Магијата на поетскиот збор на Радован Павловски

Радован Павловски (1935, Ниш, Србија) е водечко име на третатта генерација македонски писатели, која во нашата литература се појави во шеесеттите години на минатото столетие и внесе нов творечки дух со препознатлив национален белег.

Спаѓа во редот на авторите кои целосно ѝ се посветија на поезијата. Критиката го оквалификува како апсолутен поет, принц на метафората, поет на Железна Река, господар на перото.

Поетскто деби на Радован Павловски во далечната 1961 година во македонските и југословенските книжевни кругови беше оценето како исклучителен настан во современите литературни текови. Стихозбирката „Суша, свадба и селидби“ го легитимираше како сејач на плодно семе во македонската литературна почва. Тоа плодно семе, тој неодминлив поетски резултат, меѓу првите во нашата литература го сфати и прифати Гане Тодоровски. Во текстот „Апотеоза на сензибилитетот“ големиот мајстор на пишаниот збор ќе констатира, дека „оваа поезија, самобитна до зачудувачка, со извонредно богата метафорика и посебен култ спрема сликата и сите пластични претстави, плод е на еден интимен допир со природата, та оттука и елементот на природата ќе биде доминантна компонента во неа...“.

Питорескните предели на родната Железна Река и на неговото детство уверливо се поставени наспроти силната имагинација и стремежот кон универзализација. Песните инспирирани од родниот крај ги карактеризира противречноста на духовната и ликовната структура. За разлика од поетите со класична инспирација, овој поет во својата прва фаза не остана стриктно на нивото на средишниот мотив, туку го дополнува и го надградува, наедно воведува претстави во кои можеме да ги препознаваме субјективните, реалистичните и фантастичните значења. Стиховите ги исполнува со соновидна содржина, постигнува неочекувани судири, преплети и измени на почетните точки. Во овој поглед секако е најкарактеристична песната „Сејачи“, низ која проблеснуваат со сета своја моќ сликите од детството и „возбудливата митска прасуштина на светот“.

Поезијата на Радован Павловски не е само облик; таа претставува и самосвест и со своите силни естетски пораки ги освојува добрите познавачи на литературата. Познатиот српски поет Миодраг Павловиќ ќе констатира дека „поезијата на Павловски како да мораше да настане. Таа дојде како благост на својот јазик, како енергија на распрснувањето на едно одамна посеано зрно, како вест која во скокови оди по планинските видици на Македонија, како радосен отказ на заканувањата на смртта и на традицијата на потиштеност“. Искажувајќи множество комплименти, Павловиќ со искрена почит ќе додаде, дека: „сета македонска поезија во последниве децении може да се сфати како радување на својот јазик и на своето име, таа има одлика на голем миг во кој секој збор е порака. Поезијата на Павловски е во матицата на таа откривачка река; во општиот размав таа добро се распознава по своето внатрешно светкање, што кон нас ја праќа моќта на повеќекратната ослободеност на поетот. Ослободеност да се види, да се каже и да се запише, ослободеност и да се проба, да се замисли, да се надмине“. Опсегот на книжевните интересирања на овој поет е широко разгранет, со јасна тенденција неименливото да се именува во ретко впечатлив облик на емоции, на разгранети слики, на топла и препознатлива боја, проткаена со разиграни звуци, но и со длабоко изнијансирана рефлексивност. Оваа поетова ориентација речиси секогаш е лоцирана на одредена плодна почва, од која, како од непресушен вруток, извираат говорот на тајните и говорот на планинското билје. Поетовите силни чувства се синтетизирани во антологиската многуслојна и пророчка песна „Зрно“, во која Радован Павловски ја пресликува и сопствената судбина и судбината на својот народ, пеејќи:

Во мене живее житието на народот

А со мене

И судбини по светот се пребројуваат

Да ми не остане семето во темнина

Земјата да ми не огрубее, овенее

И низ камен отворам пат

Породот кон сонце го водам

Во невреме јас знам химна да запеам

Потоа кон ѕвездите да се оддалечам

И да бидам вечна светлина

Над шари од жита и народи.

 

Свеста за песната кај поетот е исклучително изострена и по многу својства комплексна. Со богат мисловен набој тој го зафаќа проблемот на самото пишување, на основното извориште на песната и на нејзината крајна цел. Една од главните оски на неговата поезија е убавината и сочноста на јазикот. Павловски го прифаќа јазикот на историјата како мит и надеж, како постојана битка пред времињата и невремињата, го поедноставува јазикот народен, јазикот изворен, неистрошен. Тој претставува цврста алка меѓу стварноста и поетот, меѓу рефлексивниот набој и ненаметливата музикалност, меѓу метафоричноста и далечниот призив на времињата.

Поезијата на Радован Павловски не ги признава границите на традиционалното пеење, не подлегнува на одредени шеми и литературни догми. Се стреми кон универзалното поимање на литературата и е буен извор на лирски облици и на возбудливи пораки. Поетот е надвор од конвенционалните шеми и е олицетворение на апсолутното. Многу негови стихови делуваат како изблик на митска енергија, како траен порив влеан во срцевината на колективните чувства на светот, но и како поента на јазичната впечатливост, многузначна и со неповторлива свежест. Неговиот корен, длабоко сраснат во земјата, содржи митско величие, акумулирано искуство на праегзистенцијата и на постојаното самоосвестување и самоосознавање. Таа поетова свртеност кон коренот претставува препознатлив знак на времето, близок елемент за мерата на творечкото зреење, постојано обновување на препознатливиот поетов глас, синтеза на наталоженото творечко искуство.

     Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе