Александар Хемон

Мајка ми и пропаднатиот експеримент Југославија

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

Стана модерно да се мрази покојната Југославија, или ретроактивно да ѝ се поставува дијагноза на некаков франкенштајнски склоп од распарени делови чие распаѓање беше неизбежно и нужно крваво. Но, за пар децении од сега, кога некоја тинк-тенк историчарка ќе го погледне пустошот што во Америка ќе остане по Трамп и неговите трупи, можеби ќе открие изобилство од докази за стотици години омраза и суштински расизам, со секакви историски нужности што воделе кон катастрофа. Нема да биде во право, исто како што и денес не се во право оние што ја омаловажуваат Југославија, бидејќи во двата случаи постои историја на конфликтни традиции и тенденции, на борби против најлошите човекови инстинкти во името на подобро политичко уредување и поблагородно општество. Во Југославија лошите момци победија и уништија сѐ што можеа, најбрзо што можеа. На лошите момци прилично добро им оди и во Америка. Но ништо не е неизбежно сè додека не се случи. Не постои историска судбина. Сè е борба.

Југославија, земја на Јужните Словени, е создадена како Кралството на Србите, Хрватите и Словенците на 1 декември 1918 година, веднаш по завршувањето на Првата светска војна. Трите големи империи тукушто се распаднаа по повеќе векови живот исполнет со настани, што отвори место за матните мали држави чии народи целиот тој постимперијален хаос го доживуваа како слобода. Идејата за соединета држава одекнуваше со години, инспирирајќи ги лидерите на Јужните Словени, кои веруваа во придобивките на обединувањето. Во 1929 Кралството стана Југославија, кога кралот Александар го смени уставот за себеси да се направи апсолутен монарх. Неговото височество потоа беше убиено во 1934 година кога го посети Марсеј. Пропагандната приказна вели дека последните зборови на кралот биле: „Чувајте ми ја Југославија“. Дедо ми од таткова страна отпатувал во Белград за да присуствува на грандиозниот погреб. Моите родители се родени како поданици на престолонаследникот-тинејџер, Петар Втори, кој во 1941 година побегна од германската инвазија и заврши во Соединетите Држави.

Втората светска војна беше крвава во Југославија, но има ли место во Европа во кое не беше? Германците најдоа многу доброволни слуги меѓу локалните фашисти и националисти, чиј главен историски модус операнди, како и кај нивните господари, беше геноцидот - неколку генерации подоцна овој модус повторно ќе го усвојат нивните потомци. Но Комунистичката партија на Југославија, нелегална пред војната, беше искусна во давањето отпор и создавањето подземни мрежи и, под водство на Јосип Броз Тито, поттикна движење на народен отпор, кое ги порази Германците, и покрај нивните напори да го сотрат движењето во бранови од непоимливи злочини.

Кажете што сакате за Тито и за повоениот режим, толку центриран на неговата личност што само кратко успеа да го надживее, но под негово водство Партијата организираше движење на отпорот и ја ослободи Југославија. Тој успеа и да ја зачува земјата на безбедна дистанца од Советскиот Сојуз, во 1948 година раскинувајќи со Сталин и со неговата апсолутистичка контрола. Тито беше паметен, иако авторитарен лидер, кој земјата, правејќи ја неврзана, ја позиционира меѓу Истокот и Западот на тој начин што таа имаше корист од двете страни.

Тито и Партијата излегоа не само како победници, туку и како историската сила што ја воведе Југославија во дваесеттиот век. Со доктрината „братство и единство“, за да им се спротивстави на постгеноцидните трауми и огорченост, земјата тежнееше да создаде граѓански идентитет што ја надминува етничката припадност. За ова, додуша, беше потребна одредена репресија, но, во ретроспектива, можеби и вредеше, макар и само накратко. Земјата имаше дефинирана утописка цел кон која граѓаните можеа да се стремат. Имаше оптимизам, можеше да се замисли подобра иднина. Неколку децении социјалистичката Југославија беше заеднички проект на кој сите можеа да работат. Моите родители ѝ припаѓаат на генерацијата што одигра клучна улога во таа работа, само за на крај да открие дека сè било залудно.

Денес е тешко да се разбере важноста на скокот кон подобар живот што некој како мајка ми го направи во Титовата Југославија. По катаклизмата, новиот режим во 1946 година воведе родова еднаквост и задолжително и бесплатно образование, па едно босанско селско девојче, родено во куќа со земјен под, можеше да оди на училиште. Да била родена една генерација претходно, немало да се школува. Ќе работела на полињата со своите родители сè додека не се омажела, по што ќе раѓала деца сè до својата средовечна возраст, ако не умрела при породување или од сепса по абортусот извршен дома, како една од сестрите на мајчиниот татко. Иднината на мама била испреплетена со иднината на Југославија, што ѝ овозможило да излезе од сиромаштијата што траела со векови.

Југославија нудела рамка во која мајка ми целосно пораснала, откако на 11 години се избавила од своето горе-долу деветнаесеттовековно детство. Ја градела земјата додека се градела себеси. По војната, била воспоставена практика на „младински работни акции“, на кои младите Југословени доброволно помагале во изградбата на патишта и пруги како дел од „младинските бригади“.

Во 1960, додека студирала, мама била една од младите жени и мажи што летото го поминале во изградба на пат што ги поврзува Белград и Ниш, составен дел од еден поголем проект за поврзување на делови од Југославија со автопат познат под името Автопат на братството и единството. Додека бевме деца, често ни раскажуваше приказни за плускавците од лопатите и за солидарноста, пријателството и радоста, или ние така си замислувавме, бидејќи младинските бригади ретко ги добивале најтешките задачи. Тие копале земја и им помагале на професионалците, но, повеќе од сè, пееле патриотски песни и извикувале пароли што ја слават напорната работа: „Друже Тито, љубичице бела, тебе воли омладина цела!“ и „У тунелу усред мрака, сија звезда петокрака!“ Имало славенички логорски огни околу кои исто така се пеело, а имало и другарски „мувања“. Со години мама се гордееше со своето учество во изградбата на земјата - макар и симболично - за потта што ја пролеала за заедно со најдобрата југословенска младина да го изгради автопатот.

Младинските работни акции биле организирани сè до осумдесеттите и мама често велеше дека и јас би требало да одам, затоа што така ќе го ценам искуството на заедничките цели, на учеството во заеднички проекти и на пеењето крај логорски оган. Секогаш пркосно одбивав. Бидејќи не само што доброволните младински акции, додека јас да пораснам, станаа пародија на оние величествени акции од младоста на мајка ми, туку и моите тинејџерски политички убедувања беа составен дел од мојот прерано развиен цинизам. Најпрво од сè, никогаш не ми беше гајле за тој вид колективна екстаза поврзана со заедничкиот труд; го нема тој плускавец или изгореница што мене може да ме направи горд и радосен. Мислев дека младинските бригади биле еден вид присилна работа чија главна цел била индоктринацијата. Го презирав тој „примитивен патриотизам“, како што го нарекував. Од најрана младост му се посветив на животот на мислечка, продуктивна мрзеливост и го мразев пеењето на глас со други, чувството на единство со колективот, дури и на рок-концерти. Бев, како што велат, индивидуалец.

По војната, на ужас на нашата мајка, сестра ми и јас Автопатот братство и единство почнавме да го нарекуваме Автопат на младоста и лудоста. Денес ѝ завидувам; ѝ завидувам на чувството дека градела нешто поголемо; ѝ завидувам на благородноста и на честа што произлегуваат од учеството во граѓански потфат.

Токму на младинска работна акција мајка ми станала членка на Комунистичката партија. Многумина од нејзините пријатели и колеги доброволци исто така ѝ се приклучиле на партијата, бидејќи тогаш тоа било кул. Оттогаш таа беше верна членка на Партијата, а тоа стана и дел од нејзината личност, како што се случува со религијата кај религиозните луѓе. Таа веруваше (и сè уште верува) во општествената правда, великодушноста и праведната распределба на богатството. Веруваше во систем посветен на унапредување на земјата; Тито и Партијата беа тој систем. Пред Втората светска војна, постојано велеше, во цела Југославија имало само 75 километри асфалтиран пат, додека само Автопатот братство и единство беше долг над илјада.

Исто како и секоја друга земја, Југославија преку јавни ритуали ги тренираше своите граѓани да бидат патриоти, ги учеше да бидат одушевено послушни. Додека децата во Америка мораа (а многумина и денес мораат) да му се заколнат на верност на знамето, ние имавме слика од Тито во секоја проклета училница. Од самиот почеток на југословенскиот социјализам, културолошкото наметнување патриотизам почиваше на идеолошки светини како Штафетата на младоста, која имаше големо значење во одржувањето на култот кон Титовата личност. Штафета што ги симболизира најубавите желби за неговиот роденден ќе тргнеше од Кумровец, неговото родно место, и ќе патуваше низ цела Југославија носена од рацете на младината, свраќајќи во разни места и градови на говори и собири на обожавање, на кои младината му се колнеше на верност на својот сакан водач.

Секоја година на 25 мај, одбрана млада личност, истовремено и извонредна и типична, му ја предаваше штафетата на Тито. Големата роденденска прослава се одржуваше на стадион во Белград со учество на младински бригади што изведуваа кореографирани вежби за да ги покажат својата решителност и посветеност. Во зенитот на спектаклот, одбраниот младинец (младинка) ќе потрчаше по долгите скали, ќе му ја врачеше нескриено фалусоидната штафета на Тито и задишано ќе одрецитираше некоја изјава на благодарна ласкавост, верност и најубави желби од сите народи и народности на Југославија. Тито понекогаш благонаклонето ќе го потапкаше носачот на штафетата по глава.

Целата претстава секогаш беше пренесувана на телевизија и семејствата низ целата земја ја гледаа како да е Супербоул. И ние ја гледавме, ама јас, штом влегов во пубертет, без и најмала грижа на совеста ја исмевав атмосферата на идиотска униформност, идеолошки стереотипи и млади мускулести момци што вртат дрвени пушки и ги креваат своите другарки над глава, додека коментаторите целиот тој пропаганден приказ го третираа како спонтан израз на љубовта на младината кон Тито и дело на јавна уметност. На крај комплетно загубив интерес за сето тоа, особено откако Тито почина во 1980 година, а Штафетата продолжи. Во осумдесеттите, во зенитот на моите бунтовнички години, штафетата му беше врачувана на некој безличен бирократ кого јас го гледав како мој директен непријател. Во 1987 за официјалниот плакат за Штафетата, дизајниран од некоја прикриено субверзивна словенечка уметничка група, излезе дека е копија на нацистички пропаганден постер. За пар години Штафетата беше исто толку мртва како и Тито; за четири години мртва беше и Југославија.

Мама секогаш беше навредена од мојот презир кон целата таа пропаганда, кон дисциплинарната патриотска реторика, од мојот недостиг од верба во социјализмот и во Партијата. Често ме караше дека „ништо не ми е свето“ и тоа го сфаќаше лично, како израз на непочитување кон неа. Меѓу нас се отвори јаз, идеолошки и генерациски, на многу начини сличен на јазот меѓу неа и генерацијата на нејзините родители, освен што јас никогаш (сè до сега) не чувствував вина поради тој дисконтинуитет.

Кога умре Тито, јас имав шеснаесет години и чувствував триумфален копнеж да учествувам во распаѓањето на социјалистичката идеологија, главно затоа што ја сметав за угнетувачки досадна. Бев искрен, гласен анархист, кој своите идеолошки насоки ги добил преку гитарите на Клеш и Џем и Генг оф фор. Како што обично бива, ценев сè што им одеше на нерви на моите родители, пред воопшто да ја разгледам неговата вистинска вредност.

Гордо и бунтовно, ја обвинував генерацијата на моите родители - а особено мајка ми - дека не им се дораснати на утописките ветувања што требаше да ми овозможат иднина што јас ќе ја сметам за вредна и удобна. Бев сосема несвесен за фактот дека тие морале да работат за она што јас го земав здраво за готово. Што се однесува на нив, тие се погрижиле јас да не морам за ништо да се грижам освен за училиштето. Кога мама ќе ме прашаше: „За што се жалиш? Имаш сè!“, јас гордо ќе возвратев, „Немам иднина!“ - алудирајќи со тоа, мимо нејзините социјалистички сфаќања, на стих од антихимната на Секс пистолс „God Save the Queen“.

Се сеќавам на една долга и опширна расправија со мајка ми, која на крај се претвори во надвикување, за едно писмо напишано од група југословенски интелектуалци-дисиденти, писмо во кое бараа непречена слобода на говорот. Не знаев што точно пишува во писмото бидејќи неговото објавување беше забрането; ги имав читано само уредничките коментари што го одобруваа забранувањето. Така, си го барав правото да го прочитам и сам да донесам заклучок, додека таа тврдеше дека тие дисиденти немале добри намери. Имав шеснаесет години, живеев со родителите и целиот бев принципи, додека таа повторуваше дека ништо не ме научила. „Си ме научила да мислам со своја глава!“, ќе заурлав, „Тоа е најдоброто што си можела!“ Таа беше уверена дека толку често се караме бидејќи сме премногу слични.

Имаше денови кога и таа се сомневаше. Во доцните шеесетти, студентите од Југославија излегоа на улица исто како и нивните врсници низ целиот свет. Југословенските социјалистички власти немаа трпение за масовен протест, особено во време кога „внатрешните и надворешните“ непријатели беа поактивни од вообичаеното. Партиската машинерија ја отфрли југословенската младина и нејзините буржоаски тенденции, истото го сторија и државните институции, па младинците добија клоца по младите газови - и реторички и вистински. Мама, која обожаваше да ја истакнува својата принципиелна љубов кон младината, беше толку згадена што цела година не одеше на партиските состаноци. Поминаа уште неколку години додека не се врати целосно во партиската прегратка, но никогаш повеќе со истиот ентузијазам.

И покрај сето тоа, животот во Југославија никако не може да се сведе на неговата идеолошка практика и јавните ритуали на индоктринација, дури иако беа од суштинско значење за културата. Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по Втората светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, која беше составена од луѓе како моите родители, кои, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи. Живееја во станови без кирија, кои им ги делеа државните фирми, во кои се работеше до пензија. Се грижеа за своите остарени родители на село, често ги посетуваа (но никогаш доволно) и се враќаа дома со залихи одлична селска храна, која ја складираа на балконите и во замрзнувачите купени на кредит со ниска камата. Нивните деца бесрамно живееја со нив до своите речиси триесетти години, понекогаш и подолго. Планираа пензијата да ја поминат некаде во природа, односно во своите викендички.

Југословенската култура своето секојдневие ѝ го пренесуваше на својата средна класа во форма на наративи прочистени од конфликти и сомнежи, проткаени со блага пропаганда и обилно зачинети со добар хумор, а сето тоа правеше југословенското секојдневие да делува вечно, природно и неуништливо. Сè до смртта на Тито, југословенската култура на шеесеттите и седумдесеттите (што всушност беа телевизијата и популарната музика) емитуваше луѓе како моите родители, без оглед на нивното етничко потекло. Ќе го вклучеа телевизорот и ќе се видеа себеси, глумени од познати глумци, кои меѓусебно си се нарекуваат другари и ги раскажуваат истите вицови за женско озборување, за мажи што не можат да си ги најдат чорапите и за нивните приглупи тешти што доаѓаат во посета влечкајќи буриња смрдлива кисела зелка.

Југославија беше дискурзивен универзум, во кој главна тема беше неговата тазе искована социјалистичка средна класа. Во тој универзум сè ѝ беше логично на мама бидејќи таа беше негов составен дел, бидејќи настанал на идејата на која таа напорно работела. Таа беше граѓанка на земја што ја изградила со сопствените раце, нејзиниот југословенски идентитет беше последица на нејзините животни одлуки, исход од нејзината човечка, историска дејност. Изградбата на „татковината“ беше практика, секојдневна, а не носталгична операција. За мама поимот татковина не беше поврзан со стотици години непроменлива историја, туку со трудот и соништата на луѓето како неа, луѓе чии браќа и сестри биле ранети во ослободителната војна, кои заминале од дома на единаесет години за да одат на училиште, кои добивале плускавци на младинските работни акции, кои на факултет делеле соба и храна со уште четири другари што доаѓаат од иста таква средина, и кои се први во своето семејство откако постои светот што стекнале универзитетска диплома и купиле телевизор на кој можат да се гледаат самите себеси. На крај нивните деца (то ест, јас) ќе им кажат дека сите тие напори биле залудни бидејќи сето тоа го упропастиле уште од самиот почеток.

„Моите родители на нивната свадба, 11 ноември 1962“

Мама распадот на Југославија го доживеа како распарчување на нејзината татковина. Беше уништена рамката во која нејзиниот живот - самата негова траекторија - беше самооправдан, каде што никогаш никому не морала да му се објаснува. Но нејзиното семејно огниште од памтивек беше во географските граници на Босна; освен четирите години студии, таа никогаш не живеела надвор од тие граници сè додека не се исели во Канада. Иако Југославија беше практика заснована на идеја, Босна и Сараево беа реалниот простор во кој таа живееше, со миризбите и комшиите и со посебен јазик. Сè додека траеше Југославија, Босна се вклопуваше во таа идеја и практика - беше делот од таа земја во кој вредностите на братството и единството беа практикувани најискрено и суштински. Со распаѓањето на Југославија, Босна остана незаштитена, а сложениот мултикултурен простор сериозно нарушен. Мама мораше да го напушти, и тоа засекогаш.

Со преселбата во Канада таа загуби, буквално и фигуративно, сè што ја правеше личност: од имотот до идеологијата; од заедничките јавни ритуали до спалната соба; од спомените што ги чуваше од почетокот на брачниот живот до избраното државјанство; од несвесно познатите миризби до сеприсутноста на нејзиниот мајчин јазик; од близината на пријателите и фамилијата до удобното чувство дека сите околу неа имаат пристап до истото референтно поле. Преку ноќ таа стана никој, често умее да каже. Ништо.

Во Канада мама поголем дел од времето поминува во куќата и околу неа. Куќата е скромна и украсена со понекоја семејна фотографија, главно од нејзините деца и четирите внуки, и разни сувенири од нејзиниот бивш живот во бившата Југославија: слика на Тито; модел на споменикот на жртвите на фашистичкиот терор на Козара, каде што нејзиниот брат се борел во ослободителната војна против Германците; монографија за Емерик Блум, основачот и прв директор на „Енергоинвест“, во кој таа го помина целиот свој работен век. Таа не вози, па кога излегува, го придружува татко ми во посета на неговото семејство, од кое поголем дел сега живее во близина на Торонто. Иако ја цени Канада и својот живот таму, загубата на Југославија и на Босна за неа сè уште фрла сенка врз таа замрзната земја.

 

Извадок од последната книга на Александар Хемон, „Моите родители: увод / ова не е твое“

Извор: Њујоркер

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе