Лесно ветена брзина

Политичарите лесно паѓаат во стапицата на дадените ветувања и пробудените емоции кај граѓаните, од кои тешко се извлекуваат.

Деновиве, особено нагласено, слушаме ветувања од јавни трибини и од ТВ интервјуа од лидерот на најголемата опозициска партија во РСМ како и од  неговите најблиски соработници дека „ако на претстојните парламентарни избори освојат 2/3 од пратеничките места, тие ке го поништат т.н. Преспански договор и ќе го врателе уставното име“. 

Искрено, не верувам дека ќе освојат 2/3. Не верувам дека и Мицкоски верува во тоа. Не верувам, и да се случи „чудо“ дека Мицкоски би посегнал по таква авантура (невлегување во НАТО и дефинитивно затворање на вратите, од наша страна, за почнување на преговори со ЕУ... меѓународна изолација).

Единствено во што верувам е дека (релативно сѐ уште  политички неискусниот) Мицкоски откри „џокер“ како да добие поголем број на гласови и можност да влезе во комбинација за идната коалициска влада. Очигледно пресметал дека „автоголовите“ на сегашната владеачка партија предводена од СДСМ (со ВМРО-ски примеси) не му се гаранција дека може да ја врати ВМРО-ДПМНЕ на власт (само после две и нешто години во опозиција и голем „багаж“ зад себе). ДУИ си е доследен. Веќе речиси 20 години, со иста реторика, си го чека победникот.   

„Играње на таа карта“ (враќање на уставното име) на емоциите на граѓаните, а притоа да не се води сметка дали ќе може да се извлече од лесно ветената брзина е сериозно прашање, а некогаш се покажало и како опасно.

Иако денеска (2019/2020) сме самостојна држава, иако многу работи се сменети од времето на (еднопратиска) Југославија, иако околностите во денешна РСМ не се идентични со тие во средината на 1980-те, иако причините беа различни... не можам, а да не се потсетам на легендарната изјава на Драгиша Павловиќ Буца (1943-1996) во конфликтот со Милошевиќ и националистите, за „Oлако обечана брзина“.

За помладите: иако тогаш се водеше борба за концептот на федерацијата, оваа изјава беше дадена, сепак, во контекст на состојбите во Косово и односот на Србија кон Косово.

„Состојбите на Косово, кои не се подобруваат со посакуваната и ветена брзина, создаваат опасна атмосфера каде секој збор изговорен против српскиот национализам е разбран како национализам. Страствени зборови можат да донесат само оган“, порачуваше Буца (1987). Павловиќ прв предупредуваше на структурните проблеми и трагичното влијание на опшествените односи што ја имаат запаливата политичка реторика, неодговорните печатени медиуми, националистичката интелектуална елита и неконтролираните тајни служби. Овие зборови беа упатени на сметка на политиките на Милошевиќ и беа повод за неговата смена на (тогаш) познатата 8. седница на Сојузот на комунистите на Србија.  Тоа беше и крај на неговата политичка кариера (заедно со малкумина кои застанаа на негова страна).      

Тогаш во СФРЈ (и Србија) имаше еднопартиски систем. Но, сепак имаше идеологија, имаше борба на ставови и политички опции, имаше и храбри политичари и визионери. Луѓе кои поради свои ставови не се плашеа да ги изгубат функциите и лагодниот живот. Не молчеа кога за тоа молчеа профитерите. За жал (пред сѐ за народот) таквите не успеваа да се наметнат. Свесно и плански подгреаните национални страсти кај народот во најголем дел беа резултат на пропагандата на „националните вождови“.

Народот во Србија (а богами имаше  и  во Македонија) застана зад „вождот“ Милошевиќ во одбрана на српството (иако многумина што го познаваа кажуваат дека Милошевиќ никогаш не бил националист. Бил банкар, директор во стопанството, технократа...). Едноставно, не можеше да се повлече од дадените изјави и политики или, пак, силите и центрите кои стоеа зад неговите политики не му дозволија.    

Милошевиќ најпрвин расчисти во своите редови. Иван Стамболиќ кој беше во врвот на српската СКЈ и претседател на претседателството на Србија, меѓутоа и кум и промотор на Милошевиќ на политичката сцена, многу бргу беше елиминиран само поради предлогот да седнат Милошевиќ и Павловиќ на кафе и да ја „спуштат топката“. Се случија т.н. антибирократски револуции (спонтано, нели) во 1988 и 1989 во Војводина и Црна Гора (беа нарекувани и „јогурт револуции“) со кои беа сменети дотогашните раководства на тие федерални единки. Сѐ беше само со една цел: да се усвојат, на федерално ниво, замислените промени во уредувањето на СФРЈ, да се воведе принципот „еден човек еден глас“ и (со тоа) Милошевиќ да стане лидер на Југославија. Кумот на Милошевиќ, Иван Стамболиќ официјално беше сменет во 1987, мистериозно исчезна во 2000 година, а неговото тело, егзекутирано, беше пронајдено во 2003, закопано во Фрушка Гора.  

Прашањето на (крвавиот) распад на СФРЈ е сериозна тема (за себе) и сѐ уште има различни видувања и толкувања. Но, она што е факт е дека народите во таа држава (вклучително и Србите) платија голема цена за запаливата реторика (или пропагандата) на своите национални „вождови“.

Или, со други зборови, еднаш лесно дадените ветувања, политичарите не сакаат или не можат да ги повлечат. Продолжуваат  и по цена на сознанието каде тоа го носи народот (и државата).

Да се вратиме (што е и тема на оваа колумна) на нашата реалност.

Освен на неколку телевизиски дебати и изјави, немам поголеми сознанија за лидерот на опозициската партија и оттука ми се наметнуваат, како граѓанин на оваа држава и како евентуален гласач на претстојните избори, неколку прашања:

Доколку Мицкоски (и неговата партија) освојат 2/3 од пратеничките места, дали ќе мора (или сака) да ја остварува најавената одлука?

Дали е, пак,  свесен дека таа математика е неостварлива и само игра на картата на емоции и со тоа на бројот на освоени гласови/места?

Дали е свесен дека и да не освои 2/3 од собраниските столчиња и/или не влезе во идната влада, во македонското ткиво ќе остане сериозен замрзнат конфликт?

И, конечно, дали е свесен за последиците по државата и дали го прифаќа тој ризик?   

П.С. Верувам дека никој од Македонците не беше среќен поради договорот од Нивици. Но, голем дел разбраа дека некогаш мораат да се носат и реални (и болни) одлуки,  а во интерес на иднината на државата. Договорот да се склучеше пред 8-10 години, сигурно ќе беше помалку болен. Можеби и овој договор можеше да биде подобар - можеби?   

Веројатно повеќе од потребно во текстот внесов потсетувања за некои минати времиња (во Србија и тогашна СФРЈ), но тоа го направив свесно за преку еден драстичен пример да укажам на ситуации каде лидери (кој во принцип не бил националист) лесно паѓаат во стапицата на дадените ветувања и пробудените емоции кај граѓаните, од кои тешко се извлекуваат, без оглед на последиците.

  Александар Тавчиовски, амбасадор

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе