коѕијас не го почитува договорот што го потпиша со Заев и Димитров. Ќе реагира ли македонското МНР на терминологијата во неговата колумна, како што вети дека секогаш ќе реагира кога се крши Договорот од Преспа? Треба. Ама не е за верување.

повеќе

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба да биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место, пишува во колумна за Аутограф хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ анализирајќи ги бугарските условувања, но и предупредува дека Хрватска засега молчи..

повеќе