Љубов и екологија без пари - нема!

Државата треба да одвои стотини милиони евра и во рок од пет години со сериозни стимулации да се ослободиме од старите крнтии и да се купат нови ЕУРО 6 автомобили.

Ова скромно писание ќе го започнам со опис на една случка што ја имав пред неколку дена. Имено, возејќи од Автокоманда кон центарот на Скопје, застанав на семафорите на раскрсницата каде се врти десно за населба Железара. Имаше многу гужва, а јас бев на средната лента. Пред мене имаше една прилично голема лимузина со косовски регистерски таблички. Се запали зелено и сите наоколу силовито тргнавме. Прва, втора, трета, четврта... сите набрзо стигнавме до кај 80 км/час и одеднаш, косоварот пред мене започна силно да запира! Си велам – што му стана на човеков, а тоа тој го забележа убавиот и голем трептечки знак за ограничување од 50 км/час што така убаво свети во средината на булеварот малку пред да се стигне до нивото на хотел Континентал.

Културен и дисциплиниран возач е нормално да вози 50 км/час во град, си велам, ама тој истиот возач не малку се шокира кога виде дека околу него сите продолжија да возат со 90, 100, 110, па и 120 км/час, пет пари не давајќи за знакот и за законот кој убаво вели дека во град треба да се вози 50 км/час!

Јас пак, се фрлив во депресија кога видов како тие неколку десетици крнтии околу нас, главно дизелаши, со возраст не помала од 17-18 години во просек, богато исфрлаат темно сиви и црни облаци ЦО 2. НОх, ПМ 10, ПМ 2,5...итн.итн. Бесно возејќи сѐ побрзо и побрзо и притоа испуштајќи сѐ повеќе и повеќе отрови, десетиците скопски весели трујачи во своите тенекиени убавици набрзина нѐ поминаа и весело отидоа во правец на Бит Пазар и понатаму кон Чаир и центарот на градот...

А зад нив остана пустош....и - никому ништо!??

За да конечно ја расчистиме дилемата дали автомобилите сериозно  загадуваат  во градовите, ќе наведам едно истражување што го направиле во Софија, соседна Бугарија. Таму во септември годинава, кога имаше европски ден без автомобили, во центарот на градот стварно не се возеле автомобили и мерењата покажале дека во воздухот тој ден имало 6 пати помалку ЦО 2, НОх, ПМ 10 и ПМ2,5 честички во споредба со нормалните денови кога автомобилите се во полн погон! Па сега да видиме кој уште ќе ја оспорува улогата на прастариот дизелски возен парк, сличен во Скопје и во Софија, во големото загадување што секојдневно ни се случува , и зиме и лете.

Во врска со прикаската од погоре, сакам да ги потсетам властите, републички и градски, дека насекаде во цивилизираниот свет кога има големо загадување во големите градови, прва мерка што се презема е да се ограничи брзината на 50 км/час на периферните булевари, а централните градски подрачја се прогласуваат за зони – 30 км/час! И не само затоа што автомобилите многу повеќе загадуваат кога дивјачки се стиска на гас, туку и од безбедносни причини треба конечно во Скопје и другаде да се започне со ригорозна контрола на брзината на движење на возилата!

Се отрувме од  крнтиите што спортски се возат таму каде што не им е место – во градовите, а истовремено гледаме дека само во Скопје дневно ни се случуваат по 20 – 30 сообраќајни несреќи, неретко со тешки и фатални последици!

Да, контролата на брзината ќе чини пари, треба неколку десетици патроли полицијата катадневно да постави низ градовите, но по извесно време возачите ќе се цивилизираат и онака како оној косоварот ќе сопираат кога ќе видат убав знак 50 што им трепка пред нос. Да не заборавиме дека КФОР на Косово со години ригорозно и насекеде строго ја контролираше максималната брзина на возилата, па така резултатот на таа работа јас лично го видов пред некој ден на булеварот кај хотел Континентал....! Убав резултат, секоја чест!  

Е да така е, дури ни елементарна екологија без пари не може да има. А ако властите навистина сакаат Македонија да стане земја со чист воздух, ќе треба годишно да инвестираат по 200 милиони евра. А ако сакаат да имаме и чисти води и помалку ѓубре насекаде околу нас, ќе треба да најдат уште стотина милиони евра годишно...најмалку!

Што се однесува до чистиот воздух, него ќе го имаме во рок од пет години ако државата Македонија инвестира 150 милиони евра и годишно елиминира по 50.000 стари крнтии што се движат по улиците и патиштата. Сите што на уништување ќе донесат крнтија постара од 10 години да добијат чек од 3.000 евра за купување нов ЕВРО 6 автомобил со вредност до 15.000 евра и плус да можат од банките да добијат бескаматен авто кредит до 10.000 евра со рок на отплата од 6 години. Притоа, погодувате, каматите ќе ги финансира државата! И уште ако се најдат 50-тина милиони евра, па на сите што имаат куќи во градовите и на нивната периферија да им се доделат по 1.000 евра за да стават соларни панели и инсталација за топла вода со која и ќе се греат, а не да горат сѐ и сешто, како што денес се прави,  е тогаш навистина ќе имаме чист воздух за нас и за идните генерации.

Идејата сите да се гасифицираме е сулуда, тој процес е прескап е и предолго трае, а притоа гасот, како гориво од 19-от век, ќе не направи зависни од една многу недемократска и непријатна супер сила!

Да навистина, без пари екологија и љубов нема! Ако државата најде пари за екологија, таа ќе ќари неизмерна љубов од нејзините граѓани. Но, ако сака без пари да ги натера еколошки да се однесуваат, па на 85% од автомобилите им залепи црвена налепница која ќе значи забрана зимно време луѓето да ги возат своите омилени ламаринени убавици во градовите, тогаш љубовта кон актуелната власт преку ноќ ќе ја снема и на следните избори.....!??

Значи, памет во глава, најдете пари за да имаме чиста средина и меѓусебна љубов! И – дејствувајте, побогу, не само да ветувате!

 

Емил Анастасов

 П.С.

Многу смешно и несмасно деновиве беше кажано дека со зголемување на акцизата за три денари на дизелот – ќе сме добиеле почист воздух !??

И да се намали потрошувачката за 2-3 проценти на дизел горивото во Македонија (кое сѐ уште сосема неоправдано е најевтино во Европа !?), тоа нема да се почувствува во однос на загадувањето на воздухот. За навистина да почувствуваме почист воздух, државата ПРВО треба да воспостави систем на контрола на квалитетот на третокласно најевтините и најнеквалитетните горива што тука се увезуваат од секаде наоколу (не е чудо што македонски нафтени компании прават профити иако имаат многу ограничени маржи на горивата – тајната е во набавката на евтини и неквалитетни горива!).

Доколку властите не знаат како треба да се прават контроли, нека се обратат до колегите во соседна Србија, каде веќе три години се прават опсежни маркерски контроли на квалитетот на горивата и таму денес има горива со квалитет на германско ниво – верувале или не!

ВТОРАТА  работа што треба да се направи за да имаме чист воздух е опишана погоре во текстот - да потсетам, државата треба да инвестира неколку стотини милиони евра и во рок од пет години со сериозни стимулации да им овозможи на граѓаните да си купат нови ЕУРО 6 автомобили и со тоа да се ослободат од отровните стари крнтиии што денес животот во големите градови го прават неподнослив.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух.

повеќе

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе